ГРОБОВИ И ЧЕРЕП НА ЧОВЕК ОД СТАРИОТ ГРАД ПРИЛЕП НА ЗАГРАДСКИОТ ПАТ – НИШТАВИЛОТО НА СПОМЕНИКОТ НА ПРИРОДАТА И НА КУЛТУРАТА, МАРКОВИ КУЛИ, КАЈ ПРИЛЕП
Наш став е дека Прилеп нема да тргне напред во својот развој се додека не му посвети соодветно внимание на неговиот претходник, на неговиот корен – стариот град Прилеп и културното наследство, кое го оставил зад себе. За жал, последниве децении, ова исклучително културно наследство е оставено сосема незаштитено и изложено на постојано уништување. Самиот локалитет, Маркови Кули е во крајно лоша состојба, сосема запоставен, без никаков вид заштита и постојано изложен на разновидни форми деструкција. Од друга страна, токму, овој локалитет, заедно со неговата околина е „коренот и темелот“ на современиот град, Прилеп, кој своето постоење му го должи на својот претходник, со историја долга и неколку милениуми. Првите жители, кои го закуќиле овој град, односно, кои изградиле своја населба на овој локалитет, треба да се бараат во неолитот, односно, на почетокот на новото камено време, кога се формираат и првите заедници, кога започнува и развојот на земјоделските култури и изградбата на постојани живеалишта и населби. Тоа значи пред, околу, 8000 години.

За жал, поголемиот дел од просторот на кој се формирала оваа населба и, во својот долг, континуиран, развој, стигнала до значајна населба, град и престолнина на кралство, денес е сосема неуреден, сосема запоставен и запустен, без соодветна заштита на природното и културното наследство, кое го создале нејзините жители низ вековите и милениумите. Последниве неколку години, на делови од културните слоеви на стариот град беа натрупани купишта отпад и отпаден градежен материјал,1 беа исечени голем број од, и така, ретките, дрвја – бадеми, бреслинки, пршлинки, смокви,2 беа срушени делови од локалитетот, односно, имаше одрони на карпи, кои се тркалаа по ридот и беа опасност и за некои од куќите на периферијата на Варош,3 од локалитетот исчезнаа и архитектонски елементи од мермер,4 а последниве месеци, односно, само пред некој месец, речиси, целиот локалитет беше опожарен, изгореа и последните стебла смокви, а изгореа и други дрвја, како и разновидни други растенија, карактеристични за овој рид, а секако и непознат број живи суштества, меѓу кои и ретки видови, чиј дом беше Маркови Кули
ПОЗИТИВНИ ПРОЕКТИ
Амфитеатри
Бидејќи, често, ни забележуваат дека сме ги споменувале само негативните појави поврзани со овој локалитет, еве, сега ќе наброиме и неколку позитивни. Последниве, две-три децении, овој локалитет, доживеа и извесни вложувања и реализација на проекти за уредување на просторот, па нели сите сме за развој на туризмот?. Најпрво, два „амфитеатри“, кај т.н. Камен Слон и во Варош. Нам не нѝ е јасно зошто ги нарекуваат амфитеатри, зашто Камениот Слон е своевиден природен и културен споменик со комплетна полнота на своето значење, како од материјален, така и од културен и духовен аспект, па сметаме дека самиот си е доволен за себе, со содветно уредување на просторот, но без какви било градежни креатури. За оној во Варош кој, за име на вистината, е повеќе искористен, сметаме дека воопшто не му одговара името, карактеризацијата, амфитеатар, зашто е изграден на простор, кој бил централен економски и културен простор на стариот град, Прилеп и, на овој начин, овој простор го губи својот изворен културен идентитет и значење. Токму, обновата на стариот пазар,5 кој бил посетен од разни земји и кралства во периодот на неговото живеење, до турскиот период, па и неколку децении по него, би било вистинско оживување на старата традиција и култура на градот а, веруваме, таквиот однос би бил од исклучително значење и за современиот град, заедно со денешниот негов дел, Варош. Нека ми биде простено (ако има простор за тоа), но сметам дека оние кои ги граделе и ги нарекле овие гардежни креатури така, како што ги викаат и денес, појма немале што значи терминот амфитеатар и за што служел тој. Зашто, ако знаеле, немало да ги карактеризираат како такви.

Осветлување
Пред повеќе од две децении тврдината беше осветлена, но светилките брзо беа изгаснати и искршени или однесени, беше реализиран и проект, колку што ни е познато, за 100. 000 евра, со изградба на показни табли, летниковци и една дрвена барака,6 кои издржаа од неколку дена, до неколку години, а денес нема трага од нив. На тој начин, нема трага, ниту од стоте илјади евра, како и од многу друуги залудно вложени средства. За наделжните, виновни биле недисциплинираните граѓани, нивната некултура и вандалските карактери, но ние сметаме дека институциите, кои ги реализирале проектите, не биле на ниво на задачата, зашто, доколку биле, требало да ги предвидат сите аспекти на проектот, не само изградбата на „креатурите“, туку и нивното ставање во функција, како и навиките, културата и некултурата на граѓаните, кои неправедно ги обвинија. На крајот, целиот локалитет беше оставен на пламенот, па сега ситуацијата е како никогаш досега, како резултат на „позитивните“ проекти и, воопшто, „позитивниот“ однос кон овој лолакитет и кон неговите завидни културни и природни вредности. Во меѓувреме, досието за заштита на Маркови Кули како споменик на природни вредности, односно, природно добро, под светската органнизација, Унеско, е на чекање за разгледување и прифаќање–неприфаќање. Дали сегашната состојба, на овој споменик, оди во прилог на прифаќање на предлогот од страна на УНЕСКО, нема да коментираме. Во меѓувреме, постои Закон за прогласување на локалитетот „Маркови Кули“ за споменик на природата. За жал, читајќи го овој закон, добивате впечаток дека некој се шегува со исклучителниот споменик. Нема да образложуваме зошто е така, веќе е банално да се дискутира на таков начин. Нешто не е како што треба, и толку!

Денес на теренот можете да се соочите со разновидни феномени на овој локалитет. Овде, пред се, мислиме на самите Маркови Кули, ридот од северната страна на Прилеп, со неговите падини и поблиската околина. По „осветлувањето“ (се мисли на недамнешниот пожар), кое му се случи на локалитетот, а кое беше ветено во програмата на последните локални избори, на теренот беа видливи разновидни културни и природни вредности, кои без осветлувањето (се мисли на огнот од последниот пожар) не можеа да се видат, зашто беа пкриени со трева, трње, капини и грмушки (лично, сметам дека оваа состојба можат да ја искористат археолозите и истражувачите од другите области, поврзани со вредностите на овој локалитет, зашто разновидните растенија набрзо повторно ќе ги покријат разголените површини од „осветлувањето“ – читај: огнот од недамнешниот пожар).

ЧЕРЕП ОД ЧОВЕК НА ПАТОТ – ПОТСЕТНИК ЗА ВРЕДНОСТИТЕ НА СТАРИОТ ГРАД, НО И ЗА НИШТАВИЛОТО, КОЕ МУ СЕ СЛУЧУВА
Можеби ќе помислите дека е претерано, но ние сметаме дека Маркови Кули треба да бидат под постојано набљудување на археолозите и природонаучниците но, пред се, на археолозите, зашто на површината на теренот, под влијание на временските услови, разновидните активности на посетители и намерници и ненамерници, постојано излегуваат разновидни културни вредности, кои се дел од некогашниот живот во стариот град, а кои постојано исчезнуваат, без соодветен надзор и истражувачка активност. Лично, сметам дека овој локалитет треба да биде под постојана активност на рекогносцирање на теренот од соодветни стручни лица на надлежната институција и постојан надзор и соодветни активности за уредување на просторот. За жал, до денес, неговата состојба е жална и станува се пожална. Законот за заштита, ах, Законот!!!? Тој е убаво срочен и „лежи“ црно на белата хартија. Станува банално да се говори за ова, се повеќе и повеќе, а некој ќе биде допрен и може да се вознемири!!! Ќе биде ли?

На случајно минување по патот низ Заград (некои го викаат Заградски или патот за Десово или Десовски Пат) се соочуваме со бизарна слика. На местото со остатоци од некој престижен антички објект, за кое се смета дека крие остатоци од црква,7 пред чешмата, Ташачица, на самиот пат, во близина на неколку елементи од мермер, се соочуваме со видливи конструкции од гробови, човечки коски, дури и еден череп, постојано изложен на тркалата на возилата, измешана керамика од различни периоди, метални предмети и сл. Само на стотина метри понатаму, на местото на некогашната бања која, пред педесетина години, делумно била истражена, делумно реставрирана и конзервирана (вложени биле државни, пардон, народни пари) денес има раскопан простор со делови од ѕидот на градбата, елементи од системот на бањата и современ шут и друг отпад. Затревено, зашумено – запустено, а никој не направил ни обичен увид. Патем, бањата им служела на старите прилепчани пред, околу, 2000 години.8 Убаво изградената чешма во близина, чиј извор, веројатно, бил главна причина за изградба на бањата, денес е сува, нема вода во нејзината метална цевка, суви се убаво изработените камени корита, околината запустена. А, којзнае колку векови, па и милениуми овој извор им користел на жителите на сатриот град, како и на современите жители на Варош, па и на сите прилепчани и намерници и ненамерници, кои поминувале по патот. Ете, тоа му се случува на културните и природните содржини на локалитетот, Маркови Кули, тоа ни се случува на сите нам, кои го делиме овој простор, Има ли некој жив, има ли некој загрижен, има ли некој задолжен за овие вредности? Има ли некој, кој сериозно се загрижил за состојбата на ништавилото?

1 Тренчо Димитриоски, Децении на уништување на прилепската тврдина, Маркови Кули, една од најголемите на балканот и на слични вредности од околината на Прилеп (https://www.pelagon.mk/2021/11/03). Т. Д., Повик до локалната самоуправа, Институтот за старословенска култура, Заводот за заштита на културното наследство, Комуналец и граѓаните на град Прилеп, како и Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство на Македонија, (https://www.pelagon.mk/2020/06/24)
Т.Д., Еден од најатрактивните археолошки локалитети, Маркови Кули кај Прилеп, без домаќин
(https://www.pelagon.mk/2023/09/01).
2 Тренчо Димитриоски, Аларм за бадемот на локалитетот Маркови Кули кај Прилеп, (https://www.pelagon.mk/2018/05/16).
3 Пред десетина години, документиравме одрон на голема карпа, откршена од повисоките падини на Маркови Кули и истркалана стотина метри надолу, За среќа, запрела на една пониска карпа па, така, била спречена катастрофа со некои од куќите на периферијата на Варош.
4 Т. Д., Остатоци од религиски и одбрамбен пункт од македонскиот период и остатоци од ранохристијанска црква на врвот Чардак на Маркови Кули кај Прилеп,
(https://www.pelagon.mk/2020/03/18/).
5 Т. Д., Стариот град Прилеп – трговски центар со пазар кај црквата „Св. Димитрија“ во Варош, (https://www.pelagon.mk/2019/01/05/).
6 Т. Д., Најновиот проект на Маркови Кули кај Прилеп, напредно уредување на локалитетот, декаденција или како да се потрошат 100.000 евра (ех, Маркукуле, Маркукуле!!!) (https://www.pelagon.mk/2019/11/08/).
7 Т. Д., Остатоци од храм или христијанска црква во близина на чешмата Ташачица кај Варош – остаток од стариот град Прилеп,
(https://www.pelagon.mk/2021/08/11)
8 Т. Д., Уништена античка бања на локалитетот Ташачица, градба од стариот град Прилеп, (https://www.pelagon.mk/2018/09/23).



















