ГОЛЕМ БРОЈ РЕГИСТРИРАНИ И НЕРЕГИСТРИРАНИ СПОМЕНИЦИ СО НАТПИС ОД АНТИЧКИОТ ПЕРИОД ОД СЕЛОТО ВЕПРЧАНИ, ПРИЛЕПСКО

Од селото Вепрчани, Прилепско, потекнуваат поголем број интересни споменици со натписи или со релјефни претстави од античкиот период. Повеќето од нив потекнуваат од римскиот период и претставуваат надгробни споменици изработени од мермер. За жал, повеќето се во голема мерка оштетени и нема можност покомплетно идентификување на нивната првобитна форма и естетика. Оштетени се и делови од нвините натписи, но можат да се прочитаат поголем број интересни имиња, кои потекнуваат, не само од римскиот, туку и од претходниот, елинистички или македонски период.

Селото Вепрчани од запад
Селото Вепрчани од запад

АЛЕКСАНДАР, АЛЕКСАНДРА И ПИТИЈА

Една надгробна плоча од мермер со натпис, со потекло од селото Вепрчани се наоѓа во Музејот на град Скопје,1 а таму е однесена уште од времето на српскиот археолог Никола Вулиќ. На неа има подолг натпис во девет реда. Во првиот ред се среќава името Аврелиј Клавдиј, а потоа се среќаваат имињата Александар и Александра,2 чие потекло е многу постаро, односно, од елинистичкиот или македонски период. Интересно е дека имњата Александар и Александра се среќаваат на голем број споменици во областа Мариово. Меѓу другото, во селата Кокре, Пештани и на други места.

Споменикот со натпис - денес во Музејот на град Скооје
Споменикот со натпис – денес во Музејот на град Скооје

Друг споменик од мермер со натпис се наоѓа во црквата „Св. Спас“3 во селото Вепрчани. Тој претставува мермерен столб и содржи натпис во повеќе од десет реда, но добар дел од него е нечитлив поради оштетување. Сепак, делумно е расчитан и на него се среќава едно име со старо потекло, Питија.4 Потеклото на ова име е интересно бидејќи Питија се викала и свештеничката во пророчиштето во Делфи, која им ги пренесувала пророштвата на посетителите. Освен тоа, Никола Вулиќ, на оваа плоча препознава и имиња како Филип и Евридика.5 Интересно е дека во областа Мариово, освен имиња од раноантичкиот, односно, елинистичкиот и македонскиот период, на многу споменици се среќаваат и имиња со постаро потекло, чија етимологија е поврзана со митологијата и божествата. Токму такви се и споменатите Питија и Евридика, кои ги среќаваме на споменатиот споменик од Вепрчани.

СПОМЕНИЦИ ОД РАЗРУШЕНИТЕ ЦРКВИ

            Од Вепрчани се споменуваат уште два споменици од мермер со остатоци од релјефни претстави. Веројатно е дека на нив имало и натписи, но поради големото оштетување од нив нема ниту трага. Еден таков споменик претставува мермерна плоча со димензии 0703х0,56х0,14 m, која била пронајдена во урнатините на една од старите цркви во атарот на селото. На овој споменик се распознаваат релјефни претстави на шишарка и по еден „линиски орнамент“ лево и десно од неа.6 Познато е дека шишарката е често употребуван симбол во античкиот период, особено римскиот, како симбол на обновувањето на животот и вечноста.

Селото Вепрчани од исток
Селото Вепрчани од исток

            Уште еден споменик со релјеф е пронајден, исто така, во урнатините на стара црква во атарот на Вепрчани.7 Тешко  да се утврди дали овој споменик потекнува од истата стара црква како и претходниот или од друга стара црковна градба. Во атарот на селото вепрчани денес можат да се посетат дури три цркви. Една е селската црква „Св. Спас“, втората е на неколку стотици метри северно од селото, „Св. Димитрија“ и третата, „Св. Богородица“, која се наоѓа на околу 1,5 км источно од селото. Вториот споменик претставува плоча од мермер со димензии 063х0,42х0,07 m. На плочата се распознаваат три човечки ликови, сите се претстави на жени.8

Атарот на селото Вепрчани со атарите на соседните села
Атарот на селото Вепрчани со атарите на соседните села

            Дека во атарот на селото Вепрчани се крие завидно богатство од античкиот период потврдуваат и други споменици со потекло од ова село. Една основа од столб од мермер со квалитетна изработка и денес може да се види во селото, а големиот број локалитети на разни страни од селото, како и непосредно до него се уште една потврда на ваквата констатација.9 Во близина на селото е локалитетот „Солишта-Пазалка“ со остатоци од култура од раноантичкиот период, а малку подалку се локалтетите, „Крив Рид“10 „Чукарките“, „Вепрчки Рид“,„Сламите“, „Селиште“, „Вирои-Среден Рид“, „Доќимот“, „Гарван“, „Завир“, подалечниот „Подот“ и многу други. Атарот на ова село е малку истражен и во него сигурно се кријат уште многу културни остатоци од различни периоди, тргнувајќи од подлабоката праисторија, каква што се среќава на „Вепрчки Рид“, „Сламите“ и „Подот“.

НЕПОЗНАТИ СПОМЕНИЦИ СО НАТПИСИ ОД МАНАСТИРОТ „СВ. БОГОРОДИЦА“

На околу 1,5 км источно од селото Вепрчани, Прилепско, скриен во дабова шума, се наоѓа манастирот „Св. Богородица“. Денес на ова место се наоѓа мала црквичка од камен и неколку понови придружни објекти. При раскопувањето на теренот и подоготовката за градба на новото црквиче и придружниот објект, излегувале фрагменти од керамички садови и значителни количества градежна керамика од античкото време. Од тоа време потекнува и една плоча со натпис која, исто така, излегла при подготовката на теренот за градба.11 Плочата е дел од поголем надгробен споменик со релјеф во горниот дел, кој е откршен од неа и останал дел од натпис во осум реда. Поради оштетувањето, натписот е тешко да се прочита, но може да се препознае најмалку едно име, Дионис. Во горниот дел на фрагментот од стелата се забележува релјеф, кој укажува на тоа дека на неа имало изработено најмалку два човечки ликови, веројатно, во исправена положба. На теренот околу манастирот можат да се забележат разновидни остатоци од керамички материјал, како и градежен камен. Во близина се наоѓа и една чешма изградена од камен и малтер која, за жал, денес е без доток на вода.

Споменикот со натпис од манастирот „Св. Богородица“
Споменикот со натпис од манастирот „Св. Богородица“

 Сите овие траги укажуваат на фактот дека на овој локалитет постоела, најмалку, една градба, можеби и помала населба во римскиот период. Не е исклучено ниту постоењето градба од храм на истото место на кое денес егзистира манастирот со црквата „Св. Богородица“.

Споменикот со натпис од дворот на Илија Кочоски
Споменикот со натпис од дворот на Илија Кочоски

Во дворот на Илија Кочоски, единствениот жител на селото Вепрчани денес, се среќава уште еден фрагмент од антички споменик со натпис. Се работи за фрагмент од надгробен споменик од мермер, кој во долниот дел поседува натпис во четири реда, но веројатно е дека натписот бил подолг. На фрагментот може да се идентификуваат имињата Аврелија Клавдиј и Аврелиј Клавдиј, како и вообичаената посвета во долниот дел, карактеристична за надгробните споменици од римскиот период. Интересно е тоа дека име Аврелиј Клавдиј среќаваме и на натписот од првоспоменатиот споменик во овој текст, кој денес се наоѓа во Музејот на градот Скопје. Тоа упатува на извесна позначајна личност од римскиот период во некоја од населбите, која егзистирала во тоа време на некој од споменатите локалитети во атарот на селото Вепрчани. Според раскажувањето на Илија и овој споменик потекнува од манастирот „Св. Богородица“.

1 Fanula Papzoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, INSCRIPTIONES GRAECAE Epiri, Mace­do­niae, Thraciae, Scithiae, 98.

2 Исто. Никола Вулиќ, Прилеп, Споменик, Српска краљевска академија, Белград, 1931, 145.

3 Никола Вулиќ, Прилеп, Споменик, 145.

4 Исто. 1 Fanula Papzoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, INSCRIPTIONES GRAECAE …, 98 и 99.

5 Никола Вулиќ, Прилеп, Споменик, 145.

6 Исто.

7 Исто, 145 и 146.

8 Исто, 146.

9 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР-КОМ, Прилеп 2002, 201 – 206.

10 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, 206.

11 Од овој локалитет потекнува и една монета на античкиот македонски крал Александар IV (323 – 311 п.н.е.), а уште една монета со истиот лик од непознат локалитет во атарот на селото Вепрчани. (Костадин Кепески, Монети на македонските кралеви во збирката на Прилепскиот музеј, МАА, бр. 7-8, Скопје 1987, 42 и 52. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, 205).