ВОЈВОДАТА ТРАЈКО КРАЛОТ ОД СЕЛОТО БРНИК, МАРИОВО

Трајко Кралот, познат и како Брничанецот или Брничанчето, од селото Брник во областа Мариово, денес во општина Новаци, е светла личност од борбата за слобода на македонскиот народ. Тој е учесник во голем број познати битки, физички силен и секогаш многу снаодлив и со исклучителна смелост. Него го среќаваме во друштво со прилепскиот војвода Петар Ацев, Крсте Гермов – Шакир, Ѓоре Леништанецот, Толе Паша, учествувал и во битката кај селото Селце, Прилепско, во која загинал големиот прилепски борец Никола Каранџулов, а според извесни раскажувања и пишани текстови, тој е учесник и во битката кај селото Гудјаково, кога тој бил единствениот кој се спасил од неа. Трајко Кралот е еден од најголемите борци против грчката пропаганда и грчките пропагандистички чети во Мариово и поради тоа настрадало, речиси, целото негово семејство, како жртва на одмаздата на андартите. Грчката пропаганда во неговиот реон, во кој во 1905 година станал реонски војвода, била многу силна. Таа успеала, во своите редови, да придобие и извесен дел од поранешните другари на Кралот, од четата на војводата Дедо Кољо од Добровени, Битолско, во која извесно време, пред Илинденското востание, комитувал и самиот.1Успехот во битката кај селото Зовиќ силно ги погодил грчките андарти и целата грчка пропаганда и тие не можеле да се помират со тоа. Поради тоа тие продолжиле да го следат, шпионираат и ловат силниот и храбар борец Трајко Кралот од кого многу се плашеле. По битката во 1904 година, односно, во текот на 1905 година, при престој на четата на Трајко Кралот во истото село (Зовиќ), повторно било извршено предавство и таа била нападната од Турците. Во битката, Трајко Кралот и комитата познат како Кузумчето од селото Рапеш, соседно село на Брник кое, како и Брник, се наоѓа на левиот брег на Црна Река во Мариово, успеале да го пробијат обрачот и да се спасат, а двајца комити и овојпат паднале погодени од турските куршуми.2

Трајко Кралот
Трајко Кралот

Поради предавствата, кои ги вршеле шпионите на грчката пропагнада, Трајко Кралот постојано им бил на трагата и ги пречекувал на места погодни за заседа, ги напаѓал со својата чета и ги елиминирал. Така, веднаш по битката кај селот Зовиќ, во која бил предаден заедно со Крсте Гермов – Шакир и уште двајца комити, тој отишол до своето село Брник за да го посети семејството и брзо заминал за селата Градешница, Старавина, Груништа за да ги лови предавниците. Им направил заседа во местото Топлидол, меѓу селата Чаниште и Маково, заедно со селскиот полјак, кој бил добар работник на Организацијата и ги нападнал. Најпрво, самиот Трајко стрелал и го убил вооружениот водач на гркоманската група, а потоа двајцата стрелале и убиле уште неколкумина.3 Другите, сосема исплашени, се разбегале со врескање на разни страни, во обидот да спасат жива глава. На тој начин, Трајко Кралот им се одмаздил на андартите за предавството во селото Зовиќ и битката со турскиот аскер во која загинале двајца негови другари. Се работело за голема група, кои биле предводени од грчка група агенти, инструирани и вооружени од грчекиот владика4 во Костур (Германос Каравангелис). Познавачите и современиците на тоа време наведуваат и имиња на соработници на грчките андарти, како „стариот Босеа (од Градешница, з.м.), Мице од Бзоик (Зовиќ), Јован Сивев од Старавина и др.“ По битката, аскерот повторно се пуштил во потера по комитите, Трајко Кралот и Крсте Гермов – Шакир, барајќи ги по селата Брник, Рапеш, Макови и други мариовски села.5  

Од масакрот на грчките андарти во селото Брник
Од масакрот на грчките андарти во селото Брник

Грчката пропаганда, во своите напори за асимилација на македонското население и во битката со македонските чети, многу ги користела и ромите – чергари, кои доаѓале во Мариово во големи групи за просење и спиеле по пештери и слични засолништа. Тие, кога ќе забележеле некоја од четите, веднаш ги информирале андартите и на тој начин, им правеле голема штета на Организацијата.6 Затоа, при еден случај, Трајко Кралот, ги пречекал овие чергари на мостот на Црна Река меѓу селата Рапеш и Зовиќ, кој бил „висок повеќе од 50 m“ и сите ги нафрлал во реката. Со тоа го решил пробеломот со големите штети кои им ги правеле на четите на Организацијата. Со години потоа, тие не смееле да стапнат во областа.7

Стариот мост кај селото Рапеш
Стариот мост кај селото Рапеш

Всушност, според современиците и членови на Македонската револуционерна организација, кои добро го познавале овој голем борец за слободата на Македонија, имал големо влијание врз населението во Мариово и бил „страшилиште за андартите“.8

Селото Рапеш - родното село на Кузумчето
Селото Рапеш – родното село на Кузумчето

Овој успех на Кралот уште повеќе ги разбеснил андартите на чело со Панајотис Фјотаксис поради што тие направиле невидено злосторство над неговото семејство во селото Брник. На 22 јуни 1905 година грчка чета од 60 души влегла во селото Брник и направила тешки злосторства над невини жртви, членови на семејството на Трајко Кралот. Не можејќи да се справат со силниот и искусен војвода, тие прибегнале кон кукавичлук, вршејќи крвав терор над неговото семејство. Тие ги собрале неговата мајка Неда и неговито татко Митре, како и браќата Ристе и Тодорче и сестрите Велика и Трпа и жената на Кралот, Јова. Веднаш и без мачење биле заклани неговите родители Митре и Неда и неговата жена Јова. Уште понемилосрдно се однеле кон братот на Трајко Кралот, Ристе, кого го врзале и го дереле и сечеле пред сестрите Велика и Трпа сѐ до изнемоштување, кога го усмртиле со бесење. Страшниот злостор не успеала да го преживее ни сестрата Велика која, истиот ден, починала од страв и жал по десеткуваното семејство.9 На тој начин, на семејстовото на војводата Трајко Кралот му нанеле невидено злосторство, уништувајќи го, безмалку, целото. Истиот ден во селото биле запалени и неколку куќи за да ги заплашат жителите да не се приклучуваат кон комитите и да не ги помагаат.

Дел од селото Рапеш
Дел од селото Рапеш

Трајко Кралот, и покрај големата болка, која му ја нанесле грчките андарти, успеал да го задржи присебен својот дух и продолжил да се бори против непријателите нанесувајќи им големи штети и спречувајќи ги во нивната пропаганда и немилосрдна асимилација на македонското население. Познат е еден случај со Тој со својата чета учествувал во многу голем број битки, со голем број познати војводи, а посебно со двајцата опеани битолски војводи, Димче Могилчето од селото Могила и Јон Пашата од селото Логоварди. Заедно со Трајко Кралот, тие се позната тројка од битолскиот реон кои дејствувале без колебање во борбата против непријателите на Македонија. За нив поопширно пишува авторот Ѓорѓи Котевски од Битола во својата книга „Трите битолски војводи“.

Трајко Кралот, според Ѓорѓи Котевски, загинал на пат за Бугарија, кога одел да го види својот единствен син Митре, за кого разбрал дека е болен. На патот тој се судрил со некои Турци-пеливани кај селото Симитлија, Горноџумајско (не се знае поради што настанал судирот) и притоа загинал, а неговиот другар се спасил со бегање. Трајко Кралот бил погребан во Пехчево во 1911 година.10

Според една приказна, која ни ја пренесе Јован Кочоски од селото Крушевица, Мариовско, Трајко Кралот загинал во некоја битка со Турците во Романија, при една тешка заблуда на неговиот другар, кој во брзината не видел дека противникот на Кралот бил потиснат од него, туку сметајќи дека е обратно го зарил ножот во грбот на Кралот. Кога ја забележал својата грешка веќе било доцна. Имајќи го предвид и запишаното кај Ѓорѓи Котевски, оваа приказна може да содржи и веродостојни искази поврзани со загинувањето на Трајко Кралот, но со поверодостојни извори за тоа не располагаме.

Селото Брник
Селото Брник

1 Ѓорѓи Котевски, Трите битолски војводи, Мисирков, Битола 1991, 100.

2 Исто.

3 Петар Ацев, Со Пере Тошев од Битола до Софија по битката кај селото Крушевица, Илустрација „Илинден“, Книга 4, Софија, април 1938, 10 и 11.

4 Исто.

5 Исто.

6 Васил Балевски, Спомени.

7 Исто.

8 Исто.

9 Ѓорѓи Котевски, Трите битолски војводи, Мисирков, Битола 1991, 101.

10 Исто, 110, 111.