АрхеологијаДревни траги

ОДБРАМБЕН СИСТЕМ ОД УТВРДУВАЊА ОД ПРАИСТОРИСКОТО И АНТИЧКОТО ВРЕМЕ ВО АТАРИТЕ НА СЕЛАТА, БРАИЛОВО, ДЕСОВО И СЛЕПЧЕ,  ОПШТИНА ДОЛНЕНИ

Една мала долина, расположена меѓу два крака на планината Бабуна, во која е расположено селото, Браилово, општина Долнени, располага со специфичен одбрамбен концепт, создаден од една поголема, на повисок рид и неколку помали тврдини, на пониски врвови. Долината е заградена со два два подолги ридови – едниот се спушта од североисток кон југозапад и завршува со помал врв, „Соколица“, а другиот од север кон југ, ги разделува атарите на селата, Десово и Браилово, па прави, речиси правоаголна кривина кон запад и завршува со врвот на кој е расположен манастирот, „Св. Илија“. Во овој полукруг среќаваме, дури, 6 утврдувања, веројатно, изградени со конкретен план и цел за заштита на жителите од населените места од поблиската околина од нападите на немирните племиња од север. Најмалку, за три помали калиња, може да се каже дека биле изградени, уште, во праисторијата (бронзеното или железното време), а во периодот на антиката (раната и доцната), просторот бил заштитен со уште три. Сите се расположени во полукруг, тргнувајќи од југоизападната, па сè до југоисточната страна. Токму, овој одбранбен систем од тврдини во триаголникот меѓу атарите на селата, Браилово, Слепче и Десово, упатува на интересна култура од минатото, која наведува на сериозно размислување и анализа а, во исто време, упатува и на потребата од сериозен пристап на културните и научните институции, за соодветно истражување и обезбедување на неопходните податоци за проучување, но и заштита на евидентната материјална култура, односно, на оваа ретка појава на ваква концентрација од одбрамбена инфраструктура од споменатите периоди. Всушност, и само еден аналитичен поглед на просторот, заедно со досегашните археолошки сознанија од познатите археолошки локалитети во атарите на трите споменати села, е доволен за да се добие, извесна, првична слика за богатството од култура на тој простор. Овде, имаме намера да се осврнеме на остатоците на мноштво помали и поголеми утврдувања (дури 6) на, релативно, мал простор, кои биле изградени од бронзеното и железното време, па до доцната антика и средниот век.

Дилината во која е сместенот с. Браилово од л. Сини Јачмишта 2
  1. За нас, до скоро беа познати само неколку локалитети со утврдувања од посочениот простор. Од скоро, дознаваме за уште неколку, кои се распоредени на, релативно, блиско растојание. На почетокот, југозападно во полукругот од утврдувања, а северно од Браилово, се наоѓа локалитетот, „Соколица“, кој претставува повисок рид со 637 m надморска височина, со плато на врвот, обѕидано со ѕид од поголеми, погрубо, обработени камења. По падините на ридот, посебно од неговата јужна и југоисточна страна, која гледа кон селото, Браилово, се среќава керамика, која упатува на бронзеното и железното време. Тоа нè наведува на помислата дека и самото утврдување има сличен датум, односно, дека било изградено во бронзеното или, подоцна, во железното време. Во археолошката карта на Република Македонија регистриран е еден локалитет во атарот на селото, Слепче, наречен, „Ѓупско Кале“, кој е датиран во доцното хеленистичко време, што значи, македонски период.1 На овој локалитет се регистрирани остатоци од мала тврдина, односно, површина од 1 хектар била заштитена со одбрамбен ѕид, а забележани се и „гра­ма­ди од градежен материјал и голем број фраг­мен­ти од керамички садови, питоси, тегули и покривни ќе­ра­­ми­ди.“ Од овој локалите се познати и неколку монети од античкиот, односно, македонскиот период, меѓу кои и една монета на античкиот македонски крал, Персеј (178 – 168 п.н.е.) и една со портрет на богот, Јанус, искована во Тесалоника (Солун). 2
    Соколица
  2. Движејќи се по сртот од ридот, кон североисток, се наидува на уште еден локалитет, врв со издолжено, зарамнето плато, со грамадни карпи на дел од рабовите и под неговото ниво, познат како „Сини Јачмишта“. Ова издолжено плато доминира со долината во која е расположено селото, Браилово, но го контролира и просторот од страната на селото Слепче, во чиј атар и припаѓа. На површината на платото видливи се остатоци од градежен камен, како и неприродно оформени помали испупчувања на теренот, особено на рабовите на платото. Една таква форма се појавува на почетокот на платото, од југозападната страна, за која сметаме дека претставувала кула на работ од одбрамбен ѕид. Во внатрешноста на заштитениот простор се среќаваат остатоци од грамади градежен камен – остатоци од извесни градби, а на работ од платото, на североисточната страна, среќаваме уште една неприродно издигната форма од земја и градежен камен, а на некои делови од испипчувањето се насетуваат и делови од ѕид. И за овој објект, исто така, сметаме дека е остаток од одбрамбена кула на тамошниот раб на утврдувањето. Тешко е да кажеме со сигурност од кога потекнува оваа утврдена населба со заштитен ѕид, кој заградува околу 0,5 хектари површина, но според фрагментите од керамички садови и градежна керамика, веројатно е дека населбата живеела во железното време и раната антика, односно, македонскиот период. На ваква констатација нè наведуваат забележаните фрагменти од керамички садови со праисториски обележја, како и слични фрагменти од македонскиот и римскиот период. Се разбира, не треба да се исклучува и можноста дека ова утврдување служело за одбрана и во доцната антика и средниот век.
    л. Сини Јачмишта од југоисточната страна е заштитен со високи карпи 2
  3. На најдоминантна позиција во полукругот од, најмалку, 6 утврдувања се наоѓа врвот, „Кале“, кој е на растојание од, околу, два километри источно од претходно опишаниот локалитет, а на околу 4 км северно од селото, Десово. Овој врв, висок 1137 м, од јужаната страна го заштитуваат високи и стрмни карпи, а платото било обѕидано со ѕид од камен. На повеќе места се среќаваат поголеми грамади од камен, азабележани се и остатоци од „поголем објект, кој се простира на околу 1000 m2, како и фрагменти од керамички садови, ќерамиди и други видови градежен материјал. Во Археолошката карта на Република Македонија се споменуваат и византиски монети, кои се чуваат во Заводот и Музеј од Прилеп.3 Една необична информација за метални наоди со потекло од овој локалитет, познат како „Кале – Десово“, меѓу кои антички монети, фибули, прстени и слични наоди од бронза, железо и други видови метал, особено, паѓа во очи. Имено, овие предмети се објавени како сопственост, односно, како предмети, кои се чуваат во, извесен, етнолошки музеј во селото, Џепчиште, Долни Полог, општина Тетово.4 Како дошле во збирката на овој приватен музеј, со оглед на фактот дека, според Законот за заштита на културното наследство, локалитетот е во ресорот на Завод и Музеј од Прилеп, не ни е јасно, а немаме информација дека надлежните служби се запознати со овој факт. Во секој случај, оваа поголема тврдина, како со својата доминантна позиција, со широка контрола на поголем дел од Пелагонија, доминира над сите други локалитети од околината и, може да се каже дека, претставувал, извесен, централен пункт за одбрана на жителите од тој простор. Всушност, заедно со другите утврдувања од блиската околина, може да се зборува и за, своевиден, систем на одбрана со едно централно и неколку други утврдувања на, релативно, мали растојанија едно од друго.
    Предмети од метал – монети, прстен и друго, од л. Кале – Десово во приватен музеј во с. Џепчиште – Тетово
    Кале – Десово од Шпела
  4. На многу пониска позиција од „Кале – Десово“, и на поблиско растојание до утврдувањето на локалитетот, „Сини Јачмишта“, како и поблиску до Браилово, веќе, во неговиот атар, се среќаваме со уште еден локалитет со слични остатоци. Тоа е локалитетот, „Крстева Дабка“, од североисточната страна на вештачката акумулација кај Браилово, кој претставува понизок врв, висок 859 m, со рамно плато обиколена со карпи, на чиј краен, јужен, дел се наоѓа неприродно оформена поголема тумба, со рамна површина, со правоаголни форми од север и карпест дел од југ, со површина од околу 0,2 ha, на која јасно се забележува извишена форма, веројатно ѕид висок, околу, 30 m, а во внатрешниот дел, извесни остатоци од градежен камен, како и фрагменти од керамички садови во раскопан дел од локалитетот. Овој објект, веројатно, претставувал еден поголем објект, некој вид осамена кула во доцната антика и средниот век, па и во пораните периоди.
    Неприродна тумба – градба на л. Крстева Дабка
  5. Следејќи го просторот на долината, овдеќе се осврнеме на уште еден локалитет, кој бил дел од одбрамбениот систем на утврдувања, но и на населување со постојани жители, кој се наоѓа на превојот меѓу селата, Браилово и Десово, поблиску до Десово и во неговиот атар, Локалитетот е наречен „Шпела“,5 а остатоците од населбата со тврдина се расположени по сртот на ридот, северно од најнискиот дел на превојот, кој ги поврзува двете села. Според првичните согледби, се работи за населба, која зафаќала површина од 1-2 ha, а нејзините остатоци јасно се забележуваат, како на површината на ридот, така и на неговите падини. На делови од локалитетот се среќаваат остатоци од градби од камен, фрагменти од керамички садови, тегули, питоси и слични археолошки наоди. Според она што може да се забежи на самиот терен, делот од населбата, поблиску до превојот бил утврден. На падините од страната на Браилово се среќава и еден убаво изработен и сочуван објект – винарник во камен.
    л. Шпела, со с. Десово
  6. На крајот, не треба да се изостави уште еден локалитет од атарот на селото, Браилово, познат како „Имеличе“. Тој е помал рид, југоисточно од Браилово и источно од манастирот, „Св. Илија“, на мало растојание од него, но на повисока позиција, 758 м, на работ на тој дел од Пелагонија, со поглед кон селото Долнени и другите села во тој простор. На горниот дел од ридот има зарамнет дел од околу 500 m2. На површината на ридот, односно на рабовите на рамната површина, која зафаќа форма на неправилен круг, се забележуваат остри рабови по периферијата и мали остатоци од оградниот ѕид, а се среќаваат и фрагменти од керамички садови со белези од праисторијата – бронзеното или железното време. Не треба да се заборави дека стара култура поседува и локалитетот со манастирот, „Св. Илија“ во близина. Таму се наоѓаат значајни остатоци од ранохристијанска црква, особено, мермерни споменици, кои биле дел од базиликата.6
    л. Имеличе, од југозападната страна

          Во селото Браилово има мноштво од споменици во кругот на селската црква, како и неколку други места од околината.7 Во Археолошката карта на Република Македонија, регистрирани се следните локалитети:

Бојоица, некропола од доцноантичкото време.8

Манастир Св. Илија, базилика од старохрис­ти­јан­ско­то време.9

Петочна Вода, некропола од хеленистичкото и рим­ско­то време. Од оваа некропола потек­ну­ваат три монети од мекедонскиот период кои се чу­ваат во Заводот и музеј во Прилеп.10

Селски гробишта, некропола од доцноантичкото време. На местото на сегашните гробишта биле от­криени гробови со камени конструкции, неколку надгробни споменици – стели од мермер со релјефи, еден саркофаг и елементи од архитектура од мермер.11

Тумба, некропола од римското и доцноантичкото време.12  

 

1 Археолошка карта на Република Македонија, МАНУ – Музеј на Македонија – археолошки оддел, Скопје 1996, Лилчиќ В., 1984, 94. (Б.Л.), 315.

2 Исто.

3 Археолошка карта на Република Македонија, Бабиќ Б., 1981, 30; Микулчиќ И., 1987, 186. (Б.Б., Б.К.), 299.

4 https://mk.wikipedia.org/wiki

5 (Тренчо Димитриоски, Споменици со симболи на вселената и вечниот живот кај црквата во селото Браилово, општина Долнени, https://www.pelagon.mk/2018/08/31) (Тренчо Димитриоски, Споменици со симболи на вселената и вечниот живот кај црквата во селото Браилово, општина Долнени, https://www.pelagon.mk/2018/08/31)

6 (Тренчо Димитриоски, Впечатливи остатоци од ранохристијанска базилика од времето на Јустинијан I на местото на денешниот манастир „Св. Илија“ кај селото, Браилово, општина Долнени, https://www.pelagon.mk/2020/07/22). д-р Виктор Лилчиќ, Нови ранохристијански наоди околу Прилеп, Годишен зборник на Филозофскиот факултет во Скопје 11/37, Скопје 1984.

7 (Тренчо Димитриоски, Споменици со симболи на вселената и вечниот живот кај црквата во селото Браилово, општина Долнени, https://www.pelagon.mk/2018/08/31)

8 Археолошка карта на Република Македонија, Mikulčić I., TIR, 29. (Б.Б., Б.К.), 282.

9 Археолошка карта на Република Македонија, Mikulčić I., TIR, 29; Лилчиќ В., 1984, 90. (Б.Б., Б.К.), 282.

10 Археолошка карта на Република Македонија, Mikulčić I., TIR, 29; Кепески К., 1987, 41. (Б.Б., Б.К.), 282.

11 Археолошка карта на Република Македонија, Mikulčić I., TIR, 29. (Б.Б., Б.К.)282.

12 Археолошка карта на Република Македонија, Керамидчиев А., 1961а, 46; Mikulčić I., TIR, 29. (Б.Б., Б.К.), 282.