АктуелноСостојби

ПРИЛЕП ЈА БРИШЕ СВОЈАТА ИСТОРИЈА – ГИ „КОРНЕ“ СОПСТВЕНИТЕ КОРЕНИ (4)

ИСЧЕЗНАТАТА КУЌА НА ВРБОВЦИ ОД ВРБЕСКО МААЛО – ВОДЕНИЧКИ КАМЕЊА СО ДВЕ КРИЛА ОД ВРАТАТА УКРАСЕНИ СО АПЛИКАЦИЈА НА МАКЕДОНСКО СОНЦЕ

Една градба во Врбеско маало – Воденички Камења, исто така, денес не постои како објект од културно-историско значење за градот. На нјзиното место, денес, може да се забележи сосема реновирана градба, со убава фасада, но нејзиниот изворен архитектонски изглед и автентичните елементи од минатото, веќе, не се тука.  

Металната врата со симболот во Врбеско Маало - откосо
Металната врата со симболот на македонското сонце во Врбеско Маало – откосо

            Се работи за семејна куќа, од минатото, која е целосно обновена во современ вид градба, со фасада од малтер. Старата градба, која беше изградена од обработени камени блокови, на северниот ѕид, некаде во средината, на влез затворен со железна врата, располагаше со апликација на македонскиот симбол – кованица на сонце со 12 краци, кој беше на своето место до пред неколку години, кој денес го нема, односно, железната врата е извадена, а ѕидот е комплетно затворен. Градбата се наоѓаше во „Врбеско Маало“ во делот познат како „Воденички Камења“, на приземјето од поголема градба, на нејзиниот северен ѕид, на врата до која се приоѓаше преку неколку скали од камени блокови. Приземјето, исто како и на уште неколку градби од градот од постаро потекло, било изградено од убаво обработени камени блокови, а вратата поставена некаде во средината на северниот ѕид.

Металната врата со симболот во Врбеско Маало
Металната врата со симболот на македонското сонце во Врбеско Маало со дел од стариот изглед на ѕидот

            Вратата била составена од две еднакви крила по страните разделени со едно помало во средишниот дел, кое со десното крило било поврзано со две поголеми ковани алки од ковано железо на кои се ставал голем катинар. Апликациите, кои претставуваат ѕвезди со по дванаесет краци биле поставени, на двете странични крила со исти димензии, во второто поле од секое од крилата, тргнувајќи од горниот дел. Сите три крила биле составени од по пет еднакви полиња, спојувани со лента, исто така, од ковано железо.

Првиот симбол
Првиот симбол

            Овој симбол на македонското сонце со дванаесет краци бил составен од по две ѕвезди по шест краци, поставени една врз друга, релативно добро синхронизирани и центрирани, а врз нив биле поставени, дури, три розети, од кои, онаа во основата била најголема, додека следните две, поставени врз неа со синхронизирано помали димензии, со што заедно градат розета во форма на цвет од трендафил.

Вториот симбол
Вториот симбол

            Според жителите кои живеат во соседство на оваа градба, таа била во сопственост на семејството Врбовци, по потекло од Кадино Село, Прилепско, а сега со неа располагала една од ќерките на стариот сопственик Димко Врба, која живеела во населбата „Точила“, во Прилеп. Пред неколку години, градбата е целосно реновирана со соема современ изглед, вратите од ковано железо се дислоцирани и не ни е познато што се случило со нив.

Новата градба во Врбеско Маало

            Ова е само уште еден пример за тоа како исчезнуваат културните вредности на Прилеп, односно, на стариот град без да бидат соодветно научно и културно третирани, всушност, сосема запоставени и фрлени на буништето на ништавилото. Со тоа, градот ги губи своите корени, односно, исчезнуваат спомениците и документите за неговото минато.