ВО МАКЕДОНИЈА НЕ ПОСТОЈАТ АВТОРИТЕТИ, ТУКУ ПАРТИСКИ СИЛЕЏИИ И „ГОЛИ“ АДМИНИСТРАТИВЦИ (Исклучоците нека ми простат!)

Или како да се живее како „Друг“ во Македонија

                И на децата во Македонија, уште од најмали нозе, им е јасно. Доколку не си член на некоја партија, особено на двете најмоќни или, барем, на некоја од респектираните од нив мини-сателити немаш иднина во својата таковина, односно, можностите за просперитет, за личен развој, за постигнување на некаков статус или обично вработување за решавање на основните животни проблеми, ти се сведени на минимум. Во такви услови, доколку сакаш да живееш без приклучување кон некој од „чопорите“, знај дека секогаш ќе бидеш надвор од играта. Особено, надвор од  кругот во кој се делат места, функции, обична работа, метла, мотика и сл. Да, до толку е, мислам, до метла и мотика, зашто и таа треба да се заслужи со партиска лојалност, партиска активност, лепење плакати и викање по митинзи во корист на „Нашите“, а против тие, „Вашите“, но и против „Другите“. Уште повеќе, мораш да бидеш вистински „лав“ и внатре во партијата за да се избориш за место под сонцето, зашто инаку ќе те истуркаат во последните редови и ќе мораш долго да чекаш, а можеби и цел живот само ќе се надеваш на милост од „твоите“. И, така, „Наши“, „Ваши“ и „Други“,нема идентитети по друга основа, нема авторитети подруга основа, нема квалитети надвор од оваа шема, па за сите функции, па и мали административни места се бираат лица од „чопорот“. Тоа значи дека,всушност, се бираат „голи“ административци и за највисоките функции, кои бараат квалитет, знаење, испонителност, дисциплина, ажурност, разбирање, чесност, достоинство, морал, хуманост…. Тоа значи дека нема или се сосема ретки вистинските индивидуи за вистински функции, дека нема вистински авторитети ниту на највисоките функции, обични „кукли“ од куклен театар, кои се мрдаат по строго поставено сценарио. А во театар, се знае – на сцената се само глумците и нема место за публиката, зашто нејзината улога е само да набљудува и ракоплеска.

                Е, сега, за оние, „Другите“, кои не се малку, туку многу повеќе од „Нашите“ и „Вашите“, со непроценлив потенцијал, кој е исфрлен од игра само поради тоа што потекнува од „Другите“. Ако си дел од нив, ти си дел од посебна група, не си во игра и мораш сам да го одиш својот пат, често презрен и од „Нашите“ и од „Вашите“, да се соочуваш со пречки, некогаш и закани, административни сопки, потценување, надменост, дрскост и сл. Можеби ќе доживееш и некое тапкање по рамо, некогаш сожалување зошто и по толку „докажување“, „заслуги“ и „дела“, сепак не си прифатен од системот на „Вашите“ и „Нашите“, но само толку. Зашто ти, сепак, си надвор од „респектибилната“ шема и „нешто ти недостасува“, не си „комплетен“, не си „достоен“, треба уште да „зрееш“.

                Како да преживеат, да го реализираат својот живот, својата кариера, да го одржат своето семејство „Другите“ во вакво општество и во ваков систем?

                Многумина заминуваат соочувајќи се со индолентноста и ароганцијата на системот, односно со „совршенството“ и надменоста на „Нашите“ и „Вашите“. Со грубите партиски фигури кои, место со објективен авторитет, настапуваат со партиската надмоќ и се однесуваат како „голи“ административци и партиски силеџии, кои ги заштитуваат интересите на „Нашите“. Ами општиот интерес, ами општиот напредок, ами личното право на слобода, право на работа, на социјална заштита, на достоинство? Ова се нарекува морализирање, за кое нема место овде. Всушност, нема место за општите и основните човечки вредности, туку, делење на места, функции и материјални добра меѓу „Нашите“ и „Вашите“ во една постојано конфликтна состојба меѓу двете „избрани“ групации. Ете каде се наоѓа индивидуата во ова општество. Ете какви „авторитети“ постојат, ете кому треба да се обратиш кога имаш потреба. Доколку си „Друг“ и, барем малку, веруваш во објективноста на системот и на авторитетите во него, при соочувањето со проблемите поврзани со твојот статус, социјална положба, професија, кариера и сл., ќе помислиш да се обратиш до авторитет во определената област, кој е надлежен и сметаш дека треба да ти излезе во пресрет во рамките на надлежностите и законот. Но, постојат ли такви авторитети во Македонија, во македонскиот систем? Постојат ли авторитети на соодветните места за да им се обратиш и да ти помогнат во остварувањето на твоите права како „Друг“? За жал, искуството не учи дека, всушност, не постојат авторитети, туку само „голи“ административци и партиски силници, кои им се наметнуват на „Нашите“ и „Вашите“, а сосема ги игнорираат „Другите“ како „недостојни“ и „безвредни“.  На „Другиот“ му останува да работи како знае и умее, често без надоместок, да се бори за да преживее зашто, дури, и во приватните фирми, се среќаваат оние од „Нашите“ или од „Вашите“, кои местат работни места и примаат на работа, односно, посредуваат за обезбедување обичен социјален статус. И не само тоа, „Нашите“ или „Вашите“, кога си им потребен со своењто  знаење и искуство знаат и да те искористат во нивните фирми и институции, често и без надоместок, зашто тоа им го овозможува „привилегијата“ „Наш“ или „Ваш“.

                Ете, така! Ако си „Друг“ имаш две алтернативи – да избегаш надвор и да бараш решение за својот статус, кариера и социјална положба или да останеш овде и да се соочиш со фактот дека ќе мораш да го прифатиш третманот на „Друг“! Можеби ќе имаш среќа некако и да се снајдеш како таков, но и да останеш на нивото на голо преживување, со потценување, сожалување, понижување, отфрлање, пречки во работата, често презрен од „Нашите“ и „Вашите“, едноставно, „недостоен“. Во Македонија, се чини, најчесто се избира првата алтернатива, особено од младите. Што ни останува во државата може да покаже соодветна анализа или истражување. Всушност, ниту тоа не е потребно, зашто состобата е јасна и за „голо“ око.

Потрага по слобода