„ВРАПЧАЛНИК“ КАЈ СЕЛОТО СЕЛЦЕ, ПРИЛЕПСКО – ЛОКАЛИТЕТ СО ОСТАТОЦИ ОД НАСЕЛБА ОД ПРАИСТОРИЈАТА И РИМСКИОТ ПЕРИОД – РАНО ЦАРСТВО

Локалитетот „Врапчалник“ се наоѓа на околу 1 km источно од Прилеп и на околу 300 m североисточно од селото Селце и претставува понизок рид кој се спушта од повисокиот врв „Топташ“ со правец североисток, југозапад. „Врапчалник“, на највисокиот дел завршува со поголема група карпи со интересни форми. На падините на ридот од неговата југоисточна страна се среќаваат остатоци од градежен камен, темели од извесни ѕидови, фрагменти од керамички садови, тегули, кремен, како и монети од раноцарскиот период. Квалитетот и белезите на керамиката упатуваат на повеќе периоди од културата на човекот, праисторијата – бронзено и железно време, македонско-римскиот период и средниот век. Сосема е јасно дека на овој локалитет, на површина од околку 2 хектари била расположена населба од споменатите периоди. Населбата била расположена на рамниот дел на врвот на ридот, како и на неговата југоисточна падина, која е со блага косина и пространа. Остатоци од материјална култура, особено фрагменти од керамички садови се среќаваат и на спротивната страна, односно, на западната и северозападната падина, кои се многу пострмни од јужната. Веројатно е дека во некој од активните културни периоди на локалитетот постоело и извесно утврдување на платото на највисокиот дел.

„Врапчалник“ од југ

Освен споменатите културни остатоци, на некои од карпите можат да се забележат и извесни интервенции, како канали за одвод, помали и поголеми јами за столбови или греди, како и обработени делови во форма на тераси или други форми и извесна симболика со мали кружни јами и каналести форми.

Карпа со правилно оформен дел на врвот

Ридот зафаќа добра позиција од која може да се набљудува добар дел од Пелагонија и, веројатно, поради тоа бил искористен за населување и определена конкретна намена. Од неговата југоисточна страна се наоѓа манастирот „Св. Димитрија“ со локалитетот „Селиште“, со населба од доцната антика и средниот век, во долината под него, а во поширокиот простор се среќаваат и голем број други локалитети со културни остатоци од различни времиња.  Во рамките на „Селиште“, на јужната страна, се среќаваат и остатоци од стара црква со стари гробишта,1 а малку понатаму – југоисточно и локалитет со остатоци од македонско-римскиот период, на кој се зачувала и традицијата на почитување на една култна карпа, позната како „Манастирчето на Јаника“ или „Светецот“.2

„Врапчалник“ од југ

На 200 до 300 m југоисточно од „Врапчалник“ се наоѓа и локалитетот „Св. Илија“, кој претставува долг рид, кој се спушта од планината во правец југоисток, северозпад, а на неговиот највисок дел и на падините од јужната страна има култура од мекедонско-римскиот период, веројатно, антички храм. Помали или поголеми културни содржини, односно, остатоци од стара култура се среќаваат на голем број места. Од северната и севрозападната страна се наоѓаат „Топташ“ и „Шаторов Камен“ со остатоци од праисторијата и подоцнежните периоди,3 а остатоци на материјална култура се среќаваат и од источната страна во повисоките делови на планината, на некои од терасите, „Плазот“, „Калдрмата“, „Рамска Дупка“, “Крстоите“,4 „Бузаана“ и други локалитети. Посебно значајна е населбата со тврдина на врвот „Мечка“,5 од јужната страна на „Врапчалник“, јужно од селото Селце, како и соседниот врв „Тумба“,6 исто така, со остатоци од тврдина, каде се среќава култура од енеолитот и неколку следователни периоди.

Монета од раноцарскиот римски период

Самиот „Врапчалник“, како локалитет со природни особености претставува посебна природна атракција во просторот во кој зазема средишна позиција. Можеби во извесен однос со него се и извесни културни остатоци од падините на ридот во потегот кон градот и кон селото Селце. Тоа се некои карпи со оформени делови, како и археолошки наоди од движен карактер, кои не се ретки на поширокиот простор. На самиот „Врапчалник“ се среќаваат поголем број карпи со специфични форми, но и со траги од интервенции, кои ги прават објекти со посебна атрактивност. Токму затоа, при согледувањата, анализата и проучувањето на материјалната култура на овој микро-простор, „Врапчалник“ со своите културни и природни вредности не треба да биде одминат. Уште повеќе, тој заслужува посебно место во културата од атарот на селото Селце и некое идно археолошко истражување, секако треба да му биде посветено, токму, на овој локалитет.

„Врапчалник“ од југоисток

Од поновата историја, познат е еден настан од крајот на 19 век, кога на овој рид, меѓу атрактивните карпи на врвот имале средба македонските револуционери од Прилеп на чело со Пере Тошев, со четата на еден од постарите војводи, познат како Димо Дедото.7

1 Тренчо Димитриоски, Стара црква или храм и карпа–црква кај Селце, Прилепско, https://www.pelagon.mk/2018/08/25/.

2 Исто. 

3 Тренчо Димитриоски, Траги од праисториска култура на просторот на Шаторов Камен и Топташ, кај Прилеп, https://www.pelagon.mk/2021/06/23/.

4 Т. Димитриоски, Камени богови – мегалити и карпи со култни белези од Пелагонија, Мариово и Прекурид, Ризница – Прилеп, Прилеп 2013, 223.

5 Т. Димитриоски,Древна цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2002.

6 Т. Димитриоски, Фасцинантно кале од праисторијата на повисокиот врв „Тумба“ во близина на локалитетот „Мечка“, кај селото Селце, Прилепско, https://www.pelagon.mk/2021/03/07/.

7 Тренчо Димитриоски, Подвизите на војводата Димо Дедото во Прилепско, https://www.pelagon.mk/2018/06/26/.

ОД АМБИЕНТОТ НА „ВРАПЧАЛНИК“

АРХЕОЛОШКИ МАТЕРИЈАЛ