ЕтнологијаНародни творби

ПРЕДАНИЕ ЗА ГРАДЕЊЕТО НА ТВРДИНАТА ЗА ГРАДОТ ЧЕМРЕН НА ЛОКАЛИТЕТОТ ЧЕБРЕН КАЈ СЕЛОТО ЗОВИЌ, ОПШТИНА НОВАЦИ

Чебрен е еден од најинтересните локалитети во областа Мариово, кој припаѓа во општина Новаци. Овој локалитет располага со остатоци од тврдина од античкиот и средновековниот поериод, која била дел од тогашниот град со слично име, Чемрен. Денес на теренот на кој бил расположен градот, освен остатоците од тврдината, среќаваме една помала црква, „Св. Спас“, со релативно сочуван живоипис од 16 век (за жал недоволно заштитен),1 остатоци од ранохристијанска црква – базилика во рамките на денешниот манастир, остатоци од среновековна црква, „Св. Димитрија“, остатоци од ранохристијанска црква со мартириум на највисокиот дел од тумбата со утврдувањето, како и остатоци од други градби во утврдениот простор и остатоци од стар манастир и други градби, но и разновидни камени споменици и слични културни содржини во подградието.2

            Токму богатството од материјална култура, како и долговековната историја на овој локалитет и значењето на старата населба, која егзистирала во него довеле до зачувување на споменот за неа во меморијата на жителите на околните села до денешен ден. Едно кратко предание се однесува на настанот поврзан со градбата на тврдината, а ни го раскажа Крсте Пројчевски од селото Зовиќ. Интересно е то ова предание, со својата содржина, покажува сличности со други преданија за слични градби во минатото, особено со преданието за изградбата на Прилепската тврдина на ридот Маркови Кули кај Прилеп.

Еве како гласи преданието:

            „Некогаш, одамна, на ова место, Чебрен, имало голем град. Градот имал и тврдина на ридот, односно, тумбата над денешниот манастир „Св. Димитрија“. Во времето кога се градела тврдината за градот во Чебрен, неговите старешини, односно, оние кои раководеле со градењето на тврдината, ги собрале сите способни луѓе од народот, кој живеел во градот, да работат на изградбата на ѕидовите, односно, да кршат камен, да го носат до местото на градбата, да ѕидаат и помагаат во ѕидањето и слично. Работеле и старо и младо, и мажи и жени, па и младите мајки со мали деца – бебиња, сè што било способно да работи. Тогаш, педесет и две доенчиња биле оставени без своите мјаки зашто тие биле приморани силум да работат и да помагаат во градбата, па за децата била задолжена една стара жена – баба, да ги чува, односно, да ги ниша во крошните и да ги смирува при плачењето, да ги храни, да им дава вода за пиење и сè што требало за бебињата.

Коментар:

            Раскажаното предание, речиси, е идентично со преданието за тврдината Маркови Кули кај Прилеп, но во него не го среќаваме вториот дел од прилепското предание, кој се однесува на клетвата на бабата, која ги нишала децата во крошните и нејзиното скаменување, како и скаменувањето на бебињата заедно со крошните. 

Манастирот „Св. Димитрија“ - Чебрен
Манастирот „Св. Димитрија“ – Чебрен

  1 Тренчо Димитриоски, Заборавената црковна уметност на црквата „Св. Спас“ на локалитетот „Чебрен“ кај селото Зовиќ, општина Новаци (https://www.pelagon.mk/2018/09/17/)

2 Тренчо Димитриоски, Стариот град Чемрен (Чебрен) на Црна Река во Мариово (https://www.pelagon.mk/2018/08/29/)

3 Тренчо Димитриоски, Преданието за Маркови Кули, тврдината на локалитетот Баба кај Прилеп и кралот Марко, (https://www.pelagon.mk/2018/11/22/)