ПРЕДАНИЈАТА ЗА ЛОКАЛИТЕТОТ „КАЛУСОЕЦ“ НА ДРЕНСКА ПЛАНИНА ВО АТАРОТ НА СЕЛОТО КОКРЕ, ПРИЛЕПСКО

Источно од Прилеп, на повисоките падини на Дренска Планина (за некои Селечка Планина), во близина на високиот врв „Коњарник“, од неговата северна страна, на една голема зелена и водоврична падина, се наоѓа локалитетот „Калусоец“, кој е познат по неколку стари преданија, кои ги раскажуваат жителите на селото Кокре.

Некогаш во старо време на Калусоец имало езеро. Таму чувал овци, кози и говеда некој Влав. Тој бил многу богат. Имал момок од селото Гудјаково. Момокот се научил дека водата од езерото излегува кај Гудјаково и ги пуштал овците во него, а долу кај изворите кај Гудјаково ги земал неговиот татко. Влавот забележал дека стадото му се намалува, почнал да го бара виновникот за тоа и го фатил момокот како пушта овци во езерото, та зел го фрлил него во водата. Така татко му на момокот, наместо овца на изворите го дочекал својот удавен син. Подоцна на Влавот му се удавил синот во езерото и тој го затнал со дрвени колци и волна и си заминал оттука.

За езерото на „Калусоец“ е поврзано уште едно предание. Тоа гласи:

Некогаш во Кокре имало некое семејство Бојаџиовци. Од него има многу траги по местата околу селото, како гумното Бојаџиево, пештерата Бојаџиева и сл. Тие имале некој бик од седум–осум години кој пасел горе на местото Ливада. Оттаму тој одел право на езерото и цело време се борел со некоја ѕверка, стија. Кога ќе се врател бил целиот жива вода (пот) како да орал. Не се знае како завршила борбата, односно кој победил во борбата меѓу бикот и стијата.

„Калусоец“
„Калусоец“

Преданијата за водата на „Калусоец“ нѝ ги раскажа Драган Стојаноски. Освен овие стари преданија постојат и вистински приказни за случки поврзани со оваа вода.

Пред извесно време тројца луѓе од селото Селце (кое се наоѓа од другата страна на планината, з.м.) решиле да ја бараат водата од некогашното езеро на Калусоец. Едниот од нив се викаше Глигор. Тие копале и лично татко ми ги видел како извадиле некои трупци од земјата. На тие места излегле 5–6 црцки вода која излегувала нагоре. Дента едниот од луѓето што копале преспал и сонил сон дека некој мора да загине, бидејќи водата била затната со курбан и со курбан мора да биде и отната. Човекот си заминал, а по него си заминале и другите двајца. По извесно време отишле Кокречани да ја бараат водата на Калусоец. Копале канал до местото на езерото, но ги фатило невреме со снег и прекинале со работа, а повторно не се вратиле. Ова повторно нѝ го раскажа Драган Стојаноски.

За локалитетот „Калусоец“ можеме да потврдиме дека денес навистина има траги од последните потраги по „езерото“, а исто може да се констатира дека овој локалитет е навистина полн со разни места на кои постојано има вода и кал во која се пропаѓа. Исто така, на овој локалитет и денес постои извор со вода на кој има изградени чешма.

Чешмата на л. „Калусоец“
Чешмата на л. „Калусоец“