ПЕЛАГОНИЈА И АНТИЧКИОТ ГРАД ТРИПОЛИТИДА – ТРИПОЛИС
Античка Македонија, односно, античкото кралство Македонија располагало со стотина градови, кои опстојувале и во првите векови на римското освојување, за време на Империјата.1 Во времето на доцното римско царство, бројот на градовите во Македонија драстично се намалил.2 Имињата на македонските градови ги среќаваме кај голем број антички автори почнувајќи од Хомер, кои оставил најстари записи за овој простор во своите епови, па продолжувајќи со подоцнежните автори, како Хекатеј, Херодот, Тукидит, Теаген, Теопомп, Диодор, Аријан, Апијан, Птолемеј, Плутарх, Хиерокле, Стефан Византиски, Ливиј, Полибиј, Страбон и многу други. За жал, кај историчарите, кои ја проучувале историјата на Балканот и во Медитеранот, а нивните дела се зачувани, Македонија и Македонците се многу слабо застапени. Всушност, кај нив среќаваме мала застапеност на историјата на Македонија и Македонците, нивната култура, општественото уредување, како и начинот на живот и традицијата, кои го определуваат неговиот посебен идентитет.

Од друга страна, преку текстовите на делата на авторите, кои ни се достапни, дознаваме за голем број имиња на автори, кои пишувале за македонската историја и култура, но нивните дела, познати како „Македоники“, од некакви причини, исчезнале. Уште повеќе, меѓу таквите автори, чии дела не ни се достапни, имало и повеќемина Македонци.3 Меѓу нив го среќаваме името на Теаген, кого го користел подоцнежниот автор Стефан Византиски како извор за списокот на македонските градови, а за кого се смета дека пишувал за историјата на Македонците од самите почетоцои до IV век пред н.е.,4 но неговите дела не ни се достапни. За него не е познато кога точно живеел. Двајца други автори Македонци, чии дела исчезнале, односно се загубени за нас, носат исто име Марсија, од кои едниот е роден во македонската престолнина, Пела и бил современик и пријател на Александар Македонски, а вториот е помлад и потекнувал од градот Филипи. Автори, кои пишувале за македонската историја, а нивните дела се загубиле се и Балагро, граматичарот Лукил од Тара на Крит, како и други автори.5 Кога се работи за податоци и информации за античкиот период на Македонија и Македонците, уште повеќе зачудува уште еден факт. Имено, научниците утврдиле дека и во делата на автори од античкиот период, чии дела се сочувани, деловите кои се однесуваат на Македонија, во голема мерка недостасуваат, односно, исчезнале. Ова, особено, важи за двајца многу значајни автори, Полибиј и Страбон, во чии дела, во голема мерка, исчезнале содржините, кои се однесуват на Македонија.6

Ваквата состојба јасно зборува за намалените можности за проучување на македонската историја и култура, односно, какви значајни податоци се загубени за неа со исчезнувањето на делата на овие вредни автори. За разлика од тоа, многу автори, чии дела се зачувани, македонската историја, култура, како и етничката определба и идентитет, ги ставале во состав на истории и култури, кои се различни од македонската и не содвествуваат на реалноста. Тоа не упатува на констатацијата дека македонската историја и култура, особено античката, и денес претставува голем предизвик за историчарите, етнолозите, етнографите и другите научници. Ова, особено, од фактот што Македонците, преку својата историска, политичка и културна дејност извршиле значајно влијание на општиот цивилизациски развој. Ставањето на македонската историја и култура во рамките на која било друга историја и култура е сосема погрешно и тенденциозно, а тоа, евидентно, се случувало кај многу автори во минатото, особено денес. Во тој контекст, мораме да изнесеме неколку цитати од делото на Фанула Папазоглу, Македонски градови у римско доба. Осврнувајќи се на положбата на Македонците по губењето на нивната независност и потпаѓањето под римска власт, таа ќе истакне: „Исчезнувајќи како држава, Македонија прекинала да има и своја вистинска историја. Но македонскиот народ не исчезна: тој продолжи да живее во рамките на новата политичка заедница – римската држава, задржувајќи ги своите етнички особини, јазикот, верата и обичаите.“7

На друго место, Папазоглу се осврнува на третманот на Македонија во историите на „грчките земји“ и на тенденциозноста на некои од научниците да ја прикажат Македонија како грчка, што е далеку од вистината и создава заблуди во светската наука и светската јавност. Имено таа вели: „Во историите на грчките земји под римска власт, Македонија обично се обработува како дел од Грција – иако таа никогаш не била тоа, па не била ниту во римскиот период, а со тоа ја доведува во второстепена положба, а некогаш и сосема ја игнорира.“8
Токму во таква положба се наоѓа и делот од историската наука, кој се занимава со градовите на античка Македонија но, и покрај тоа, во светската наука е познато дека Македонија во периодот на својата независност во античкиот период располагала со голем број градови и предничела во развојот пред сите околни области. Кај различни историчари и археолози, различни македонски градови биле третирани како градови на една етничка заедница, но тоа е проблем за идно проучување и вистинско идентификување и определување. Овде, наша цел е кратко да се осврнеме на едно, по малку, мистериозно име на град, кое се среќава во литературата како име на повеќе места на просторот на денешниот Балкан. Тоа е името Триполис, Триполитида, Трипола, кое го среќаваме како име на град составен од три дела, односно, три града. Кај античкиот автор, Страбон, среќаваме форма Триполитида и Триполис, но првата форма е, особено,интересна за нас бидејќи овој антички географ ја поврзува со нашата област, Пелагонија. Всушност, се добива впечаток дека со тоа име ја нарекува и самата област, но и појаснува дека се работи за три засебни градови, кои заедно се познати како Триполитида. Во првото споменување кај Страбон се работи за географско објаснување на западниот дел на Македонија и Илирија и за племињата во тие области, за кои вели дека се измешале со македонското племе Орести под влијание на кралството, според нив наречено Орестиада. „Велат дека Орест некогаш владеел со Орестиада, кога бил во изгнанство поради убиството на неговата мајка и оставил областа да го носи неговото име; исто така, основал и град Аргос Орестикон. Но илирските племиња, кои се близу до јужните делови на планинската земја и тие, кои се крај Јонскиот Залив, се измешале со тие народи; зашто над Епидамно и Аполонија, дури до Керавниските планини живеат Бјулантите, Таулантите, Партините и Бригите. Наблизу некаде се сребрените рудници на Дамастион каде својата власт ја наметнале Дјуестите и Енхелеите, нарекувани уште Сесарети (Десарети, зм.), а близу до тој народ се, исто, Линкестите, земјата на Деиропос (Девриоп, зм.), пелагониската Триполитида, Еордите, Елимеја и Еретира.“9

Подолу, Страбон повторно го споменува тн. Триполитида и невешто го објаснува како име на областа Пелагонија, но и како име на град од кои еден е Азорос. Во тој контекст ги споменува старите македонски племиња, Линкести, Деуриопи, Пелагонци и Бригијци, објаснувајќи дека порано меѓу тие племиња имало и градови. „Во старите времиња меѓу тие племиња имало и градови; во секој случај Пелагонија се нарекувала Триполитида, како еден од градовите бил Азорос; и сите градови на Деуриопите биле многужителски; меѓу нив биле Бријанион, Алалкомена и Стибера.“10

Земајќи го предвид лошо формулираниот текст кај Страбон, како и фактот што самиот земал податоци од поранешни автори, извесни податоци е тешко да се прифатат како утврдени информации. Така е прифатен и податокот за наведената Триполитида во Пелагонија, односно, постоењето на ваква форма на град составен од три дела во оваа област, па Фанула Папазоглу објаснува дека Страбон, веројатно, во недоволно познавање на географијата на Македонија го помешал градот Триполис од Тесалија со наводен град со такво име во Пелагонија, односно, дека Страбон, всушност мислел на Триполис од областа Пелазгиотида во Тесалија, каде три града создавале еден Триполис, а еден од нив го носи, токму, името Азорус, слично на името Азорос, кое Страбон го наведува како еден од градовите на Триполитида во Пелагонија.11 Сепак, ваквата констатација на Папазоглу не смее да се земе како сигурна, односно, не треба да се исклучи постоењето на Триполитида во Пелагонија, зашто Страбон, коментирајќи ги податоците кај еден друг антички автор, Андрон, споменува поинаква форма на име од онаа во Пелагонија, односно, Тетраполис и Триполис, а кои ги поврзува со Дорида, Доријците и Тесалијците.12 Значи, додека претходните имиња на комплексна градска населба, Тетраполис и Триполис ги употребува за Дорида, Доријците и Тесалијците, формата на името Триполитида ја поврзува со Пелагонија. Иако е можно помешување, сепак, немаме јасна слика за да ја отфрлиме можноста од постоење на град Триполис или Триполитида (како што стои кај Страбон) во областа Пелагонија, особено, поради различната форма на името, кое го употребува Страбон. Уште повеќе, ако град со име Азорос во Пелагонија среќаваме и во списокот на гградови кај Стефан Византиски, кој ни го пренесува и споменатата Фанула Папазоглу.13

Народното предание од Македонија, исто така, го поткрепува постоењето на град со име Триполис или Трипола, а го лоцира во просторот на Пелагонија и во областите блиски на Пелагонија. Имено, едно предание пренесено од нашиот познат собирач на народни умотворби, Марко Цепенков, говори за постоење на град со име Трипола и во него вклопува три локалитети, од кои еден од нив е во близина на градот Демир Хисар, локалитетот Градиште кај селото Железнец. Всушност, преданието говори за постоење на голем град меѓу селата, Железник (Железнец, зм.), Журче, Вардино, Бучин и други.
„Помеѓу селата Железник, Журче, Вардино, Бучин и др. има едно место со многу темелишта, праени некогаш со најдебели тули, камен и вар. Тоа место је до с. Железник и се прикажуа од стари за некоаш имало таму некој голем град што го викале: Градиште (Трипола), и друг град имало, се викал Влашко Градиште и Виноградиште.“14
Понатаму во преданието се определува и од кога потекнува тој голем град, односно, според него, тој потекнува од времето на античкото Македонското Кралство: „За тој расипан град се прикажуа оти бил праен од Александар, царо македонски. При се што врви Црна (Црна Река, зм.) низ Градиштето, коа бил здрав градо, имало едно јако кале и за во калето вода имало донесена од баеги далеку; таксимо на таа вода бил на една тумба (и сега се прикажуа за таа тумба кај што била).“15
Според преданието, овој град бил уништен од Турците. Во него се вели дека Турците долго воделе битка за да го освојат, но никако не успевале, се додека една баба не ги поучила да им ја прекинат водата од изворот од кој се снабдувале жителите. Изворот бил скриен на тумбата, која бабата им ја открила на Турците и така успеале да ги совладаат бранителите. „Коа откопале и вистина ја нашле водата и му ја пресекле на граѓаните и така се предал градо. Влегувајќи Турците во Градиште, што било живо – се исекле и калето прав и пепел го напраиле.“16
Значи, преданието говори за постоење на град со име Триполис (Трипола), а ваквото име, веројатно, со векови е чувано меѓу жителите на овој крај и се зачувало, речиси, до денес. Имајќи предвид дека многупати се потврдило дека народната меморија пренесува вистински содржини, не треба да се отфрла постоењето и на споменатиот град. Се разбира, за посериозно произнесување околу неговото постоење или непостоење, потребни се и сериозни научни истражувања и проучувања, меѓу кои и археолошки ископувања. На светот му е познато дека тргнувајќи по информациите на народното предавање, многу археолози станале светски познати со големите отркитија, кои ги постигнале. Овде е доволно да ги споменеме откритијата на Крит, Микена и на градот Троја во Мала Азија со кои се повзнаи имињата на Артур Еванс и Хјанрих Шлиман.

1 Фанула Папазоглу, Македонски градови у римско доба, Жива антика, посебна издања, Скопје 1957,30, 31. Снежана Филипова, Ранохристијанските културни центри во Македонија долж Via Egnatia, УДК. 930.85.033.1(497.7), 127.
2 Фанула Папазоглу, Македонски градови…, 25. Снежана Филипова, Ранохристијанските…, 127.
3 Фанула Папазоглу, Македонски градови…, 15.
4 Исто.
5 Исто, 15, 16.
6 Исто, 17 – 20.
7 Исто, 4.
8 Исто.
9 Страбон, Географија, Книга 7 – 8.
10 Исто, Книга 7 – 9.
11 Фанула Папазоглу, Македонски градови…, 204.
12 Страбон, Географија, Книга 10 – 4, 6.
13 Фанула Папазоглу, Македонски градови…, 30, 31.
14 Марко К. Цепенков, Предание за расипаните градови: Градиште (Трипола), Влашко Градиште и Виноградиште, Македонски народни приказни, книга петта, приредил Кирил Пенушлиски, Македонска Книга, Скопје 1989, 140.
15 Исто, 141.
16 Исто.