СТАРИОТ ГРАД ПРИЛЕП БИЛ ГРАД УШТЕ ВО МАКЕДОНСКИОТ И РИМСКИОТ ПЕРИОД (6)
СПОМЕНИЦИ ОД ХРАМОВИ И ДРУГИ ПРЕСТИЖНИ ГРАДБИ ОД АНТИЧКИОТ ПЕРИОД ВО СРЕДНОВЕКОВНИТЕ ЦРКВИ ВО ВАРОШ – ЦРКВАТА „СВ. БОГОРОДИЦА ПРЕЧИСТА“ СО ОКОЛИНАТА („БЕЛА ЧЕШМА“)
Просторот меѓу Основното училиште во Варош и црквата „Св. Богородица Пречиста“ е особено интересен, за повеќе периоди од културата на стариот град Прилеп. Тука се среќаваат наоди од праисторијата, антиката и средниот век, кои заслужуват сериозно внимание. Во неговата средина се наоѓа една голема ниска карпа, позната како „Слизгајца“, а од северната и источната страна се расположени неколку карпи со интересни форми и, исто така, интересни имиња, како „Вршник“, „Кукуделица“ и комплексот од карпи, „Кабања“. Карпата, позната како „Слизгајца“ е полна со обработени делови во форма на тераси, скалести форми, правоаголни и кружни јами, канали, како и своевидни симболи издлабени на некои делови од неа. Очигледно дека во еден период таа била експлатирана за извесна намена, бидејќи се наоѓала во средишен населбен простор на стариот град Прилеп.

Особено е интересен комплексот „Кабања“, која е расположена на источната страна. На нејзината горна површина можат да се реконструираат цели простории меѓу карпите – делови од карпите обработени со вертикални профили, кои служеле како ѕидови, скалесто издлабени делови, издлабени форми за поставување греди, разновидни форми на јами – држачи, симболи во форма на писмени знаци, симболи изработени со кружни јами, канали и сл. На горната рамна површина се забележува нагласено присуство од археолошки материјал, како фрагменти од керамички садови, фрагменти од метални предмети и сл.1

Карпата позната како „Вршник“, исто така, на својата површина располага со голем број интервенции, а главен објект, кој бил изработен на неа е еден гроб со добро сочувана форма на северниот агол од нејзиниот источен раб, кој зафаќа доминантна позиција,2 со поглед во поширокиот простор на Пелагонија. Тоа не наведува на констатција дека тој бил сопственост на поистакнат жител на градот, но фактот што немаме поконкретни информации од соодветно археолошко истражување не ни дава можност да се произнесеме поконкретно за него.

Споменатата „Кукуделица“ е, можеби најатрактивната карпа во тој дел од просторот, зашто е особено искуклена и на самиот врв завршува со зооморфна форма, односно, има впечатлива форма, која потсетува на птица со клун насочен кон небото. Таа се наоѓа на северниот дел од овој празен простор во Варош, во самото подножје на Маркови Кули и е вистинска природна реткост, експонат со фасцинантна форма од геоморфологијата на Маркови Кули. Токму крај неа, од нејзината источна и североисточна страна, се среќаваат и неколку гробови издлабени во карпа, а во нејзината близина се среќаваат и движни наоди од праисторијата, раната антика и следните периоди. Праисторијата е потврдена на просторот меѓу двете карпи, „Кукуделица“ и „Кабања“, односно, над Основното училиште каде се утврдени наоди од праисторијата, македонскиот и римскиот период. Тука е утврден и остаток од глинен под и питос од раноримскиот период, како и една монета од римскиот период, односно, од I век на нашата ера со претстава на богот Јанус.3

Сондажно е истражуван и дел од просторот во близина на остатоците од црквата „Св. Јован“, која била расположена непосредно до оградата на училиштето од зпадната страна. Во јамата се констатирани „многу фрагменти од керамички садови од праисторискиот и античкиот период. Покрај овие фрагменти, пронајдени се и три халштатски фибули и четири доцноримски монети.“4
На целиот овој простор, кој денес е празен, се среќаваат и експонати од престижни градби од античкиот и доцноантичкиот период. Според кажувањето на жители на Варош, кои живеат во близина, некаде во центарот, на отворениот простор, порано стоел исправен извесен споменик од мермер, столб или сличен објект, но денес никој не знае каде исчезнал тој. На долниот дел, односно на најнискиот дел од падината, крај патот кој води до манастирот „Св. Архангел Михаил“, околу стариот бунар кој се наоѓа тука се среќаваат и неколку камени блокови, од кои и еден елемент од мермер, многу оштетен, дел од римски храм.5

На околу 50 m оттука, поблиску до училиштето, на левата страна од патот кој води кон манастирот „Св. Архангел Михаил“, пред една од портите на тамошните куќи среќаваме уште еден мермерен архитектонски елемент, добро обработен и, релативно, сочуван постамент од извесна престижна градба. На слична далечина, до самата ограда на училиштето, на местото на старата црква „Св. Јован“, од која се забележуваат и остатоци од ѕидовите, се среќаваат два поголеми обработени мермерни блокови. Освен остатоците од црквата, на истото место, се регистрирани и остатоци од постара градба до која била прилепена црквата „Св. Јован“.6

Неколку интересни архитектонски елементи среќаваме и во кругот на црквата „Св. Богородица Пречиста“, која се наоѓа на северозападната страна на празниот простор, од левата страна на патеката која води до манастирот. Најпрво, за науката, е познат еден дел од јонски капител, без волути, со јајчеста кима на ехинусот, кој се датира во 3 век на нашата ера,7 а еден сочуван столб со основа изработена со квадратен пресек, три вертикални правоаголни полиња од едната страна и една вертикална правоаголна ниша од другата, над која е издлабена и една помала јама, веројатно, извесен држач, над правоаголаната основа се изработени три кружни прстени, потоа столбот продолжува со кружен пресек и завршува со конусоидна форма на капител со вертикални зарежувања како украс. Столбот потекнува од раното христијанство, а археолзите констатирале дека на местото на споменатата црква, која потекнува од 15 век имало и ранохристијанска црква.8


На самата патека кон манастирот „Св. Архангел Михаил“, на неколку метри од црквата „Св. Богородица Пречиста“, среќаваме уште еден фрагментиран дел од архитектонски елемент од мермер, за кој е тешко да се каже што претставувал.
Во кругот на опишуваниот простор, веднаш до асфалтниот пат кон манастирот, се наоѓа стара чешма со вградена плоча во чест на загинатите борци во НОБ со потекло од Варош. Таа е позната како Бела Чешма, а со тоа име е познат и опишуваниот дел од Варош. Во помошните ѕидови на чешмата е вграден и еден надгробен споменик од римскиот период украсен со форма на борова шишарка на врвот. Ваквите споменици за римскиот период се, особено, карактеристични. На просторот на Варош ги има и на други места, а низ Македонија, многу често, се среќаваат и на други места.
Просторот на „Бела Чешма“, во средниот век бил заобиколен со многу цркви. Освен споменатите, „Св. Богородица Пречиста“ и „Св. Јован“, во близина се регистрирани и други цркви. една од нив се наоѓала на една закосена карпеста површина од североисточната страна на Основното училиште, позната како „Св. Врачи“, а црквата „Св. Ѓорѓи“ се наоѓала на 50 до 70 m, југозападно од „Бела Чешма“. На блиско растојание е и црквата „Св. Никола“, јужно од овој простор, а во подалечниот простор од југозападната, западната и северозападната се расположени црквите, „Св. Димитрија“, „Св. Атанасие“, „Св. Недела“, споменатиот манастир, „Св. Архангел Михаил“, како и други места со христијански култни објекти и остатоци од цркви или манстирски комплекси, како што се остатоците на местото „Светецот“, југоисточно од манастирот, а северозападно од „Бела Чешма“.
1 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2000, 26 – 31.
2 Исто.
3 Бошко Бабиќ, Материјалната култура на македонските Словени во светлината на археолошките истражувања во Прилеп – Прилог за историјата на културата на македонскиот народ, Институт за истражување на старословенската култура – Прилеп, Прилеп 1986, 91.
4 Исто, 87.
5 Виктор Лилчиќ, Македонскиот камен за боговите, христијаните и з живот по животот, Том I, Македонска цивилизација, Скопје 2001, 390, 391.
6 Бошко Бабиќ, Материјалната култура ..
7 Виктор Лилчиќ, Македонскиот камен …, 390, 391.
8 Блага Алексова, Виктор Лилчиќ, Ранохристијански цркви во Македонија, Македонско наследство, бр. 5, 1997.
Црквата „Св. Богородица Пречиста“ Терасести форми на карпата „Слизгајца“ Црквата „Св. Богородица Пречиста“ 2 Црквата „Св. Богородица Пречиста“ 3 Мермерниот столб во црквата „Св. Богородица Пречиста“ Капителот на мермерниот столб во црквата „Св. Богородица Пречиста“ Уште еден мермерен блок во црквата „Св. Богородица Пречиста“ „Бела Чешма“ – оширок план Камени корита пред „Бела Чешма“ Надгробен споменик со шишарка на врвот 5 Надгробен споменик со шишарка на врвот 4 Надгробен споменик со шишарка на врвот 3 Надгробен споменик со шишарка на врвот 2 Надгробен споменик со шишарка на врвот