ТАЈНИТЕ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „КАРАКАМЕН“ МЕЃУ СЕЛАТА АЛИНЦИ И ШЕЛЕВЕРЦИ, ПРИЛЕПСКО

Ексклузивен локалитет, единствен по бројот на ретки минерали кои се застапени на него, но и редок како локалитет кој содржи значајни културни остатоци од населба од праисториските периоди.

 Како се уништува непроценливо природно и културно богатство во Прилепско и, пошироко, во Македонија

Минерали кои се наоѓаат на л. „Каракамен“: мекедонит, рутил, титанит, антас, монацит и кварц

            Човекот се појавил во природни услови и неговото постоење и опстанок се поврзани токму со нив. Зависно од природните услови тој полесно или потешко ги решавал основните животни проблеми. Поради тоа, тој постојано се борел со природните појави, искористувајќи ги, прилагодувајќи ги или прилагодувајќи се кон нив. Во областите Пелагонија, Мариово и Прекурид има бројни примери на таков однос, а за нас се од посебно значење примерите на поврзување на старите населби и заедници со големи и фасцинантни карпи од вулканско потекло. Голем број населби во споменатите области биле организирани околу таква карпи, кои заземале централно место во населбата и имале посебно значење за општествениот и духовниот живот на старите жители. Според материјалната култура од локалитетите со остатоци од населби со ваков просторен концепт тие потекнуваат од енеолитот и бронзеното време, а често опстанувале и во подоцнежните периоди. Извесни наоди од камени орудија и орудија од кремен, пак, упатуваат и на постарите праисториски периоди, односно, неолитот. За жал, голем број локалитети од горенаведениот тип се нападнати со експлоатација на камен, главно, гранит и со тоа се уништени цнтралните објекти во праисториските населби со што таквите археолошки локалитети се трајно оштетени и лишени од најзначајниот објект, кој ги привлекол древните жители во тој простор и ги предизвикал да организираат простор за живот, односно, да формираат населба. За богатиот општествен, културен и духовен живот на овие жители, денес „говорат“ бројните предмети од керамика, камен, коска или друг материјал, на кои се среќаваат разновидни форми на симболика, кои не упатуваат на нивната практична намена, а особено на богатиот духовен живот во овие населби.       

УНИШТЕНОТО ПРИРОДНО БОГАТСТВО НА ЛОКАЛИТЕТОТ „КАРАКАМЕН“ МЕЃУ СЕЛАТА АЛИНЦИ И ШЕЛЕВЕРЦИ, ПРИЛЕПСКО

Еден исклучително интересен локалитет од таков карактер се наоѓа во атарите на селата Шелеверци и Алинци, Прилепско. Локалитетот се наоѓа на околу 10 km јужно од Прилеп, околу 300 m источно од патот Прилеп – Битола, околу 500 m јужно од селото Алинци и околу 300 м северозападно од селото Шелеверци, од десната страна на патот Прилеп – Алинци. Познат е под името „Каракамен“ и се состои од два помали локалитети „Шелеверски Камен“ во атарот на селото Шелеверци и „Алински Камен“ во атарот на селото Алинци. И во двата атари овој локалитет е особено интересен од аспект на природни врености, особено присуството на поголем број ретки минерали, како што се македонит (го има само на овој локалитет), амазонит, титанит, рутил, монацит, арфедсонит, антас и кварц. Ваквите наоди го прават овој локалитет редок во светот и, особено, значаен. Според тврдењето на жителите на двете села – Алинци и Шелеверци, локалитетот бил посетуван од стручни лица – геолози, рудари и минералози уште многу одамна и од разни земји. Особено се нагласува посетата на овој локалитет од извесен германски геолог или минералог, кој подолго време престојувал во селото Шелеверци и го истражувал овој локалитет. Тој со себе носел фотоапарат и кожена чанта во која ги собирал минералите кои ги наоѓал по теренот. Исто така, на локалитетот доаѓале и престојувале по неколку дена и ученици и студенти од рударско-геолошката област од средните училишта во Македонија и Факултетот за рударство и геологија. За овој локалитет и денес, стручњаците од соодветната област се добро запознати и објаснуваат за неговото значење како редок локалитет во светот на кој се среќаваат повеќе видови минарали, а македонитот е откриен само тука.

Од минералите на „Каракамен“

            До шеесеттите години на дваесеттиот век на двата дела на локалитетот „Каракамен“ – Шелеверски Камен“ и „Алински Камен“ располагале со големи карпи со исклучителна форма и изглед. Според кажувањето на современици, особено од селото Шелеверци. Децата од ова село често оделе на ридот со големата карпа на „Шелеверски Камен“. Некои од нив велат дека карпата изгледала многу чудна, па дури и се плашеле да одат кај неа. Била грамадна карпа со разновидни шуплини, темна боја и чудни форми по нејзините профили. „Беше голем камен, многу интересен, со многу дупки како камари, во нив се гнездеа птици. Тој беше огромен и се гледаше оддалеку, но подоцна целиот го искршија за обѕидување на каналите низ Пелагонија.“ (по кажување од Атанас Кузманоски, некогашен жител на селото). На крајот на шеесетите години, двете карпи, односно целиот рид бил нападнат од страна на извесна фирма која се занимавала со уредување на коритата и кејовите на реките во Прилеп и на други места и, притоа, сосема се уништиле големите карпи. На тој начин е направена непоправлива штета на локалитетот, уништено е непроценливо богатство од ретки минерали и целиот локалитет е девастиран и нагрден. Со тоа е нагрден и лишен од такви природни вредности целиот околен простор, во кој сосема бил изменет природниот амбиент.

Куќен лепеж од „Шелеверски Камен“

УНИШТЕНИ ОСТАТОЦИ ОД ПРАИСТОРИСКА НАСЕЛБА „КАРАКАМЕН“

При експлоатацијата на камен за градба се раскопани и големи делови од земниот простор од двете страни на карпите, со што е уништен најзначајниот дел со остатоци од праисториската населба, која се наоѓала околу карпата. Овде, особено, ќе го нагласиме уништувањето на посебните објекти од природен карактер, односно грамадните карпи, кои имале и нагласено културно значење. Тоа произлегува од фактот дека археолошките наоди на двата дела на „Каракамен“ располагаат со разновидни остатоци од стара култура. Ова особено се однесува на локалитетот „Шелеверски Камен“ каде среќаваме разновидни археолошки наоди од керамички садови, куќен лепеж (остатоци од ѕидови од куќи од печена земја и материјал од дрво), камени орудија, орудија од кремен и други фрагменти од археолошки предмети. Посебно треба да се нагласи присуството на антропоморфни фигури и фрагменти од жртвеници од керамика, кои го потврдуваат постоењето на населба околу големата карпа во времето на енеолитот (3500 – 2500 г.п.н.е.). Сосема е веројатно дека населбата околу оваа карпа започнала да се развива уште во претходниот период, односно, неолитот, но во енеолитот таа посебно се развила и продолжила да живее и бо следните периоди, особено бронзеното време.

„Каракамен“ – локалитетот со праисториска населба

Штетата од уништувањето на карпата е во тоа што таа била централен објект во населбата и имала централно место во духовниот живот на жителите на населбата, како објект, кој бил највисоко почитуван од тогашните жители и бил третиран на таков начин, како своевиден централен култен објект, центар на верување и обожување, како објект во кој престојуваат божествата, кои биле почитувани во тоа време. Извесни остатоци од градежен камен, како и големите количества куќен лепеж упатуваат и на тоа дека градби од населбата – за живеење или за религиски потреби, имало и до самата карпа.

Фрагменти од керамички садови и куќен лепеж од „Шелеверски Камен“

            Остатоци од култура се среќаваат и на местото на уништената карпа од „Алински Камен“, кој се наоѓа на околу 150 m северно од „Шелеверски Камен“. Во делот на локалитетот од атарот на селото Алинци, се среќаваат фрагменти од керамички садови, кои упатуваат на понов период, но фактот што двата дела од „Каракамен“ се наоѓаат на релативно мало растојание, нивната културна врска е сосема веројатна.

Фрагмент од жртвенике од керамика со украсување
Горниот дел од антропоморфна фигура од керамика

Населби со сличен концепт од праисторијата, односно со централен објект – голема карпа од вулканско потекло среќаваме и во атарите на соседните села на Алинци и Шелеверци. Такви примери се локалитетот „Палатица“1 кај селото Штавица, локалитетот „Бела Стена“ кај селото Бонче, „Големи Камен“, „Црвеница“ и „Кукулајца“ кај селото Лопатица2 и на други места. За жал, напади од експлоатација, уништување на таквите карпи и на културата околу нив се случува и на некои од нив. Несфаќањето каква вредност имаат тие за културата на човекот се заканува со уништување на сите вакви примери, особено со засилувањето на експлоатацијата на гранитот.ж во нашите простори.

Во атарот на селото Шелеверци до денес, речиси не е регистриран археолошки локалитет. Овде, покрај „Каракамен“ ќе ги споменеме „Корбоец“ со остатоци од култура од античкиот период, Комарчани, локалитет со праисторија – исклучително богат со наоди, а како локалитети со археолошки наоди се споменуваат „Опаленик“ и „Каракопетци“ („Кракопетци“).3

1 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, Ризница – Прилеп, Прилеп 2009, 105-108.

2 Исто, 48-58

3 Овие информации ни ги пренесе Атанас Кузмановски, кој води потекло од селото Шелеверци.

ОД „ШЕЛЕВЕРСКИ КАМЕН“

 

ОД „АЛИНСКИ КАМЕН“