ОРФЕЈСКИОТ ПОДВИГ НА МАКЕДОНСКИОТ МУЗИЧАР СИМОН ТРПЧЕСКИ И КВИНТЕТОТ „МАКЕДОНИСИМО“ ВО СЕЛОТО ЗБАЖДИ, СТРУШКО

Запеа Малесијата на 27 август, спроти големиот празник „Успение на Пресвета Богородица“, заиграа горите и планините, заиграа врвовите, карпите и длабоките долови, одекна македонската песна и оро од висините над селото Збажди, Струшко до небесите – се запали македонскиот музички оган и ги избрка сите ѓаволи и лоши демони и духови со Орфејска сила. Големиот македонски музичар, Симон Трпчески, ни приреди ретка можност, можеби и единствена до денес, со својот музички проект и квинтетот „Македонисимо“. Трпчески го формирал овој квинтет пред 5 години, со добро избрани музички имиња: Симон Трпчески (пијано), Хидан Мамудов (кларинет, алто саксофон и кавал), Александар Краповски (виолина), Александар Сомов (виолончело) и Влатко Нушев (удиралки). Премиерата на овој квинтет и проектот „Македонисимо“ се случи 2017 година во Германија на фестивалот Лудвигсбургер Шлостфестшпиле, каде предизвика врвни критики од музичката критика, како и во Обединетото кралство во Вигмор, Лондон во 2018 година.

За нас најзначајна е исклучителаната изведба на „Македонисимо“, која ни ја приреди овој врвен македонски музичар, со светско реноме, над селото Збажди, родното село на неговиот татко. Трпчески, на тој начин не потсети на една од најстарите вредности – почитта кон родителите, кон постарите, кон претците и семејството, но направи и вистински музички подвиг, голем музички настап, во полите на планината Караорман, во Малесијата, над селото Збжди, во еден природен простор, кој функционираше како своевидна театарска сцена, формиран во некое далечно време, пред стотици милиони години. Уште повеќе, проектот „Македонисимо“ е создаден од сплет од македонски народни песни и ора, избрани од Симон Трпчески, укомпонирани од композиторот Панде Шахов. Одличната изведба на квинтетот, воден со глас и музика на пијано од Симон Трпчески, во исклучителниот природен амбиент, на височина од околу 1100 метри над морето, обиколен со гори и планини, надвиснат од небесниот свод, сите нè внесе во хармонична атмосфера и расположение на високо ниво, на какво беа и шесте плетенки од кои е составен проектот „Македонисимо“.  

Првата плетенка ги содржи насловите од народниот мелос, „Пембе“, „Буфчанско“, „Беровка“, „Малешевка“ и „Црногорка“, втората содржи две песни, „Чије је она девојче“ (посветена на мајката и таткото на Симон Трпчески) и „Ибрахим оџа“, како и едно оро, „Беранче“. Третата плетенка е составена од песните „Филка мома“ и ората, „Ситна Лиса“, „Старо Чуново“, „Ратевка“ и „Драчевка“, четвртата од песната „Не си го продавај Кољо чифлигот“ и ората, „Жетварка“ и „Чучук“ и петтата плетенка е составена од ората, „Метово“, „Пелистерско“ и „Поступано“.

Еве што изјавува Симон Трпчески по повод концертот во Збажди:

 „Оваа прва изведба на МАКЕДОНИСИМО во Македонија, би сакал да им ја посветам на мојот татко Ѓорѓија Трпчески и мојата мајка Нетка Трпческа, мојот брат Јован и мојата сестра Божана, моите деца Лара, Стефан, Андреј и мојата сопруга Даниела, моите баби и дедовци и на целото мое семејство/фамилија, кои имаат огромно значење за мојата љубов кон музиката и за реализацијата на мојата долгогодишна желба да биде создаден овој проект со македонска музика, наречен МАКЕДОНИСИМО!“

Од срце, Симон

 

Воведниот збор на пијанистот, како и музичката изведба течеше со силна енергија, проследена со патриотски набој кај присутните, предизвикувајќи своевидна катарза, која ослободува од натрупаните притисоци и контраверзи, кои го следат македонскиот народ последниве години и децении. Ваквите достигнувања и изведби ја поттикнуваат вербата во нас дека целиот апсурд од недостојни политики, напади, понижувања и притисоци ќе „падне“ пред несогледливата сила на народниот гениј и неисцрпното творештво со кое располага македонскиот народ, како и со бројните неприкосновени творци, од кои Симон Трпчевски е вистинска „ѕвезда на македонското небо“, со светски глас и достигнување. Неговиот подвиг да организира концерт на местото на корените на неговото семејство значи силно зацврстување на општите македонски корени и пример на вистинска борба против апсурдот на новото време.

Надвор од сето погореизнесено, сметаме дека овој настан ќе остане долго време запаметен, не само како израз на почит и патриотски подвиг, туку и како исклучителен музички чин во прекрасен природен амбиент во Малесијата. Настанот го проследија неколку стотици посетители, не само од земјата, туку и повратници од дијаспората и други лица. Особено забележлива беше гордоста кај месното население и сите кои потекнуваат од вој крај, кои со особена љубов говорат за својот миленик, Симон Трпчески и неговата љубов кон родниот крај на семејството од кое потекнува.

Настанот ја буди свеста за македонскиот дух, за музичкиот придонес на Македонците во светски рамки и нè потсетува на митолошките, но и историските музичари, кои потекнуваат од овој простор, како и за нивната светска слава, која никогаш не избледела во меморијата на човештвото и постојано поттикнува и возбудува. Токму така, нашиот пијанист Симон Трпчески, може да се нарече вистински потомок, на Орфеј, на Лин и на другите легендарни музичари, кои со својата музика ја возбудувале и разигрувале целата природа.