ПОВИК: ДОНИРАЈТЕ ЗА ОБНОВА НА ДОМОВИТЕ НА ЧЕТИРИ СЕМЕЈСТВА ОД ПРИЛЕП ЧИИ КУЌИ ИЗГОРЕА ВО ПОЖАР ПРЕДИЗВИКАН ОД ГРОМ НА 27 ЈУЛИ 2022 ГОДИНА!
Во текот на вчерашниот ден прилепскиот еснаф организираше убава донаторска активност за собирање средства за обнова на куќите на четирите семесјтава од Прилеп чии домови беа до темел уништени од пожар предизвикан од гром на 27 јули оваа година. Настанот привлече особено внимание кај прилепчани и траеше до доцните вечерни часови проследен со инспиративна музика и ангажман на неколку фризери, бербери и козметичари.


На 27 јули оваа година гром мавна во една од куќите во Прилеп и притоа избувна силен пожар, кој ги зафати и трите најблиски куќи. Иако пожарникарите стигнаа за кратко време, четирите куќи изгореа, речиси, до темел и четири семејства останаа без своите домови. На местото на настанот брзо пристигнало и стручно лице од ЕВН, но чекајќи наредба од претпоставените од Скопје струјата била исклучена дури по четириесетина минути, а тоа ги спречило и пожарникарите навреме да се вклучат во гаснењето на пожарот, кој многу брзо ги зафатил сите четири куќи.
Ние можеме само да насетуваме какви трауми преживеаја членовите на овие семејства и какви последици ќе предизвика таа врз нивниот живот во иднина. Единствено можеме да сочувствуваме со нив и да се обидеме да им го олесниме тешкиот пат до обновувањето на нивните домови. Се разбира, треба да им посакаме да бидат силни и истрајни на тој пат, зашто нема да биде лесен. Сепак, најтешкиот дел е оној невидливиот, оној кој нема врска со материјалното, зашто огнот е немилосрден и тој „изгоре“ еден дел од нивниот живот, им ги „изгоре “ нивните спомени, доживувањата, радоста и тагата што ја преживеале во нив, односно, добар дел од нивниот живот, кој тешко ќе можат да го обноват. За нив следи пат на нов почеток, изградба на ново огниште кое ќе има даде нова енергија и ќе им помогне да „засадат“ нови и цврсти корени за идниот живот. Радоста и задоволството кај другиот носи радост и задоволство и кај нас. Затоа, да се обидеме да се сплотиме и заедно да ги почуствуваме радоста и задоволството со лично учество во пребродувањето на траумата на нашите сограѓани и пријатели!
