ИСТОРИСКА КОМИСИЈА ЗА ПОЛИТИЧКИ ПРАШАЊА ИЛИ ПОЛИТИЧКА КОМИСИЈА ЗА ИСТОРИСКИ ПРАШАЊА

Некако сѐ е јасно, а сепак заматено. Наводно, се формира мешовита Историска комисија за решавање историски прашања во политичките односи меѓу двете држави, Бугарија и Македонија. Всушност, јасно е како ден, дека двете држави, односно, актуелните власти во двете држави, формираа Политичка комисија од историчари за решавање на историски прашања. Зашто, колку и да се стручни членовите на комисијата, сепак, имаат политичка задача. Прво се „истурка“ Договор за добрососедство со чиста политика, под силен притисок и однадвор, а потоа, наводно, во склад со него, Комисија за усогласување на ставовите околу историските прашања и „заедничката“ историја. Од бугарска страна, често нагласуван проблем е „омразата“ на Македонците кон Бугарите“, иако истите не признаваат Македонци и македонски идентитет, на крајно бескрупулозен начин го негираат македонскиот идентитет на буарски државјани кои се идентификуваат како Македонци, а ваму, омраза кон Бугарите во Македонија. Чиста инсинуација, би рекол. Сосема е отсутна каква било омраза кон Бугарите во Македонија или таа е присутна кај маргинални индивидуи и групи кои, пак, се предизвикани од негативниот однос, не на Бугарите, туку на бугарската власт кон Македонците, кон македонскиот јазик и култура, како и кон македонскот идентитет, воопшто. Всушност, насилно се создава ситуација и проблем меѓу двата народа. Кому му одговара тоа? Ниту на Македонците, ниту на Бугарите, секако. Се оди дури дотаму, да се преземела активности за спречување на вакви или такви пројави по социјалните мрежи кои, пак, се препукувања меѓу поединци или групи од двете страни подгреани од активностите на политичките врвови во двете држави и нивните нелогични, односно, неприродни ставови кон определени евидентни, јасно видливи и аргументирани прашања. Се добива впечаток дека некои „врвни“ политички фигури и тела имаат амбиција да ги конторлираат, дури и изразите и термините, кои се употребуваат во разговори и препирања пред порта!!? На што спаднале денешните политички односи и политиката воопшто?

            Од двете спротиставени страни (ова условно, заштонема спротиставени страни, туку само политичка игра и иамбиции на политички врхушки) првата е членка на Европската заедница, другата кандидат. Првата е привилегирана европска членка, втората е доведена во непринципиелна положба, со силен притисок од соседите, чиј грб е „џинот“, Европска заедница. Доколку се говори за некаква рамнотежа на силите, Македонија и Македонците се ставени во ситуација на Давид и Голијат а, притоа, Давид е, речиси, сосема голорак. Во  вакви услови решението се гледа во усогласувањето на ставовите по историските прашања кај членовите на двете страни на Комисијата, која се нарекува Мешовита. Додека помоќната страна не отстапува ниту милиметар, притисокот е врз послабата страна да прифати 30 страници барања или услови од помоќната страна. Нека ми биде простено, ама, сето ова, не ми личи како постапка на зрели луѓе. Заедничка историја, заеднички историски личности, заеднички историски настани, заедничко славење – точно, ама дали се смета заедничка историја и онаа на стрелање Македонци од Бугарска војска и полиција (Ваташа, Кавадарци, Дабнички Завој, Прилеп), ѕверско измачување, сечење делови од телата (Мирче Ацев, Страшо Пинџур), сечење глави на борци за Македонија и играње фудбал со нив (Пецо Крстески Даскалот од селото Долнени, општина Долнени)? Може ли тоа да се избрише од минатото? Може да се каже само да не се повтори. Ништо друго, толку е едноставно!!! И, може соодветниот и да се покае и, барем, да се извини, за страшните злодела направени во определени политички и историски услови! Место, човечки, се соочуваме со политички присилувања (грдо ми е да кажам нечовечки) за отфрлање на некаква непостоечка омраза, за отфрлање на определена терминологија, која за жал, е сосема на место. Па, може ли да се отфрли неколкугодишната соработка со фашистичка Германија за време на Првата светска војна и кому му е тоа од корист? Лично, незнам како се прави тоа, можеби зашто не сум историчар, зашто не сум врвен стручњак по историја. Сепак, сметам дека историчарите, особено врвните, треба да се занимаваат со историја, со историски аргументи и документи, со нивно објаснување и толкување, не со политика. На овој начин изгледа како да се изманипулирани, односно, искористени од определени политичари со амбиции за решавање на историски прашања. Историски прашања не се решаваат со политички амбиции, туку со историски документи и аргументи, никако поинаку. Особено не треба несериозно да им се пристапува на учебниците, зашто преку нив се едуцираат најмладите. Зашто поинаку терминот „образование“ добива значење на термин „манипулирање“ или „индоктринација“. Од друга страна, амбициите на странска држава, односно, на странска власт и странски политичари за менување на содржини во учебниците на друга држава, во крајна линија, е некултурен однос, иако заслужува многу погруба определба.

            На крај, иако високо ги почитувам историчарите, особено оние кои сериозно ѝ пристапуваат на својата определба, сметам дека како политичари „не ги личи“, односно, за нив тоа е загубено време, особено, ако не се ангажирани во политика, со политички функции. Вака, споменатата Историска комисија за решавање политички прашања и несогласувања меѓу двете држави, Македонија и Бугарија, всушност, посодветно е да се нарече Политичка комисија за решавање историски прашања. Верувам дека продолжувањето на овој начин на разговори за историски прашања со амбиции на менување на историски содржини и термини, кои цврсто „легнале“ на своето место во текот на децениите нананзад ќе им дојде преку глава и на други членови на споменатата Комисија, не само на почитуваниот д-р Ванчо Ѓорѓиев, и не само на членови од македонскиот дел на таа Комисија. Всушност, навистина е интересно прашањето дали бугарскиот дел од неа ги признава своите колеги од Македонија како Македонци или некако поинаку и дали не провејува понижувачки однос од едната кон другата страна, како што е горкото чувство од понижувачкиот однос од страна на политичкиот врв на Бугарија кон нас, Македонците, со често, крајно негаторскиот однос, кон нас како Македонци и, воопшто, кон македонските основни вредности.