БУГАРСКАТА ПОЛИТИКА КОН МАКЕДОНИЈА И „ИНТИМНИОТ ПРОСТОР“ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

Еден познаник на возраст над 60 години, цел живот добро ситуиран, со кого во животот не сум проговорил, намерно или ненамерно, во екот на кампањата за последните парламентарни избори,  ми пријде на една маса на која седевме повеќе пријатели и почна да ме убедува дека е добро да се прифати новото име за Македонија, дека така ќе доживееме просперитет како Македонци, дека ништо нема да изгубиме, ќе влеземе во НАТО и Европа и сл. Јас смирено му одвратив дека за таа тема не сакам да разговарам, дека не сакам да учествувам во тоа ниту со збор, а ниту со мисла, дека јас не можам да прифатам таков однос кон личност, кон народ, дека тоа го сметам за најгрубо мешање во правата и слободите на личноста, па дури и како нечесно и нечовечно допирање до туѓите чувства. Тој, сепак, инсистираше на разговор, особено, со намера да ме убеди дека тоа „мораме“ да го прифатиме, тоа го бара од нас Грција, која не смееме да ја „лутиме“ (тогаш беше актуелно прашањето за постигнување на фамозниот договор со овој сосед на Македонија), во тоа ја подржува Европа, Америка и сл. Повторно го повикав да ја оставиме таа тема, но тој, сепак продолжи, па му реков дека тоа за мене е понижување, кое не можам да го прифатам и во ситуација кога не можам да го спречам, јас решив за тоа, барем да не разговарам, како мој личен протест против бескрупулозниот однос, кој ни го наметнуваат како на Македонци, под маската на демократијата, и тоа, на демократска Европа и пошироко, на демократската Меѓународна заедница. „Па, и за мене е понижување, но…“, воскликна мојот соговорник и разговорот заврши.

             „Го оставив“ тој разговор зад мене, без да се занимавам со  него, иако не го заборавив и нема да го заборавам. По подолго време, откако сѐ се случи како што ни е познато на сите, во случаен разговор со познаници и пријатели на мојот „предизборен освестувач“, ненамерно добив информација дека тој бил поставен (не верувам во избран) за директор во една од фирмите со државен капитал!!? И… Што да кажам сега? Повторно нема да коментирам!

            На дамнешниот разговор со познаникот, на извесен начин, ме потсети скорешниот настап на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ на средбата на претседателите на државите од Западен Балкан во Брдо, кај Крањ во Словенија. На извесен начин, тој се обиде да го потсети светот и Балканот дека и ние, Македонците, имаме интима и дека таа е „простор“ во кој не смеат да се мешаат надворешни фактори допирајќи до најчувствителните точки на „душата“. Добар дел од соседите и светот, особено, европските моќни држави го занемарија тој факт и, речиси, секојдневно се занимаваа со „македонската душа“ бодејќи длабоко во неа со остри стрели на негација на идентитет, чувство, мисла, лично право и сл. занемарувајќи ја и Универзалната  Декларацијата за човекови права на ООН и сите други декларации и резолуции за слободите и правата на личноста во чија формулација и самите учествувале. А што би била личноста доколку нема своја интима, право на слобода и мисла, право на самоопределување и право на соспственост над својата душа и она што е во неа? Нас, Македонците, не доведоа до сотојба, односно, нѐ убедуваат и присилуваат,  да заборавиме што сме, кои сме и кои сакаме да бидеме, сметајќи дека самите не знаеме, односно, тоа го криеме во нашата интима, зашто тие „се во неа и знаат што криеме во неа“???! Па, така, под присила (или, барем со силен меѓународен ангажман) не доведоа до состојба на индолентност и летаргија, која некои ја толкуваат како слабост, неотпорност, неодлучност, неединство, па дури и како недоволна национална свест!!? Па, зарем неколку негативно наострени соседни држави, па и внатрешни играчи на моќни надворешни фактори, подржани од добар дел од меѓународната заедница, односно, моќни функционери од светската елита не се голем противник на една држава каква што е Македонија и на еден народ каков што е македонскиот? Не присилија на менување симболи, име, не присилуваат да се преслушаме во врска со нашиот идентитет, да се откажеме од мајчиниот јазик, да признаеме од кого е, чиј е и слично – крајно понижувачки, бескрупулозно, крајно навредливо, просто да се запраша обичниот човек дали овие „силеџии“ од политичари заслужуваат да им се обратиш или да им реплицираш. Нашиот јазик е од нашата мајка, како и вашиот од вашата, зарем тоа не е доволно? Токму поради тоа, можеби индолентноста и, летаргичноста се вистинска реакција на недоветниот однос, кој ни е наметнат.

            Хрватскиот претседател, верувам, чувствувајќи се и самиот повреден од неизмерната груботија и бесрамност при туѓото „копањето“  по „интимата“ на Македонците, од страна на лидерите на соседна Бугарија, реши да не премолчи, па го изнесе своето мислење и став дека тоа не треба да се дозволи во демократска Европа и изјави дека и самиот ќе застане во одбрана, односно, дека тоа е „нешто што не се прави“, мислејќи на “влегувањето во туѓо“ и мешањето во „интимниот простор“ на друг народ, друга држава и сл. Замислете, ако Европа прифати такво правило, секој од соседите во Европската заедница да има право да му „чепка“ по интимата на соседот! До каде би отишла работата?  

            Во Бугарија се вознемирија духовите од споменатиот настап на хрватскиот претседател, па го повикаа хрватскиот амбасадор во земјата да му го пренесат несложувањето со таквата реторика. Иако, неговата сугестија се однесуваше на елементарни човечки вредности, кои во однос на Македонците се преку мерка занемарени. До каде може да оди тоа, кога веќе се разговара за содржини во учебниците, за ставови на медиуми, здруженија, интелектуалци и други поединци и за притисок за „дисциплинирање“ на „непослушните“, а тоада биде направено според ставовите и волјата на друг, зашто самите не сме способни правилно да расудуваме, не знаме кои сме, што сме, не знаеме чиј е јазикот на кој зборуваме, не знамеме како се вика тој, не знамеме кои се историските личности од нашиот простор и кому му припаѓаат тие, не знаеме што е наша историја и култура и слично, па тоа треба да ни гонаправат надворешни фактори, добронамерни соседи, кои треба да ги подржи доборнамерна Европа и добронамерниот дел од Меѓународната заедница!!?. Зарем тоа не е бескрупулозна навреда и понижување, кое не му личи на добронамерник?

            Токму во тој контекст го зедов за пример мојот дамнешен соговорник и пропагатор за прифаќање на „новата нормалност“, кој во разговорот, сепак, призна дека се чувствува понижен со таквите постапки кон нас, Македонците, како што се чувствувам и јас и, верувам, секој Македонец со човечко чувство во себе, како и секој друг до кого допира оваа „нова македонска нормалност“. Тоа јавно и храбро го покажа и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и ние, Македонците, треба да му благодариме, зашто упати на тоа дека имаме и чувства, покрај другото, а имаме и право на свој „интимен простор“, како што имаат и другите и дека не треба да се дозволи во демократскиот свет на Европа друг да ни го прекројува тој простор. Верувам дека таков „интимен простор“ имаат и Бугарите, па дури и нивните политичари.

            Милановиќ истакна и тоа дека слично размислуваат многумина од политичката и дипломатската јавност на Балканот во Европа и светот, и тоа го „коментираат“ надвор од официјалните сали, по ходниците, но немаат  храброст да настапат јавно со таа реторика и да ја изнесат вистината на видело. Дали таа реторика не е токму таа која треба да се применува, која е реторика со човечка димензија, реторика со човечко чувство и добронамерност спрема другиот? А каква е реториката која се користи во официјалната политика ако не е човечка, тоа е прашање кое сите треба да не вознемири.