МАКЕДОНИЈА И КРИТСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА – ЕТНОГРАФСКИ, МИТОЛОШКИ, ИСТОРИСКИ И КУЛТУРНИ ВРСКИ

Старите цивилизации отсекогаш го привлекувале вниманието на човештвото и, уште повеќе, го предизвикувале на потрага по нивните скриени тајни и богатство. Всушност, освен богатството, човештвото го привлекувале и тајните на нивниот развој, структурата на нивната организација и нивниот систем, нивната моќ, културата со високи естетски вредности, како и начинот на комуникација и писменоста. Нивното откривање и проучување често се користи за постигнување на своевиден престиж на определени општества и држави, присвојувајќи си лични врски, права на присвојување на тие цивилизации и цивилизациски вреднсти, па дури и права за наметнување надмоќ над другите општества и држави, како „привилегија“ за определен развој на целокупното човештво, иако би било најобјективно сите тие цивилизации да се сметаат како жаришта на општиот развој на човештовото. Ова, особено, поради фактот што, читајќи ги откриените сознанија за овие цивилизации, се добива впечаток дека во нивното создавање и развој се испреплетени голем број разновидни етнички групи, кои биле присутни на географскиот простор и неговото опкружување во соодветните периоди и, особено, е тешко да се разоткрие и осознае целосен континуитет на некој денешен етнички идентитет. Затоа, секој ваков обид за „присвојување“ поткрепен со поширока меѓународна подршка добива димензии на своевидно наметнување моќ на една нација над другите, дотаму што некои народи и етнички групи се поставуваат во незавидна положба на потиснување, па дури и обиди за истиснување од „регистарот“ на етнички идентитети, народи и национални ентитети. Ова, особено, се случува на Балканот каде, веќе со векови, сѐ до денес, се активни силни пропаганди за присвојување на определени културни и историски вредности, за асимилација на определени национални идентитети и зголемување на сопствената моќ на сметка на соседни народи и националности. Македонија како држава и Македонците како народ се, можеби, најдобар пример за тоа, бидејќи се постојано изложени на такви пропаганди, крајно негирани, грубо присвојувани, репресирани, прогонувани и уништувани, токму од позиција на покажување на „сопственост“ над определени културни и историски вредности од минатото и ставање на „сопствен“ белег над таквите вредности.

          Од друга страна, следејќи ги сознанијата за цивилизацискиот развој во Медитеранот, во чиј културен круг спаѓа и Балканот, а во чиј центар е, токму, Македонија, простор кој е постојано населен од подлабоката праисторија до денес, со голем број културни и политички падови во различните периоди, може да се констатира дека е исклучително тешко, посебните културни и цивилизациски проблесоци да им се припишат на кој било народ од соодветниот простор. Доколку внимателно се проследат митолошките, историските, археолошките, етнолошките, етнографските и антрополошките сознанија, како и онтолошките етимолошките и јазичните сознанија, ќе се добие појасен впечаток во врска со штетноста од какво било „присвојување“ од страна на некоја етничка заедница, група или посебен народ. Испреплетените врски меѓу тогашните етнички групи, племиња и заедници со помал или поголем развој, ќе се забележат или, барем, ќе се насетат длабоките меѓусебни врски, не само од културен, туку и од етничко-биолошки карактер.       

КРИТСКО-МИНОЈСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА

          Една од најстарите цивилизации во Медитеранот се развила на островот Крит, која својот развој го започнала на почетокот на бронзениот период и траела, речиси, до следниот, железен период. Според митологијата, која е дел од културата на самата критска цивилизација, првиот крал на Крит бил Астерион, кој ја зел за жена Европа откако таа ги родила со Ѕевс тројцата синови Мин (Минос), Радамант и Сарпедон. Кралот Астерион немал деца во бракот со Европа, па ги посвоил тројцата нејзини синови, кои ги имала со Ѕевс.1

 

          Најстарите митолошки преданија асоцираат врски на Крит со стариот Египет. Имено, токму оттаму потекнува таткото на Европа, Агенор, кој се преселил во Канаанската земја и таму, со Телефаса или Агриопа, ги изродил неговите деца Кадмо, Фојник,

Остатоци од градот Гортина

Килик, Тас, Финиј и Европа. Во Европа се заљубил Ѕевс и сакајќи да ја обљуби се претворил во убав бик и на тој начин успеал да ја заведе. Имено, таа почнала да си игра со бикот, кој бил многу кроток, па дури го јавнала. Бикот, односно Ѕевс запливал во водата и додека Европа да се освести допливал до Крит, кај Гортина. Тука, претворен во орел, Ѕевс ја обљубил Европа и таа му ги родила тројцата синови, Минос, Радамант и Сарпедон.2 Можеби овде треба да се додаде и преданието, кое го запишал Херодот од Египтјаните, кои раскажувале дека првиот владател на Египет се викал Мин, слично на најпознатиот крал на Крит, Мин3 (Минос или Миној) и дека тој прв ископал насипи околу градот Мемфис.4

Остатоци од градот Фест

             Со ваквите генеолошки карактеристики на критската цивилизација се занимаваат и голем број археолози, историчари и научници од другите области. Културните и етнографските врски на жителите на стариот Крит се испреплетени со етнички заедници од целиот Медитеран, како од Балканот, така и од Мала Азија. Според Диодор, првите жители, староседелци на крит биле Етеокритјани. „Значи, првите жители на островот биле т.н. Етеокрити, кои се сметаат за автохтони, како што веќе споменавме погоре. Многу генерации подоцна, на Крит пристигнаа Пелазгите, кои скитаа во непрестајни кампањи и миграции и окупираа дел од островот. Третото племе што пристигнало на Крит биле Доријците, предводени од Тектам, син на Дор. За повеќето од овие луѓе се вели дека се собрале од околината на Олимп, но некои биле Ахајци кои живееле во Лаконија, бидејќи Дор тргнал во поход од местата близу Малеа. Четвртиот народ, кој се преселил на Крит, бил мешавина од варвари, кои со текот на времето се споредувале со тамошниот јазик на Хелените. Последователно, Минос и Радамант, кои ја презедоа власта, ги обединија племињата што живееле на островот во една единствена целина.5

Претстава на Мин и Пасифаја

          Значи, по најстарите жители Етеокритјани, „многу генерации подоцна“, на Крит се доселиле Пелазги, кои се сметаат за едно од најстарите племиња на Балканот, потоа дошле Дорци, предводени од нивниот водач Тектам, син на Дор, а на крај се доселиле „мешавина од варвари“.6 Сите нив, ги обединиле легендарните кралеви на Крит, Мин и Радамант, кои ја подигнале критската цивилизација. Значи, самата критска цивилизција е дело на „мешавина“ од етнички групи, чии делови се среќаваат пошироко на Балканот и на целиот Медитеран. Ако Пелазгите се едно од најстарите племиња на Балканот, Дорците се сметат за доселеници на Балканот, кои често се селеле на разни места на полуостровот. Херодот за Дорци ги смета Лакедемонците, „кои се познати по своите скитања и патувања“, за разлика од Атињаните, кои се од „јонско потекло“ и „водат потекло од Пелазгите“.7 Интересно е што Херодот наведува дека за Време на Девкалион, Лакедемонците живееле во Фтиотида, а за време на Дор, синот на Хелен во земјата под Оса и Олимп, наречена Хистијеотида. „Кога ги протераа Кадмејците, се населиле во областа на Пинд, под името Македонци.8 Во следниот период се селат во областа Дриопида, а оттаму на Пелопонез каде го добиле името Дорци.9

          Интересен е еден податок, кој се совпаѓа кај двајцата стари автори, Херодот и Диодор. Имено, кај Диодор е наведено дека Дорците, кои дошле на Крит се собрале од околината на планината Олимп10 каде, и според Херодот живееле во времето на нивниот водач Дор.11 Токму од Олимп, од неговата северна страна, живееле и Македонците и имале свои храмови во градот Дион, кој се наоѓал во самото подножје на оваа света планина, седиште на главните богови, според старата митолгија. Посебно, на размисла поттикнува и споменувањето на Пелазгите како доселеници на Крит, кои во некој постар период го населувале поширокиот простор на Балканот, а историчарите и археолозите, кои се занимаваат со нивното потекло, го поврзуваат со името на Пелагонците,  кое „не може да се оддли“ од името на Пелазгите.12

Планината Ида на Крит каде била пештерата во која е одгледан Ѕевс

          Според Херодот, под власта на Миној се наоѓале и Карците, кои во постарите времиња се нарекувале Лелези. Со нив ги поврзува и Лидијците и Мизите, бидејќи „Лид и Миз биле браќа на Кар“.13 За Ликијците, пак, тврди дека се по потекло од Крит и дека во времето кога Мин ја презел власта, односно станал крал на Крит, откако победил во борбата за власт со својот брат Сарпедон, го протерал својот брат од островот, а Сарпедон заминал во областа Милијада, во која подоцна живееле Ликијците.14

          Сите погореспоменати етнички заедници, имаат јазични и културни врски со Бригијците кои, пак, ги среќаваме на многу поширок простор од мала Азија, па се до северниот дел на Италија. Нивното присуство, особено е потврдено на етничкиот простор на Македонците каде живееле до почетокот на железниот период како Бригијци, а како Фиригијци ги среќаваме во Мала Азија15 каде имале и кралство Фригија. Блискоста на Фригијците со Македонците, исто така, е потврдена, особено со јазикот кој го зборувале двата етникума, како и со многу други културни особини.16

Од ликовната уметност на Кнос

          Според некои автори, името на најпознатиот крал, Мин, всушност, претставува своевидна титула на кралеви на Крит кои ја изградиле и развиле оваа цивилизација. Според старите автори, Минос го поделил Крит на три дела и изградил многу градови.  „…основајќи на него многу градови, од кои најпознати се три – Кносос, во оној дел на островот кој се соочува со Азија, Фаест, кој се наоѓа на југ од морето и Кидонија на запад, спроти Пелопонез. Минос, исто така, им дал на Критјаните многу закони, објавувајќи дека, наводно, ги добил од неговиот татко Зевс, состанувајќи се со него на разговори во некоја пештера. Тој исто така создал голема морнарица, ги покорил повеќето острови и бил првиот од Хелените кој воспоставил доминација на море.17

          За тоа дека Минос создал силна морнарица со која го контролирал морето и воспоставил доминација на островите пишуваат повеќе стари автори.18 Сепак, историски податоци за тоа време, односно бронзениот период во кој се развила критската цивилизација со главен дворец во Кнос (Кносос), не постојат. За неа сознанијата се, главно, од археолошките истражувања, кои прв ги направи англичанецот Артур Еванс следејќи ги митолошките преданија за оваа цивилизација, односно, преданијата за кралот Мин и неговите браќа, за дворецот во Кнос, за познатиот лавиринт со бикот на кого му се жртвувале по седум млади момчиња и девојки на секои девет години19 и сл. Откривањето на палатата во Кносос и, воопшто, на Критско-минојската цивилизација е направена со ископувањата, кои ги реализирал Артур Еванс, во периодот од 1900 до 1907 година. Оттогаш до денес оваа стара цивилизација е постојано ги возбудува научниците од целиот свет, кои се обидуваат да утврдат кој ја создал, на кој јазик се зборувало во неа и чие е писмото кое се среќава на големиот број глинени плочки и на други споменици. Всушност, кога се работи за писменоста на Крит, научниците препознаваат три периоди на писменост. Во најстариот период се користело хиероглифско писмо, а потоа следеле уште два вида писменост, кои се дефинирани како линеарно А и линеарно Б писма. Линеарното А писмо се користело во постариот период на Крит, од 1700 до 1450 година, додека линеарното Б писмо следело во периодот по него. Линеарното Б писмо е во голема мерка дешифрирано, линеарното А писмо, се уште е непознато, односно, не е дешифрирано и не е познато на кој јазик било пишувано. Во поново време се појавуваат извесни истражувачи и научници, кои тврдат дека успеваат да го дешифрираат ова писмо користејќи некој од словенските јазици и сметаат дека културата на Крит е поврзана со прастарите Словени. Оваа теорија ја застапуваат повеќе современи истражувачи, меѓу кои италијанскиот физичар и лингвист Џанкарло Томецоли Тицијани, рускиот истражувач Анатолиј Казељски и други, а повеќето научници од официјалната наука се сложуваат дека линеарното А писмо и јазикот на кој е пишувано, се нехеленски.

Од Критското писмо

          Кога сме кај писмото, меѓу големиот број експонати со писмени знаци, посебно место има познатиот диск од градот Фест на Крит, кој е пронајден 1908 година, но до денес не е дешифрирана содржината која е претставена на него. Тој е изработен од керамика со дијаметар од околу 15 sm, на кој се среќаваат разновидни симболи и писмени знаци за кои до денес не се знае каква содржина кријат. За него се изнесуваат, дури, и сомнежи дека не е од Крит, туку можеби од Мала Азија, како и тоа дека претставувал „играчка“ и сл. Во 2014 година беше објавено дека конечно е дешифрирана содржината на споменатиот диск од страна на Гарет Овенс, кој во соработка со професорот по фонетика на универзитетот во Оксфорд, Џон Коулмен успеал да дешифрира неколку збора. Веста беше објавена од Huffington Post, а беше пренесена од повеќе медиуми во Македонија.20

Дискот од Фест

          Разгледувајќи ги симболите и писмените знаци на овој диск, нашето скромно истражувачко искуство, особено она поврзано писменоста, ни дава да изнесеме само едно наше забележување. Имено, на споменатиот диск од Фест, се среќава еден кружен симбол оформен со точки, и тоа 6 во круг, а една во средината на кругот. Овој симбол е употребен, дури, 15 пати на дискот, а нашето забележување се однесува на тоа дека сме документирале многу сличен симбол, најмалку, на две места на локалитетот Маркови Кули кај Прилеп, изработен на карпа, на две различни места на ридот.21 Тешко е да се изнесе било каква констатација за културно поврзување на овие симболи со дискот од Фест, но сличноста е очигледна. Втората наша забелешка е поврзана со симболот на дискот, кој е употребен повеќе пати, а претставува човечка глава со перјаница. Имено, старите автори пишуваат дека една од најстарите етнички заедници, која е поврзана со Крит се Карците, а за нив се додава дека први започнале да поставуваат перјаници на шлемовите.22

Два симболи – круг со точки и глава со перјаница од дискот од Фест

      

Симбол од Маркови Кули кај Прилеп 1

   Античките автори изнесуваат слични информации за старата култура на Крит, особено за кралот Мин, а некои од нив пренесуваат поопширни информации за нивната религија и божествата. Интересно е што Критјаните, особено, верувале во Големата Мајка, го славеле Ѕевс, како и Дионис и тоа го правеле на ист начин како и Бригијците.23 Сето ова многу потсетува на пишувањето на античкиот трагичар Еврипид во неговата трагедија „Бакхи“, која ја пишувал на македонскиот двор во времето на кралот Архелај.24 Овде, особено, мислиме на неговиот опис за славењето на Дионис, кое Македонците го изведувале на особен начин, многу посветено и со нагласени чувства и енергија.

Симбол од Маркови Кули кај Прилеп 2

          Според старите автори, кои се служат со информации од митолошките преданија, Мин изградил дворец во Кносос (Кнос), а изградил и други градови на островот, меѓу кои и Фест, Кидонија, и др.25  Страбон пишува дека „во старо време“ Кнос се нарекувал Кајратос, исто како и реката што поминувала во негова близина.26 Тој, исто така, пишува дека Мин бил создател на закони и прв воспоставил власт над морето. Цитирајќи извесен постар автор Ефор, Страбон додава дека во воспоставувањето на законодавството бил следбеник на некој далечен предок, кој го носел истото име како и брат му на Мин, Радамант, кој бил многу праведен и успеал да воспостави ред и да ги обедини градовите на Крит.27 Името на кралот Мин во врска со создавањето на систем од закони на кои се темелело критското општество се споменува и кај други антички автори. Според преданието, Мин на секои девет години одел во пештерата на Ѕевс и таму од него примените закони им ги пренесувал на Критјаните. Според поинакви верзии на преданието, истото прво го правел неговиот брат Радамант, кој на тој начин воспоставувал закони на Крит и околните острови, а подоцна тоа продолжил да го прави Мин (Минос). Поради законољубивоста и праведноста со која биле обдарени Радамант и Мин, по смртта, од Ѕевс биле поставени на соодветно место, односно, биле судии на мртвите, заедно со Ајак.28

Глава на бик од Кнос

          Од овие преданија дознаваме и за приказната за создавањето на најпознатиот дворец на Крит, во градот Кнос, односно за создавањето на кралската палата на Мин, која била дело на митолошкиот градител и изумител Дедал,29 располагала со повеќе од 1300 одаи, кои биле поврзани една со друга и дворецот претставувал вистински лавиринт со кој е поврзана и приказната за минотаурот на кого секоја година му биле жртвувани по 7 млади момчиња и седум девојки.30 Мин имал двајца синови, Девкалион и Мол. Син на Девкалион бил Идоменеј, а на Мол Мерион.31 Двајцата братучеди, Идоменеј и Мерион учествувале во војната за градот Троја во Мала Азија и се меѓу главните јунаци на страната на Ахајците. Тие се споменуваат во десетици стихови во Хомеровата Илијада.32 Идоменеј е претставен како „кралот“, водач на Критјаните и како „копјаник славен“, а неговиот братучед и другар во бојот, Мерион, Хомер го споредува со богот на војната, Енијалиј (Арес).33 Освен тоа, во Илијада се споменуваат и повеќе критски градови, како Кнос, Гортина, Ликт, Милет, Ликаст, Ритиј и Фест, опишувајќи ги со посебни епитети. Кнос и Гортина ги нарекува градови „со многу ѕидови“, Ликаст го опишува како „бел град“, Ритиј и Фест как градови во кои „се живее згодно“.34 Хомер изнесува и податок дека Критјаните на Троја дошле со 80 бродови.35

„Критјаните ги водеше кралот Идоменеј, копјаникот славен,

Кои беа од Кнос, Гортина со многу ѕидови,

Кои од Ликт, Милет, Ликаст, белиот град,

И од Ритиј, Фест, градови каде се живее згодно,

И други имаше од Крит, на кој сто градови беа;

Сите нив ги видеше Идоменеј, копјаникот славен.

И на Енијалиј богот човекоморен рамниот Мерион,

Со нив заедно осумдесет вкупно тргнаа бродови.“36

Некои од старите автори пишуваат дека Критјаните на Троја учествувале со 90 бродови.37 Тукидид изнесува дека Крит силно се развил откако Мин успеал да воспостави контрола на морето, односно ги обезбедил бреговите на Крит и островите од разбојници и од ограбување, а тоа им овозможило економски развој и постигнување богатство. Со тоа богатство, некои од градовите изградиле и заштитни ѕидови.38 Тукидид смета дека силната флота на Мин била една од причините за зајакнување на флотата на кралот на Микена, Агамемнон, кои ги водел војските против Троја.39 Од друга страна, Тукидид наведува дека силата на Крит по Тројанската војна почнала да опаѓа.40

Големата мајка од Крит
Божица на змиите од Крит

КРИТЈАНИ ДОАЃААТ ВО МАКЕДОНИЈА

          Пропаѓањето на Критската или Минојската цивилизација се поврзува со силни земјотреси и со освојување од страна на Микенците од Пелопонез. Тоа се поврзува со 1450 година пред нашата ера и подоцна. Во периодот што следи Критјаните, веројатно биле приморани да бараат друго место под сонцето за себе. Следат походи и преселби на повеќе места во Медитеранот. На еден таков поход, кој го водел кралот Мин на Сицилија, тој завршил трагично, односно бил убиен со измама, токму на овој остров.41 Овој поход Мин го организирал во потрага по Дедал, кого сакал да го фати и казни поради една случка со жената на Мин. Имено, таа се вљубила во бикот, кој Мин му го жртвувал на Посејдон, а Дедал измислил начин на кој била исполнета нејзината желба да има однос собикот. Од таа врска се родило чудовиштето познато како Минотаур. Дедал го направил лавиринтот во кој се криел минотаурот. Тоа била и причината поради која митскиот градител морал да бара спас за себе со бегство и избегал на Сицилија кај кралот Кокал.42 Од ова раздвижување на старите жители на Крит, интересни се преселбите кои на просторот на Македонија се случиле во времето од 1400 до 1200 г. п.н.е., веројатно, по неговото освојување од страна на Ахајците, кои биле главните напаѓачи на Троја во десетгодишната војна опишана кај Хомер. Населението од Крит во ова време се преселило на просторот на тогашната област Ематија, во околината на денешниот град Воден. Според историчарите од антиката, првите доселеници од Крит ги предводел нивниот крал Ботон за чие име се поврзува и подоцнежното име на оваа македонска област, Ботиаја.43 Дел од Критјаните заминале на островот Сицилија на чело со легендарниот крал на Крит,  Мин (Минос) кој настрадал во тој поход,44 а неколку века по­доцна и овој дел му се приклучил на своите сонародници во Ботиаја.45 Историските податоци за овие преселби сѐ уште не се доволно истражени и анализирани и има многу непознатици во врска со нив, но трагите од таквите доселувања и влијанија се во голем број. Така, во македонскиот простор се забележани имињата на градовите Идомене, Гортиниј и Европ, од областа Пајонија, кои се пандан на исти такви топоними на Крит.46 Во оваа културна паралела, можеби, треба да се спомене и името Европ, кое е потврдено како име на македонски крал, а такво име носи и еден од првите членови на македонската кралска куќа, кое се споменува во познатата легенда за тројцата браќа, Пердика, Гаван и Европ, запишана од Херодот.47 Слични појави има и на други места, а за науката се познати имињата кои се среќаваат на таблиците напишани со линеарно Б писмо. Тоа се PAI и STABAIA, кои се поврзуваат со имињата на етничката заедница Пајонци и градот Стоби кај Градско.48 На сличен начин се поврзуваат и други топоними од Македонија со топоними од Крит. Така, на пример, на Крит постои река со име Месапос, а во Македонија планина Месапион, каде живеел бизон, а се смета дека се работи за Малешевската Планина, со Осоговската Планина или тоа е име за двете планини заедно.49 Дури и старото име на реката Вардар, Аксиос наоѓа слично име на Крит. Имено, еден од градовите на старата критска цивилизација се викал Аксос.50 Сите овие совпаѓања и сличности со културата на Крит и културата на македонскиот простор, особено на просторот на старата Пајонија, упатуваат на длабоки културни врски и влијанија меѓу критската култура и културата во Македонија. Археолозите и историчарите, следејќи ги историските податоци, како и податоците од митолошките преданија, поврзани со археолошките наоди, сѐ уште не утврдиле, дали се работи за влијание од Крит во Македонија, односно Пајонија, па и Пелагонија и другите македонски области и македонски заедници, или обратно. Влијание од овој простор, односно од културата на заедниците кои ја населувале Македонија кон Крит,51 каде, како што забележавме уште на почетокот на овој материјал, во подигнувањето и развојот на Критско-минојската цивилизација се вмешани разновидни етнички заедници и групи, кои имаат стари врски со Македонија и заедниците кои ја населувале.  

Од палатата во Кнос

     

Од палатата во Кнос 3

    Овие преселби и движења на разновидните етнички заедници и групи, како постарите индоевропски, така и оние што следат во перидот потоа, односно, егејските преселби, влијаеле на животот и културата на просторите во кои се доселувале или во кои престојувале. Тоа го констатираат и научниците од областа на историјата и археологијата. За некои од овие движења на народите од Медитеранот документи се забележани дури ив во Египет, што упатува на нивно присуство дури и на тој простор. Овде, особено, се мисли на времето на Рамзес II, во кое на натпис врежан на вториот портал на храмот во Мединет Хабу, кај Теба.52

Од културата на Крит

          Еден од белезите на културата, кој е документиран на просторот на Македонија е начинот на погребување и погребните ритуали пред таквите движења и потоа. Имено, пред егејските преселби, на просторот на Македонија се забележани погребувања со спалување и ставање на спалените мошти и пепелта во урни, кое е карактеристично за бронзеното време и преодниот период, а во следните периоди се појавува скелетното погребување, во згрчена положсба во гробови од типот циста, потоа тумуларното погребување и сл.53 Оваа промена, особено, се однесува на влијанието од Егејот, на културата на погребување,54 како и промена на формите на накит,55 керамичките садови,56 како и типовите и формите на оружје,57 која е резултат на пропаѓањето на Критската цивилизација, како и следователно, Микенската, на која посебно ќе се осврнеме.

Живопис – бик со акробати од Кнос

       

Палатата во Кнос

  Од нашетопроследување на културата на Пелагонија, Мариово и Прекурид, можеме да истакнеме дека сме се сретналесо голем број локалитети со култура, која била современа на културата на Критската цивилизација, особено локалитети со остатоци од култура од бакарното и бронзеното време, во кое Крит доживеал голем процут. Такви локалитети, од десетиците кои сме ги документирале, ќе споменеме само неколку: „Ридот“, Мажучиште, Прилепско, „Самовилец“, Мраморани, Прилепско, Маркови Кули кај Прилеп, „Палатица“,  Штавица, Прилепско, „Големи Камен“, Лопатица, Прилепско, „Богданова Нива“, Чаниште, Прилепско, „Градиште“ и „Лаштигерот“, Манастир, Прилепско,58 „Кале – Барутница“ – Кутлешево, општина Долнени и многу други. Сите овие локалитети се одликуваат со особена естетика на избраниот простор за населба, како и со богатство од наоди со особен квалитет. Во овој контекст, како можен белег за сличност на културите, ќе ги споменеме и честите наоди на споменици украсени со глава од бик, знаејќи дека бикот е еден од главните симболи познати од Крит, како симбол на плодност и сила, односно симбол на длабока почит и обожување. Таков симбол се среќава на споменици во Варош, кај Прилеп, во манастирот „Успение на Пресвета Богородица – Трескавец“ и на други места.

          Иако можат да се следат голем број културни паралели меѓу двата простори во различни периоди, ценејќи дека нив ги има и во подоцнежните –  класичниот, хеленистичкиот, односно македонскиот и римскиот период, овде ќе забележиме само уште еден историски податок од времето на последниот антички македонски крал Персеј во чие време, во екот на Македонско-римските војни, есента 170 година, градот Ускана (веројатно кај Кичево) го чувале Критјани,59 а во 168 година, по поразот во битката кај Пидна, на патот од Пела за Амфипол го следат 500 Критјани.60      

1 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Београд, 1999, 232, 233.

2 Исто, 158.

3 Херодот, Историја, Книга II, 113.

4 Исто, 153, 154.

5 Диодор,

6 Исто,

7 Херодот, Книга I, 30.

8 Исто, 31.

9 Исто.

10 Диодор,

11 Херодот, Книга I, 30 и 31.

12 Гаврил Кацаров, Пеонија, Издава: Бугарско грографско друштво, Софија 1921, 9.

13 Херодот, Историја, Книга I, 88.

14 Исто, 89.

15 Елеонора Петрова, Бриги,

16 Наде Проева, Студии за античките Македонци,

17 Диодор,

18 Тукидид, Диодор, Страбон и др.

19 Роберт Гревс, Грчки митови, …, 267.

20 Канал 5 ТВ, Time.mk и др.

21 Тренчо Димитриоски, Камени богови, Ризница, Прилеп 2013, 117 – 121 и 157 – 159.

22 Херодот, Историја, Книга I, 88.

23 Страбон, 560 (Овде Страбон цитира стихови од Пиндар, кој пее за славењето на Големата Мајка, како и на Дионис и Ѕевс, а го наведува и Еврипид со неговата трагедија „Бакхи“ и притоа упатува на сличниот начин на славење на овие божества во Крит, како и во Бригија и Лидија).

24 Еврипид, Бакхи (Тренчо Димитриоски, Громот на славата и божественоста – македонски аспекти во трагедите на античкиот писател Еврипид, https://www.pelagon.mk/2019/02/19/)

25 Диодор Сицилиски, Историска библиотека, Петта книга, 78 (1).

26 Страбон, Географија, 566.

27 Исто.

28 Исто.

29 Диодор, цит. дело, LXXVII. (1).

30 Исто.

31 Исто, 79 (4).

32 Хомер, Илијада.

33 Исто, Второ пеење, Ахајските бродови, стихови: 645 – 653.

34 Исто.

35 Исто, стих 653.

36 Хомер, Илијада, Второ пеење, Ахајските бродови, стихови: 645 – 653.

37 Диодор, 79 (4)

38 Тукидид, Пелпонеските војни (Издание на англиски јазик), Книга 1, 6.

39 Исто.

40 Исто.

41 Диодор, 78 (1).

42 Исто, LXXIX. (1).

43 Викторија Соколовска, Етничките носители на Требенишката некропола, Македонија Прима, Охрид 1997, 65.

44 Викторија Соколовска, Етничките носители …, 66.

45 Околината на градот Воден во Егејска Македонија.

46 Викторија Соколовска, Етничките носители …, 66.

47 Херодот, Историја, Книга 2, 279 – 281.

48 Викторија Соколовска, Етничките носители …, 66.

49 Исто, 66, 67.

50 Исто, 67.

51 Исто, 67 – 69.

52 Иван Микулчиќ, Пелагонија у светлости археолошких налаза – од Егејске сеобе до Августа, Археолошко друштво на Југославија – Археолошко друштво – Скопје 1966, 6.

53 Исто, 6 – 12. Драги Митревски, Првите етнички заедници во Македонија според начинот на погребување и погребните обичаи, Цивилизации на почвата на Македонија, Книга 2, МАНУ, Скопје 1995, 57 – 66. Викторија Соколовска, Етничките носители …, 68 – 70.

54 Исто.

55 Исто.

56 Исто.

57 Исто.

58 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2000, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР – КОМ, Прилеп 2002 и Древна Пелагонија I, Ризница, Прилеп 2009.

59 Никола Шелдаров, Виктор Лилчиќ, Кралевите на античка Македонија и нивните монети во Република Македонија, Македонска цивилизација, Скопје 1994, 106.

60 Исто, 109.