ОСТАТОЦИ ОД СТАР МАНАСТИР НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ЦРКВИШТЕ“ НА ПАТОТ КОН МАНАСТИРОТ ТРЕСКАВЕЦ

Една од патеките кон манастирот „Трескавец“ („Успение на Пресвета Богородица“) кај Прилеп, кој се наоѓа под врвот Златоврв на планината Бабуна, на околу 8 km северoзападно од градот, минува од десната страна на ридот Маркови Кули, па по левата страна на ридот Зеленик и продолжува низ планината кон врвот.  На околу 2 км пред манастирот се наоѓа поголема рамнина опкружена со карпи позната како „Црквиште“. До овој локалитет, кој располага со чешма, се доаѓа преку една стрмна карпа–плоча („Плочата“), денес обезбедена со метални колја и сајла за искачување. Локалитетот претставува голема зелена тераса, со површина од околу 1 ha, која делумно е зафатена со лескова шума, делумно со карпи, а поголем дел е површина под трева. Терасата е опкружена со стрмни карпи, кои од југ, југоисток и запад паѓаат стрмно кон Заградско Поле, а од север високо и грамадно ја надвишуваат рамната површина. Просторот е отворен само во правец на манастирот „Трескавец“ кон северозапад. Местото е познато како „Црквиште“ поради остатоците од стари градби кои се наоѓаат на некои делови од земната површина, како и на некои од карпите кои создаваат впечатлива естетика на локалитетот. Вниманието, посебно, го привлекува една голема карпа на почетокот на рамнината која е прошарана со темни линии и некои природни ниши од јужната страна, а на нејзиниот горен дел се забележуваат остатоци од стар полукружно оформен ѕид од керамика, камен и малтер, добро прилепен за карпата. Под карпата на поголема површина повторно се забележуваат остатоци од ѕид и купишта растурени камења.

ПРЕДАНИЕ

Според старо предание на ова место најпрво започнала градбата на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ – „Трескавец“, но мистериозна сила ја рушела преку ноќта и ги прнесувала алатите на денешното место на манастирот. Ваквото мистериозно случување ги натерало мајсторите и ктиторите да го направат манастирот на местото каде што се наоѓа денес, односно, горе под Златоврв. Остатоците кои денес се присутни на местото наречено „Црквиште“, сепак, покажуваат дека на овој простор извесно време егзистирале повеќе градби. На горниот дел од рамнината покрај карпестиот рид кој се издигнува над неа има остатоци од некои градби градени со грубо обработени камени блокови. Ако се имаат предвид некои податоци од повелбите на цар Душан најдени во манастирот на Трескавец дека во околината на овој манастир во негово време егзистирале повеќе други цркви2 може да се претпостави дека на овој простор егзистирала една од нив, но тоа засега не е потврдено. Содржината на преданието, веројатно, укажува на извесни настани и случувања во некое далечно време, во времето на изградбата на црква на „Трескавец“, односно, за извесни случувања меѓу тогашните жители, можеби во врска со некакво несложување околу местото на изградбата на црквата или уште поверојатно, пренесување на имотот на овој манастир на друг субјект во некое време на воено и политичко превирање и негово запустување.

„Црквиште“ од југ

КОМПЛЕКС ОД ГРАДБИ СО ПОГОЛЕМА ЦРКВА ВО ЦЕНТРАЛНИОТ ДЕЛ

Бројните денешни урнатини од голем број градби, расположени на повеќе од 500 м2 упатуваат на извесна култура со посебно значење во некое минато време, особено во средниот век, кога на овој локалитет се развила жива христијанска активност, комбинирана со извесна стопанска дејност која на жителите на местото им обезбедувала да преживеат и да градат. Најинтересен и највпечатлив е остатокот од градба на карпата со топчеста карпа, која ја споменавме погоре. Овој остаток од стар ѕид претставува поголема полукружна форма од извесна значајна градба, веројатно црква. Всушност, тој упатува на фактот дека градбата на која и припаѓал имала централно место во комплексот од повеќе други градби, кои биле расположени околу карпата, како и на поширокиот простор. Интересен е моментот што овој полукружен дел од градбата, кој бил комбиниран од неколку материјали – камен, керамички цигли, фрагменти од тегули и малтер цврсто прилепен на карпата – на нејзиниот југоисточен раб, веројатно бил апсида на позамашна црковна градба, која продолжувала на горната хоризонтална површина на карпата и на празниот простор од нејзината западна страна, каде се забележуваат остатоци од дебели ѕидишта скриени во лесковата шума. Токму во тој дел и денес можат да се забележат повеќе ѕидишта кои преградувале, 4-5 засебни простории, како и извесни оградни ѕидови и слични остатоци.

Карпата со остаток од градба на врвот

Од јужната страна на карпата со полукружниот ѕид била оформена поголема терасеста форма од околу 100 m2, која била подѕидана со ѕид со полукружна форма од големи камени блокови, целосно или делумно обработени. Крај самата карпа, како од јужната, така и од западната страна се среќаваат купишта од градежен камен, веројатно од градбата на црквата од врвот на карпата, како и од извесни придружни градби. Освен каменот се среќаваат и фрагменти од тегули, како и ретки фрагменти од керамички садови со различна големина. Сето тоа укажува на престојот на луѓе на овој локалитет во некој од средните векови. Дека се работи за локалитет кој подолго време во минатото бил населен, посетуван и експлоатиран укажуваат и бројните фрагменти од керамички предмети – главно тегули, имбрекси и керамички садови, кои се среќаваат во пошироката околина, особено по стрмениот терен, јужно и југоисточно од „Црквиште“.

КАРПА СО ОСТАТОК ОД ЖИВОПИС

На остатоците на црковната градба и во нејзината околина тешко е да се забележат остатоци од живопис, но не треба да се исклучува дека црквата, која денес е во крајно руинирана ссотојба поседувала и такви содржини. Остатоци од живопис се среќаваат на една карпа на педесетина метри западно од комплексот со црквата, во една ниша на нејзиниот источен профил. Оваа карпа претставува интересна природна форма на купола, гледано од исток и ли запад и со неколку помали и поголеми природни ниши на источниот профил. Живопис бил изработен во една од најголемите ниши со приближно правоаголна форма, со стреа на горниот дел. Нишата е висока повеќе од 2 m и нема основа, туку влегува во делот од карпата кој е под земјата. Живописот бил изработен на повисокиот дел од нишата, кој е со јајцевидна форма. За жал, среќаваме само остаток од сликата на малтер при врвот, од кој нема можност да се идентификува кој од светците бил насликан. Сепак, може да се забележи остаток од делот на ореолот, што ни дава да знаење дека се работи за претстава на извесен светец.

Профилот на карпата со живописот

Малку подалеку од комплексот од градби и црква, на околу 50 м северно од него се наоѓа уште една градба од камен со правоаголна форма од која и денес останале два влезови од југ и од запад со надвратници од големи камени плочи долги по околу 2 m. Во продолжение на оваа градба од западната страна се среќаваат уште две простории, помала и поголема, сите прилепени една до друга. Главната градба била долга околу 8, а широка околу 4,5 m. Во продолѓение кон запад, до првата градба била прилепена уште една градба со должина околу 5 m, а од неа продолжувала уште една помала градба.

Нишата со живописот – зачуваниот дел

КАКО СЕ ВИКАЛ МАНАСТИРОТ

Како се викал манастирот, односно, кој светец бил негов патрон тешко е да се каже. До ова сознание малку не доближуват Грамотите на царот Стефан Душан издадени за манастирот „Успение на Пресвета Богородица – Трескавец“ кои потекнуваат од 14 век, односно од 1334 до 1345 година.1 Во нив се наведуваат места блиски до локалитетот „Црквиште“ и цркви со конкретни имиња на светците на кои биле посветени. Особено интересен е описот на црквата „Св. Тодор“, која е наведена како метох,2 кој располагал со луѓе, лозја и други имоти, која му била доделена на манастирот „Трескавец“ и при описот се споменуваат повеќе цркви, како „Св. Петка“, „Св. Врачи“, Барова црква, како и повеќе места кои се од околината на „Црквиште“, како „Наковална„, „Стара Вина“, „Преслоп“, „Песји Брод“ (Песјо Брдце“), и др.3 Исто така, се споменува и граница со атарот на селото Дабница, како и пат, кој води кон „Трескавец“ токму во рамките на имотот на метохот „Св. Теодори“.4 Сето ова ни дава за право да претпоставиме дека на локалитетот „Црквиште“ се наоѓал манастир со црква која носела едно од имињата наведени во Грамотите на царот Душан. Дали токму на „Црквиште“ се наоѓал манастир кој располагал со поголем имот од неговата околина, кој за време на цар Душан му бил доделен на „Трескавец“, а во периодот што следел се случило неговото запустување и пренесување на материјал за градба во денешниот манастир под „Златоврв“, можеме само да претпоставуваме. Сепак, размислувајќи на овој начин се доближуваме до погоренаведеното предание за недовршениот манастир од „Црквиште“ и изградбата на манастирот „Трескавец“.    

Карпата со остаток од градба на врвот 3

          Меѓу другото, во контекст на наведените лозја на некогашниот метох „Св. Теодор“ ќе го споменеме фактот, што во пониските делови во подножјето на ридот, односно на рабод на Заградско Поле, се наоѓат голем број објекти за гмечење на грозје – винарници во камен,5 а еден таков објект има и во повисоките делови, во близина на веќе споменатото место „Наковална“ од левата страна на патот. Во близина има и чешма чија вода се сметала за лековита уште во постарите времиња, а Марко Цепенков неа ја споменува како Неделска Вода.6

 1 Лидија Славева – Владимир Мошин, Грамотите на Стефан Душан и манастирот Трескавец, Споменици за среновековната и поновата историја на Македонија, том IV, Архив на Македонија, Скопје 1981, 53 – 214.

2 Исто, 79.

3 Исто, 53 – 214 , особено 79, 80.

4 Исто. Илија Велев, Преглед на средновековните цркви и манастири во Македонија, Наша Книга, Скопје 1990..

5 Александар Миткоски, Стари винарници од прилепскиот крај, Македонско наследство, бр. 6, 1998 г.

6 Марко Цепенков, Македонски народни приказни, книга 5, стр. 197. Меѓу другото, Мар­ко Це­пен­ков раскажува дека на оваа чешма која се наоѓа на северниот раб на рамнината на Заград, го донесол и својот син Спасе кој имал треска цела година и дека на тој начин го излекувал.

ОД АМБИЕНТОТ НА „ЦРКВИШТЕ“

КАРПАТА СО ЖИВОПИС