КУЛТНА КАРПА „ОСОЈНИЦА“ – МАРКОВИ КУЛИ, ПРИЛЕП

Локалитетот Маркови Кули кај Прилеп по многу културни вредности кои ги поседува е единствен на поширокиот простор. Основната специфика е неговиот природен изглед и геоморфолошката естетика, но него го красат и голем број објекти и содржини, кои не ќе можете да ги сретнете на друго место. Најфасцинантните природни форми од карпестата површина на локалитетот се надополнети со специфични културни содржини, направени со врежување, боење или оформување на посебни делови од ваквите објекти. Различни такви објекти потекнуваат од различни периоди но, секако, без соодветно стручно истражување, тешко е да се изврши датирање. Сепак, извесни елементи и содржини од самите објекти и нивната непосредна околина сугерираат на времето од кое потекнуваат и намената за која биле користени, односно, третманот кој го имале од страна на жителите од соодветната населба.

Култната карпа со форма на фригиска капа од југоисток

На локалитетот Маркови Кули можат да се набројуваат и анализираат голем број природни фасцинантни форми со траги од извесно културно третирање, односно културен однос на човекот како објекти од посебен карактер. Може да се прави и нивна класификација според формата и според начинот на изработка на разновидните форми и симболи. Овде ќе претставиме една интересна карпеста форма пред која бил изработен мал сад со врежување во карпестиот простор пред главниот објект. Самата карпа има интересна форма, особено од јужната и северната страна. Гледана од југ зафаќа чудна форма, која потсетува на познатата фригиска капа, а од југоисточната страна таа располага со голема кружна ниша со пречник од околу 1 m, чија внатрешна површина е исполнета со разновидни природни длабнатини во форма на мали ниши со што потсетува на саќе од пчели или слични инсекти. Токму од таа страна со големата ниша, на подножјето на споменатиот објект, на растојание од 1,5 m била изработена мала кружна јама (сад) со пречник од 12 sm и длабочина од 0, 6 sm, како своевиден реципиент за течни или зрнести жртви. Особено паѓа во очи односот меѓу големата ниша и малата кружна јама на хоризонтална површина, кои се поставени сразмерно една на друга.

Поглед на поширокиот простор со култната карпа од југоисток

Карпата, која е предмет на анализа, како објект со култни белези, се наоѓа на јужната страна од една закосена карпеста површина од околу 20 м2, а до неа има уште една помала карпа потпрена на првата. На северозападната страна, карпата во форма на фригиска капа има и траги од каналесто обработени форми, кои биле дел од извесна конструкција. Височината на главната карпа изнесува околу 2,5 m, а ширината околу 3 m. Карпата која овде ја анализираме е поставена, приближно во насока исток – запад, при што големата кружна ниша гледа кон исток, а остриот дел од „фригиската капа“ кон запад. Задната страна на карпата, северозападниот нејзин профил е со вертикална површина наткрилен со дел од карпата во вид на стреа на највиоскиот дел.

Култната карпа со форма на фригиска капа од југ

Култната карпа се наоѓа на работ на една поголема зарамнета тераса со површина од околу 200 m2 на која се среќаваат и други карпи, главно со траги од конструктивна примена. Во непосредната околина на карпата се среќаваат нагласен број фрагменти од керамички садови со разновидна големина од повеќе периоди. Според нашите првични согледувања, се работи за културни остатоци од македонско-римскиот период, како и од доцната антика и средниот век. Такви фрагменти, како и извесни фрагменти од метал, можат да се регистрираат дури и на карпестата површина на која се поставени главната карпа и онаа потпрена на неа. Во поблиската околина можат да се насетат и остатоци од ѕидови од стари објекти и слични културни појави. Особено треба да се истакне дека овој објект зазема позиција со која привлекува внимание од поголема далечина и доминира со поширокиот простор, особено кон југ и исток. Токму на таа страна се наоѓаат и неколку други културни објекти, како двете гробници од македонски тип во пониските делови на ридот, на локалитетот „Мечкина Дупка“ и една интересна карпа исполнета со 30 до 40 гробови издлабени на нејзината горна површина. Се разбира, слични културни содржини се среќаваат и на другите страни од објектот.

Двете карпи од југоисток

Фактот што Маркови Кули е локалитет, кој располага со културни остатоци кои допираат до подлабоката праисторија – новото камено време, како и остатоци од следните праисториски периоди, може да значи дека оваа карпа, како и многу други слични на неа, односно со слични културни белези имаат традиција на извесен посебен третман уште во тие периоди.

ОД КАРПАТА И АМБИЕНТОТ