НЕКРОПОЛИТЕ НА ВИСОКА КАЈ СЕЛОТО КРУШЕВИЦА, ПРИЛЕПСКО, ДЕЛ ОД НЕКОГАШНИОТ ЦЕНТАР НА ПЕЛАГОНЦИТЕ
Познато е дека на врвот Висока, западно од селото Крушевица и југоисточно од селото Бонче, Прилепско, под самиот врв, на 1472 м над морето, се наоѓа монументална градба од повеќетонски, добро обработени, камени блокови, чие потекло може да се лоцира во периодот од 6 до 4 век пред нашата ера. На истиот локалитет се среќаваат и голем број други градби распространети на површина од 2 до 3 хектари, кои биле дел од населбата, која била утврдена со цврст ѕид од камен и малтер, според археолозите, во доцната антика, односно, во 6 век на нашата ера. Градбата од монументални камени блокови стана позната откако ја откривме при една наша посета на врвот во 2002 година1 и нè наведе на почетна констатација дека овој локалитет бил од врвно значење во раната антика, а продолжил културно да опстојува и да се развива и во следните периоди, па остатоци од материјална култура се среќаваат дури и од средниот век. Всушност, ценејќи ги археолошките остатоци кои можат да се видат на површината на теренот, како и остатоците на материјална култура од локалитетите во пошироката околина – атарите на селата Крушевица, Чаниште, Бонче, Подмол и Лопатица, „моравме“ да констатираме дека се работи за извесен важен центар во раниот антички период, па дури, го поврзавме со кралството и културата на старите Пелагонци,2 кои до денес се во голема мерка непознати како етникум, како културна заедница, како кралство, но и како култура со својствени белези.

На самиот локалитет Висока, на неговиот највисок дел, под врвот, кој претставува голема карпа со пирамидална форма, со археолошките истражувања, се пронајдени бројни археолошки предмети, како од керамика и камен, така и од разновидни метали, особено монети од македонските кралеви, од римскиот период, како и од доцната антика. Сето тоа упатува на престојот на древните жители во оваа населба, односно, на животот кој бил присутен во различните периоди. За таквиот престој на жители, кои тука престојувале за време на нивниот живот, особено, говорат погребните објекти на истиот локалитет, во кои биле погребувани покојниците. Такви погребни објекти, односно, гробови издлабени во карпа се среќаваат, најмалку, на две места на Висока. Едната некропола се наоѓа на околу 200 до 300 метри јужно од врвот, во близина на ѕидот од тврдината, расположена на еден карпест масив, извишен и со широк поглед над околниот простор кон запад, југ и југоисток. Погребните објекти, кои денес се празни, односно, одамна испразнети од евентуалните содржини, биле изработени на највиокиот дел на карпестиот раб на една зарамнета тераса. Се среќаваат неколку десетици гробни јами, јасно видливи на камената тераса. Нивната форма е правоаголна или трапезоидна и се со разновидна големина и длабочина. Некои од нив достигнуваат должина и до 1, 80 m и ширина и до 0,50 m.

Второто место со слични погребни објекти се наоѓа на околу 100 m североисточно од првото, на пониски карпи на стрмниот дел од врвот, повторно во близина на ѕидот од тврдината. Тука се среќаваат десетина гробни јами, исто така, со различни димензии. Непостоењето на сериозно археолошко истражување и стручна анализа на ваквите наоди е хендикеп за попрецизно карактеризирање на овие ерхеолошки објекти, како и за попрецизно датирање на времето во кое тие биле изработени и биле користени за погребување на покојниците од населбата на Висока. Покрај овие две места на погребување на локалитетот Висока, сосема е веројатно дека имало и други слични места за погребување во околниот простор, кои до денес не се откриени. Веројатно е дека, освен погребувањето во карпи, се користеле и други начини на погребување, односно, во гробови копани во земја и изградени со ѕид од камен или други видови погребни обејкти.

Големиот број археолошки наоди, кои беа пронајдени при неколкукратното истражување на монументалната градба од врвот упатуваат на многу активно и интензивно користење на овој простор во раната антика, како и во следните културни периоди. Тие, исто така, го потврдуваат долгото престојување на жители во населбата на Висока, кои во неа, односно во нејзина близина останале и по упокојувањето, бидејќи биле погребани во некоја од некрополите на самиот врв.
1 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР-КОМ – Прилеп, Прилеп 2002, 140 – 143.
2 Исто.
Две гробни јами во карпа од јужната некропола Една гробна јама во карпа од јужната некропола Неколку гробни јами во карпа од јужната некропола Неколку гробни јами во карпа од јужната некропола 2 Неколку гробни јами во карпа од јужната некропола 3 Неколку гробни јами во карпа од јужната некропола 4 Неколку гробни јами во карпа од јужната некропола 5 Повеќе гробни јами во карпа од јужната некропола Две гробни јами Две гробни јами 2 Фрагмент од керамички сад пронајден во гробна јама Дел од јужната некропола Карпестиот масив со јужната некропола Плитка правоаголна јама Јужната некропола Јужната некропола 2 Две гробни јами со поголеми димензии Гробна јама со поголема димензија Две гробни јами 3 Влезот со скали во монументалната градба на врвот Влезот со скали во монументалната градба на врвот 2 Два големи „менхири“ од северната страна на Висока