„ТЕМНА ПЕШТЕРА“ КАЈ СЕЛОТО ЛОПАТИЦА, ПРИЛЕПСКО – ПРЕСТОЈУВАЛИШТЕ НА ДРЕВНИ ЖИТЕЛИ СО КУЛТНА СИМБОЛИКА

Во комплексот фасцинантни форми карпи северно од селото Лопатица, Прилепско, на крајниот северен дел, на околу 1000 м оддалеченост од последните куќи на селото се наоѓа една карпа со помали димензии, се среќава една интересна пештера со простор од околу 20 m2 со закосен под. Таа е распо­ло­жена на околу 200 m северозападно од импозантната карпа „Црвеница“, која располага со интересен цртеж и други културни содржини, а за која пишувавме во еден претходен текст.

Темна пештера

Просторијата на пештерата, за која овде станува збор, е убаво заштитена од сите стра­ни и со влез од јужната страна, кој има закосена елипсовидна форма. До влезот на пеш­терата се доаѓа со искачување на неколку метри стрмен дел од карпата. Во внат­решноста се среќаваат фрагменти од керамички садови кои укажуваат на престојот на древните жители, кои ја користеле како живеалиште или како своевидно светилиште. За престојот на древните жители во оваа просторија укажуваат и големиот број издлабени форми на закосениот под на пештерата. Тука, на неколку квадратни метри каменеста површина, се среќаваат кружни и надолжни задлабувања, кои гра­дат неколку засебни комбинации. Нивното идентификување и толкување треба да биде резултат на посебна експертска анализа и истражување бидејќи со обично набљудување не е лесно да се извлече каква било констатација и идентификација. По површината на стрмниот влез во пештерата се среќаваат и неколку долги канали, кои служеле за прибирање на дождовната вода или за извесна конструкција за затворање на влезот во просторијата.

Концепт од различни форми издлабени симболи 2
Концепт од различни форми издлабени симболи 2

Наоди на фрагменти од керамички садови од раната антика, но и фрагменти со праисториски белези, се среќаваат и во просторот околу карпата со пештерата, како и во останатите делови на падините на локалитетот „Црвеница“ што укажува на присуство на материјална култура на поширо­ки­от простор во древното минато.1

Еден од издлабените симболи
Еден од издлабените симболи

Во околината на селото Лопатица има уште голем број локалитети со остатоци од древно населување на овој простор. Меѓу жителите се говори за наоди на ѕидови од објекти на локалитетот „Коњарникот“2 кој се наоѓа на нискиот дел на падините на Селечка Планина, во близина на Лопатичка Река, а во близина се и двата споменати локалитети, „Кукулаица“ и „Црвеница“. На југоисточната страна на селото на високиот рид од таа страна се наоѓа место познато како „Кале“, а локалитетот „Дрмите“ од истата страна на селото се наведува како место со остатоци од древна населба. Овде треба да се спомене дека пред селската црква стои еден убаво обработен мермерен столб во форма на ара (жртвеник) од античкиот период. Во Археолошката карта на Република Македонија е регистриран локалитетот „Неделска Вода“, кој се наоѓа во близина на селото, а од кој потекнува „осамен наод” од раното христијанство. Од него потекнуваат еден питос и еден крст од бронза од палестинско потекло.3

1 На околу 2 km западно од локалитетот „Црвеница” на падините на Селечка планина се наоѓа веќе опишаната кралска гробница кај селата Подмол и Бонче во чија близина, на локалитетот „Старо Бонче”, има остатоци и од древна населба со впечатливи наоди.

2 Жителите на с. Лопатица сметаат дека на овој локалитет се наоѓало старото село Лопатица.

3 Археолошка карта на Република Македонија, 302.