КАПКИ

Од поетската збирка „Отпадник“ – четврти дел, „Како умирам“, едиција „Алфа“, Книжевна младина на Македонија (КММ), Скопје 1990)

I.

Се топиш ко грутка мраз

капка по капка некаде ми бегаш

Се мачам една да задржам за миг

сепак се губиш во просторот–бескрај

те носи времето без напор во мрак.

II.

По проѕирноста нечујно се лизгаш

ронка задоволство несетно ми нудиш

го мамиш времето или себе,

некогаш така ја гасам жедта за тебе

или рамнодушноста ме одвлекува

останувам жеден и тажен.

III.

Co маката капка само да заробам

додека тивко заминуваш в нестан

силата во мене расте

низ капки гледам како се трошиш

и дека залудно да те дофатам се мачам

само по корените пламено трагам

од искони вроден инстинкт ме гони.

IV.

Во просторот кога нешто оцртало лик

и времето го носи ко невидлив ветар,

за себе често в несвест се крие

непознати струи патека му дале,

кон крајот го носат без да знае

постоење е тоа исполнето со надеж.

V.

Корените в гнилотија длабоко чмаат

недопирливост ги штити од натрапници без број

Ко многумина краткотрајници пред мене

ја расчепкувам гнилотијата и неначнатоста

допирот до недопреното напред ме мами,

бесполезноста со иронија ја примам.

VI.

Додека бавно те снемува в гнилеж

заминуваш мирно пред моите очи

со немоќта се поигрувам наполно свесен,

твојот мирис ме опијанува до бесвест,

немирно скитам од допир до допир

се провлекуваат капки без да ги сетам.

VII.

Уживам во капките додека се влечат

секогаш кога за тебе сум желен,

сакам да ја сетам секоја капка

крај бесполезноста ќе се провлечам така,

а со последната капка и јас ќе си одам.