МИСТЕРИЈАТА НА АРИСТОКРАТСКИТЕ ГРОБНИЦИ ОД МАКЕДОНСКИ ТИП ВО ПЕЛАГОНИЈА

– ДВЕ АРИСТОКРАТСКИ ГРОБНИЦИ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ИСПРАЕНА ПЛОЧА“ КАЈ ГОРНО СЕЛО, ОПШТИНА ДОЛНЕНИ

-Таква концентрација македонски гробници, кои прет­ставуваат простории исцело длабени во карпа, тешко е да се сретнат на друго место на Балканот. За жал, тие до денес не успеале да привлечат соодветно внимание на официјалната археологија, а посебно загрижува фактот што се изложени на диво раскопување, па дури и на целосно уништување со експлоатацијата на гранитен камен. Амбиентот во кој се поставени би требало под итно да се заштити како културен резерват на специфични културни остатоци од општо цивилизациско значење. Всушност, тоа го заслужува целиот комплекс на археолошки остатоци од населби, култни објекти и природни реткости распоредени околу култниот врв „Златоврв“. Тој како место со древни светилишта значел извор на енергија, која ги привлекувала древните жители кои постојано формирале населби во неговата близина, “додворувајќи” им се на боговите за кои сметале дека седат горе на врвот со златното јаболко, еден од атрибутите на светиот бог Аполон.

„Испраена Плоча“

            Археолошките објекти познати како гробници од македонски тип, кои во областа Пелагонија се среќаваат во голем број, често се неправедно запоставени и омаловажени како археолошки објекти од особено значење. Вака третирани сосема погрешно се категоризирани и карактеризирани како малку важни или сосема неважни археолошки објекти. Често се нарекувани и обични „дупки“ или „пештери“, дури и од раководни кадри во институции надлежни за заштита и истражување на археолошкото богатство. На ваквото омаловажување на овие исклучителни објекти од македонската материјална култура се надоврзуваат и постојани неконтролирани дејства, ограбување, оштетување, па и целосно уништување. Поради ваквиот однос, како и слабиот археолошки материјал кој потекнува од нив во официјалните иснтитуции и лишувањето од вистински сознанија за нивното значење, овие атрактивни антички градби на фунералната архитектура во античкото македонско кралство сосема неправедно, ги доведува во крајно потценета положба, како безначајни објекти за македонската култура.

Гробница 2 – „Испраена Плоча“ – Горно Село, пред ископувањето

            До денес не е разјаснето зошто, но факт е дека најголема концентрација на гробници од македонски тип, длабени во карпа, се среќаваат во Прилепско, а попрецизно, во околината на  бележитиот врв на планината Бабуна, Златоврв. Добар дел од нив се распоредени во атарот на Горно Село (најмалку 10), денес во општина Долнени, а најмалку десетина од источната и североисточната страна на споменатиот врв, близу до Прилеп – две во јужното подножје на Маркови Кули на локалитетот „Мечкина Дупка“,1 5 во источното подножје на локалитетот „Крклари“2, една на локалитетот „Караташ“3 и две во подножјето на ридот Баба – Кукул  („Горни Чаир“ и „Визбата“).4 Гробници од македонски тип се констатирани и на локалитетот „Гумење“ (или „Гумно“) во близина на манастирот „Успение на Пресвета Богородица – Трескавец“.5

Во поширокиот простор, гробници од македонски тип среќаваме во атарот на селото Бело Поле (2 на локалитетот „Марков Чардак“),6 во атарот на селото Алданци, Крушевско („Разбојна Дупка“),7 а во Битолско се наоѓаат три гробници од тој тип на локалитетот „Дибек“ во атарот на иселеното село Суводол.8

Во целиот овој „пелагонски круг“ од гробници од македонски тип, кои поради областа, но и поради фактот на постоењето на етникум Пелагонци и пелагонско кралство, се нарекувани и пелагонски, централно место зазема гробницата од локалитетот „Павла Чука“ меќу селата Бонче и Подмол, Прилепско, која со своите димензии ги надминува сите останати, односно, има кралски димензии.9

Таква концентрација македонски гробници, кои прет­ставуваат простории исцело длабени во карпа, тешко е да се сретне на друго место на Балканот. За жал, тие до денес не успеале да привлечат соодветно внимание на официјалната археологија, а посебно загрижува фактот што се изложени на диво раскопување, па дури и на целосно уништување напаѓани и со тешка машинерија во потрага по скриени богатства или со експлоатација на гранитен камен. Амбиентот во кој се расположени би требало под итно да се заштити како културен резерват на специфични културни остатоци од општо цивилизациско значење. Всушност, тоа го заслужува целиот комплекс на археолошки остатоци од населби, култни објекти и природни реткости распоредени околу култниот врв „Златоврв“.10 Тој како место со древни светилишта значел извор на енергија, која ги привлекувала древните жители, кои постојано формирале населби во неговата близина, “додворувајќи” им се на боговите за кои сметале дека седат горе на врвот со златното јаболко, кое е еден од атрибутите на светиот бог Аполон.

ЛОКАЛИТЕТИ СО ГРОБНИЦИ ОД МАКЕДОНСКИ ТИП ВО ГОРНОСЕЛСКО

Најголем број гробници од македонски тип, длабени во карпа, вистинска некропола со гробници од македонски тип, среќаваме на локалитетот „Тумба“ во подножјето на ридот Сурун, на околу 1 km северно од Горно Село на кој на работ на една полукружна тераса, која завршува со карпа се распоредени најмалку 5 такви објекти, а на околу 500 m западно од нив, на локалитетот „Испраена Плоча“ се наоѓаат уште две гробници изработени во карпа.11

Гробница 2 со дромосот

Овие гробници располагаат со влез со височина од околу 1 м и широчина околу 0, 70 м пред кој се наоѓа дромос (ходник), а внатрешнината располага со две простории од кои една, која е наречена преткомора и една комора, односно просторија од неколку квадратни метри во која често се среќава и посебно издлабен дел, корито во правоаголна форма во кој се поставувале моштите. Во комората се среќаваат и посебно задлабени делови по ѕидовите во форма на ниши каде, веројатно, се оставале прилози, а не е исклучено дека ѕидовите биле премачкувани и со боја и украсувани со разни шари. Сите пет гробници на л. „Тумба“ се отворени, а при истражувањето кое е направено пред повеќе од половина век, е констатирано дека покојниците во нив биле кремирани (спалувани),12 а пронајдени се фрагменти од керамички садови, метални и стаклени предмети.  Воопшто,од сите досегашни истражувања на македонските гробници во Горно Село, во археолошките извештаи многу малку се говори за наоди, што е навистина чудно. Веројатно е дека најголемиот број од гробниците биле ограбувани многу порано. Во 2010 година, на овој локалитет беше истражувана петтата гробница, која токму во тоа време, била нападната од трагачи по богатства и отворена. И покрај тоа, при археолошкото истражување, кое беше направено во соработка меѓу универзитетот Ла Тробе од Мелбурн, Австралија и Заводот и Музеј од Прилеп, сепак беа пронајдени извесен број археолошки наоди, кои беа потврда за потеклото на гробницата, за нејзината архитектура, начинот на погребување и погребните обичаи.13

Гробница 2 пред ископувањето – комората

Освен споменатите седум гробници од локалитетите „Тумба“ и „Испраена Плоча“, во атарот на Горно Село, македонски гробници се констатирани и на други места, односно, на локалитетите, „Големи Камења, „Вирила“ и „Грло“.14 Вкупниот број до денес регистрирани македонски гробници кај Горно Село е 10, што го прави овој простор посебно интересен за археологијата. Пред околу една деценија беа направени археолошки истражувања од страна на Заводот и Музеј од Прилеп уште на две гробници од Горно Село на локалитетот „Испраена Плоча“ и, притоа, беа пронајдени поголем број движни археолошки наоди и беа утврдени архитектонските особини на овие објекти.

АРХИТЕКТУРА И ВНАТРЕШНО УРЕДУВАЊЕ НА ГРОБНИЦИТЕ ОД „ИСПРАЕНА ПЛОЧА“

Како што веќе истакнавме, архитектурата на гробниците од македонски тип, на повеќето е слична, но секоја има и свои специфичности. Доколку се споредуваат гробниците од локалитетот „Тумба“ и гробниците од л. „Испраена Плоча“ може да се констатира дека двете гробници од второспоменатиот локалитет се со поголеми димензии, поради што археолозите сметаат дека во нив биле погребувани позначајни личности – жители од извесна населба во близина.15

Гробница 2 со дромосот 4

На локалитетот „Испраена Плоча“, кој се наоѓа на половина пат меѓу селата Дупјачани и Горно Село, на пониските падини на ридот Сурун,  двете гробници од македонски тип биле ограбени уште во минатото, но и покрај тоа се археолошки истражувани и се констатирани извесни наоди, кои го потврдуваат нивното потекло, димензиите, формата, распоредот на просториите, како и други карактеристики поврзани со нивната архитектура и погребувањето на покојниците.

Двете гробници имаат ориентација исток – запад, имаат нагласени димензии и се со слична архитектура.  Гробницата бр. 1 е со поголеми оштетувања, односно, поголем број од таванот на нејзините простории е пропаднат, а гробницата бр. 2  го зачувала таванот на комората и дел од преткомората. Двете гробници поседуваат долги дромоси,16 помала правоаголна преткомора и значително поголема комора од неколку m2. Кај гробницата бр. 2 среќаваме преткомора со димензии 1,24 (1,26) х 1,67 m и комора со димензии 2,07 х 2,12 (2, 31) m и сводест таван со височина 1,87 m. Погребното правоаголно корито во средината на преткомората има димензии 0,82х067х021 m плус скала со дименизии 0,80х0,21х0,07 m.17 Дромосот, освен нагласената должина – 5,25 m на гробницата бр. 1 и 6,70 m на гробницата бр. 2, има и забележително поголема ширина – 1,66 m на гробницата бр. 218 и располагал со дополнителна конструкција – подѕидоци пред семиот влез,19 веројатно, имал и поплочување, а дел од него бил покриен со трем, кој бил надграден на предниот дел на гробната конструкција. На поплочување упатуваат поголемиот број пронајдени бели плочести камења, мермер во благо еродирана состојба кај гробницата број 2 од локалитетот „Испраена Плоча“.

Гробница 2 – преткомора и комора за време на истражувањето

Што се однесува до споменатиот трем, веројатно е дека повеќето од гробниците кај Горно Село, при изградбата имале и таква конструкција, која служела за време на посетата и религиските активности. Постоењето на таков архитектонски дел на гробната конструкција упатува и на дополнителни елементи, односно, извесни објекти и прилози во чест на покојникот и во самиот покриен дел на тремот, односно, пред влезот во гробните простории. На ваква конастатација нѐ наведуваат наодите на поголем куп камења на предниот дел од конструкциите на некои од истражуваните гробници,20 наоди на поголем број тегули – дел од покривот на тремот, како и некои помали траги на површината на карпите во кои биле издлабени извесни помали форми. Веројатно е дека делови од тремовите имале дрвена конструкција, а на тоа упатуваат наодите на поголем број помали и поголеми железни клинови. Затоа, сметаме дека тврдењата дека овие погребни објекти биле покривани со земја и камења21 за нивна заштита се неосновани или, во најмала рака, неаргументирани, а самото тоа значи и омаловажување на овие интересни објекти на фунералната (погребната) архитектура од македонскиот простор. Всушност, архитектурата на овие објекти била многу покомплексна и поатрактивна, достојна на значењето и статусот на покојниците кои биле погребувани во нив, како и на статусот на нивното семејство. Фактот што до денес во овој простор не е ископувана ниту една неограбена гробница е вистински хендикеп за целосна реконструкција на архитектурата и внатрешното уредување на овие објекти, како и за дополнување на сознанијата за идентитетот на покојниците и погребните обичаи и ритуали. Скромните наоди при археолошкото ископување, сепак, даваат можност за извесни сознанија, односно, тоа дека во гробниците биле принесувани и разни прилози, зависно од улогата, статусот и полот на покојникот. Уште повеќе, фактот што и по повеќекратно ограбување на објектите археолозите, сепак, успеваат да пронајдат извесни археолошки наоди нѐ упатува на тоа дека прилозите, кои биле принесувани во гробниците, веројатно, биле особено вредни и од различни материјали, како злато, сребро, бронза, железо, керамика и сл. Гласините, кои се шират меѓу населението, посебно меѓу жителите на најблиските села, зборуваат за ексклузивни предмети, кои биле однесени од ограбувачите и авантуристите но, во недостаток на сигурни информации, сметаме дека е бесцелно понатаму да се занимаваме со нив.   

Висулец и фибула од гробниците на „Испраена Плоча“ (од трудот на Д. Темелкоски)
Садови од керамика од гробниците на „Испраена Плоча“ (од трудот на Д. Темелкоски)

Во куповите раскопана земја околу гробницата бр. 2 се пронајдени значителни количества керамика – фрагменти од садови, градежна керамика, па и стаклени садови, многу клинови со различни димензии, особено мали брутови, како за чевли или помали дрвени ковчези, игли, камени предмети, како и приврзоци, игли за коса, делови од обетки или белезици и сл.22 Според наодите, веројатно е дека се работи за женска покојничка од повисок род. Пронајдени се и помали делови од скелетот на покојникот, но не ни е познато дека се направени извесни остеолошки и антрополошки анализи.

Гробницата во голема мерка е уништена со ерозија, особено преткомората, а делумно е оштетена и комората. Добро се зачувани долните делови од просториите и дромосот. Во комората постои правоаголна погребна јама, на средината на подот, со една скала на почетокот од западната страна, со испакнат нагласен дел, а сите четири страна на просторијата се со бордура. На подот и на дел од ниските нивоа на вертикалните ѕидови има зачувано фрагменти од малтер, односно, сосема е евидентно дека целиот внатрешен дел на комората, а најмалку нејзиниот под, бил измалтарен со смеса од глина и бел малтер на површината. Не е исклучено, односно, веројатно е дека постоел и соодветен живопис или боја на ѕидовите и подот на комората. Од досегашните истражувања на гробниците од македонски тип во Прилепско не е констатирано какво било украсување, боење на ѕидовите или живописување, но примери на такво уредување е констатирано на други места со вакви погребни објекти.23 Фактот што истражуваните објекти во Прилепско се претходно ограбени и долго време изложени на разновидни оштетувања и атмосферски влијанија може да го објаснува отсуството на украсување, кое со текот на времето е уништено и исчезнало. Појавата на малтер и извесно обојување на делови од него со црвеникава боја, упатува на таква можност на гробницата 2 од локалитетот „Испраена Плоча“ кај Горно Село. Со тоа, содржината на овој објект станува уште покомплексна и побудува поголем интерес и поттик за натамошно истражување и анализа.

Остатоци од слој од малтер на подот во комората
Остатоци од слој од малтер на подот во комората 2

Иако голем дел од просториите на гробницата се уништени, таа зафаќа импозантни димензии и конструктивни форми, кои оставаат силен впечаток. Сега е сосема јасно дека таа имала и специфичен изглед во времето на нејзината изработка. Веројатно била со фасадирана внатрешност на погребната комора, со поплочен површини од подот на дромосот и преткомората. Наодите кои излегуваат од полнетицата во гробницата и околу неа, веќе даваат можност за архитектонска и делумно естетска реконструкција. Може да се констатира дека гробницата бр. 2 од л. „Испраена Плоча“ е една од најголемите од досега познатите во атарот на Горно Село.

ПОКОЈНИЦИ, ПОГРЕБНИ ПРИЛОЗИ И ОБИЧАИ

Кои се покојниците во камените гробници во Пелагонија? Нема дилема дека биле членови на повисоките класи на македонското античко општество. Изработката, украсувањето, прилозите кои се дел од карактеристиките на овие вечни почивалишта, во форма на неуништлив дом, покажуваат дека нивните домаќини не биле обични луѓе, туку лица со висок статус, старешини на области, градови и населби, високи воени лица, свештеници и сл. Повеќето од нив денес се сосема отворени, најчесто ограбени во подалечното или поблиското минато и оставени на забот на времето. Прилозите кои им биле поставувани на покојниците се, главно, предмет на разни спектакуларни приказни и сензации, а многу малку и многу поскромни прилози поседуваат некои од музеите во Македонија. Сепак, и познатите наоди од гробниците упатуваат на значењето, статусот и богатството на покојниците во античкото општество во Македонија.

Комората во гробница 2

Гробниците од локалитетите „Испраена Плоча“ и „Тумба“, речиси, сигурно им припаѓале на значајни личности – жители на непозната развиена населба од македонскиот и римскиот период на блискиот локалитет „Мал Сурун“. Во околината сигурно постоела населба со античко име Колобаиса, но според епиграфските споменици пронајдени во манастирот „Успение на Пресвета Богородица – Трескавец“ под Златоврв, оваа населба веројатно опстојувала, токму, таму. Златоврв се издига југоисточно од гореопишаните локалитети со македонски гробници, а силното утврдување и другите остатоци на материјална култура констатирани на широкото плато под врвот ја потврдуваат горната констатација. Имајќи ги предвид содржините кои ги поседува локалитет „Мал Сурун“ („Орлов камен“), може да се констатира дека се работи за остатоци населба со особени вредности и специфични особини.24 Археологот Душко Темелкоски од Заводот и Музеј од Прилеп, кој раководеше со ископување на тој локалитет, изнесува мислење дека Колобаиса се наоѓа токму на овој локалитет,25 но за таква констатација, особено за нејзино потврдување потребни се сериозни докази, особено докази со писмени документи. Фактот што, по се изгледа, во исто време постоеле значајни населби на локалитетот „Трескавец“ и „Мал Сурун“ („Орлов Камен“), само упатува на фактот дека култниот Златоврв во старите културни периоди, особено во античкиот период, имал централно значење и во неговата околина биле лоцирани значајни културни објекти и населби, меѓу кои и такви, кои располагале со силни утврдувања.26 Последново заслужува сериозна анализа и истражување со претресување на познатите сознанија за овој простор и дополнување со свежи информации за културните содржини присутни во него.

МАТЕРИЈАЛНАТА КУЛТУРА ОД ОПКРУЖУВАЊЕТО

            Во околината на локалитетот „Испраена Плоча“ има голем број други културни објекти, кои на извесен начин се дел од целокупната културна слика на овој простор. Всушност, нивниот број и разновидност предизвикува фасцинација кај внимателниот проследувач на културата на овој простор. Во негова близина се наоѓаат голем број објекти со културни белези, од кои и такви кои упатуваат на своевидна култност или практична намена. Еден плочест камен дел од поголема плочеста карпа со релјеф на горната површина предизвикува посебно внимание со својата естетика. Друга карпа со своевиден реципиент на горната површина, исто така, го привлекува вниманието, а уште една со слична големина, со ниша во која се среќаваат симболи со врежување на мали кружни и издолжени јами заслужува посебно внимание. Двата претходни објекти се наоѓаат на северната и севорозападната страна на двете гробници со аристократски димензии, а од нејзината јужна страна, на околу сто метри, се наоѓа и една карпа со зооморфна фрома крај која, на пониска карпа, било издлабено двојно корито – винарник. На повисоките делови на локалитетот се среќаваат и траги од извесни ѕидови со поголеми или помали камени блокови, како и фрагменти од керамички садови, тегули и сличен археолошки материјал.

Плочеста карпа со релјеф од блиската околина
Од блиската околина – правоаголни форми на карпа

Во близината на гробниците од „Испраена Плоча“ е потврдено постоење и на населба од железното време, чии остатоци се среќаваат во подножјето на ридот Мал Сурун. Во нивите се среќаваат значителни количества праисториска керамика (од железниот период) измешана со раноантичка и раноримска керамика и други наоди.27  Ова упатува на претпоставката дека малата тумба со исправена плоча во близина – јужно од гробниците, која му го дава и името на локалитетот со гробниците („Испраена Плоча“) претставува тумул од железното време. Според информациите од Трајко Миткоски, на ова место во минатото жителите на Горно Село доаѓале за време на Велигден, поточно, при изведувањето на христијанскиот обичај познат како Покрсти (во време на комунизмот бил забрануван), и биле изведувани христијански обреди во околината на селото. Плочата била искршена од жители на селото Десово, а според некои информации на горниот дел имала издлабен крст.

Со сите ове сознанија, може да се констатира дека во овој дел на Сурун, заедно со Орлак имало населба со долг континуитет, најмалку од железното време, па се до римскиот период. Со сите изнесени информации, овој простор добива, особено комплексна културна слика.

 

1 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско“, ЦПРТВ-Прилеп, Прилеп 2000, 48.

2 Исто, 51 – 55. Александар Миткоски, Објекти издлабени во карпа од Прилепско, Macedoniae Acta Archaeologica, бр. 14, Скопје 1993-1995, 137-148. Костадин Кепески, Прилеп и Прилепско низ историјата, Елинистички период, дел 2. Гл. II, Прилеп 1971, 49.

3 А. Миткоски, Објекти …, 137-148.

4 Овие две гробници ги лоцираше авторот на овој текст, а потоа беа истражувани од Заводот и Музеј во Прилеп.

5 Бошко Бабиќ, Манастирот Трескавец, Стремеж 5-6, Прилеп 1959, 52. А. Миткоски, Објекти, 137 – 148. Т. Димитриоски, Древна цивилизација …, 96 – 99.

6 Т. Димитриоски, Древна Пелагонија I, Ризница – Прилеп, Прилеп 2009, 158 – 160.

7 А. Миткоски, Објекти …, 137-148.

8 Томе Јанакиевски, Три доцнохеленистички гробници во стена на лок. „Дибек“ с. Суводол – Битола, Macedoniae Acta Archaeologica, бр. 13, Скопје 1993, 149 – 160. А. Миткоски, Објекти …, 137-148.

9 Т. Димитриоски, Древна Пелагонија I, 21 – 26.

10 Исто, 138 – 140.

11 А. Миткоски, Објекти …, 137-148.

12 Исто.

13 Од универзитетот Ла Тробе во Мелбурн учествуваше м-р Белинда Д‘Ангело, која подготвува докторат на тема од археолошкото богатство на Република Македонија.

14 А. Миткоски, Објекти …, 137-148. Душко Темелкоски, Гробници издлабени во карпа на локалитет „Сурун“ кај Горно Село, Битолски гласник, Завод и Музеј – Битола.

15 Исто.

16 Исто.

17 А. Миткоски, Објекти …, 137-148.

18 Исто.

19 Душко Темелкоски, Гробници издлабени во ….

20 Исто. Остатоци од ваква конструкција се среќаваат, особено на последно истражуваните гробници од локалитетите „Тумба“ и „Испраена Плоча“ кај Горно Село.

21 Душко Темелкоски, Гробници издлабени во ….

22 Исто.

23 Пример, гробницата од македонски тип во рамките на античкиот театар во Охрид.(Паско Кузман, Вера Битракова – Гроздановам Лихнидос во раната антика, Македонско наследство, бр. 8, Скопје 1998.

24 Т. Димитриоски, Древна Пелагонија I, 145 – 150. Душко Темелкоски, Археолошки истражувања на акропола на ридот Мал Сурун, кај село Дупјачани (истражувања во 2016 и 2017 година), Археолошки информатор бр. 2, 43 – 49.

25 Душко Темелкоски, Гробници издлабени во ….

26 Такви локалитети со тврдини има на блиските врвови околу Златоврв, како „Грамаѓе“ од неговата јужна страна, „Единак“ кај селото Дабница од неговата североисточна страна, „Баба“ во атарот на истото село од источната страна, а не треба да се заборави ниту Маркови Кули кај Прилеп, кој спаѓа во истиот круг, но и многу други помали и поголеми населби со тврдини од поблиската и подалечната околина. (Види: Т. Димириоски, Древна цивилизација I – археологија, … и Древна Пелагонија I).

27 Душко Темелкоски, Гробници издлабени во ….