ИНТЕРЕСЕН СПОМЕНИК СО ВРЕЖАН АНТРОПОМОРФЕН ЛИК ОД ЛОКАЛИТЕТОТ „СТАРО СЕЛО“ СО МАНАСТИРОТ „СВ. ПЕТКА“ КАЈ СЕЛОТО ЧАНИШТЕ, ПРИЛЕПСКО

Поглед на манастирот „Св. Петка“

Во преданието, кое го раскажуваат жителите на селото Чаниште, Прилепско, во „старо време“ нивното село се наоѓало на ридот од јужната страна на денешната населба на околу 0,5 км од неа. Овој локалитет денес претсатавува простор од неколку десетици ха површина, со голем број земјоделски парцели омеѓени со повисоки или пониски меѓи, со остатоци од огради со камени столбови, често и по некој поголем или помал камен блок, овде онде по меѓите, со грамади камења кои укажуваат на старите градби и сл. На тој простор денес, во понискиот дел, во една вдлабната површина од околу 1 ха, се наоѓа манастирот „Св. Петка“. Локалитетот на којшто била лоцирана старата населба е познат како „Старо Село“, а археолошките содржини со кои располага археолозите ги датираат во средниот век.1 На просторот на локалитетот денес се наоѓаат значителни количества фрагменти од керамички садови, питоси, покривна керамика и сл., кои, на свој начин, ги потврдуваат наведените содржини во преданието. Според извесни остатоци од градежен камен и поголеми камени блокови во близина на денешната градба на малата црква, може да се смета дека тука се кријат и остатоци од постара градба, односно постара црква „Св. Петка“ на чии темели е изградена денешната.

Локалитетот „Старо Село“ со планината Ниџе

Според преданието, селото од овој локалитет било преместено поради сушите и слабото присуство на вода во тој простор, што е евидентен факт. Меѓу жителите на селото и денес е живо верувањето дека на извесен дел од локалитетот и денес егзистира бунар покриен со земја и камења, па тие често се обидуваат да го лоцираат, но до денес без успех.

 Керамиката која се наоѓа на површината на локалитетот, потекнува од средниот век, но има фрагменти и од доцната антика, па и од постарите периоди. Таа е присутна на површина од неколку хектари.

Последниве години, при расчистувањето на теренот и подготовките за градба на новите објекти во манастирот се „појави“ и еден мошне интересен споменик, кој упатува на уште подлабоко време, односно, на праисторијата. Се работи за плоча од домороден камен со неправилна правоаголна форма на која е врежан антропоморфен лик на кој се обележани глава со очи, нос и уста, тело, раце и нозе. Врежаната фигура, во некои делови од телото изгледа несразмерно, па се добива впечаток дека од левата страна на ликот има нагласен врат, додека од десната само права форма. Исто така, се добива впечаток како рацете на ликот да излегуваат некаде од половината, односно, како ликот да нема раменици, туку само долг и дебел врат и раце, кои се појавуваат од пределот на стомакот. Фактот што плочата на која бил врежан ликот, се чини дека била откршена во долниот дел, па со тоа и целата претстава добила друга форма.

Антропоморфниот лик на камена плоча

Ваквата врежана форма упатува на надгробен споменик од постар датум, односно на традиција на обележување гробови со антропоморфни стели, која потекнува од праисторијата, особено од архајскиот период. Стели со антропоморфни форми на просторот на Мариово и Пелагонија има на разни места и со разнлично изразување на антропоморфниот лик. Во атарот на Чаниште, позната е стелата од локалитетот „Три Кладенци“ на која е изразена глав со врежани очи, нос и уста и врат, а во продолжението, на столбестата форма, во пределот на претпоставените гради на ликот се наоѓаат неколку писмени знаци, кои веројатно го претставуваат името на некој стар покојник.2 Поинаква фрома на надгробен споменик со аглест завршеток среќаваме на локалитетот „Простиот Камен“ во близина на селото, на кој има и долг натпис, кој тешко се чита и до денес не е расчитан.3 Со тоа, бројот на спомениците од овој вид од атарот на селото Чаниште се зголемува и упатува на присуството на култура од извесен период во кој ваквата традиција на обележување на гробовите била масовна пракса. На веќе споменатите споменици од овој вид, на извесен начин, може да се додаде и своевидниот споменик – менхир со неколку десетици крстови од локалитетот „Писан Камен“ или „Писаникот“,4 кој дава индиции дека првобитната форма му била со аглест завршеток, односно со нагласени раменици и глава на споменикот.

Антропоморфниот лик на камена плоча – горна половина

Доколку знаеме дека во атарот на селото Чаниште се среќаваат неколку десетици тумули (могили) – погребни објекти со потекло од железното време, појавата на споменатите споменици добива посериозна димензија и не доближува до идентификувањето на периодот од кој потекнуваат или му припаѓаат според традицијата на практикување на вакви споменици.

Карпа на долниот дел од локалитетот со извесни обработени делови

[1] Археолошка карта на Република Македонија, (Б.К., Л.К., К.К.)

2 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР КОМ – Прилеп, Прилеп 2002, 120, 121..

3 Исто,119.

4 Исто, 117 – 119.

ОД АМБИЕНТОТ НА ЛОКАЛИТЕТОТ

КЕРАМИЧКИ НАОДИ ОД ЛОКАЛИТЕТОТ