РАСКОПАНА ГРОБНИЦА СО ВПЕЧАТЛИВИ ДИМЕНЗИИ, ИЗДЛАБЕНА ВО КАРПА ВО БЛИЗИНА НА ЛОКАЛИТЕТОТ „РИДОТ“, КАЈ СЕЛОТО МАЖУЧИШТЕ, ПРИЛЕПСКО

Пред неколку години била раскопан еден правоаголно издлабен објект во карпа со поголеми димензии на околу 1 km северно од селото Мажучиште, Прилепско и на околу 300 m јужно од патот за манастирот „Успение на Пресвета Богородица – Трескавец“, на југозападната страна од долгиот рид кој го дели атарот на ова село со атарот на Варош, кај Прилеп. Објектот се наоѓа во близина на патот кој води на север од селото Мажучиште, во подножјето на локалитетот „Ридот“ на кој се наоѓаат остатоци од завидна култура од праисторијата – енеолитот, бронзениот и железниот период, како и од архајскиот период и раната антика.1 На врвот на„Ридот“ на највисокиот дел, како и на терасите од јужната страна се среќаваат голем број остатоци од впечатлива населба со подолг континуитет,2 а има остатоци и од утврдување на горните површини.

Поширокиот простор околу објектот
Поширокиот простор околу објектот

            Со оглед на близината до овој локалитет, речиси, е сигурно дека објектот за кој станува збор претставува културен остаток од населбата на „Ридот“, а според остатоците, кои можат да се забележат по неговото раскопување, веројатно е дека се работи за гробница на некоја позначајна личност од раната антика. Тој е изработен на една поголема карпеста површина, при западниот раб, и зафаќа насока, приближно, исток – запад. Правоаголната јама има двојна ширина, односно, најпрво била изработена правоаголна фрома со поголеми димензии, до длабочина од околу 0,40 m, а потоа со приблишно уште 0,40 m длабочина е изработена правоаголна форма со помали димензии, со што целиот објект добива посложена форма. Додека повисокиот дел е со должина од 2,10 m и ширина околу 0,90 m, вториот дол е со димензии од 1,80 m должина и 0,60 m ширина. Делот од карпата на која е изработен објектот (гробницата), е со рамна површина од северната страна, а со извишена форма од јужната страна. Површината на која се наоѓа објектот зафаќа околу 30 m2.

Од североисток со карпата на која е изработена
Од североисток со карпата на која е изработена

Покрај правоаголно изработениот објект, на површината на карпата се среќаваат и извесни помали обработени делови, како една кружна јама од источната страна и помало каналче од западната. Во околината на карпата, по површината на теренот, можат да се сретнат и фрагменти од керамички садови и други видови археолошки материјал. Тешко е да се претпостави со каква содржина се соочиле лицата кои ја откопале јамата, но еден помал предмет од железо не упатува на тоа дека во јамата се наоѓал дрвен сандак, кој веројатно бил изгниен. На постоењето на ваква дрвена конструкција наведува железниот предмет, кој претставува извесна кламфа, односно, канџа за поврзување на делови од сандакот, како и ситни фрагменти од коски од извесен скелет, за кои не можеме да потврдиме далки се делови до чиовечки скелет, но постоењето на дрвен сандак е силен аргумент дека се работи за погребување на извесен покојник од населбата, која се наоѓала на локалитетот „Ридот“.

Од исток - внатре
Од исток – внатре

Како аргумент дека се работи за гроб на покојник од извесен постар период, може да значи и фактот што североисточно од споменатиот објект, на една карпа во близина на превојот, кој води кон патот за „Трескавец“, се среќаваат уште два гробови во карпа со помали димензии, кои индицираат на постоење на некропола од населбата која ја споменавме. Инаку, во блиската околина на овој објект се среќаваат уште неколку објекти изработени во карпа, но од типот на винарници во камен, кои упатуваат на ранотот одгледување винова лоза во овој простор, односно, најмалку во римскиот период.

Локалитетот „Ридот“
Локалитетот „Ридот“

Овде мораме да споменеме уште еден наод од погребен тип, тумул, со видливи остатоци од најмалку еден гроб од типот – циста, односно, гроб изработен со камени плочи, Тумулот се наоѓа на малку поголемо растојание, односно, на едно возвишение, на околу 300 m северно од големиот објект изработен во карпа. За овој тумул, може само да се претпостави дека е со потекло од еден од праисториските периоди, кои се посведочени на локалитетот „Ридот“. Тоа би значело дека во тумулот се наоѓаат повеќе гробови од покојници од железното време или од постарото бронзено време. За жал, без археолошко истражување на овие објекти, тешко е да се изнесат поверодостојни податоци за нивното потекло, па и намена. Сепак, нивното постоење, а во корелација со содржините на локалитетот „Ридот“ не доближуваат до нивниот идентитет. Пред околу една деценија, археолозите направија ископување на еден објект од највисокиот дел на „Ридот“ и притоа беа констатирани остатоци од повеќеслојна градба, како и голем број остатоци од археолошки материјал од горепосочените периоди.3

1 Александар Миткоски, Душко Темелкоски, Локалитетот Ридот кај село Мажучиште, Macedoniae Acta Arheologica, бр. 21 – 2008 – 2010, Македонско археолошко научно друштво, Скопје 2019, 173 и 185.

2 Исто, 173 – 198.

3 Исто, 173 – 198.