ЗНАЧАЕН ЛОКАЛИТЕТ И СПОМЕНИЦИ СО КУЛТНА СИМБОЛИКА И СО НАТПИСИ ОД АНТИЧКИОТ ПЕРИОД КАЈ СЕЛОТО МАЛО РАДОБИЛ, ПРИЛЕПСКО
За културата и историјата на селото Мало Радобил е тешко да се сретне нешто во објавената литература. Од друга страна, во атарот на ова село се наоѓаат исклучително вредни остатоци од материјалната и духовната култура во Македонија. Според првичните сознанија до кои допревме, може да се каже дека таа е со специфики, кои се карактеристични за пошироката област, особено областа Прекурид во која се наоѓа и ова село.
Областа Прекурид е една од трите области, покрај Пелагонија и Мариово, која е дел од нашиот проект за проследување на културата и историјата, со теренско проследување на културните и историските содржини. За жал, иако таа е релативно мала област, до денес не сме успеале да формираме покомплетна слика. Расположена североисточно од Прилеп, областа претставува широка долина испресечена со голем број помали реки и долови, како и голем број помали и поголеми ридови, заштитена со ограноците на Дренска Планина од исток и планината Бабуна од запад. Во оваа помала област егзистираат повеќе села, но за некои од авторите, под Преукрид се подразбираат неколку села – Беловодица, Тројаци, Царевиќ, Смолани, Дрен, Голем Радобил и Мал Радобил. Селото Мало Радобил се наоѓа на околу 30 км североисточно од Прилеп, на падините на Дренска Планина. Заедно со селото Големо Радобил, расположено е на една пространа површина со голем број тераси и рамнини постојано изложени на сончева светлина. Токму поради тоа, како и поради специфичноста на геолошкиот состав, овој мал регион е особено погоден за одгледување винова лоза, која дава квалитетно грозје.
ЛОКАЛИТЕТИТЕ „ПРЕСТОЛОТ“ И ПАДАРНИЦА КРИЈАТ ГОЛЕМА НАСЕЛБА ОД МАКЕДОНСКО-РИМСКИОТ ПЕРИОД

Не е потребна особена вештина и знаење да се забележат остатоците од култура кои се присутни на локалитетот „Престолот“, како и на неговиот соседен локалитет „Падарница“, кои се расположени на еден рид, на неполн километар западно од селото Мало Радобил. Ридот располага со пространа рамна површина и со поголем број помали и поголеми тераси од јужната страна, а сличен е од северната страна. По целиот рид се среќаваат разновидни остатоци од материјална култура и, според нивното присуство и квалитетот, упатуваат на позначајна населба од македонско-римскиот период. Без соодветно археолошко истражување, односно, без никакво стручно сознание (во, нам, познатата литература не сретнавме ниту негово споменување) сметаме дека населбата од овој локалитет егзистирала во македонскиот период, а се развивала и во римскиот период.

На површината на двата локалитети се среќаваат споменици од мермер, фрагменти од керамички садови, тегули, имбрекси и питоси. Ваквиот материјал го има во изобилство и доволно е само прошетка по теренот од неколклу минути за ваква констатација. Според жители од селото Мало Радобил1 на овој локалитет до пред неколку години можел да се види и еден мермерен објект, кој тие го нарекуваат престол, а по него и самиот локалитет го носи името „Престолот“. Веројатно е дека се работи за објект од камен обработен во форма на маса и, обично, ваквите објекти се поставувале во олтарот од црквите како света маса – жртвеник. Непознати лица, успеале мермерниот објект да го товарат на извесно возило и да го дислоцираат од локалитетот. Се смета дека тој е однесен во некоја од црквите во околината, која е во изградба.
Градежен камен и8 фрагменти од керамика Градежен камен и8 фрагменти од керамика 2 Грамада градежен камен со еден поголем блок Мермерен столб од локалитетот „Престолот“ 2 Фрагмент од тегула Устинка од питос 1 Устинка од питос 2 Фрагмент од тегула 2 Фрагменти од тегули и други керамички фграгменти Фрагмент од питос Фрагменти од тегули Устинка од питос 5 Устинка од питос 6 Устинка од питос 3 Устинка од питос 4
На теренот, денес, може да се види еден исправен мермерен столб, во близина на патот, а има и голем број грамади од камен, како крај самиот пат, кој води кон селото (лево и десно од него), така и на поширокиот простор. Според грамадите, можат да се насетат и местата на старите градби, кои биле покриени со керамички материјал – тегули, чие присуство е, особено нагласено. Од другиот материјал, особено, во голем број можат да се забележат фрагменти од питоси, главно устинки, со разновидна димензија.
СПОМЕНИК ОД ДОМОРОДЕН КАМЕН СО КУЛТНА СИМБОЛИКА
Во селото Мало Радобил, во една од оградите се наоѓа и еден антички споменик со исклучителна релјефна содржина, но и натпис во три реда. Се работи за плочеста форма од домороден камен со димнезии, приближно, 0,80х0,70х0,20 m. Добар дел од споменикот е откршен и уништени се делови и од релјефот. За жал, поради оштетувањата во полето на натписот, кој се наоѓа на површината на самата основа на споменикот, тешко е да се идентификува содржината, но јасно е дека се работи за извесни имиња на личности од извесен жител на населба, која била во близина, или на некое божество. Во релјефот се претставени два големи човечки ликови, од кој еден од левата страна, веројатно, женски лик во исправена положба и вториот од десната страна, машки лик во седечка положба – седнат на своевиден трон, а нозете му се поставени на посебен постамент. Иако двата лика се во голема мерка оштетени, сепак, се одликуваат со силен израз на фигурите, со своевидно достоинствен став и изгледаат, речиси, монументално. Женскиот лик е облечен во долг фустан, кој ги покривал, дури и стапалата, со стеснет дел во половината, веројатно со појас, кој денес е уништен од ерозија. Женскиот лик се изразува со особена монументалност и стројност. Од левото рамо му паѓа посебна наметка, која се спушта надолу, а од левото рамо надолу продолжува извесна вертикална форма, нешто како копје. При нозете, од десната страна на женскиот лик, се појавуваат две форми, како нозе од некое четвороножно животно, свртено нанадвор, можеби куче. Од левата страна, од зад фигурата на женскиот лик, свртен кон машкиот лик, со главата надолу и во цврст став, со раширени копита, се појавува бик. Наметката од женскиот лик го допира грбот на бикот.

Машкиот лик, на тронот, посебно, е зачуван од појасот надолу, а горната половина е во голема мерка оштетена. Кај овој лик во очи паѓа фактот што тој има изразено стеснета половина со мазно изработени форми од двете страна. Тешко е да се каже дали се работи за појас или за нешто посебно. Десната рака на машкиот лик е откршена некаде во лактот, а левата му е покриена со наметка, која паѓа надолу кон седиштето, релативно раскрилена. Левиот дел од тронот или седиштето е подобро сочуван и се гледа добро оформена, полукружна ногарка. Токму во неа завршуваат двата рога на бикот, чија глава е ниско долу.

Од можноста да се расчита барем дел од натписот, зависи дали е можно да се идентификува значењето на релјефот. Иако, првичниот впечаток упатува на надгробен споменик, елементите кои можат да се забележат на него упатуваат на извесна култност на споменикот, односно, можеби претстава на своевидни божества. Доколку се навлезе во митолошка и религиска анализа на симболите кои се претставени преку бикот и другото животно, може да се извлекуваат разновидни претпоставки и заклучоци, но тоа ќе го оставиме за некоја следна можност, евентуално, при стручниот пристап кон овој непознат споменик. Засега, сепак, ќе изнесеме претпоставка, дека има можност дека не се работи за обичен надгробен споменик, туку за култна слика со претстава на божества, можеби и извесен локален култ од овој дел на Македонија. Доколку се земе дека вертикалната форма од десната страна на женскиот лик е копје, како и стројноста на ликот, може да се претпостави дека се работи за божицата на мудроста, Атина. Тогаш. Кој е машкиот лик на тронот? Дали го претставува врховниот бог Ѕевс? Бидејќи е неблагодарно да се продолжи со ваквата анализа, овде, само ќе го изнесеме нашиот впечаток за овој споменик дека, иако во голема мерка оштетен, сепак, остава силен впечаток и привлекува силно внимание.
Споменик со релјеф Натписот од споменикот со релјеф Машкиот лик од споменикот со релјеф Стеснетата половина на машкиот лик од споменикот со релјеф Натписот со дел од бикот од споменикот со релјеф Бикот од споменикот со релјеф Постаментот за нозете на седечкиот машки лик Долниот дел од женскиот лик со фрагмент од животно од десната страна на фигурата
УШТЕ ЕДЕН СПОМЕНИК СО НАТПИС КАЈ СЕЛСКАТА ЦРКВА „СВ. БОГОРОДИЦА“
Интересен е и просторот околу селската црква „Св. Богородица“, која е расположена на ридот, северно од селото. На површината на ридот, како и околу црквата, се забележуваат и фрагменти од керамички садови и тегули, па може да се претпостави дека се работи за локалитет со извесни археолошки остатоци. Но овде ќе го изнесеме само фактот дека во оградата на црквата, од источната страна, е исправен еден споменик од мермер со плочеста форма и со проширен горен дел, кој упатува на тоа дека се работи за извесен постамент на кој нешто било поставено. На едната страна од овој споменик има натпис во два реда, односно два збора еден под друг и, веројатно, се работи за име на некој стар жител од населба во близина на ова место. За жал, како и натписот од првиот споменик и овој е тешко да се прочита со обично набљудување.

Пред црквата, која, според натписот на вратата е изграден 1913 година, десно од западниот влез се наоѓа уште еден мермерен објект со добро обработени форми, извесен постамент со квадратен пресек и проширен горен дел.
Црквата „Св. Богородица“ Споменикот пред црквата Споменикот со натпис кај црквата – страната со натписот Натписот на споменикот со кај црквата Натписот на споменикот со кај црквата 2
* Посетата на селото и ни ја овозможија Рубин и Цветко Насески, кои ни пренесоа и голем број корисни информации за селото и неговата околина