СПОМЕНИЦИ СО АНТИЧКИ НАТПИСИ ОД ЦРКВАТА „СВ.ДИМИТРИЈА“ КАЈ ЗАПУСТЕНОТО СЕЛО МЕЛНИЦА, ПРИЛЕПСКО

Случајно или не, во близина на еден многу значаен локалитет со богатство од остатоци од материјална култура, односно, локалитетот „Садевите“ кај запустеното село Мелница, се наоѓа и малата црква која му служела на некогашното село во времето на неговото активно живеење. Таа е посветена на светецот св. Димитрија, а преставува мала градба со апсида изградена копмплетно од камен со фуги од вар. На неа веднаш паѓа во очи еден бел камен вѕидан во западниот ѕид од градбата, лево од влезната врата на височина од околу 1,80 м на кој се среќава натпис.

Споменикот со натпис на западниот ѕид
Споменикот со натпис на западниот ѕид

Натписот, од археолозите е датиран во римско време. Се работи за дел од надгробен споменик со кој покојникот се хероизира, а се работи за извесен Таронсиос Ботиос. Интересно е што вториот дел од името асоцира на македонската област Ботиаја, која се простирала околу градот Воден.

Во црквата „Св. Димитрија“ во Мелница која се наоѓа во близина на локалитетот „Садевите“ се пронајдени и регистрирани уште два споменика со натписи кои денес се наоѓаат во Археолошкиот музеј во Софија во Бугарија. Едниот од нив се датира во периодот од II до III век во нашата ера, додека другиот во III век во нашата ера.1 Додека на првиот споменик се споменува смрта на извесна 25-годишна ќерка, на која споменик и поставил нејзиниот татко,2 на вториот споменик среќаваме име на покојник, кој освен латинското Валериј има и македонско име со исклучително старо потекло, Менелај.3 Ова име го среќаваме уште во „Илијада“ од Хомер, кое го носи кралот на Спарта, Менелај, кој е споруг на грабнатата Елена Тројанска. Менелај го среќаваме и на натпис од Мариово од 363/2, п.н.е., а се работи за висок достоинственик од Пелагонското кралство.4

Сл. 1
Сл. 1
Сл. 2
Сл. 2

Освен овие два споменика при рекогносцирање е утврдено дека во внатрешноста на црквата има фрагменти од мермерен столб. Сите овие споменици потекнуваат локалитетот „Садевите“ и укажуваат на исклучителното значење на некогашната населба која егзистирала на просторот на овој локалитет. Исто така, тие потврдуваат дека населбата егзсистирала и во период пред доцната антика, односно во римскиот период и македонскиот период, а со рекогносцирањето направено пред дваесетина години, на овој локалитет се констатирани значителни остатоци и од праисториска култура.

Близината на црквата „Св. Димитрија“ до локалитетот „Садевите“ може да укажува на староста на овој објект како градба од сакрален карактер. Таа, меѓу другото, служела и како црква за некогашните жители на селото Мелница. Во нејзина близина денес сè уште се забележуваат гробовите на покојните жители на Мелница од пред дваесетиот век, како и дел гробови од времето на Првата светска војна.

Црквата „Св. Димитрија“ - јужен ѕид и апсидата
Црквата „Св. Димитрија“ – јужен ѕид и апсидата