АНТИЧИКОТ БОГ ХЕРМЕС (МЕРКУР) ОД СЕЛОТО МАЖУЧИШТЕ, ПРИЛЕПСКО

Меѓу спомениците кои се грубо уривани и туркани пред тешките машини при расчистувањето на теренот за градба на задружниот дом во Мажучиште во 1948 г. и фудбалското игралиште во 1974 г. во блискиот канал завршила и една мермерна ара со релјеф од сите четири страни и со натпис за посвета.1 За среќа, таа е повторно пронајдена во 1996 г. кога со помош на машина се чистел каналот.2 Тој, всушност, е преполн со стар градежен материјал и делови од гробовите од растурената некропола која се наоѓала токму на фудбалското игралиште. Арата при активноста на машината е оштетена на два агли, но сепак е зачувана со сите содржини на неа. Таа содржи релјеф на сите четири страни и натпис во долниот дел. На фигурите од релјефот е раскажана приказната на античкиот бог Хермес кој бил еден од дванаесетте богови во антиката кои имале седиште на Олимп и кои му биле подредени на врховниот бог Ѕевс. Имајќи предвид дека арата се датира во првите векови на новата ера, треба да се нагласи дека во тоа време владее Римската Империја, а овој бог Римјаните го викале Меркур. Co ваквиот наод на мермерна ара посветена на богот Хермес се зголемува бројот на друштвото на античките богови кои биле култови и на овој простор. Имено, познато е дека во прилепскиот крај се пронајдени траги од култот на боговите Аполон, Артемида, Дионис, Херкул, Афродита, Деметра или Персефона и др. Наодот на Хермес во Мажучиште во близина на Златоврв може да биде уште една потврда дека Златоврв со својата околина поседувал поголем број светилишта посветени на античките богови и на тој начин бил вистинско седиште на античките богови.

Центарот на Мажучиште каде е изградена зградата на домот
Центарот на Мажучиште каде е изградена зградата на домот

Арата од Мажучиште, во релјеф, најпрво содржи една машка фигура која го претставува богот Хермес, a на останатите три страни се изработени желка, петел и говедо кои се главните атрибути на овој бог, кој бил гласник на боговите на Олимп. Хермес, пак, според митологијата е уште едно вонбрачно дете на немирниот во љубовта Ѕевс родено во неговиот однос со ќерката на титанот Атлант, Маја. Неговата мајка по раѓањето внимателно го повила и го ставила во решето за сеење жито. Токму заради тоа решетото е еден од предметите со кои многу често е претставуван овој бог, а кое го нема на арата од Мажучиште. Детето растело изненадувачки брзо и било многу немирно. Само што се свртила мајка му со грбот тоа се мушнало од повивките веќе израстено и заминало во потрага по игра и авантури. Во својот немирен нарав Хермес најпрво дошол во македонската област Пиерија која се наоѓала од северната страна на Олимп и е една од областите во која се родиле голем број култови од древната митологија меѓу кои и Деветте музи3, Орфеј4 и Мусај и др. Токму во оваа земја на прекрасни пасишта богот на знаењето, на пророштвата и светлината Аполон чувал големо стадо убави крави.

Арата (жртвеникот) од Мажучиште - денес бо лапидариумот на Завод и Музеј од Прилеп
Арата (жртвеникот) од Мажучиште – денес бо лапидариумот на Завод и Музеј од Прилеп

Хермес со итрина му го украл целото стадо и уште две крави заклал за да им жртвува на дванаесетте богови меѓу кои и самиот се броел. Кога Аполон го открил крадецот по кожите од кравите и музиката од лирата која Хермес самиот ја направил, немирниот бог му засвирил од инструментот и така го смилувал сопственикот на стадото. Уште повеќе, Аполон бил восхитен од звукот на лирата која Хермес самиот ја направил од корупка на желка и му понудил да му го отстапи целото стадо ако му ја даде лирата. Така и се случило, а подоцна кога Хермес направил и шупелка со прекрасен звук од обична трска Аполон повторно му понудил замена за убави пасишта за кравите. што се однесува до двете заклани крави Аполон му простил кога Хермес му раскажал дека ги поделил како жртва на дванаесетте богови и му пеел на лирата пофални песни.5

Претстава на говедо
Претстава на говедо

На барање на Хермес Ѕевс го прогласил овој бог за гласник на боговите што му прилегало на неговата брбливост.6 Освен тоа тој е заштит­ник на патниците на сите патишта и на трговците кои често носеле негови мали фигури со себе. Тоа е можеби и причина што низ Македонија се про­нај­дени голем број мали фигури на Хермес наречени „меркурчиња“ по римското име на овој бог. Петелот изработен во релјефот на мермерната ара од Мажу­чиште е еден од атрибутите на Хермес како гласник на боговите. Петелот, исто така е присутен при раѓањето на Аполон и Артемида кога бил присутен и Хермес, кој прв ја објавил радосната вест. Каде стоела арата посветена на богот Хермес? Ова прашање ќе остане да се разгатнува од страна на архео­ло­зите во некое идно време кога тоа повеќе ќе не интересира сите.

Претстава на петел
Претстава на петел

Засега може само да се претпостави дека таа стоела во посебен храм кој се наоѓал во близина на местото каде што е пронајдена. Во периодот на развојот на христијанството таа како впечатлив споменик веројатно стоела на некое место во христијанскиот храм чии остатоци се расчистени при градењето на Задружниот дом. Според паметењето на жителите на селото христијанската црква била посветена на св. Атанасие. Ако се има предвид постоењето на античка населба на овој простор, како и траги од уште постари населби посто­ењето остатоци од древните светилишта не треба да не изненадува. Всушност, за разјаснување на посебните периоди чии траги ги среќаваме потребно е многу поангажирано истражување и анализа на собраните податоци.

Според натписот кој, исто така, е содржина на мермерната ара овој споменик бил подарок на богот од некој ветеран во римската војска. На почетокот на натписот стои името на ветеранот Поплиј Ајлиј Филип, a потоа следува и името на местото од кое потекнувал, односно Колобаиса. Знаејќи дека археолозите под ова име ја идентификуваат античката населба на Трескавец, натписот станува поинтересен. Според натписот овој ветеран во римската војска во времето кога ја подарил оваа ара добил граѓанско право по отслужениот воен рок.

Во каналот во кој е пронајдена мермерната ара се турнати и други објекти од мермер кои, веројатно, потекнуваат од рудникот Сивец. Прашање е дали под земјата и калта не се наоѓа уште некој значаен споменик.

Селото Мажучиште со дел од атарот и Мраморски Рид
Селото Мажучиште со дел од атарот и Мраморски Рид