АРИСТОКРАТСКА ГРОБНИЦА ОД МАКЕДОНСКИ ТИП – ВИЗБАТА, ПРИЛЕПСКО

(Oткритие на Центарот „Калеш Анѓа“)

Истражената и очистена гробница - од исток
Истражената и очистена гробница – од исток

По кажување на Томе пчеларот дека во атарот на селото Дабница, Прилепско, северозападно од Прилепското Езеро, во близина на локалитетот Кукул, на кој се експлоатира гранит, се наоѓа извесна „пештера“, позната како „Визбата“ и која е добро оформена, како од човечка рака, го посетивме овој локалитет уште далечната 2009 година и констатиравме дека се работи за добро оформен објект, гробница во карпа од аристократски тип, познати како гробници од македонски тип.

Објекто бил засечен во една посебна карпа со височина од околу 1,5 м, на јужната страна од рудникот за камен, лево од патото кој води кон него. Гробницата била изработена со дромос и влез во карпата, како и една просторија со добро обработени ѕидови поставена во правецот север – југ, со тоа што на југ е дромосот и влезот, а на западниот дел се наоѓа просторија со таван на две води и со една ниша на крајниот западен дел. Западниот и источниот ѕид од просторијата биле со добро оформена и израмнета вертикала и просторијата остава силен впечаток на мајсторска изработка.

Гробницата на локалитетот „Визбата’ по археолошкото истражување
Гробницата на локалитетот „Визбата’ по археолошкото истражување

Во некое поново време, со започнувањето на експлоатацијата на гранитен камен од рудникот познат како „Кукул“ управата на фирмата, која го експлоатирала гранитот, за да обезбеди место за безбедно чување на експлозивните средства за потребите на рудникот, решила да користи една исклучителна просторија со непознато потекло изработена во монолитна карпа. Бидејјќи просторијата имала влез ниско на карпата, решиле да го затворат со ѕид од камен и да отворат нов отвор во просторијата над стариот влез, кој го затвориле со метален капак. Тука неколку години ги чувале експлозивните средтва, без да размислуваат за самото потекло и автентичната намена на добро оформената просторија во гранитниот монолит и ја користеле сè до активната експлоатација на гранит од споменатиот рудник.

Неопходно е да се спомене дека во близина на овој објект се наоѓаат остатоци од стара населба – фрагменти од керамички садови, тегови, тегули и други археолошки наоди, како и остатоци од ѕидови од стари градби, кои укажуваат на остатоци од населба од македонско-римскиот период. Всушност населбата, во голема мерка, го зафаќала просторот, кој денес е девастиран со експлоатацијата на гранитот. Археолошките содржини се појавуваат, речиси, на целата површина зафатена со експлотацијата, како и на делови, кои останале надвор од активностите на рударите.

Заѕиданиот влез и импровизираниот отвор
Заѕиданиот влез и импровизираниот отвор

Неколку години од нашето откривање на аристократската гробница од македонски (пелагонски) тип, по наша информација доставена до Заводот и Музеј – Прилеп, беше пријавена како проект за истражување при Министерството за култура и беше истражена со ископување во негјзината внатрешност, како и површината пред нејзиниот влез. Притоа беа измерени и димензиите на елелментите од кои е составен овој објект и е направено датирање во доцниот македонски период.1 Археолозите утврдија дека гробницата е со насока север – југ, со благо настранување кон исток и содржи помал дромос, со должина од 1,15 м и ширина од 1 м.2 Влезот во гробницата, кој во долниот дел е оштетен има височина од 0,85 м и широчина во горниот дел 0, 70 м.3 Погребната просторија, односно, комората, има правоаголна форма и зафаќа димензии 2,05 (1,75) м х 2,40 м и свод висок 1,78 н. При истражувањето се констатирани и две плитки ниши на страничните ѕидови, како и една подлабока ниша на ѕидот спроти влезот во комората. Додека првите две ниши се плитки,, односно, со димензии од 0,04 до 0,06 м, поголемата ниша е со длабочина од 0,50 до 0,64 м.3

Истражената и очистена гробница - од исток
Истражената и очистена гробница – од исток

Од нашите проследувања на гробницата на локалитетот „Визбата“, констатиравме и дополнителни елементи на објектот на неговата горна површина, односно на карпата во која бил издлабен. На неа се среќава и една издлабена правоаголна форма со добро оформени рабови од југоисточната страна и помалку видливи форми од северозападната, како и некои помали слични форми, кои укажуваат на покомплексната форма на целокупниот објект во времето на неговото активно користење за првобитната намена. Димензиите на овој правоаголен елемент се 1,20 х 0,50 м и длабочина од 0,08 до 0,03 н, со тоа што на јужната страна е сосема отворен, односно не е затворен. Тешко е аргументирано да се утврди неговата намена, но самата правоаголна форма, со убаво израмнето хоризонтално дно, упатува на извесна основа за поставување на своевиден надгробен споменик, кој бил дел од автентичниот изглед на целиот објект на гробницата.

При истражувањето
При истражувањето

Наша констатација е дека оваа гробница била дел од погребните објекти на жителите на населбата, која била лоцирана вои близина, односно, на локалитетот, кој е нападнат со рудникот за гранит. Сосема е логична претпоставката дека таа му припаѓала на некој повисок член на населбата, па дури и некој нејзин старешина. Фактот што на овој локалитет е присутен археолошки материјал од македонско-римскиот период оди во прилог на нашата констатција дека гробницата и населбата во близина биле во заемна врска.

Мора да се напомене дека овој објект – гробница од аристократски тип, се одликува со особени карактеристики, односно претставува исклучителна форма од овој тип, кој не поседува преткомора, туку само дромос и погребна просторија со ниши за прилози или слична намена, Според археолозите, можно е и тоа дека се работи за недовршена форма на ваков тип објект4 од фунералната архитектура на античкиот, односно, македонскиот период. Наше мислење, сепак, е дека таа била употребена за погребување, веројатно и со доплнителни конструктивни елементи, кои се изгубиле во текот на времето, особено со многубројните напади од различни побуди врз објектот.

ПРИ ОТКРИВАЊЕТО

ПО АРХЕОЛОШКОТО ИСТРАЖУВАЊЕ

АРХЕОЛОШКИ МАТЕРИЈАЛ ОД БЛИСКАТА ОКОЛИНА НА ГРОБНИЦАТА И ОД ЛОКАЛИТЕТОТ СО ОСТАТОЦИ ОД НАСЕЛБАТА