ДВЕ ПРЕДАНИЈА ОД ГУДЈАКОВО, ПРИЛЕПСКО

Еден локалитет во атарот на селото Гудјаково неспоменат во локалитетите со археолошки содржини, го привлече нашето внимание преку раскажувањето предание за него. Преданието се однесува на името на овој локалитет кое гласи „Момини Порти“. Преданието ни го раскажа Стојан Митрески, жител на Гудјаково кој со своето семејство се уште чува добиток во атарот на ова село.

-„Во турско време некои лоши Турци на еден од празниците на селото кога жителите славеле со песна и оро, сакале да грабнат неколку девојки од селото. Девојките не сакале да им се предадат на Турците и почнале да бегаат. Притоа гонети од нив тие стигнале до едни големи и стрмни карпи и немале каде повеќе да одат, но не сакале повторно да бидат допрени од насилниците Турци и сите се фрлиле во пропаста. Поради тоа местото каде се истепале девојките е наречено Момини Порти, а во подножјето на карпите и денес се наоѓаат обетки, прстени и друг накит од храбрите девојки кои доброволно се фрлиле од стрмните карпи“. Местото со двете карпи познато како „Момини Порти“ се наоѓа на околу 1 км североисточно од селото Гудјаково.

Од Стојан Митрески слушнавме уште едно предание кое ни го раскажа и Лазо Стојаноски кој потекнува од соседното село Вепрчани. Тоа се однесува на друг локалитет кој се наоѓа на околу 4 км западно Гудјаково, на ридот во близина на превојот Клен. Локалитетот е наречен „Светецот“ заради фактот што на тоа место во ноќите се појавува некоја чудна светлина која никој не може да ја објасни. Според раскажувањето „на местото на светецот во некое старо време бил убиен еден поп и заради тоа оттогаш тука излегува светлина која посебно се забележува во ноќите без месечина“.

Клен - превој меѓу селата Дрен и Гудјаково
Клен – превој меѓу селата Дрен и Гудјаково
Момини Порти
Момини Порти