ГОЛЕМИОТ АНТИЧКИ ГРАД СТИБЕРА КАЈ С. ЧЕПИГОВО II

УГЛЕДНИТЕ ГРАЃАНИ ОД АНТИЧКИОТ ГРАД СТИБЕРА

– Меѓу големиот број скулптури, бисти и глави од бисти или скулптури, пронајдени во Чепигово се наоѓаат и ликови на богати и угледни граѓани на градот Стибера, како и ликови на цареви и царици. Меѓу нив, посебно место заземаат ликовите на таткото и синот Орест и Филоксен, царицата Антестија и др. Освен изработените ликови, угледни граѓани од Стибера се споменуваат и на некои од големиот број мермерни споменици со натписи.

Старешината Пудент
Старешината Пудент

Од двете градби кои се ископувани од античкиот град Стибера кај Чепигово, т.е. храмот на божицата на судбината Тихе и гимназио­нот, се извадени голем број статуи, бисти на истакнати граѓани на Стибера. Имиња на богати и истакнати граѓани на овој град се споменуваат и на голем број натписи на мермерни споменици. Тие биле членови на големи и богати семејства од градот, донатори за изградба на јавни згради во Стибера, старешини на институции и сл. Меѓу спомениците пронајдени во Стибера се среќаваат и ликови на цареви и царици, кои биле поставувани во некои од јавните згради на градот. Многу од скулптурите и бистите, како и други споменици, биле однесени од местото на кое стоеле или паднале при рушењето на зградите уште во постарите периоди, односно пред ископувањата вршени од археолозите. Тоа е утврдено според пронајдените места на кои стоеле такви споменици. Така, на пример, во хероонот кој се наоѓал до градбата на гимназионот е утврдено дека имало места за триесетина статуи, но денес од нив имаме само неколку.1 Слична е и состојбата со храмот на Тихе, каде се пронајдени постаменти со натписи на личности, но без нивните споменици. Имајќи го предвид овој факт, пронаоѓањето на голем број статуи, бисти и други споменици во храмот на Тихе и гимназионот од Стибера, може да се констатира дека овој град бил исклучително богат со вакви споменици, како на познати личности така и на божествата кои биле важечки во периодот на неговото постоење.

Антестија Фуска
Антестија Фуска

FГОЛЕМОТО СЕМЕЈСТВО НА АНТЕСТИЈА ФУСКА ОД СТИБЕРА

Може да се рече дека едно од најистакнатите семејства од Стибера е семеј­ството Фуска. Тоа се констатира според пронајдените споменици со натписи во ло­ка­литетот „Бедем“ кај Чепигово, на кои се среќаваат имиња на лица кои се негови чле­нови. Во храмот на божицата Тихе се пронајдени бисти со ликовите на двајца угледни членови на ова семејство, Орест и Филоксен, кои се татко и син. Тие се пронајдени паднати под средната ниша во храмот на Тихе, кој е обновен во 127 година на нашата ера. Како што веќе беше споменато, на натписот посветен на обновувањето на хра­мот се споменуваат имињата на Антестија Фуска, по чиј завет нејзините наследници „Т. Флавиј Филоксен син Орестов, М. Ветиј Никарх, Г. Јулиј Капитон и браќата на Антестија Трофим и Христ“ храмот и бистите во него ги обновиле и приложиле 5 000 денари во Советот.2

Антестија
Антестија

Членови на семејството Фуска се споменуваат и на натписите на другите плочи, кои биле основи за споменици во седумте ниши на храмот. На овие плочи се сре­ќаваат имињата на Антхестија Фуска, господарката која оставила тестамент во кој им наложува на нејзините наследници да го обноват храмот, нејзините блиски роднини Тифанија Антестија, Тифанија Нике, Тифаниј Фуск и Тифаниј Пудент. Од нив, според натписот, се знае дека Тифаниј Пудент бил центурион, односно офицер во римската војска (на натписот, екатонтархон).3 Меѓу членовите на семејството Фуска посебно се истакнувал Тит Флавиј Филоксен, кој во тестаментот на Антестиа Фуска, заедно со името на својот татко, е ставен на прво место.4 Тој, веројатно, бил најугледен од ова семејство и поради тоа си обезбедил место за својата биста и бистата на својот татко Орест, во средната ниша на храмот. Бидејќи на плочата од нишата веќе имало текст имињата на Филоксен и Орест се врежани на посебни постаменти5 високи 0,58 m кои биле ставени во нишата, а врз нив биле поставени бистите. Постаментите со нивниот натпис и бистите на Филоксен и неговиот татко Орест, се пронајдени паднати пред нишата во храмот.6 Денес, бистите на овие двајца угледни Стиберанци го красат Музејот на Македонија во Скопје. Тие се истакнуваат со посебна уметничка претстава на ликовите, дело на голем мајстор на портрети од времето на нивното живеење.

За семејството Фуска
За семејството Фуска

ИМИЊА НА УГЛЕДНИ ЛИЧНОСТИ СО ФУНКЦИИ

Освен погореспоменатиот Тифаниј Пудент, меѓу натписите пронајдени во Стибе­ра се среќаваат и други имиња на личности кои извршувале одредени функции во институциите на градот. Посебно место заземале лицата кои раководеле со гимна­зионот во Стибера, чии имиња се споменуваат на некои мермерни споменици, со натпис пронајден при ископувањата на гимназионот. Гимназионот бил составен хероон со светилиште и перистил, со предворје и екседра кои биле одвоени градби.. Градбата на хероонот била долга 21,6 m, а широка околу 11 m. Ѕидовите биле дебели околу 1 m, а источниот ѕид бил дебел од 1,8 до 2,1 m. Источниот ѕид бил поставен врз ѕид од времето на македонската империја, т.н. хеленистичко време.7 Салата на хероонот од гимназионот зафаќала површина од преку 100 m2. Десно и лево од нејзиниот влез биле наредени шест постаменти на кои имало статуи на заслужни граѓани или управници на гимназионот. Дел од статуите, помалку или повеќе оштетени, се пронајдени покрај нивните постаменти, а три од нив се однесени во претходните периоди. Мермерни споменици стоеле и покрај ѕидовите на салата. На еден од овие споменици е претставен управникот на гимназионот, наречен гимназиарх, Никанор, како и еден постамент за статуа на некој угледен граѓанин на Стибера, Посидип Тесалов подигната од Советот и Собранието на Стибера.8 Најголемиот број споменици од гимна­зионот не биле пронајдени при ископувањето, бидејќи претходно биле однесени од разните трагачи по богатства.

Филоксен и Орест во ископините
Филоксен и Орест во ископините
Филоксен
Филоксен

На еден од натписите на мермерните споменици од Стибера, со каталог на ефе­бите од гиманзионот, како гимназијарх се споменува и Николаос Аполодорон. Споме­ни­кот со овој натпис на кој има долг список со ефеби, млади воспитаници на гимна­зионот, потекнува од 74/75 година на н.е. и започнува токму со името на гимна­зи­јархот. Потоа, следи пригоден текст и долг список на ефебите од оваа учебна година.9

Од угледните личности кои се споменуваат на натписи или се среќаваат и на изработени ликови присутно е и името на Аристоник Теодорон, кое се среќава на една мермерна стела.10 Имињата на Марко Ветиј Филон и други угледни граѓани на Девриоп, област во која се наоѓал градот Стибера, се среќаваат на една мермерна плоча која извесно време се наоѓала во дворот на едно основно училиште во Битола, а сега се наоѓа во Музејот на Македонија во Скопје. Овој натпис го споменува Охри­ѓа­нецот Димица, а го пренесува и српскиот археолог Сариа Балдуин. Еве го преводот на натписот кој го среќаваме кај Сариа:

– Од Филип, син на Посидип, Орест, син на Орест, Прамтос, син на Ликин, со коцка избраните претседатели:

Запис на решението од 11 на месец Дајсиос 242 година. Кога политархите со синот на Филип Блетер го свикаа општинскиот одбор на Девриоп, Филон, синот на Конон реферираше за Марко Ветиј Филон, својот чичко, па извести дека овој уште од порано многу ја почитувал својата татковина и дека и при смртта се сетил на честа која му е укажувана од страна на одборот. Затоа со тестамент основал фонд од 1500 денари под услов, со каматата која би ја до­нес­ла главницата, одборот секоја година да прослави еден ден во чест на Ветиј Болан со еден банкет. За ден на оваа прослава е одреден 19 октомври.

На ова, општинскиот одбор реши поклонот по желба на основачот да се прими, па и парите под условот кој од основачот е пропишан во тестаментот, и секоја година од каматата да се прослави еден ден во чест на Ветиј Болан. Понатаму, ниту од наведената главница, ниту од годишната камата да не се пот­роши ништо за било која друга намена, туку точно како што сакал заве­ту­вачот Филон. – Парите ги преброја и прими општинскиот благајник Луциус Лу­кре­циус Пудес.11

Од другите личности, граѓани на античкиот град Стибера се споменува и името на македонијархот Септимиј Силван Никомах, член на едно угледно македонско семејство од кое произлегле неколку македонијарси, па дури и еден конзул.12 Овој Стиберанец се споменува на натпис од пронајдениот постамент за статуа со неговиот лик. На еден мермерен споменик пронајден во Варош, кај Прилеп, е пронајден натпис со името на Фронтон Дионисиј Стиберанец, кој изгледа бил на служба надвор од својот град. Меѓу натписите на Стибера најголем број имиња на граѓани на овој град има на списоците на ефебите пронајдени во гимназионот.

ЛИКОВИ НА ЕДНА ЦАРИЦА И ЕДЕН ЦАР ОД СТИБЕРА

На натписите пронајдени на мермерни споменици од предворјето на гимназионот во Стибера, се споменуваат и имињата на двајца свештеници Септимиј Елиј Јулијан и Јулија Елија Нике, првосвеш­те­ници и свештеници во храмот на императорите. Овие двајца свеште­ници од Стибера подигнале биста на цар, според Иван Микулчиќ, веројатно, на царот Требонијан Гал (251–253). Од статуата е пронај­дена само неговата глава. Од Стибера потекнува и ликот на царицата Фаустина Помладата, кој денес го имаме само на фотографија. Се работи за биста на царицата Фаустина Јуниор, која денес се наоѓа во градот Љубљана во Словенија, каде што е продадена од пронаоѓачот.

Требонијан Гал (251–253)
Требонијан Гал (251–253)
Царицата Фаустина Помладата
Царицата Фаустина Помладата

Претходно опишаните посети на Стибера од највисоки личности, како што се царевите и големите војсководачи уште во раноантичкиот период, историски потвр­де­ното присуство на кралот Филип V и неговиот син Персеј и војсководачот на римската војска Сулпициј Галба, сите овие податоци од Стибера говорат за долгиот конти­ну­и­тет на значење и развој на овој град во антиката.

НЕШТО ОД НАЈНОВО ОТКРИЕНИТЕ НАТПИСИ

        Со најновите археолошки ископувања на локалитетот „Бедем“ кај селото Чепигово, откриени се поголем број споменици со натпис, со релјефни претстави или скулптури на божества или угледни граѓани. Такви се една фрагментираната скулптура, како и еден мермерен блок со натпис на кој се споменува Собранието на Стибера, а кои се пронајдени токму во остатоците на зградата на оваа институција. Во истиот простор е пронајден уште еден поголем мермерен споменик со натпис, кој е подигнат во чест на извесен Септимиј Аврелиј, веројатно истакнат граѓанин на Стибера, старешина во рамките на Собранието на Стибера и на областа Девриоп, а во врска со одржувањето и изградбата на патишта.

Натпис-„СОБРАНИЕ НА СТИБЕРА“
Натпис-„СОБРАНИЕ НА СТИБЕРА“

 

Споменик со натпис на кој се споменуваат Стибера, Девриоп, Септимиј и др.
Споменик со натпис на кој се споменуваат Стибера, Девриоп, Септимиј и др.

Според археологот, Душко Темелкоски, од Заводот и Музеј во Прилеп, раководител на археолошките ископувања на локалитететот „Бедем“, споменици со натписи на кои се споменуваат угледни и заслужни граѓани на овој голем антички град се пронајдени и во текот на најновото археолошко ископување, кое се уште е во тек.

Имајќи предвид дека Стибера, со археолошките остатоци кои се познати до денес, со големиот број натписи и други археолошки споменици, упатува на град кој имал престижна улога во пошироката област, може да се очекува пронаоѓање на непредвидливо голем број значајни споменици од античкиот период и во иднина.

 

1 Иван Микулчиќ, Стибера, Македонско наследство бр.1, Македонска ци­ви­лизација, јули 1996, Скоп­је, 28.

2 Натписот со тестаментот на Антестиа Фуска се наоѓа на плочата од подот на глав­ната ниша на источниот ѕид од храмот на Тихе. Marijana Ricl, INSCRIPTIONES GRAEKAE, 166, бр. 336. И. Микул­чиќ, Стибера, 23.

3 Marijana Ricl, INSCRIPTIONES …, 167, бр. 336, 337, 338, 339, 340, 341. И. Микулчиќ, Стибера, 25.

4 Исто.

5 Исто, 168, бр. 342 и 343.

6 И. Микулчиќ, Стибера, 26 и 29.

7 Исто, 28.

8 Исто.

9 Marijana Ricl, INSCRIPTIONES …, 157 и 158, бр. 326.

10 Исто, 148, бр. 318.

11 Сариа Балдуин, Археолошка испитивања у Јужној Србији, 112 и 113.

12 Фанула Папазоглу, Македонски градови у римско доба, 220 и 221.