ВРВОТ ЧАРДАК НА МАРКОВИ КУЛИ КАЈ ПРИЛЕП – ЦЕНТРАЛЕН КУЛТЕН ОБЈЕКТ ВО СТАРИОТ ГРАД ПРИЛЕП СО ГОЛЕМ БРОЈ СИМБОЛИ

Една композиција од цртежи со бела боја, која се наоѓа на југоисточната страна на највисоката карпа на Маркови Кули кај Прилеп постојано го привлекува вниманието на намерниците и посетителите, но до денес не доживеала соодветен научен третман. Од друга страна, на највисокиот дел на Чардак, по површината на највисоките карпи, се среќаваат уште голем број други цртежи, кои фасцинираат со својата форма и мистичност.

Врвот „Чардак“ на Маркови Кули кај Прилеп 2
Врвот „Чардак“ на Маркови Кули кај Прилеп 2

 Кај најстариот човек, посебна фасцинација предизвикувале камењата со заоблени форми, како и големите фасцинантно оформени карпи и планински врвови, кои се сметале за места поблиски до боговите, до сонцето и светлината, кои биле феномени со нагласена култност и обожување. Можеме да констатираме дека верувањата и култовите кои се развиле подоцна во културниот развој на човештвото имаат свој корен во каменот како основен објект, кој бил прв на дофат на човекот. Како таков, во одредени периоди, веројатно, уште од палеолиотот, а посебно во неолитот, служел за правење на големи камени обелисци, како обележја на гробови или култни места, околу кои се случувале религиските активности. Тоа е времето на веќе споменатата мегалитска култура, која неминовно се развила и на просторот на кој живееме ние денес и пошироко на балканот и Мала Азија.

Делот со поткарпата во која се зачувала композицијата со цртежи 2
Делот со поткарпата во која се зачувала композицијата со цртежи 2

Чардак е една од главните причини за формирањето на древната населба на овој простор, корен на населбата, која изникнала некаде во длабоката праисторија, неолитот, бронзеното време, како и железниот период, а продолжило континуирано населување во текот на следните периоди од културниот развој на човекот, во раноантичкиот период, римската епоха како и во средниот век на просторот на самиот рид Маркови Кули, на падините кон Заград и на самиот Заград, како и на јужните и источните падини и на просторот на кој денес се наоѓа населбата Варош, па се до денес кога, со мали просторни промени, имаме град од над 70.000 жители и го носи древното име Прилеп.

Централниот дел од композицијата со шенатизиран стрелец во центарот
Централниот дел од композицијата со шематизиран стрелец во центарот

Трагите на населување на овој дел од Маркови Кули водат дури до неолитот, односно, новото камено време. Од овој период на врвот се пронајдени неколку камени орудија, праисториска керамика и остатоци од животински коски и други слични наоди, чие датирање води до петото и шестото илјадолетие пред нашата ера. Во тие периоди се датирани коски од говедо, коза или овца, од куче и сл.1 За праисторијата, меѓу научниците, е познат и култот кон коските, кој е еден од сегментите според кој се проучува материјалниот и духовниот живот на луѓето уште од палеолитот. Наодите на намерно сложени коски од овца, коза и сл. во некои подоцнеж ни култни градби, укажуваат на фактот дека и на врвот Чардак се случувале извесни активности од општествен, но и култно–религиски карактер, при кои се користеле споменатите животни.

Двајца коњаници во фронт кон животните од другиот дел на композицијата
Двајца коњаници во фронт кон животните од другиот дел на композицијата

Ваквите остатоци на самиот врв, заедно со остатоците на праисториски живеалишта, како едно добро документирано живеалиште, односно праисториска куќа која е датирана во бронзеното време, како и големиот број цртежи со бела боја, кои се наоѓаат на двете страни од највисокиот карпест врв – Чардак, укажуваат на култноста на самиот врв и на остатоци од култни објекти во посебни места под самиот врв и околу него. Таков култен објект се наоѓал во една поткарпа – дел од поранешна пештера – од југоисточната страна, на чиј ѕид се наоѓаат голем број цртежи на разни животни и луѓе, меѓу кои елени, коњи со јавачи или без нив, човек со стрела, птици и сл. Тоа е времето кога на луѓето им била потребна заштита од разните напади на племиња, кои доаѓале од истокот, но и од северот, како и заштита од мочурливото земјиште во рамнината Пелагонија, односно, времето кога луѓето почнале да формираат населби и да обработуваат земјиште, но и да ловат во околниот планински простор, како и во мочурливата Пелагонија, која располагала со завиден фонд на диви животни и птици за лов.

Еден од коњаниците од композицијата на југоисточната страна на култната карпа
Еден од коњаниците од композицијата на југоисточната страна на култната карпа

Специфичната форма на самиот рид Маркови Кули и на неговиот источен дел Чардак, значел заштита, но и извесна фасцинација за древните жители, кои им се оддавале на верувањата, ритуалите и обредните процесии за да ги скротат боговите и демоните, под влијание на големиот број природни појави, со кои секојдневно се соочувале. Всушност, се работи за остатоци од религиско–култен објект, од религискиот систем на живеење на древните жители на овој простор. Голема е веројатноста дека дел од пронајдените остатоци од коски на животни се соодветни жртви, користени при обредните активности на врвот Чардак. Околу овој култен објект, најдоцна во енеолитот, (а не е исклучено дека тоа се случило уште во неолитот) се формирала општествена заедница на поголем број жители, кој егзистирале на просторот на самиот рид и на неговите падини. Значи култниот објект, кој е посвета на одредени божества, бил средиште на комплексен општесвено–религиски, економски и културен развој на древните заедници.

Вториот коњаник од композицијата
Вториот коњаник од композицијата

 Опис

Карпата на која се наоѓаат цртежите во одреден период, доживеала деструкција така што нејзината форма денес е изменета. Цртежите се наоѓале во помала пештера чиј таван се откршил и денес цртежите се на отворен простор, но сепак заштитени со дел од таванот на некогашната пештера.

Јама во форма на обратен конус на терасата пред композицијата со цртежи
Јама во форма на обратен конус на терасата пред композицијата со цртежи

Цртежите гледаат кон исток, односно, се поставени на профилот на карпата, кој е насочен во правецот на исток. Гледајќи ги сликите од лево кон десно, на почетокот има една форма која е тешко да се идентификува и се наоѓа на издаден дел од карпата, поставен нормално на големата површина со цртежите. Следат слики на неколку коњаници (2 или 3), кои во едната рака држат копје, а во другата нешто како штит. Едниот од коњаниците, заедно со копјето, е долг 0,50 м, а висок 0,040 м, а другиот е со димензии 0,40 х 0,23 м. Во поголем дел од комплетната слика се појавуваат разни животни, кои се хранат од гранки од дрвја, кои се исто така присутни. На делот од десната страна се осамени животни, како коњи, говеда, елени и сл, а на крајниот десен дел се појавуваат група животни. Зачудува еден сегмент во средината на групата животни, нешто како шематизирана форма на човек со лак и стрела, која се појавува како наметната фигура, која изгледа како да е вметната во некое друго време, кое не соодветствува со времето во кое се создавани другите слики. Таа е сразмерно многу помала од фигурите на животните.

Детал од композицијата од југоисточната страна - птица 2
Детал од композицијата од југоисточната страна – птица 2

Ваквиот распоред на цртежите асоцира на приказ на лов на диви животни, при што ловците се на коњи. Притоа може да се забележи дека коњаниците се распоредени во поширок фронт, како да имаат намера да ги заобиколат животните и да ги стегнат во обрач за полесно да уловат некое од нив.

Целата композиција, всушност, е своевидна жртва и обраќање кон боговите, за обезбедување богат лов, богатство на животни за лов и безбедност при ловот. Преку сликите, од боговите се бара да ги смируваат животните, да не им дозволат да се вознемират од присуството на ловците и да им овозможат богат лов. За таа намена, на сликите се претставени животни кои мирно се хранат од гранките на дрвјата, како да не го забележуваат присуството на ловците, кои се обидуваат да ги заобиколат и изненадат. За таа цел, во самото средиште на животните е насликана шематизираната форма на ловец, кој всушност е своевиден дух на ловец, ловец – божество, кое му помага на ловците во намерата да уловат некое од животните. Всушност, само на овој начин може да се обајсни присуството на шематизираната форма на ловец со затегнат лак со стрела меѓу групата животни, кои воопшто не ги вознемирува и мирно се хранат од гранките на околните дрвја.

Во посета на композицијата на „Чардак“ со ликовниот уметник и ентузијаст Александар Настески од Тетово
Во посета на композицијата на „Чардак“ со ликовниот уметник и ентузијаст Александар Настески од Тетово

Се добива впечаток како да се имало намера со целокупната слика да се даде реален приказ на земниот распоред на животните и човекот на земјата. Птиците, кои се застапени со 1 до 2 примероци се наоѓаат во повисокиот дел на големата слика, што можеби значи приказ на нивната моќ да ги освојуваат високите простори на атмосферата со способноста за летање.

На камената тераса, пред цртежите, во очи паѓа и една конусоидно издлабена јама, со отвор во форма на блага елипса со димензии 0,19 х 0,18 м и длабочина од 0,15 м со прилично мазни ѕидови. Тоа ни укажува на одредена специфична намена. Такви јами со, речиси, исти димензии, форма и обработка, се среќаваат на повеќе локалитети, особено на оние на кои се среќаваат траги од праисториско присуство. Од моето лично набљудување и искуство од локалитетите низ Пелагонија, Мариово и Прекурид можам да набројам неколку локалитети со праисториски содржини на кои се среќаваат јами со слична форма. Се разбира, за нивно прецизно датирање не може да стане збор без примена на соодветни методи, бидејќи на истите локалитети, всушност, како и на овој за кој овде станува збор, често, се среќаваат археолошки показатели и за подоцнежните времиња. Ваквата јама, во близина на цретежите од врвот Чардак на Прилепската Тврдина може да значи дека таа служела за извесни култни потреби, но и за сосема практична намена, како поставување столб или сл. Фактот што се работи само за една јама на камената тераса пред цртежите, како и нејзината позиција и обработка, упатуваат на извесна култна намена.

За цртежите на „Чардак“ се заинтересирани археолозите Александар Миткоски и Александар Мургоски
За цртежите на „Чардак“ се заинтересирани археолозите Александар Миткоски и Александар Мургоски

Во последно време, со набљудувањето и анализата на површината на карпите на врвот Чардак, забележав и неколку други места со цртежи кои, од своја страна, се дополнителен показател дека каменестиот врв бил објект на култно религиски третман и фасцинација. Имено, во една помала природна ниша на карпите на терасата од источната страна, која е обградена со ѕид, се среќава шематизиран приказ на птица со раширени крила. Нишата е со неправилна кружна форма со пречник од 0,30 м, свртена кон североисток, а цртежот е висок 0,20 и исто толку широк, ако се мерат и раширените крилја. На истата карпа се забележуваат остатоци и од други цртежи. На 0,80 м северно од претходната ниша се наоѓа друга природна ниша, со хоризонтално поставена неправилан елипса, во која има остатоци од две глави со антропоморфен изглед, како и остатоци од боја од други форми, кои е тешко да се идентификуваат. На 1 м северно од втората ниша, на профилот на карпата се среќава оштетен цртеж на коњ, куче или некое друго четириножно животно.

Карпа со цртежи јужно од врвот „Чардак“
Карпа со цртежи јужно од врвот „Чардак“

Цртежи со бела боја, со слична стилизација, се среќаваат и на северозападната страна на Чардак. Високо на грамадната карпа, во една поголема природна ниша со неправилна форма, се среќава една антропоморфна фигура со лак и стрела насочени кон некое четириножно животно. Сликата во голема мерка е избришана. На останатиот дел од нишата и на нејзините рабови има остатоци од бела боја, дел од уништени цртежи. На профилот на карпата, над нишата со претходните цртежи, има уште еден цртеж на четириножно животно, со нагласено големи уши и подотворена уста, што може да значи дека се работи за куче, но можеби и некаков ѕвер. Бојата на овој цртеж е обледена, но формата на животното е јасно зачувана. Цртежите од оваа страна на Чардак се тешко достапни, бидејќи се на неколку метри на високата карпа. На самата карпа има остаток од некогашен ѕид со малтер, приближно во висина на цртежите, што може да значи дека до нивната висина имало градба на повеќе ката, а цртежите биле дел од некоја просторија во повисоките катови на градбата. Тоа, сепак, е тешко да се потврди со сигурност.

Птица, веројатно буф, на една од пониските карпи на „Чардак“
Птица, веројатно буф, на една од пониските карпи на „Чардак“

 Научно истражување и толкување

Врвот Чардак, од некои викан Големо Тапанче, од други Крупник, се наоѓа на северната страна од локалитетот Маркови Кули и претставува голема каменеста тумба, која располага со силни ѕидишта за кои е констатирано дека се најстариот дел од Прилепската тврдина и делови од ѕидовите потекнувааат уште од раноантичкото време, односно, 4-от век пр. н.е., времето на античкото македонско кралство и македонската империја. Според археолозите, на овој дел од Прилепското Кале има остатоци од утврдувачки ѕид, кој потекнува од хеленистичкото време, а кој бил во добра состојба дури и во средниот век кога тврдината била обновувана. Дотолку што ова ѕидиште, и во таква форма, можело да служи како заштитен ѕид, дури и во средниот век. Значи било доволно сочувано и цврсто. Тоа укажува на континуитетот на населувањето и користењето на Прилепската Тврдина за живеење и заштита од непријателските напади.

Три човечки локови на карпата јужно од врвот
Три човечки лика на карпата јужно од врвот

При откривањето на цртежите на врвот Чардак, во 1978 година, научниците од Полска и од тогашна Југославија, како Тадеуш Полак, Еугениуш Цнотливи, Бошко Бабиќ и др., од тогашната Полско–југословенска истражувачко конзерваторска мисија биле фасцинирани и понесени, а првите споредби и датирања на цртежите ги направиле со слични сцени откриени во областа Трен во Албанија, кои се датирани во т.н. Халштатски период, односно 7-ми век пред нашата ера.2 Следуваат натамошни анализи и обработка на цртежите, фотограметриски прикази и фото–документација, како и споредба со разни цртежи на карпа откриени во Србија, Црна Гора и на други места, но научната анализа и обработка не е завршена, поради што датирањето на сликите од Чардак останува со првичната споредба со сличните од Албанија и нивното датирање во 7-миот век пр. н.е.

Кај цртежите на „Чардак“ со археолозите Александар Миткоски и Александар Мургоски
Кај цртежите на „Чардак“ со археолозите Александар Миткоски и Александар Мургоски

 Заклучок: Во недостиг на посериозна научна обработка, анализа, карактеризација и датирање на цртежите од врвот Чардак, можеме да констатираме дека располагаме со особено значаен археолошки и културен документ, оставен сам на себе, сосема незаштитен и изложен на деструкција и уништување. Археолошките наоди од врвот, како и големиот број цртежи на највисоката карпа, укажуваат на фактот дека таа претставувала своевиден култен објект, место на престој на боговите, каде биле приложувани жртви за придобивање на нивната милост, а токму од такви причини, околу самата карпа и во поширокиот простор, се формирала праисториската населба, која продолжила да егзистира и во следните периоди.

Делот со цртежи на профилот на карпата на „Чардак“ од северозапдната страна
Делот со цртежи на профилот на карпата на „Чардак“ од северозапдната страна

Овде сакаме да упатиме повик за посериозен пристап и внимание во заштитата на ваквите културни сегменти и целини, артефакти на материјалната култура на нашиот простор со општоцивилизациско значење, кои заслужуваат далеку посоодветен третман, а кој, се разбира, за сите нас ќе значи соодветен начин на лично воспитување и духовно обликување, кое ќе не воведе во повисок стадиум на духот, а може да биде и еден од многубројните значајни сегменти на овој локалитет, кој ќе биде предмет за пошироко културно, научно, истражувачко набљудување и туристичка атракција.