ДЛАБОКИТЕ КОРЕНИ НА СВЕТОСТ НА ЦРКВАТА „СВ. ТРОИЦА“ ВО СЕЛОТО РОПОТОВО, ОПШТИНА ДОЛНЕНИ

Живописот на црквата го направиле мајстори од селото Гари во западна Македонија. Поточно, како што се гледа од натписот на јужниот ѕид, тоа се зографите Димитрија, Евтим и Георги Андонови од селото Гари – мајстори од познатата тајфа зографи од родот Ангелкови.

Црквата „Св. Троица“ со гробиштата
Црквата „Св. Троица“ со гробиштата

 Доколку сакате да го посетите селото Ропотово, денес во Долненската општина, лесно ќе го најдете ако тргнете по патот Прилеп – Македонски Брод, на дваесетина километри од Прилеп, а на околу 7 километри пред селото Дебреште. Наша цел, овојпат, беше посета на селската црква „Св. Троица. Како што се гледа од ктиторскиот натпис на северниот ѕид, во западниот агол, таа била изградена во 1859 година, а на нејзино место имало постара црква со помали димензии. Тоа може да се забележи и на самиот ѕид на црквата, особено на источната страна, над апсидата, каде јасно се одделува надѕидокот на градбата, која била пониска. Според раскажувањето на жителите од селото, на старата порта, која денес се наоѓа во дворот на црквата, имало натпис на кој стоела годината 1937.

Убавата градба на црквата
Убавата градба на црквата
Новата порта
Новата порта
Старата порта
Старата порта

Денешната црква е подигната по иницијатива и заложба на тукашниот свештеник Ристе Здравески, чиј гроб се наоѓа од јужната страна на апсидата, во мошне распадната положба. Црквата претставува еднокорабна градба, изградена од камен и малтер, со убаво изработена апсида. Таа, надворешно, остава силен естетски впечаток, кој го создаваат каменот со жолтеникаво-кафеава боја и белиот малтер. На нејзиниот покрив, иако мала форма, остава впечаток мермерниот крст со соларни симболи на краците со динамична форма.

Местоположбата на црквата е грижливо одбрана на доминантно место над селото, од неговата северозападна страна. Имајќи предвид дека во дворот на црквата има и една ниска карпа со култни обележја, може да се претпостави дека ритчето има долга историја на светост, односно култно-религиска традиција со подлабоки корени во времето. Се работи за карпа со елипсовидна, приближно хоризонтална површина, со насока север – југ, на која е издлабено помало корито со правоаголна форма, а во негово продолжение има и крст. Двата изработени објекти зафаќаат насока како и самата карпа, со тоа што коритцето е на јужната, а крстот во продолжение од северната страна.

Според раскажувањето на питропот Зоран Иваноски и други жители на селото Ропотово, овој објект има

Црквата со апсидата и јужниот ѕид
Црквата со апсидата и јужниот ѕид

необично својство, постојано да чува вода во малото корито, без да се намалува или испарува, а водата од него има чудотворна моќ да помага на луѓе со разни здравствени проблеми. Во него секогаш имало вода, без разлика на временските услови, но во последно време, се случувало и да ја снема, бидејќи ја пиеле кучиња скитиници, кои особено се намножиле во селото.

Дека христијанството во Ропотово зафатило длабоки корени потврдуваат и истражувачите на средновековната книжевност, според кои селото Ропотово претставувало своевиден помал центар на христијанската книжевност.1 Имено, токму од ова село потекнуваат дури четири ракописи – споменици на христијанската книжевност во Македонија стари и по неколку векови. Во Ропотово се пронајдени еден оштетен лист од Октоих од првата половина на XV век, кој денес се чува во Националната и универзитетска библиотека (НУБ) „Св. Климент Охридски“ во Скопје, како и еден Октоих од петти до осми глас, исто така, од првата половина на XV век, 233 листа српска јазична редакција, кој денес се чува во Архивот на Република Македонија.2 Во Архивот на Република Македонија се чуваат и два дела од еден празничен минеј за цела година, исто така пронајден во Ропотово, од кој првиот дел се датира во првата половина на XV век, а вториот во почетокот на XVI век. За вториот дел од овој минеј се знае дека бил напишан од писарот Гаврил од селото Мирковце, Скопско. Целиот минеј се состои од 488 листа, српска јазична редакција.3 Значи, иако денешната црква потекнува од XIX век, од селото потекнуваат црковни книжевни документи и споменици постари неколку века.

Живописот на црквата го направиле мајстори од селото Гари во западна Македонија. Поточно, како што се гледа од натписот на јужниот ѕид, тоа се браќата Димитрија, Евтим и Георги Андонови од селото Гари. Имињата на двајцата браќа зографи, Димитрија и Георги ги среќаваме и во црквата „Св. Спас“ во селото Кален, Прилепско, која ја насликале во 1891 година. Третиот зограф Евтим, кој се споменува на натписот од Ропотово, всушност е братучед на Димитрија и Георгија од нивниот чичко Спас. (За двајцата браќа повеќе можете да прочитате во прилогот посветен на црквата во селото Кален).

Прозорец со рамка од камен
Прозорец со рамка од камен
Камбаната
Камбаната

Интересно е што може да се забележи дека во оваа црква, во споредба со живописот во црквата „Св. Спас“ во

селото Кален, се забележуваат малку потемни бои, што по малку потсетува на стилот на крушевските тајфи. Според сеќавањето на Борче Крстески од Ропотово, пред повеќе од 40 години живописот го освежувал токму мајстор од Крушево. Дали потемните бои се резултат на ова освежување, не можеме да потврдиме, но останува погореизнесениот впечаток.

Во споредба со живописот од црквата „Св. Спас“ во селото Кален, забележлив е извесен потемен тон на боите во црквата „Св. Троица“ во Ропотово, но стилот и експресивноста, која се одликува со силни, свежи и јасни бои се препознава и во оваа црква. Помалата архитектонска форма на црквата во Ропотово влијаела и на богатството од живописните содржини, па видлива е нешто посиромашната библиска приказна, иако тоа не го намалува општиот впечаток на нагласеното мајсторство од завидно ниво.

Култниот камен пред црквата
Култниот камен пред црквата
Коритце и крст на каменот
Коритце и крст на каменот
Постара симболика на каменот
Постара симболика на каменот
Гробот на свештеникот Здравески
Гробот на свештеникот Здравески

Почнувајќи во олтарот со Мајката Божја, Рождеството Христово, трите мудреци кои доаѓаат при раѓањето на Исус Христос, озаглавени како Царие Персиски, Композиција со Светиот Син, Светиот Отец и Светиот Дух и други ликови од

Крстот со името на свештеникот
Крстот со името на свештеникот

библијата, живописот

продолжува хронолошки, со раскажувањето на библиските содржини, се до западниот ѕид на кој среќаваме богата содржина во композицијата на Страшниот Суд. На Самиот свод, особен впечаток создаваат портретот на Исус Христос Седржител и Мајката Божја, Ширшаја или Небесна.

Во површината на ѕидот во светиот престол е насликан портрет на Исус Христос – Велики Архиереј. За жал, иако помали, и на овој живопис се забележуваат неколку оштетувања на живописните полиња, особено на деловите на сводот, кој е направен од дрвен материјал. Забележавме најмалку две поголеми оштетувања – едно при источниот, а другото при западниот ѕид, двете на сводестиот дел блиску до вертикалниот ѕид. Првото е на сликата со Светиот Отец, Светиот Син и Светиот Дух, а ворото на сликата со портретот на Пророкот Мојсеј.