БЕСКУЌНИК

(Од збирката „Отпадник“ – прв дел, „Во очите на реалноста“, Едиција АЛФА, Книжевна младина на Македонија, Скопје 1990)

Небо е покривот на Мојата куќа,

огромна и безѕидна, прозрачна и провевна,

прозорец е цела до покривот од небо,

а тој пак чиниш големо око сегледно и таинствено.

        He отфрлај ме Бели свете

        небо е покривот на Мојата куќа.

Тешки облаци во Мојата неуредна соба

студени дождови истураат без престан

злокобни птици покривот го гребат,

а разорни звуци немир сејат.

        He отфрлај ме Бели свете

        небо е покривот на Мојата куќа.

Некаде радост ко сонце грее,

некаде лелек и тага царат,

темно сивило ја голта синевината,

се губи прозрачноста со провевот ко меч.

He отфрлај ме Бели свете

небо е покривот на Мојата куќа.

Мојата душа во темелот цврст

пуштила разгранет корен

додека влага коските ми ги глода,

грмотевици и молњи неспокој ми носат.

He отфрлај ме Бели свете

небо е покривот на Мојата куќа.