ОСТАТОЦИ ОД СТАРА ЦРКВА И ОД АНТИЧКИ ХРАМ КАЈ СЕЛОТО БЕЛОВОДИЦА, ПРИЛЕПСКО
На десната страна од стариот пат за Скопје, во близина на мостот на Беловодичка Река, на околу 2 км северно од селото Беловодица, на мало ритче над патот се среќаваат остатоци од стара црква, како и елементи од античка градба, можеби од стар храм. Градбата била расположена на самиот раб на рамниот дел од Беловодичко Поле, а во нејзината околина се насетуваат и други културни траги, на што упатуваат наодите од фрагменти од керамички садови, тегули и питоси, како и градежен материјал. Денес можат да се видат остатоци од ѕидови од старат црква во висина и до 1 м. Градбата биула со помали димензии, но со здрав ѕид од камен и малтер и, се чини, била комплетно живописана. Од мермерните споменици кои денес, сè уште, можат да се сретнат на локалитетот, посебно внимание привлекува еден објект од мермер со конусоидна форма, украсен со врежани форми кои му дават естетика на шишарка од бор. Објектот е поставен вертикално, во делот на олтарот на старата црковна градба. Освен споменатото украсување, на горната површина, која претставува круг со пречник од околу 1,10 м има поголем број мали кружни длабнатинки, кои веројатно имале конкретна култна намена. Наша претпоставка е дека тој најпрво бил дел од поголем надгробен споменик, а во средновековната црква послужил како света трпеза во олтарот.

Споменици од мермер, кои биле дел од постара античка градба има поголем број, а меѓу нив еден столб со правоаголен пресек, висок околу 1,3 м, најмалку еден фрагмент од архитравна греда и многу други мермерни блокови, кои биле искористени за градба на црквата.

Освен мермерните споменици, на површината се среќаваат фрагменти од керамички садови, тегули и сл., кои веќе ги споменавме. Од остатоците од средновековната црква се среќаваат голем број фрагменти од живописот, фрагменти од блокови од бигорен камен и сл. Според наодите за кои говорат постарите автори,

црквата била посветена на св. Никола, а нејзини ктитори биле поп Никола и Димитрие,1 а била срушена за време на Втората светска војна од Германците.2 Интересно е тоа што постарите автори запишале дека на местото на градбата во нивно време имало расфрлени по теренот многу поголем број разновидни споменици, особено од мермер. Меѓу нив, „плочи со ликови на птици, лози, релјефни плочи со изработени машки и женски фигури.“3 Уште повеќе, тие тврдат дека внатре во црквата имало „остатоци на фрески со славјански натписи.“4 На јужниот ѕид од црквата, пак, биле зачувани делови од ктиторкиот натпис на кој, освен имињата на ктиторите, била запишана и годината на градењето на црквата или нејзиното живописување (7099 – 1591).5

Доколку се знае дека во атарот на селото Беловодица се пронајдени голем број други значајни остатоци на материјална култура, културната слика на овој простор станува покомплексна и поинтересна. Особено внимание привлекуваат неколкуте откриени споменици со натписи (4) од антиката, на кои се среќаваат голем број имиња нажители од првите векови на новата ера, како Диоскурид, Александар и др.6 Овде, во околината на селото Беловодица, се наоѓала и станица на патот Пауталија – Сердика – Стоби – Еуристум –

Керамие – Стибера – Хераклеа, која е забележана во познатата карта на патишта Табула Појтингеријана од четвртиот век на нашата ера. Сите овие наоди, како и голем број други остатоци на материјалната култура со потекло од селото Беловодица и неговиот атар, не упатуваат на значењето на старата населба во чија близина најпрво имало извесен постар храм, а подоцна на истата локација или во близина била изградена средновековната црква „Св. Никола“.
Во последно време на местото на градбата се случуваат извесни активности за обнова, но сега, според иконата поставена во металната конструкција со крст, се прават напори за изградба на црква посветена на св. Недела. За начинот на кој тоа се прави и каков однос и став имаат надлежните институции, особено кон еден ваков споменик на културата со комплексни културни содржини од различни периоди, нема да коментираме. Се надеваме дека иницијаторите на обновувањето ќе бидат соодветно подржани во намерата и ќе биде направена посоодветна реконструкција, односно, барем донекаде ќе бидат зачувани остатоците од културата на минатото на овој објект.
Белешка:
Во најново време, во близина на локалитетот за кој овде станува збор се работи на трасата за рускиот гасовод. Со оглед на фактот што на тој простор има сознанија за голем број остатоци на материјалната култура од минатото, активностите околу изведбата на трасата треба да ги следат институците надлежни за заштита на културното наследство. Да се надеваме дека тоа ќе се прави на соодветно ниво.
1 Георги Трајчев, Манастирите во Македонија, Софија 1055, 50.
Илија Велев,Преглед на средновековни цркви и манастири во Република Македонија,Наша книга, Скопје 1990, 124.
2 Илија Велев,Преглед на средновековни цркви …, 124.
3 Георги Трајчев,Манастирите…,50.
4 Исто.
5 Исто.
6 INSKRIPTIONES GRAEKAE, PARS II, INSKRIPTIONES MAKEDONIAE, F. Papazoglu, M. Milin . М. Ricl, MIM., 112, 113.