ЖРТВАТА И ОПАСНОСТИТЕ НА КОИ Е ИЗЛОЖЕНА ЦРКВАТА „СВ. СПАС“ ВО СЕЛО КАЛЕН, ПРИЛЕПСКО

АЛАРМ ЗА ИТНО ПРЕЗЕМАЊЕ МЕРКИ ЗА ЗАШТИТА НА ИСКЛУЧИТЕЛНО ЦРКОВНО, КУЛТУРНО И УМЕТНИЧКО НАСЛЕДСТВО

Културното и уметничкото наследство на Македонија е неисцрпно и, често, изненадува со својата културна и естетска вредност. Од друга страна, некои состојби поврзани со одржувањето и заштитата се загрижувачки. Овојпат, пријатно не изненади високата уметничка вредност на живописот на црквата „Св. Спас“ во селото Кален, Прилепско, но и не загрижи состојбата во која се наоѓа оваа градба.

Црквата „Св. Спас“ со камената ограда од југозапад
Црквата „Св. Спас“ со камената ограда од југозапад

Со впечатливите и добро ускладени бои, со особена светлина, која му дава необична свежина на живописот, како и јасниот израз на ликовите, живописот остава силен впечаток на набљудувачот. На комплетно насликаната внатрешност на црквата, се прикажани голем број библиски приказни, светители и библиски настани, кои ја прикажуваат библиската и христијанска историја и идеологија, почнувајќи од импресивната претстава на страшниот суд, кој е насликан на западниот ѕид.

Западна порта
Западна порта

Пријатно изненадува и фактот, што во едно мало село, какво што е Кален имало вистински однос и свест од повисоко ниво за естетика, па за живописувањето на селската црква биле ангажирани мајстори од највисоко ниво, во тоа време, во Македонија. За жал, со архитектонските помесувања на ѕидовите на градбата, напарвени се и значителни оштетувања на квалитетниот живопис, со што тој е изложен на уште поголема опасност и уништување.

Црквата од запад
Црквата од запад

Архитектонски гледано, црквата „Св. Спас“ во селото Кален, претставува впечатлива еднокорабна градба со вградени неколку антички сполии, особено на западниот ѕид. За жал, двата ѕида, јужниот и северниот доживеале извесно отклонување нанадвор, со што е оштетен добар дел од живописот во внатрешниот дел, како на самиот свод, во должина по средината, така и на западниот дел од ѕидот од двете страна, при аглите, по вертикала и со искривени расцепи на ѕидовите. Засега нема поголеми одронувања на живописаните полиња, но тие се доведени во опасност од многу поголеми оштетувања. Отклонувањето на ѕидовите изнесува од 0,20 до 0,30 м, што се гледа според попречните тавански греди, чии краеви се излезени до ѕидот. Оваа црква е изградена некаде во втората половина на деветнаесетиот век, а живописот е изработен од позната тајфа зографи од македонското село Гари, од семејството Андонови. Поточно, таа е комплетно живописана од браќата Димитар и Георги Андонови и како што се гледа од натписот посветен на живописувањето, тоа е направено во 1891 година. Овие зографи потекнуваат од позната тајфа од родот Ангелковци од селото гари, во западна Македонија.

Од југоисток
Од југоисток

Димитар (1856 – 1934) и Георги (1862 – 1933) се родени во семејството на Андон Петров. Двајцата браќа работеле во повеќе цркви низ Македонија, Прилепско, Кавадаречко и на други места, а особено во Мариово, каде живописале повеќе цркви. Нивната дејност ја продолжиле и нивните синови, Илија – син на Димитар и Андон – син на Георги, кои, исто така, работеле заедно на голем број цркви во првата половина на дваесетиот век.

Од исток
Од исток
Источна порта
Источна порта

Во историјата на оваа црква е запишан и еден вистински трагичен настан од август 1906 година, кога токму на нејзиниот праг, како вистински жртви за својата татковина и својата христијанска вера, од грчките андарти биле заклани 16 жители, како одмазда за наводниот лош пречек на андартската чета. Притоа биле изгорени и 16 куќи од селото. Оваа голема жртва на селото Кален е уште една силна причина за разбудување на вистинската свест и преземање вистински чекори за итно преземање мерки за заштита на архитектурата и живописот на црквата „Св. Спас“, како би се зачувале исклучителни и неповторливи вредности на христијанската култура, кои се дел од непроценливото културно наследство на Македонија со потекло од деветнаесеттиот век.

Живопис: