ПРЕДАНИЕ ЗА ИСПУСТЕНОТО СЕЛО ЛИСИЧЕ НА ЦРНА РЕКА ВО МАРИОВО

За локалитетот „Маркови Кули–Градок“ е поврзано и едно старо предание кое е живо до денес меѓу жителите на околните села, посебно на селото Дуње. Тоа говори за настани кои се случиле во населбата која егзистирала на ова место во турско време и која е позната како „Лисиче“.

Некогаш во турско време на местото на денешното Лисиче постоело село со исто име. Жителите на селото се занимавале со одгледување добиток и имале голем број говеда. Еден ден кога мажите не биле дома, туку биле зафатени со работа надвор од селото, од Битола во Лисиче дошле некои Турци арамии, ги собрале воловите од селото и ги спотерале за Битола. Кога се вратиле мажите нивните жени им раскажале што се случило и тие се собрале да се договорат што да преземат. Се договориле да ги престигнат арамиите на патот, да ги убијат и да им ги одземат воловите. Така и направиле. Собрани во многу поголем број од арамиите тие ги пречекале кај местото „Топли Дол“, пред селото Маково, ги убиле сите до еден за да не остане никој кој би можел да им пренесе што се случило на другите Турци во Битола и си ги вратиле воловите во селото. По настанот плашејќи се од одмазда жителите на ова село се разотишле да живеат на други места по околните села Дуње, Пештани, Вепрчани и др.

Во друга верзија на ова предание се пренесува дека „жителите на селото Лисиче имале многу говеда и некогаш дошле извесни Турци од Битола кои купиле поголем број од нив. По продажбата жителите на селото се исплашиле дека кога Турците ќе ги отераат говедата во Битола ќе се расчуе дека во нивното село има многу говеда и ќе дојдат арамии да ги ограбат. Затоа решиле да ги престигнат, да ги убијат и да си ги вратат говедата назад. Така и направиле кога ги пречекале Турците во местото ’Топли Дол.