Некатегоризирано

МИНАТАТА ГОДИНА НА ЛОКАЛИТЕТОТ, КАРАКАМЕН, ОДНЕСОА ДЕЦА ДА ЗАСАДУВААТ ДРВЦА, А СЕГА ТВРДАТ ДЕКА ТАМУ БИЛО „МИНСКО ПОЛЕ“

ЗЛОСТОРНИКОТ СЕ ВРАТИ НА МЕСТОТО НА ЗЛОСТОРСТВОТО – СЕ ДОУНИШТУВА ГЕОЛОШКОТО ЧУДО, ЛОКАЛИТЕТОТ „КАРАКАМЕН“, МЕЃУ СЕЛАТА АЛИНЦИ И ШЕЛЕВЕРЦИ, ПРИЛЕПСКО, ПОВТОРНО БЕСКРУПУЛОЗНО НАПАДНАТ

 – ЖИТЕЛИТЕ НА ДВЕТЕ СЕЛА ГИ ЗАПЛАШУВААТ СО ЗАОСТАНАТИ СРЕДСТВА ОД ВОЈНИТЕ – СЕЛАТА ИЗЛОЖЕНИ НА УНИШТУВАЊЕ –

           – ПО ТРИ ГОДИНИ ОД ЗАПИРАЊЕТО НА АКТИВНОСТИТЕ ВО 2023 ГОДИНА, ПРИКАЗНАТА СО УНИШТУВАЊЕТО НА „КАРАКАМЕН“ ПРОДОЛЖУВА СО ТРАУМАТИЧНА И, МЕНТАЛНО, НЕРАЗБИРЛИВА ДИНАМИКА – ПРВО ДОВЕДОА УЧЕНИЦИ ДА ЗАСАДУВААТ САДНИЦИ, А СЕГА АЛАРМИРААТ ДЕКА РИДОТ Е „МИНСКО ПОЛЕ“ И ГИ ЗАПЛАШУВААТ ЖИТЕЛИТЕ    НА ОКОЛНИТЕ СЕЛА ДА НЕ СЕ ПРИБЛИЖУВААТ ДО НЕГО!!!??

Две поголеми рачни бомби на едно место

           Претставникот на фирмата експлоататор, Бехтел и Енка, прави средби со жителите на околните села и ги информира дека доближувањето до ридот е опасно, дека се ангажирани посебни машини, кои го чистат теренот од заостанати експлозивни средства од двете светски војни, а ридот е, речиси, комплетно разроварен, нападнат со силна технологија, по налог даден од Владата на Македонија, односно, Министерството за транспорт и врски, односно, Државното претпријатие за државни патишта на Македонија, кое го доби оодобрението, односно, концесијата за да биде уништено ова геолошко чудо.

Од Каракамен 2023 година

          Пелагон го отвори прашањето за богатството на локалитетот кај селото Шелеверци, Прилепско, кој е карактеризиран како светско чудо со голем број ретки минерали, меѓу кои новооткриениот редок минерал, македонит, уште на крајот од 2020 година,(https://www.pelagon.mk/2020/12/12/), а на почетокот на 2021 имаше второ продолжение. (https://www.pelagon.mk/2021/06/02/) Соочувајќи се со исклучителното богатство на овој локалитет, особено со фактот што тој им е познат на голем број научни институции, посебно од областа на геологијата во светот и кај нас, како и на голем број поединци, геолози и минералози, кои организирано или поединечно го посетувале и истражувале на него, не можевме, а да не искажеме разочарување од нивната индолентност. Незаинтересираноста на македонските институции од областа на геологијата и културата, односно, индолентното однесување кон ваквите вредности и препуштањето на ништавилото, без да се преземат потребните активности и мерки за негова заштита, навистина, е изненадуввачка. Или, да бидеме поблаги кон некои поединци од соодветни области и институции, на кои им е познат овој локалитет, па и се произнесле за неговото значење, сепак биле особено „млитави“ во својата реакција поврзана со неговото доуништување со експлоатација на материјал, наводно, за подлога за патишта. Имено, нивниот глас, речиси, не допре до пошироката јавност, туку остана во кругот на некои интересни групи од соодветната област, преку кои дојде и до нас, а тоа не нè увери дека тие ги вложиле сите свои капацитети, средства и компетенција за постигнување на соодветната цел, односно, заштита на овој значаен локалитет. Најновите случувања поврзани со Каракамен ни го потврдија тоа.

АВТОРИТЕТИТЕ ВО ОБЛАСТА НА ГЕОЛОГИЈАТА И РУДАРСТВОТО И ИНСТИТУЦИИТЕ

          Ние сметавме дека некои авторитети од областа на геологијата и минералогијата, посебно ќе го дигнат гласот за ова „светско чудо“ и ќе се заложат со сите средства и сили за негова заштита, но мораме да констатираме, дека нашето мислење било наивно, зашто нивниот глас не се слушна со особена нагласеност во јавноста. Нашите информации се дека некои такви авторитети им сугерирале на соодветните институции дека локалитетот е значаеен и треба да биде заштитен, но тоа, очигледно, не беше доволно. Ова, посебно, важи за подоцнежното случување на овој локалитет.   Веќе на крајот на 2023 година, без предупредување, без соодветни документи за таа намена, беше нападнат со тешка машинерија и за брзо време раскопан во еден негов дел. Пелагон, повторно, остро реагираше на бескрупулозниот чин и со серија објавени материјали,

(https://www.pelagon.mk/2023/10/31/,

 https://www.pelagon.mk/2023/12/09/,

 https://www.pelagon.mk/2023/12/21/), ја алармираше македонската, па и светската јавност, се создаде општа реакција од страна на поединци и групи, беше формирано, дури и посебно тело, Комитет за заштита на природното и културното наследство на Македонија во Прилеп кој, под мотото Спас за Каракамен, со организирање протести, „Со љубов и песна за Каракамен“ реализираше голем број протести за прекинување на злосторството и, по големото обнародување пошироко во Македонија, но и надвор од неа, конечно, некој се „сожали“ и експлоатацијата беше прекината. Машините беа повлечени па, дури, беше извршена и своевдина рекултивација (која, за име на вистината, иако е законска обврска на концесионерите, ретко може да се забележи на коповите низ Македонија). Имено, раскопаните делови од локалитетот беа зарамнети со враќање на материјалот во нив, а беше организирано и пошумување со ангажирање на ученици од основните училишта во Прилепско.

Злостор 26 – 2 – на истото место од 2023 година, денес

          Нешто, сепак, нè спречи да ја пофалиме таквата активност, веројатно, инстинктот и нашето искуство поврзано со несериозноста на домашните институции. До нас допреа инфромации дека „горе“, во власта и институциите, се врши притисок врз геолошките институции и геолозите да потпишат соодветен елаборат за враќање на машините на Каракамен и продолжување со злосторството. Замислете: не излагаа нас, ја излагаа целата македонска јавност, ги излагаа светските стручњаци и институции, на кои им е познат овој редок локалитет, а ги излагаа (или ги изманипулираа), па и ги искористија најмладите – учениците од основните училишта, кои учествуваа во рекултивацијата, односно, во пошумувањето на ридот. Просто, сите не излагаа и решија да продолжат со прекинатиот злостор, па веќе на почетокот на 2025 година, повторно се качија на локалитетот со тешка машинерија (https://www.pelagon.mk/2025/03/05). Повторно раскопаа неколку јами, товарија неколку камиони материјал и заминаа. По нашиот увид на локалитетот, извесен американец, веројатно, геолог ни рече дека земале материјал за, извесно, тестирање нарачано од Владата на Македонија. Презедоа активности и за експлоатирање, веројатно, сметајќи дека стручните лица – геолозите од содветната институција во Македонија, ќе мораат да попуштат на притисокот на моќниците во власта и да стават потпис на фамозниот документ, (елаборат) за да продолжи уништувањето на овој исклучителен природен и културен феномен. Сепак, во таа година, активностите завршија со неколкудневна експлоатација и изнесување 2-3 камиони материјал.

ЗАКАНА ОД УНИШТУВАЊЕ НА ЖИВОТНИОТ ПРОСТОР НА СЕЛАТА, АЛИНЦИ И ШЕЛЕВЕРЦИ

          За жал, нападот продолжи оваа, 2026 година. Пред, околу еден месец, повторно беа доведени машини на ридот и започнааа со чистење на теренот од заостанатите експлозивни средства, со решенија за нејасни експропријација на парцели земјоделска површина и сл. Претставникот на фирмата, Бехтел и Енка, ги известува жителите од околните села дека е опасно приближувањето до означениот простор за експлоатација, бидејќи имало заостанати експлозивни средства, кои се уништувале и се чистел теренот за експлоатација, но не им разјаснил што се планира со експропријацијата на мнекои земјишни парцели, настрана од локалитетот и далеку од планираната траса на патот во изградба. Се шпекулира за изградба на патна врска меѓу Каракамен и големата база на фирмата во атарот на селото, Мало Рувци, но нема потврда од фирмата за тоа. Претставникот ги смирува жителите на двете села, Алинци и шелеверци дека нема да се користи експлозив за минирање при експлоатацијата, но се шират вознемирувачки гласини дека, „за жал, ќе се примени и минирање, а со тоа и опасност по домовите и другите градби во двете села“. Со сето тоа, а и постојаното движење на разни транспортни средства од различна големина, животот во овие две села, како и нивниот опстанок, станува проблематичен. Прашање е колкава експлоатација се планира и што ќе се случи со животниот простор на овие две села и дали нивниот опстанок не е доведен во прашање. Особено, со информациите дека, и онака, жителите се соочуваат со многу други проблеми, како неисправна вода за пиење, изложеност на голема динамика на разновидна транспортна и работна технологија, проблеми со прекинување и оштетувања на околните патишта, како и на патната врска со градот и сл. Овде, особено, треба да се нагласи честите загадувања на воздухот од горење на отпадот од блиската депонија, но и неисправноста на водата од единствениот бунар за снабдување со вода на жителите од Алинци, веројатно како последица на близината на депонијата, што е сериозен проблем за жителите.

Селото Шелеверци, Прилепско

КАКО ДА ИМ ВЕРУВАШ

          На крајот, како да им веруваш, кога треба да претставуваат највисок авторитет, да бидат гарант на нормалниот живот на граѓаните кога ги манипулираат, дури, и најмладите? Ги донесоа да го пошумуваат ридот, за набрзо потоа да донесат машини на него и да го разоруваат. Како го гледаат младите умови таквото постапување? Уште потрагично, сега ги информираат дека ридот на кој пошумувале бил полн со опасни експлозивни средства!?? И што сега? Злосторникот се врати на местото на своето злосторство, уништувањето на Каракамен продолжува!!! Треба ли да бидеме мирни при уништувањето на неповторливо богатство, како природно, така и културно? Ние сметаме дека тоа треба да се запре!!! Како?

Од минералите на „Каракамен“ – на лице место

          Локалитетот е познат во Европа и во светот. Познат е во Америка, Шведска, Словенија, Србија, Хрватска, Црна Гора, Бугарија и други делови на културниот свет. Овде, во Македонија, му се намерија лица од самиот врв на државата, здружени со странски фирми и моќници, да го збришат од лицето на земјата, без разлика какви вредности крие и што значи за нас, како и за целото човештво, како своевиден природен феномен, како неповторлива вредност, како ексклузивитет. А устите им се „пењават“ од ваква или таква почит кон вредностите, од изразување хуманост или „знаење“, се „испокршија“ да ни кажат што е добро за нас и дека цело време ни го предочуваат и ни го готват доброто. Ваму, не може да се забележи елементарна свест за евидентно добро, за евидентно богатство, за признати и потврдени вредности. Во целиот систем, во институциите, во оние за заштита, за наука, за развој и сличните на нив. Некои авторитети, малодушно, повторуваат дека тоа е завршена работа, договорено, потпишано и слично. Никој не се прашува кој е законот и каков закон е тој, кој дозволува, регулира и стимулира уништување на неповторливи вредности. Постои ли таков закон на друго место освен во Македонија? Ние не веруваме дека тоа се случува во културниот дел од светот. Во добронамерниот дел од него.

Дел од минералите, кои се наоѓаат на л. „Каракамен“: мекедонит, рутил, титанит, антас, монацит и кварц

          Во меѓувреме машините ријат во самото срце на Каракамен, на централниот дел од него. Не ги запира ни снег, ни дожд, ни мраз, ни ден, ни ноќ, ни ветар, ни студ. Се брзаат за нашиот „напредок“!?? Многумина се прашуваат дали информацијата дека се работи на ископ на тампон за пат е само изговор. Едни сметаат дека се бара некое невидено богатство скриено тука од дамнешни времиња, други сметаат дека се работи за пронаоѓање на соодветни количества од некој од ретките минерали, кои се присутни на локалитетот, а кои имаат примена во разни индустрии. Ние само ќе ги наброиме оние ретки минерали од „Каракамен“, кои се наведени во стручната литература создадена од бројните истражувачи – геолози, минералози и рударски стручњаци. Еве ги дваесетина од нив:

  1. Аегирин или акмит од групата клинопироксен – NaFeSi2O6
  2. Албит – натримски фелдспат составен дел на вулканските карпи – NaAlSi3O8
  3. Амфибол – карпест едносиликатен минерал – SiO4
  4. Апатит – минерал, кој се наоѓа во метаморфни карпи – Ca5(PO4)3(F,Cl,OH
  5. Арфведсонит – NaNa2(Fe2+)4Fe3+[(OH)2|Si8O22]
  6. Барит – состав бариум сулфат (BaSO4)
  7. Бранерит – UTi2O6
  8. Давидит – Davidite-(La) (La,Ce,Ca)(Y,U)(Ti,Fe3+)20O38
  9. Илменит – FeTiO3

10.МАКЕДОНИТ – PbTiO3

  1. Магнетит – Fe2+Fe3+2O4
  2. Микроклин – KAlSi3O8
  3. Кварц – SiO2
  4. Рутил – TiO2
  5. Титанит – CaTi[SiO4]O
  6. Циркон – Zr[SiO4]
  7. Анатас – TiO2
  8. Амазонит – KAlSi3O8
  9. Монацит – (Ce,La,Nd,Th)PO4
  10. Ураниум – U

НАУЧНИЦИ – ГЕОЛОЗИ, РУДАРИ И МИНЕРАЛОЗИ, КОИ ИСТРАЖУВАЛЕ И ПИШУВАЛЕ ЗА МИНЕРАЛИТЕ ОД КАРАКАМЕН

          Бројни домашни и светски научници геолози истражувале за локалитетот „Каракамен“ кај селата Алинци и Шелеверци. Тие биле, особено, фасцинирани од ова наоѓалиште и често доаѓале да истражуваат тука и да подготвуваат свои трудови, магистерски, докторски или, воопшто, научни трудови за ретките минерали, посебно за минералите од споменатиот локалитет. Ќе наброиме неколку имиња:

  1. Мирко Протиќ и Станојло Цветиќ уште 1959 година истражувале и објавиле труд за наоѓалиштето „Каракамен“ („Црни Камен“). Protic, Mirko; Cvetic, Stanojlo (1959): Alkali syenite and related rocks of Crni Kamen, south of Prilep, Macedonia. Ann. geol. peninsule balkan. 26, 205-218.
  2. Потоа среќаваме труд од Људвит Бариќ објавен во Германија: Baric, Ljudevit (1965): Mineral veins of Crni Kamen near the village Alinci, Macedonia. Mineral. Petrog. Mitt. 10, 368-378 (in German).
  3. Македонитот го откриле геолозите, Душан Радусиновиќ и Цветко Марков во 1971, а нивниот труд посветен на откритието го објавиле во Списание за минерали во Америка: Radusinović, D. and C. Markov (1971): Macedonite – lead titanate, a new mineral. American Mineralogist 56: 387-394.
  4. Драган Буковец во 1988 година пишувал за особините на реткиот минерал барит од овој локалитет и објавил труд за него во Геолошки Вјесник на српско-хрватски јазик: Bukovec, Dragan (1988): Barite from Crni Kamen near Village Alinci in Macedonia. Geoloski Vjesnik 41, 119-122 (in Serbo-Croatian).

Поголем број истражувачи од Институтот за нуклеарни науки од Белград се занимавале со локалитетот „Каракамен“ кај селото Алинци, Прилепско, и пишувале за минералите, кои се присутни во ова наоѓалиште:

  1. М. Протиќ и С. Цветиќ, уште 1959 година пишувале за алкалните сиенити на „Црн Камен“ кај селото Алинци, Прилепско: Protič, M. AND Cvetič, S., (1959) Alkali syenites and related rocks at crni Kamen, south

of Prilep. Ann. Geol,. Peninsule Balkan.26.

  1. М Вукасовиќ и Д. Дамјановиќ уште во 1961 пишувале за радиоактивниот минерал давидит: Vukasovic M and. Damjanovic D. (1961) Davidite, a radioactive mineral from Цrni Kamen in Macedonia. Bul,l.. Inst. Nucl. Raw Mater. Beogra.d., r, [in serbo-croatian].
  2. М. Арсенијевиќ ги истражувал (и пишувал за нив), ураниумот и ториумод од „Каракамен“: Arsenijevic, M. (1965) Metalometric study of the uranium and thorium dispersion haioes (Crni Kamen). Bul,l. Mus. Hi.st. Natur. Beograd.S, er. A,19/20.

          Бројни автори од Македонија од областа на геологијата и рударството, исто така, му посветиле сериозно внимание на локалитетот „Каракамен“ меѓу селата Алинци и Шелеверци, Прилепско.

  1. За македонитот и другите присутни минерали на овој локалитет можеме да прочитаме и во книгата „Минералите во Македонија“ од тројца македонски автори: Глигор Јовановски, Блажо Боев и Петре Макрески.
  2. За титанитот од Алинци се однесува и еден труд под наслов, „Минералошки карактеристики на титанит од Алинци, Република Македонија“ од Тена Шијакова-Иванова, Кристина Атанасовска, Сара Недановска, Ангела Велинoвска и Александра Максимова објавен од Универзитет “Гоце Делчев” – Штип – факултет за природни и технички науки

          Секако дека сите овие автори се само дел од големиот број, кои истражувале за минералите во Македонија, посебно за минералите од ексклузивното наоѓалиште „Каракамен“ кај селата Алинци и Шелеверци, Прилепско. Тоа, сепак, не е доволно, ниту да допре до свеста и совеста на моќниците од системот на државата, Македонија, кои без да „трепнат“ им ги подаруваат ваквите локалитети на разни фирми, чиј интерес е остварување профит. Постои ли свест и совест на „високите“ нивоа во државата? Ќе се изнајдат ли сили за поттикнување на овие потиснати „сили“ во човекот во Македонија за да се спасат неприкосновени, ексклузивни и неповторливи вредности во нашиот простор?

Рачна бомба со поголеми димензии

       

Рачна бомба со поголеми димензии 2

  На крајот ние, сепак, ги повикуваме сите надлежни, институции на власта, особено, стручните и научните институции и кругови, кои знаат какво значење има локалитетот, „Каракамен“, да се осмелат да го дигнат гласот против безумното уништување на неповторливите природни вредности, да ги впрегнат сите сили и да изнајдат вистинско решение за ова геолошко чудо. Ние сметаме дека со неговото уништување се губи можноста од вистинско искористување на ова наоѓалиште на геолошки вредности, односно, иницирање и изградба на соодветен центар за проучување на минералите и геолошкиот состав на земјата, воопшто, организирање на соодветна минералошка поставка и сл. Всушност, неговото уништување значи лишување на општина Прилеп, но и Македонија од еден несекојдневен и исклучителен потенцијал, кој може да доведе до, сосема, поинаков развој и напредок за сите нас. Сегашното постапување, не можеме да го наречеме никако поинаку, освен неразумност и злосторство. Во меѓувреме, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта на Македонија, Коце Трајановски, се жали од „Каракамен“ (во објавениот материјал стои, Каракан – незнае како се вика локалитетот или е грешка на новинарите, не знаеме) дека морало да се чисти од експлозивни средства. Ете, и тој призна, односно, потврди дека минатата година учениците од училиштата од селата околу локалитетот, беа доведени да засадуваат садници во „минско поле“!?? „ – Доколку тоа деминирање не беше направено, ќе имаше и жртви и ќе беше многу непрофесионално и нечовечки“ – изјавува споменатиот директор (Независен – nezavisen.mk, 14.11.2026). Е па, сега, видете какви бизарности се случуваат околу овој исклучителен локалитет! Дали беше професионално и човечки да се носат ученици – деца да засадуваат дрвца во „минско поле“? Го прашуваме директорот на споменатото Јавно претпријатие и целата јавност! Дали, тогаш, ќе беше „нечовечки и непрофеисонално“ или можеше да биде, сосема, трагично? Треба ли некој да се земе на одговорност поради таквата постапка? Ние, можеме да потврдиме и со наши аргументи и фотографии дека на овој локалитет, често, се среќаваат експлозивни средства и, според тоа, тврдењето дека се работи за „минско поле“ не е погрешно.