АктуелноВечни светилиштаТеренски бележник

ЖИТЕЛИТЕ НА СЕЛОТО, БЕШИШТЕ, ПРИЛЕПСКО,  ВО СЛОГА И ЗАЕДНИШТВО, НИ ПОКАЖУВААТ КОЈ Е ПАТОТ ДО РАЗВОЈОТ НА НИВНОТО СЕЛО, НО И НА ДРЖАВАТА

Едно е сигурно – селото Бешиште, Прилепско, во областа Мариово, е село поставено на исклучително стари корени. За тоа зборуваат бројните археолошки остатоци, не само во, нему, блиските локалитети, туку и во самото село. Освен тоа, остатоците од култура, кои се среќаваат на, речиси, секој чекор и се распространети низ, речиси, целиот атар на селото, упатуваат на тоа дека во овој простор се живеело долго и со елан низ векови и милениуми наназад. Всушност, ако се зборува за потеклото и историјата на селото, односно, за неговото настанување во минатото, мораме да констатираме дека, ова село, има длабок корен во времето, најмалку 6 века, документиран со запишани податоци, а археолошките содржини на просторот на самото село и во неговата околина упатуваат на континуитет на живеење на овој простор, уште, од подлабоката праисторија. За жал состојбата, денес, е таква што се соочуваме со бескрупулозно уништување на материјалната култура на овој простор, нападната на сите можни начини, од рачно раскопување на разни содржини, до напади со тешка машинерија и целосно уништување на остатоци на старата култура.

Долниот дел од селото – во преден план локалитетот, „Гробишта“

             Меѓу најстарите локалитети е ридот од јужната страна на селото, „Врлја Грамада“, кој располага со остатоци од населба од праисторијата, енеолитот и бронзеното време (Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово), потоа е некрополата на локалитетот, „Гробишта“(Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово), кој се наоѓа западно од него, во продолжение, на понискиот дел од ридот, на чии падини, во близина на последните куќи од селото, се среќаваат и други гробови од типот, „циста“. Источно и југоисточно од „Врлја Грамада“ на, реалтивно, кратко растојание, речиси, во продолжение, го среќаваме локалитетот, „Грамадјето“, преполн со купишта градежен камен, ѕидишта за огради на нивје и лозја изѕидани со камен од старата населба (Археолошка карта на Република Македонија. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово), која била расположена по, релативно, рамната површина, која се протега, сè до високите брегови на реката, Сатока, која тече кон Црна Река, јужно од овој локалитет.  На помали возвишенија на овој дел од бешишкото поле, познат како „Ѕалина“, се наоѓале извесни градби или гробишта, во форма на тумули, сега сосема раскопани со тешка технологија во потрага по непознати богатства. Замислете: Влечкале тешка машинерија со километри, трошеле гориво, време и слично, само за да уништат култура создавана пред векови и милениуми!!! Најмалку две такви градби се уништени во овој дел од атарот на селото, а во околината се среќаваме со голем број раскопани гробови, расфрлани плочи од гробовите и сл. Во истиот дел од полето среќаваме и, најмалку, две места со остатоци, кои се сметаат за свети места, односно, за стари цркви. За едната се смета дека била посветена на св. Ѓорѓи.(Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово) Инаку, ваквите места, со остатоци од цркви, се многу чести во овој крај, а на тоа упатува и едно старо предание, дека на просторот меѓу селата Бешиште и Градешница (соседно село на Бешиште од јужната страна), некогаш, имало 70 цркви. (Георги Трајчев, Мариово. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово) На просторот на локалитетите, „Оградјето“, „Турчија“ (Археолошка карта на Република Македонија. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово) и „Ѕалина“, речиси, по целата површина, освен големиот број гробови од типот, циста, среќаваме и разновидни фрагменти од керамички садови, питоси, тегули и сл.

Голем ѕид – ограда од градежен камен од старата населба на л. „Оградјето“

            Кога сме кај гробиштата, нив ги има и во самиот центар на селото, во близина на руинираниот културен дом – огромна, напуштена зграда, сведок на негрижа на државните институции, вистинско разочарување за случајниот намерник. Тука, повторно среќаваме гробови од типот, „циста“, од непознат период, можно и праисториски. (Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово) Во близина е убавата црква, „Св. Петка“, поголема градба, полна со разновидни украси и своевдини документи по ѕидовите, комплетно живописана во 19 век но, исто така, сведок на негрижата на надлежните институции или жртва на нивната неспособност и слабата „кондиција“. За среќа, група ентузијасти од селото или со потекло од селото, Бешиште, особено последниве години, се зафатија со сериозни активности околу црквата, „Света Петка“ и истоимениот манастир во атарот на селото и нивната постојана ангажираност околу оддржувањето, заштитата и изградбата на нови објекти е вистинска надеж за иднината на овој простор.

Црквата, „Св. Петка„ со новите објекти на трпезаријата и камбанаријата

            – „Пред неколку години, кога дојдов да го посетам селото, црквата беше полна со вода, околу, половина метар. Се наполнила од дождовите преку руинираниот покрив. Презедовме активности и го саниравме покривот, па црквата е заштитена. Изградивме трпезарија, камбанарија, а планираме и посебна градба во црковниот двор, која ќе ја опремиме како музеј, со разновидни предмети, кои биле во употреба во минатото на селото“ – вели Трајко Еленин, мајстор и вљубеник во својот роден крај, кој несебично ја вложува целата своја енергија и умешност во напредокот на црковните објекти, а негово дело се и неколку нови објекти во кругот на црквата во селото и во манастирот, „Св. Петка“, на реката Сатока на 4-5 километир од селото.

Од изработката на покривот на Трпезаријата – мајсторот, Трајко Еленин седнат со дигната рака

            Сега е на ред да се насликаат, односно, реставрираат уништените делови од живописот во, целосно, насликаната црква уште од 1884 година. За жал, Заводот и Музеј од Прилеп, засега, не е во состојба тоа да го направи, па се прават извесни напори, повторно во соработка со институцијата, оваа работа да се заврши, зашто селската црква претставува вистинки споменик на културата, со особени културни и архитектонски карактеристики и вредности, на кои Пелагон планира да им посвети сериозен текст во поскора иднина.

Црквата „Св. Петка“ во Бешиште
Црквата „Св. Петка“ во Бешиште

            На Трајко му помагаат голем број негови соселани и иселени жители од Бешиште, како младиот, Никола Лашкоски кој, од пред неколку години, е претседател на Црковниот одбор и е редок млад човек, кој сериозно се ангажира во организирањето на активностите за одржувањето, заштитата и изградбата на црковните објекти на селото а, притоа, и самиот, заедно со своето семејство, активно вложува личен труд и во активностите за реализација на планираното. Тука се, уште, многу други сегашни и поранешни жители на селото, од семејствата, Врглевци, Лимбевци, Гајтановци, Дериволски, Штрлевци, Ушковци, Караматовци, Поповци и други и, заедно, успеваат да постигнат видливи резултати. Последниве години изградија трпезарија со кујна, камбанарија, го поплочуваат црковниот двор и многу други, помали или поголеми градежни работи. Многу нивни планови треба да се реализираат и во блиска иднина, а нивната несебична работа и труд се проследени и со соодветна материјална помош од неколку поранешни жители на селото, кои живеат во странски земји, како Дамче Лимбески, Милан – Мајк Врглески, Горан Еленин, Димитрија Катароски и други благородни луѓе и фирми, не само со потекло од селото, туку и од Прилеп, Битола, Кавадарци и други места, сите, свесни за потребата од одржувањето на старото, но и изградба на ново, знаејќи дека, само, тој е патот до развојот, не само на својот крај, туку и на државата, воопшто.

Од минатогодишната прослава на Петковден

.            Освен градежните активности и одржувањето и уредувањето на просторот, во селото и во манастирот од неговиот атар, се одржуваат и неколку празници, кои доживуваат завидна посета од разни места на Македонија. Сето тоа го прават без солиден пат од градот до селото, на околу 50 km оддалечени од градот, без соосдветна институционална подршка, потпирајќи се на сопствените сили, во слога и заедништво, вистински приимер како се треба да се однесуваме во напорите за општиот напредок. Да се надеваме дека овој, можеме да кажеме, херојски подвиг на жителите на селото, Бешиште, ќе донесе нова надеж за ова ретко убава, но запоставена населба, богата со завидна рурална архитектура и со богата историја во минатото. За вечерва и утрешниот ден, Црковниот одбор и жителите на Бешиште, комплетно се ангажирани во подготовката за прославување на патрониот празник, Петковден, кој ќе биде достојно прославен.