АктуелноИсторијаКорени

ГОРГОНАТА МЕДУЗА ГИ КРАСЕЛА ГРАДИТЕ НА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ И ВНЕСУВАЛА СТРАВ КАЈ НЕГОВИТЕ НЕПРИЈАТЕЛИ

Еден интересен детал од воената кралска облека на кралот, Александар III Македонски, претставен на познатиот мозаик од подот на Куќата на Фаун од градот Помпеја во Италија, наведува на посебно размислување, објаснување и анализа. Имено, на градите од облеката на овој крал, јасно се забележува слика на горгоната, Медуза. Ова митолошко суштество го среќаваме на претстави на антички предмети со потекло од повеќе места во Македонија и поширокиот простор. Самата изработка на вакво вредно дело – мозаик, со претстава на една од големиот број големи битки на Александар III Македонски, упатува на популарноста на овој македонски крал, како и популарноста на неговите подвизи и по неколку векови. При изработката се користени ситни камчиња во боја и се прикажани драматични сцени од битката кај Ис, со претстава на кралевите, Александар и Дариј во борбена динамика на коњи, на голем број фигури на војници и коњи, како и приказ на детали од големиот и судбоносен историски настан, кои ја надополнуваат драматичноста на историскиот настан.

Мозаикот од куќата на Фаун во Помпеја

          Медуза на градите на Александар Македонски – значи дека ова митолошко суштество било почитуван култ, односно, било и македонски култ и демон-заштитник на Македонците, кој ги поврзува со митолошкиот јунак, Персеј, убиецот на Медуза. Дали Елините „се плашеле и од погледот на Македонците“ поради тоа што тие носеле симбол на градите со претстава на горгоната, Медуза?“ Имено, за битката на Херонеја во 338 година пред нашата ера, во која Македонците извојувале голема победа над Атињаните, старите автори пишуваат дека Атињаните се плашеле, дури, и од погледот на Македонците. Самото ставање на симболот на Медуза на градите од воената кралска облека на Александар укажува на верувањето и покултот на ова митолошко суштество, симбол на ужасот, на страв и очај, кој треба да го предизвика кај противникот.

Александар од мозаикот во куќата на Фаун во Помпеја

          Медуза е една од трите сестри, ќерки на Форк. Од митологијата се познати три сестри, горгони. Тие се викале Стејна, Евријала и Медуза. Медуза, додека била млада била вистинска убавица, но еден ден, таа, се заљубила во богот на морето, Посејдон па, со него, еднаш ги затекнала божицата, Атина, во еден од нејзините храмови, прегрнати во љубовен чин, па навредена поради таквата дрскост ја претворила Медуза во чудовиште со крилја. Чудовиштето добило силно испакнати очи, големи заби, исплазен јазик, метални вилици и змии, место коса, на главата. Со ужасниот поглед луѓето ги претворала во камења. Кога Персеј успеал да и ја отсече главата, Медуза, посмртно ги родила двете митолошки суштества, коњот Пегаз и борецот, Крисаор, кои се родиле откако Персеј и ја отсекол главата. Атина ја прицврстила главата на Медуза на нејзиниот штит, а според некои, нејзиниот штит бил направен од кожата на Медуза, која самата ја одрала.1  

Детал со Медуза на градите на Александар од мозаикот во Помпеја

Знакот на горгоната, Медуза, го носеле и девојките во Либија (Африка)  на т.н.. наметки на невиноста и оној, кој без дозвола, ќе ја допрел наметката го чекала сигурна смрт.2 Горгоната, како симбол за заштита и заплашување на непријателот, била ставана и на штитовите на војниците, уште во времето на Тројанкста војна, а горгона го красела и штитот на главниот водач на Ахајците под Троја, Агамемнон: 

           на него имало згора до дваесет пупки од калај

            бели, а среде и една од црносин челик му била.

            На неа била Горгона со грозниот озгора поглед,

            мошне страшно гледајќи, а врз неа Уплаф и Ужас.3

           Дека Медуза била митолошко суштество, божество или демон кое, во подлабоката историја на Македонија и Македонците, како и на племињата од поширокиот регион, било нагласено присутно во религискиот живот, покажуваат бројни наоди на предмети, скулптури или бисти, како и предмети со различна друга намена, токму од овие области. Митолошкото предание поврзано за ова суштество упатува на тоа дека придобивањето на неговата наклоност е услов за сопствена заштита, одбивање или деморализирање на непријателите во нивните намери за нанесување зло и сл. Токму поради тоа, претстава на ова божество се среќава на облеката на голем број ликови од митологијата и античката историја. Најпрво, од митолошкото предание, позната е приказната со Персеј кој, отсекувајќи ѝ ја главата на Медуза, без да гледа во неа (со примена на отсјајот во неговиот штит), потоа ја зел со себе и ја користел за скаменување на своите непријатели. Имено, држејќи ја за косата со едната рака и насочувајќи ја со очите кон своите непријатели, тие брзо се скаменувале.4 Нејзин лик, односно, на горгоната, Медуза, среќаваме и на облеката на моќната божица, Атина која, веројатно, се служела со моќта на ова божество, кое сама го создала и му дала способност за скаменување со погледот.  На една скулптура на божицата во нејзиниот голем храм, Партенон, во Атина, на нејзините гради стоела глава на Медуза изработена од слонова коска.5 Скулптура на Атина Партенос, со таков симбол, среќаваме и во Хераклеја кај Битола.6

Божицата, Атина, со Медуза од Националниот Музеј на Атина – Скулптура

          Горгоната, како митолошко суштество ја среќаваме и во најстарите епови од Медитеранот, односно, во еповите на тн. слеп поет, Хомер, Илијада и Одисеја

          Во Илијада, најпрво ја среќаваме на страница 86, при описот на божицата, Атина, која влегува во битката кај Троја.

„ Потоа Атена на грбот ја фрли егидата страшна,

Реси се спуштаат од неа, а околу неа се поредиле,

Бјежан, и кавга бојна и одбрана и грозен јуриш,

На неа е и главата на Горга, онаа ужасна грдотија (Страшен и страшен е носителот на егидата на Зевсовото чудо).“7

„На сите страни Хектор ги терал красногривите коњи

Гледајќи како Горгона ил како човекоморецот Арес.“8

„Мркогледата Горгона во завојот, исто така, била

Гледајќи страшно, а Димос и Фобос околу неа беа.“9

          Познатиот јунак од битката на Троја, Одисеј, на своето патување, исто така, се соочува со опасноста од средба со горгоната, Медуза па, на брзина бега со својот брод.

„За да не ми ја испрати Персефонеја горда, главата

На ужасната грдосија Горга од дворот на богот Ад

Брзо кај бродот појдов, им заповедав на другарите мои

Во бродот да влезат и јажиња да одврзат.“10

Ова митолошко суштество, има свое место и во делото, Теогонија, на Хесиод, исто така, стар поет, кој ни го пренесува пантеонот на стариот свет од Медитеранот.

„Таа ги роди и Горгоните, кои живеат зад славниот Океан,

            Редум со живеалиштето на Хесперидите, близу крајните предели

            на Ноќта: Стена, Евријала, познатата по лошо Медуза.

            Медуза беше смртна. Но, бесмртни, безвременски беа

            Другите две. Се спари со Медуза тој Црнокосиот

            Во многутревна ливада, сред миризливи пролетни цветови.

            Откако моќниот Персеј ја обезглави Медуза,

            Пегаз, коњот и Хрисаор великиот се појавија од неа.

            Името Пегаз – од тоа, што е роден во бурите океански,

            Името Хрисаор – потоа, од тоа што со златен меч се родил.“11

           Во Македонија се пронајдени бројни предмети со претстава на горгоната, Медуза. Неа ја среќаваме на споменици изработени од камен, на метални предмети и сл. Особено е интересно дека ова митолошко суштество, односно, Медуза била своевиден култ и кај жителите во областа, која ја населувала античката заедница,  Енхелејци. На тоа упатуваат бројните претстави на горгоната, Медуза, на разновидни предмети пронајдени во таа област, особено, во познатата некропола кај селото, Требениште, Охридско. Од овој локалитет потекнуваат неколку археолошки експонати на кои го среќаваме ликот на горгоната, Медуза. Ова, особено, се однесува на неколку вредни експонати – бронзени садови, кои се пронајдени во времето меѓу двете светски војни, за време на српското и бугарското владеење со Македонија. 12

Медуза на градите на скулптура на Александар како коњаник во борбен амбиент
Детал со Медуза од скулптура на Александар како коњаник во борбен амбиент

          „Така, во гробот I во кој е откриена една од златните маски, откриен е кратер со богата декорација; на вратот од садот прикачени ce шест одделно лиени фигури на крави. Волутните држалки ce декорирани со бисти на Медузи, чии што нозе ce прикажани раширени и завршуваат со змии.

          Змии ce прикажани и на крајот од шишките од косата на Медузите. Слично е и со другиот кратер со претставата на коњаниците, откриен во гробот VIII на Вулиќ и таму крилестите медузи имаат нозе кои излегуваат од телото и ce потпираат на рамото од садот, a завршуваат со змиски глави. На троножецот кој го носи кратерот исто така има богата декорација со приказ на куче, лисица, прикажани во трк, Горгона Медузи од чии рамења ce појавуваат змии, a самиот троножец завршува со лавовски шепи. На уште еден бронзен кратер од гробот I,62 63 64 65 како и на кратерите од гробовите VI63 и VII64, долниот дел од држалките завршуваат со змиски глави, со помалку или повеќе изработени детали.“13

„Ha бронзената хидрија од гробот I на долниот дел од држалката претставена е Горгона на гротескен начин; очите ce големи, устата е широко отворена со изваден јазик надвор, забите ce искривени, a покрај кадриците од косата поставени ce две змиски глави. кучиња, a во нејзиниот долен дел има сумарно обработени две змиски глави. “14

Биста на Александар со Медуза од руините на Херкуланум, Италија – Blenheim-Palace-Oxfordshire-UK

Митологијата упатува на тоа дека и богот на медицината, Асклепиј, својата моќ ја добил од крвта на Медуза и со неа лекувал.

„Некои историски извори говорат за тоа како Асклепиј, во согласност на тогашните верувања, ja добил моќта да ги лечи луѓето. Според Аполодор, Атена му ja дала крвта од Горгона Медуса и тоа од крвта од жилите од нејзината лева страна ja користел за умртвување на луѓето, a од десната за лечење и оживување. Според една друга сочувана традиција, пренесена од Псевдо- Хигинс, Асклепиј добил задача да го оживее Главк, синот на Минос. При неговото длабоко размислување како да го направи тоа, една змија поминала преку неговиот стап, па тој вознемирен ja убил. Веднаш потоа ce појавила уште една змија со тревка во устата, која со неа ja оживеала првата змија. Токму со оваа лековита тревка Асклепиј подоцна ќе го оживее Главк.“15

Некои познати и вредни археолошки предмети, на кои среќаваме претстави на Медуза, се чуваат во музеите на македонските соседи, односно, во Софија и Белград.

„Но, змиските претстави ce присутни и на металните садови, особено интересно прикажани на познатите кратери што денес ce чуваат во Белград и Софија, како и на другите помалку атрактивни примероци. На кратерите змијата ce јавува на долната зона од прикажаниот женски лик (Горгона Медуза или божица со улога на прародилка-прамајка), со што ce отвара едно сложено прашање за уметничкото и митско-религиското размислување и концепцијата на самите нарачатели на овие предмети, кое овде сепак, не може да биде разгледувано.“16

          Меѓу предметите од Македонија, со симболот, кој го среќаваме и на градите на Александар Македонски, со својата изработка, како и со датирањето, посебно се наметнува еден, т.н. горгонеон, кој претставува сребрен медалјон, пронајден во селото, Крушевица, Прилепско, а за кој се смета дека претставувал поклопец од огледало со пречник од 8,8 см. На предната страна на медалјонот е изработен ликот на страшната горгона, Медуза, старо митолошко суштество од предолимпискиот, односно, праисторискиот период, кое претставува девојка која, наместо коса, на главата има змии, а змии излегуваат и од целото нејзино тело. Како чудовиште, таа се врзувала за кралството на смртта. Ликот е со висока уметничка и прецизна техничка изработка, која се поврзува со класичниот период и овој медалјон се датира во вт 8ората половина на 4-от век п.н.е. или на почетокот на 3-от век пред н.е.17

Горгоната Медуза од Крушевица - поклопец од огледало
Горгоната Медуза од Крушевица – поклопец од огледало
Детал со Медуза од бистата на Александар од руините на Херкуланум, Италија – Blenheim-Palace-Oxfordshire-UK

                    Последниве години, пронајдена е и една глава од мермер со претстава на Медуза и во градот, Велес, односно, од непознат локалитет кај селото, Калањево, Неготинско. Се работи експонат од типот, „Убава Медуза“, фрагмент од античка градба. Овој археолошки наод се датира во II – III век, н.е.

Имајќи предвид дека, според митологијата, горгоната Медуза ја уништил митскиот херој Персеј, пронаоѓајќи ја во земјата на Хиперборејците, не гледајќи директно во неа, туку преку огледало, отсекувајќи ѝ ја главата со „нескршлив срп“ направен од дијаманти, кој му го дал богот, Хермес,18 интересно е дека експонатот од Крушевица, повторно се поврзува со огледало, што асоцира на изворната, митолошка, приказна.

На оклопот, во пределот на градите, апликација на Медуза, носеле и некои од римските императори и војсководачи, а тоа укажува на фактот дека овој култ продолжил да биде почитуван и во тој период, веројатно, како наследство од претходните периоди, особено, периодот на македонското кралство и империја. Македонската култура, особено е почитувана и афирмирана во времето на познатото семејство императори, познати како Севери. Некои од императорите од ова познато императорско семејство, се претставени со симболот на Медуза на своите гради.

Претстави на ова митско суштество се среќаваат и на голем број надгробни споменици, особено, во римскиот период. Нив ги среќаваме во Македонија, како и на голем број други места на Балканот и пошироко. Такви споменици се познати од градот, Драч, во Албанија.19 На еден таков споменик, горгоната Медуза, била изработена на оклопот од претставениот покојник, како што обично се среќава и на други претстави на војници од тој период. Такви претстави се среќаваат и во остатоците од старите градови од римскиот период, како во Акциум – Патра, во областа Акарнанија, северна Грција20 Виминациј,21 кај Костолац, во Србија, Филипи и други места.

 

1 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Београд 1999, 104, 191 – 197, Аполодор, Библиотека (хеленска митологија), Македонска реч, Скопје 2009, 81 – 83.

2 Роберт Гревс, 40 – а и б, 41 – 5

3 Хомер, Илијада, песна XI, „Агамемноново одликување“, стих 34–37.

4 Роберт Гревс, Грчки митови, 192 – d, e, f, g, h и 193 – I, j, k.

  1. 5. Павсаниј, Водич по Елада, Логос, Сплит 1989, 48.

6 – Аница Ѓорѓиевска, Енгин Насух, Хераклеја Линкестис, Министерство за култура на Република Македонија – Управа за заштита на културното наследство, Скопје 2016, 13 и 14.

7 Хомер, Илијада, Петто пеење, е. Хера и Атина доаѓаат на помош на Ахајците, 86, стих 738 – 742.

8 Исто, Д. Вториот пораз на Ахајците, стих 348, 349.

9 Исто, Единаесетто пеење, Јунаштвата на Агамемнон, А. Нерешавачка битка до пладне, 168, стих 37, 38.

10 Хомерова Одисеја, превод, Т. Маретиќ, Трето (матично второ) издание, Изванредно издање „Матице Хравтске“, Загреб 1915, Единаесетто пеење, 148, стих: 634 – 637.

11 Хесиод, Теогонија.

12 Драган Таневски, Зооморфни ликовни претстави на античките археолошки наоди од Република Македонија магистерски труд, Институт за Историја на уметност и Археологија, Скопје 2018. 

13  Исто,  26.

14 Исто,

15 Исто, 65. Аполодор, 148, 149. Роберт Гревс, 142.

16 Драган Таневски, Зооморфни ликовни претстави, 104.

17 Иван Микулчиќ, Пелагонија у светлости археолошких налаза, Археолошки музеј – Скопје, Скопје 1966, 59. Вера Битракова–Грозданова, Споменици од хеленистичкиот период во СР Македонија, Скопје 1987, 142, 143.

18 Роберт Гревс, Грчки митови…, 192.

19 Р. Петковски, Претстави на оружје и орудија на надгробните антички споменици на Балкан (крај на 6 в.ст.е. – 4 в.н.е.) – докторски труд, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Филозофски факултет- Скопје, Институт за историја нa уметност и арх,леологија, Скопје 2013, 61 и 96 и 198.

20 Исто, 233.

21 Исто, 96, 116, 117, 139, 192 и 260.