ГОРГОНАТА МЕДУЗА, ХЕРАКЛО, СИЛЕН, ПАН И ХЕРМЕС ОД КРУШЕВИЦА, ПРИЛЕПСКО

Во атарот на селото Крушевица се пронајдени значајни археолошки предмети, меѓу кои и такви кои имаат исклучителна уметничка изработка. За жал, за повеќето од нив не се знае местото на кое се пронајдени, што нѝ ја скратува можноста да ги поврземе со конкретните локалитети и со другите археолошки наоди на нив. Сепак, постоењето значајни наоди од атарот на ова село укажува на постоење населби со соодветна култура во периодот од кој потекнуваат пронајдените предмети.

Монументалната градба од локалитетот „Висока“
Монументалната градба од локалитетот „Висока“

МЕДУЗАТА ГОРГОНА

            Меѓу предметите за кои овде станува збор, со својата изработка, како и со датирањето, посебно се наметнува еден т.н. горгонеон, кој претставува сребрен медалјон за кој се смета дека претставувал поклопец од огледало со пречник од 8,8 см. На предната страна на медалјонот е изработен ликот на страшната Горгона Медуза, старо митолошко суштество од предолимпискиот круг (пред појавата на дванаесетте богови со седиште на планината Олимп), што претставува девојка која наместо коса на главата има змии. Како чудовиште таа се врзувала за кралството на смртта. Ликот е со висока уметничка и прецизна техничка изработка, која се поврзува со класичниот период и овој медалјон е датиран на почетокот на 3-от век пред н.е.1

Горгоната Медуза од Крушевица - поклопец од огледало
Горгоната Медуза од Крушевица – поклопец од огледало
Персеј со главата од Медуза - Benvenuto_Cellin
Персеј со главата од Медуза – Benvenuto_Cellin

 

Медуза – една од трите сестри горгони, девојка-чудовиште од античката митологија, која најпрво била многу убава девојка, со бујна кадрава коса, но многу горда на својата убавина, така што ја навредила божицата Атена, која поради тоа ја претворила во чудовиште со тоа што косата ѝ ја заменила со змии и направила да има ужасен поглед со кој скаменувала сè што ќе погледнела. Знакот на Горгона го носеле и девојките во Либија (Африка) на т.н. наметки на невиноста и оној кој без дозвола на сопственикот ќе ја допрел наметката, го чекала сигурна смрт.2 Горгоната, како симбол за заплашување на непријателот, се ставала и на штитовите на војниците уште во време на Тројанската војна (Горгона го красела и штитот на главниот водач на Ахајците под Троја, Агамемнон):

 

на него имало згора до дваесет пупки од калај

            бели, а среде и една од црносин челик му била.

            На неа била Горгона со грозниот озгора поглед,

            мошне страшно гледајќи, а врз неа Уплаф и Ужас.3

 

Имајќи предвид дека според митологијата Горгоната Медуза ја уништил митскиот херој Персеј, пронаоѓајќи ја во земјата на Хиперборејците, не гледајќи директно во неа, туку преку огледало, отсекувајќи ѝ ја главата со срп4, интересно е дека медалјонот од Крушевица, повторно се поврзува со огледало, што асоцира на митолошката приказна.

СИЛЕНПијаниот Силен - Drunken_Silenus_Louvre

Пијаниот Силен – Drunken_Silenus_LouvreНа непознато место во атарот на селото Крушевица е пронајдена и бронзена рачка од сад (ојнохоа) со изработен лик на стариот мудрец Силен, кој е постојано во разузданата дружина на богот Дионис. Тој, всушност е учител на Дионис, кого богот посебно го почитува. На пронајдената рачка од бронза во Крушевица, Силен е изработен во нејзиниот долен дел. На главата носи венец од бршлен, а неговиот лик го карактеризираат широко отворени очи, чпртав нос, долги и надолу спуштени мустаќи, како и долга и густа брада. На горниот дел од истата рачка е изработена глава со женски лик со шлем. Овој археолошки пронајдок е датиран во 4-от век пред н.е. Со Силен е поврзана и приказната за богатиот цар Мида, кој бил цар на Македонија и Фригија, и имал прекрасни градини со рози во Македонија, каде крај еден извор Силен пијан заспал, а слугите на царот го донесле на дворот. Освен рачката со Силен, во Крушевица се споменува уште една рачка на која е претставена фигура, најверојатно божицата Артемида.5

ХЕРАКЛО

            Во атарот на Крушевица е пронајдена и една фигура на која е претставен митолошкиот јунак Херакле. Се работи за фигура изработена од камен со зеленикава боја, со димензии 12х8,5х4,5 см. На неа е претставен Херакле како лежи гол на низок постамент. Левиот лакт му е потпрен на мал постамент и со раката си ја придржува главата, а во десната рака држи боздоган. Телото му е покриено со лавовска кожа, а на главата има капа. Статуетката е датирана во периодот на раното Римско Царство, односно во последните векови на старата ера.6 Овде треба да споменеме и една монета пронајдена во атарот на селото Крушевица, која потекнува од времето на Филип V (220-179 г.п.н.е.) на која на аверсот е изработена глава на брадатиот Херакле7 што е уште еден доказ за присуството на власта на македонските кралеви на овој простор и почитувањето на Херакле.

Херакле - Hercules_Musei_Capitolini
Херакле – Hercules_Musei_Capitolini

Херакле е еден од најславните митолошки херои на античкиот свет. Тој бил син на Алкмена и Ѕевс, а неговиот земен татко Амфитрион, кој според митологијата живеел во истото време кога и синовите на Пелоп, кој кај некои антички автори се смета за Бригиец, а негови синови се Атреј и Тиест, таткото и чичкото на војсководецот Агамемнон, кој е познат од Илијадата на Хомер како водач на Ахајците против Тројанците. Во отсуство на Амфитрион, Ѕевс се претворил во неговиот лик и се појавил пред Алкмена со која потоа ја поминал целата ноќ, која со помош на Хермес била за три пати продолжена. Од тој контакт се зачнал идниот голем јунак Херакле, чие име значи „Славата на Хера“.8

За Македонците е важен податокот дека македонските кралеви се сметале за потомци на Херакле, според еден од неговите потомци Темен, кој, пак, потекнувал од лозата на еден од синовите на Херакле, Хил. За ваквото потекло на македонските кралеви, Плутарх пишува: „-Дека Александар по своето потекло од таткова страна бил Хераклид од лозата на Каран, а од мајкина страна Еакид од лозата на Неоптолем (синот на Ахил – најдобриот ахајски јунак од војната против Троја, з.м.), тоа се знае сосема сигурно“.9 Исто така е посебно значајно што на територијата на Македонија, Херакле е обожаван како божество, како што бил почитуван и богот на медицината Асклепиј, наместо како јунак кај Грците.10

Според Херодот, храмови на Херакле имало и во Египет, каде такво божество било култ уште во најстарите времиња.11

ХЕРМЕС (МЕРКУР)

            Во Крушевица, односно на локалитетот кој се наоѓа меѓу патот за селото Чаниште и Крушевичка Река, во близина на манастирчето „Св. Недела“ е пронајдена и бронзена фигура на богот Хермес, односно Меркур12 во римската митологија, еден од 12-те олимписки богови, кој бил гласник на боговите, како и заштитник на патниците и трговците и токму затоа слични статуетки имало голем број во антиката, денес наречени „меркурчиња“.

Хермес - Hermes_Logios_Altemps
Хермес – Hermes_Logios_Altemps

Хермес е божество со посебени особини. Тој е син на Маја и врховниот бог Ѕевс. Се родил на планината Килена, каде неговата мајка внимателно го повила и го ставила во решето за сеење жито, но малиот Хермес бил живо дете, желно за авантури брзо по неговото раѓање. Бебето почнало да расте со голема брзина и станало поголемо дете, па се извлекло од пелените и без да забалежи неговата мајка заминало во потрага по доживувања. Малиот Хермес, најпрво, се нашол во областа Пиерија,13 која е македонска област од северната страна на планината Олимп – седиштето на боговите. Токму во оваа област богот Аполон имал стадо од многу убави крави. Хермес се полакомил по стадото и го украл со необична итроштина, прицврстувајќи им на копитата обувки од дабова кора, за да ги заметне трагите. По подолга потрага, Аполон го открил крадецот и следи судски процес на Олимп за разрешување на случајот.14

ПАН

 

Пан - Pan_satyre_della_Valle
Пан – Pan_satyre_della_Valle
Бронзена фигура на момче од с. Крушевица - (Никола Вулиќ)
Бронзена фигура на момче од с. Крушевица – (Никола Вулиќ)

Од Крушевица потекнуваат уште две бронзени фигурчиња кои се пронајдени на непознат локалитет во атарот на ова село. Едната статуетка од бронза е висока 7,5 см и претставува момче со голо тело, со само една наметка префрлена преку левото рамо. Другата е со висина од 6 см и исто така претставува голо тело со само една наметка,15 а се претпоставува дека го претставува шумскиот бог Пан. Пан е еден од сатиричните богови од антиката, кој според своето потекло е еден од најстарите богови, претставен како син на богот Крон и божицата Реа, а исто така се смета дека тој е син на богот Хермес со Дриопа или со нимфата Енеида или со Пенелопа, жената на Одисеј, која ја посетил претворен во овен, или пак со козата Амалтеја, која се смета за доилка и на Ѕевс, што го прави Пан брат по млеко на врховниот олимписки бог.

Монети со претстава на богот Пан
Монети со претстава на богот Пан
Пан со Дафне - 100 BCE, second century CE, found in Pompeii
Пан со Дафне – 100 BCE, second century CE, found in Pompeii

Пан се родил со рогови и брада, опашка и нозе на коза и бил со ужасен изглед, така што од него се преплашила и избегала и неговата мајка, а Хермес го однесол на Олимп даги забавува боговите.16 Според митологијата, тој живеел во Аркадија каде чувал добиток, се забавувал на празниците со нимфите на планините и им помагал на ловците да дојдат до плен. Тој се смета за заштитник на сточарите и е голем мрзливец и веселник. Најмногу мрази кога некој ќе го разбуди при попладневното спиење, та на натрапниците им се одмаздува со тоа што ги преплашува со ненадеен крик од некој џбун или пештера. Пан е единствениот бог кој умрел, а веста за неговата смрт ја пренесол некој морнар по име Тамус, кој пловел со брод за Шпанија. Божјиот глас му се јавил и му рекол: „Тамус, дали си тоа ти? Кога ќе стигнеш во Палод, немој да заборавиш да објавиш дека големиот бог Пан е мртов!„. Тамус го направил тоа и на брегот веста била пречекана со лелек и тажење.17    Сите овие наоди, како и голем број слични предмети со археолошка вредност, пронајдени на просторот на селото Крушевица, укажуваат на нагласено присуство на античката култура и на населување кое треба да биде посебно истражено.

[

1] Иван Микулчиќ, Пелагонија у светлости археолошких налаза, Археолошки музеј – Скопје, Скопје 1966, 59. Вера Битракова–Грозданова, Споменици од хеленистичкиот период во СР Македонија, Скопје 1987, 142, 143.

2 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Београд 1999, „Зевс и Метида, 41 – 5

3 Хомер, Илијада, песна XI, „Агамемноново одликување“, стих 34–37

4 Роберт Гревс, Грчки митови, 192.

5 Вера Битракова–Грозданова, Споменици…, 145.

6 Томе Јанакиевски, Антички театри во Република Македонија, Народен музеј и Галерија Битола, Битола 197, 191.

7 Костадин Кепески, Монети на македонските кралеви во Прилепскиот музеј, МАА бр. 7–8, Скопје 1987, 56.

8 Роберт Гревс, Грчки митови, 348.

9 Плутарх, Славните ликови од антиката, Александар Македонски, превод Мило Н. Ѓуриќ, Матица српска, Нови Сад 1978, 101.

10 Наде Проева, Студии…, 162.

11 Херодот, Историја.

12 Археолошка карта на Република Македонија, Вулиќ Н., Сп., LXXI, 57, Vulić N., 1937, 28; (Б.К., Л.К., К.К.)

13 Роберт гревс, Грчки Митови, 54.

14 Исто, 54 и 55.

15 Никола Вулиќ, Прилеп, Споменик, Српска краљевска академија, Београд 1931, 157, 158, бр.405 и 406.

16 Грчки митови, 83.

17 Исто, 84.