АктуелноСостојби

ПРИЛЕП ЈА БРИШЕ СВОЈАТА ИСТОРИЈА – ГИ „КОРНЕ“ СОПСТВЕНИТЕ КОРЕНИ (5)

КАМЕНА ЗГРАДА ВО ЦЕНТАРОТ НА ГРАДОТ, НА УЛИЦАТА, „ОРДЕ ТУТЕСКИ“, СОЧУВАНА ДО ДЕНЕС, ГО ОТКРИВА И НЕЈЗИНИОТ НЕКОГАШЕН СОПСТВЕНИК

            Една поголема камена зграда од турскиот период на улицата, „Орде Тутески“, сепак, опстојала до денес, иако со извесни интервенции од современ карактер. Овој објект е во самиот центар на градот, кај современата зграда позната како Бизнис центар, од нејзината источна страна. Зградата е објект со подрум, приземје и кат изградена од обработени камени блокови и, мал дел, од печена цигла, како украсен елемент по должина на ѕидот. На неа стојат до денес и металните заштитни конструкции на прозорците, кои се впечатливи кованици, а на единствената врата од западната страна, односно, од страната на улицата, „Орде Тутески“, се направени комплетни измени, односно, вратата, која е двокрилна, е направена од дрво, а заштитната метална конструкција, исто така, е нова. Заштитните кованици на прозорците од подругмот, приземјето и катат се квалитетно изработени со полукружно оформени лентести форми, кои претставуваат своевидни гранковидни и листовидни форми. Тешко е да се каже каква била првобитната врата, односно, со каква врата бил затворан влезот и дали на него имало украсување како на поголемиот број слични градби во градот на чии врати среќаваме апликација на македонското сонце со 12 или 16 краци или нешто друго. Рамките на вратата и на прозорците се направени од убаво обработени камени елементи. Прозорците се со правоаголно оформени отвори, а влезот во објектот, во горниот дел, има сводеста форма. Над рамката на вратата, како и над рамките од прозорците од приземјето и катот се оформени полукружни украсни форми од печена цигла, кои на фасадата и даваат впечатлив архитектонски изглед. Зградата има покрив од стари керамички елементи со полукружна форма, кои меѓу народот се познати како „турски“.

Камениот објект од улицата, „Орде Тутески“ западна фасада

            Со внимателно разгледување на фасадата, лесно може да се забележи една вградена правоаголна плоча од мермер со натпис во средината изработен во полукружна рамка, најпрво со едно пошироко поле од надворешната страна, оформено со плитко врежана полукружна форма, а во внатрешниот дел, посебно профилирана полукружна рамка. На двата горни агли на правоаголната плоча, надвор од полукружната рамка со натписот, е изработен по еден флорален украс – со две гранковидни форми, лево и десно и пупка во средината меѓу два листа.

Плочата со натписот

            Убаво оформеното полукружно натписно поле започнува со врежано украсување при врвот на полукругот, исто така, флорален мотив со по една гранковидна форма лево и десно и фиданка со по два листа од двете страни и пупка на врвот. Под споменатиот украс следува натпис, врежан во правоаголна рамка оформена во полето на полукружната рамка,  кој започнува со година на изработка а, веројатно, и година на изградба на споменатиот објект и име на извесен сопственик, Томас Атанасиу Крушевчанец, во првиот и Тома Атанасеску Крушевчанец – во вториот дел од натписот. Всушност, во првиот дел од натписот е  врежана грчка, а во вториот влашка форма на името на крушевчанецот Тома, што упатува на претпоставка дека се работи за лице со влашко потекло. Веднаш под натписот е врежана хоризонтално поставена брановидна форма, а под неа украсување, идентично со украсот од врвот на полукружно рамкираното поле.

Еден од прозорците на приземјето

            Вградениот споменик со натпис претставува своевиден документ, кој упатува на идентитетот на сопственикот на градбата во турскиот период, односно, за сопственикот, кој ја финансирал изградбата на овој објект, кој е од типот на камени магацини и продавници за трговска стока, дел од некогашната прилепска чаршија. Веројатно е дека лицето од натписот бил познат трговец во тоа време, а објектот за кој станува збор служел, токму, за таа дејност. Се разбира, не е исклучено дека дел од просториите на објектот, во периодот на турското владеење, служеле и за поинаква намена, можеби за канцеларии, простории за живеење или некоја друга намена.

Еден од прозорците на катот

            Во обидот да пронајдеме податоци за утврдување на идентитетот на лицето од натписот, односно, за Тома Атанасеску, не успеавме, па се надеваме дека со натамошното истражување ќе пронајдеме, какви било податоци за него, па и за неговото семејство. Едно е, речиси, сигурно – веројатно е дека Тома бил член на влашката заедница во Прилеп во крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век.

Камениот објект од улицата, „Орде Тутески“ западна фасада – од југозапад

            Натписот од плочата на објектот од улицата, „Орде Тутески“:

1891  ΜѦIOϪ 15 

Заштитниот метален дел од еден од прозорците на приземејто

ΤΩΜѦΣ ѦTѦNѦΣIϪ

KPϪΣIOBITIΣ

 TOMA ATANASESCU

CRUSOVENU

Мал прозорец со хоризонтална правоаголна форма од подрумот

             Споменатата градба, опишана погоре, преставува своевиден споменик од историјата на градот Прилеп и, заедно со сите свои обележја и елементи, дава можност за откривање на дел од непознатата историја на градот, па затоа заслужува да остане документ на тоа време. Имајќи предвид дека таа и денес е во добра кондиција како градба, може да служи и за посебни намени во современиот град, како за стопански, културни туристички, па и стопански цели. Со оглед на фактот дека е, можеби, единствената градба од ваков вид, која е, речиси, целосно сочувана, би бло вистинска штета, доколку и таа исчезне од лицето на градот.

Апликација на сонце со шеснаесет краци, на врата од слична градба во градот