АктуелноДокументиИсторија

КЛЕОПАТРА СЕЛЕНА II, ГОЛЕМА КРАЛИЦА НА МАВРИТАНИЈА СО ИЗРАЗЕНО ЧУВСТВО ЗА МАКЕДОНСКО ПОТЕКЛО И АМБИЦИИ ЗА ОБНОВУВАЊЕ НА КРАЛСТВОТО НА ПТОЛЕМЕИТЕ

„ОЖИВУВААТ“ НЕПОЗНАТИ ЧЛЕНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА ЛОЗА ФАРАОНИ ВО ЕГИПЕТ (4)

            Ќерката на последната македонска кралица – фараон на Египет, Клеопатра Селена II, иако била земена како заложник во Рим по завладувањето на Египет од страна на Октавијан Август, сепак, имала иднина на достоен потомок на најдобрите претставници од династијата Птолемеи, како и на своите уште постари претци, Македонци. „Таа тврдеше дека потекнува од митолошката фигура на грчко-римскиот полубог Херакле / Херакле и историските херои Филип Македонски, Александар Велики, Птоломеј I Сотер и Птоломеј II Филаделфос, како и сродство со Јулио-Клаудските императори Август, Тибериј, Калигула, Клавдиј и Нерон.51 Ваквото исклучително потекло, зедно со своите интелектуални и образовни способности, таа знаела вистински да го искористи во текот на својот живот. Имено, одгледувана, воспитувана и образувана во највисокиот слој на римското општество, односно, во семејството на сестрата на Октавијан Август, Октавија,52 Клеопатра Селена се здобила со знаење и култура, која и помогнала во подоцнежниот живот. Октавија му била втора сопруга од Рим (прва му била нејзината сестра Фулвија, која починала млада) на таткото на Селена, Марко Антониј, која тој брзо ја напуштил поради големата љубов кон египетската кралица, Клеопатра VII. Октавија постапила исклучително благородно со децата на Антониј и Клеопатра и ги одгледала како свои деца. Додека двајцата браќа на Селена, нејзиниот брат близнак, Александар Хелиј и Птолемеј Филаделф немале среќа да доживеат зрела возраст,53 Селена дочекала посветла судбина.

Клеопатра Селена – кралица на Мавританија

 

            Во тоа време, во Рим се наоѓале и други принцови и принцези од освоените кралства од страна на Рим, а меѓу нив бил и принцот Јуба од кралството Нумидија, кое влегло во рамките на Империјата, односно, станало нејзина провинција. Тој, исто така, не бил лишен од соодветно образование, достојно на неговиот статус. Кога достигнале соодветна возраст, Октавијан Август решил Селена и Јуба да склопат брак и ги испратил во Мавританија, област која била во рамките на поранешното кралство Нумидија, за да управуваат со неа како крал и кралица.54 Двајцата, во кралството кое им било доделено од Октавијан, ги покажале своите способности чија основа, веројатно, било и образованието стекнато во Рим. Сепак, идеите и иницијативата на Клеопатра Селена дошле до израз на автентичен начин. Имено, Селена ги носела во себе информациите, споменот и генот на нејзините далечни претци од Македонија и Египет и ги вградила во своите планови како кралица на Мавританија. Нејзините амбиции биле големи. Преку кралството во кое владеела со својот сопруг и крал, Јуба, кроела големи планови за обнова на големото Птолемејско кралство во Египет,55 кое нејзините претци, Птолемеи го владееле, речиси, 300 години, сè до 30 година, кога нејзината мајка, Клеопатра VII, завршила со својот живот, а кралството било припоено кон Римската Империја.

СЛАВНА И МОЌНА КРАЛИЦА, НО ЗАБОРАВЕНА ВО ИСТОРИЈАТА

            Иако многу успешна кралица и значајна историска фигура, од непознати причини, името на Клеопатра Селена долго време е непознато за пошироката јавност. Всушност, до скоро, непознати беа, не само нејзиното име, туку и имињата на нејзините двајца браќа, Александар Хелиј и Птолемеј Филаделф за кои се смета дека рано починале од некоја болест или на некој друг начин. Овие историски ликови станаа актуелни со последните истражувања на некои светски истражувачи, особено по идентификувањето на двата лика на близнаците претставени на скулптурата од Дендера во Египет.56  

Храм на божицата Хатор во Дендера

 

            Скулптурата, како што веќе истакнавме во претходните продолженија од овој материјал, е пронајдена уште во далечната 1918 година, но идентификацијата на ликовите на претставените близнаци е направена дури пред неколку години од страна на Џузепина Каприоти, која ги идентификувала според симболите кои ги носеле на главата. Клеопатра VIII Селена на главата имала симбол на месечина, а Александар Хелиос симбол на сонце.57 Токму со овие симболи, некако е поврзано и отворањето на приказната на непознатите потомци на Клеопатра VII, односно, најмладите потомци на македонската династија во Египет, Птолемеи. Со оваа тема започнале да се занимаваат повеќе автори и на видело излегоа информации поврзани со историјата на овие личности, како и со нивната судбина. Според авторите, за татковството на близнаците не постол сомнеж, односно, нивни татко бил славниот римски конзул, Марко Антониј, со кого нејзината мајка Клеопатра VII била 10 години во силна љубовна врска. Тие упатуваат и на конкретен момент во историјата, кога самиот тој ги признал за свои деца. Тоа се случило во 37 г.п.н.е., кога тој ја повикал Клеопатра VII на средба во Антиохија, во Сирија. Тоа била нивна втора средба и Клеопатра со неа ги повела и близнаците.58

 

            На тој начин, децата на Клеопатра, освен правото на наследство на Египет, имале право и на наследството на нивниот татко Марко Антониј, кој бил римски конзул и владеел со источниот дел на Римската империја. Всушност, како што веќе истакнавме во претходните делови од овој материјал, Клеопатра Селена, нејзиниот брат близнак, Александар Хелиј и најмалиот брат Птолемеј Филаделф, веќе имале доделено титули на кралеви и територии за нивното владеење. Се чини дека доделените територии од страна на Марко Антониј на неговите деца, барем делумно, ги испочитувал и царот Актавијан Август, па на Клеопатра Селена, заедно со нејзиниот сопруг, принцот на укинатото кралство Нумидија, Јуба II, откако ги споил во брак, им определил посебно кралство со кое ќе владеат. Тие ја добиле територијата, која на Селена и била доделена уште од нејзиниот татко, Марко Антониј, односно, областа Мавританија,59 каде се испратени да владеат како крал и кралица од Октавијан Август.

Клеопатра Селена II

СЕЛЕНА И ЈУБА РАЗВИЛЕ СИЛНО СТОПАНСТВО И ТРГОВИЈА ВО КРАЛСТВОТО И ИЗГРАДИЛЕ ЦЕНТАР СЛИЧЕН НА АЛЕКСАНДРИЈА ВО ЕГИПЕТ

            Клеопатра Селена, која веќе имала искуство со владеење како принцеза и кралица уште во Египет,60 покажала исклучителна способност и знаење за развојот на своето ново кралство и, заедно со Јуба, успеале да го унапредат и развијат, како на економски, така и на културен план. По примерот на градот Александрија, каде пораснала како дете, Селена направила сличен град, кој бил наречен Цезареја, во чест на Октавијан Август, како добротвор, кој им овозможил, нејзе и на нејзиниот сопруг, Јуба II, да владеат со Мавританија.61 Градот бил расположен во сличен географски простор, со план кој наликувал на Александрија, а не изостанал ниту светилник по примерот на светилникот од Александрија на островот Фар.62 Всушност, тој станал центар на кралството, но и своевиден економски, трговски и културен центар на поширокиот простор. Изградбата на градски центар сличен на Александрија, секако е поттикната од желбата, знаењето и способноста на кралицата Селена, која во себе го негувала споменот на својата поранешна татковина, на родниот град и родната земја, како и споменот на својата амбициозна мајка, Клеопатра VII која, исто така, постојано кроела планови за создавање на единствено царство – империја достојна на најголемиот македонски крал, Александар III – Македонски. Селена живеела со сличен сон, горда на своето потекло и своите далечни претци, а зад ваквите проекти се крие и нејзината цел за обнова на династијата Птолемеи, односно, амбиција за обновување на нејзиното прво кралство, Египет. Познавачите тврдат дека Селена постојано била со длабоко чувство во себе за славното минато на нејзините претци, не само Птолемеите, туку и оние од Македонија, почнувајќи од Херакле, Темен, Каран, Александар, Филип и другите славни македонски кралеви.63 Всушност, таа живеела и создавала со жив спомен за нејзиното славно потекло и се носела со идеи за враќање на старата македонска и Птолемејска слава.

Амон Ра и Александар од Луксор – Louxor_Amon_Ra_Alexandre-Neithsabes

            Во кралството Мавританија, двајцата кралски сопружници го вградиле целото свое знаење и вештина, кои ги стекнале во семејството на Октавија, чиј дом се наоѓал на ридот Палатин во Рим.64 Со најмалку два големи центри создадени од Селена и Јуба, тоа станало економски и политички фактор во поширокиот простор развивајќи трговски врски со Медитеранот, а според својата географска положба, зафаќајќи до Атлантскиот Океан, во негова контрола бил и преминот Гибралтар, преку кој кралството Мавританија се поврзувало со останатиот дел од светот, а кој го користеле и другите кралства и држави во тоа време. Кралството Мавританија на двајцата сопружници развило силна трговија и тргувало со голем број стоки, но производството на текстил од престижен карактер, каков што бил текстилот со виолетова боја, која се сметала за боја на највисоките класи, односно, кралска боја, Селена и Јуба особено го развиле и тргувале со него во поширокиот Медитеран.  Постигнувајќи голем просперитет и богатство зад себе оставиле значајна култура – архитектура, уметност, религиозни градби и слично.

Јуба II – кралот на Мавританија

            Во бракот со Јуба, Келопатра Селена II, имала две деца, машко и девојче. Овде повторно се соочуваме со амбициите на Селена поврзано со нејзиното славно минато, па нејзиниот син го крстила Птолемеј, за да ја одржи традицијата на славната македонска династија во Египет, Птолемеи, но и да ги покаже своите амбиции за враќање на нејзината слава. Нејзината ќерка, пак, го носи името Друсила, веројатно од благодарност кон Октавијан Август, чија жена носела такво име.65

            Освен Цезареја, славната кралица, заедно со својот крал, за време на заедничкото владеење изградиле и други значајни места и градови во Мавританија, а посебно бил развиен уште еден голем град, центар на развиена економија, трговија и култура, познат како Волубил(ис).

КОЈ ГО ЗАДСКРИВА МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ ВО ИСТОРИЈАТА НА ЧОВЕЧКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА И КУЛТУРА

            Судбината ѝ стокмила посебна место на Селена во универзумот, па таа ненадејно починала на само 35 години, во момент кога се случувало помрачување на месечината, чие име го носела оваа заборавена, но славна кралица во своето време. Еден епиграф од епиграфичарот Кринагора од Митилина се смета дека е посветен, токму, на смртта на оваа славна потомка на македонската династија, Птолемеи. Тој гласи:

Месечината потона во мрак воздигнувајќи се над залезот на Сонцето,

Бидејќи ја видела својата убава имењачка, Селена,

Како се симнува во Адот,

Со која имаше заедничка убавина на нејзината светлина

И го измеша својот мрак со нејзината смрт.66

            Дали славното потекло на оваа кралица е виновно, односно, било причина историчарите да и посветат мало внимание и, на извесен начин да ја „задскријат“ од светот кој наодаѓал по нејзиното заминување?67 Ова не потсетува на недоволно јасната определба и иднтификување без изворен и јасен идентитет, не само на династијата Птолемеи во Египет, која не може никако да се определи освен македонска, зашто е создадена од еден славен Македонец каков што е Птолемеј I Сотер, нејзиниот основач и владател – фараон на Египет, всушност, наследник на Александар Македонски, кој започнал да владее со Египет како фараон,68 туку и на долгата историја на владеење на Македонците и македонските династии со добар дел од светот. Имено, во официјалната наука, често се создава забуна, кога историјата на Македонците и македонските кралеви, нивните воени подвизи и дела, како и културата создавана во нивното владеење се идентификуваат како хеленистички, па дури и грчки, а поретко и многу „срамежливо“ се употребува единствениот, вистински и изворен идентитет и определба, „македонски“. Зашто произлегуваат од македонска почва, од народ – етникуми (етнички заедници), кој се подведува под легендарното име, Македон и себе си се нарекува Македонец, кој така е познат и кај другите, кој имал своја држава – кралство, создал империја, која е македонска и, која се распаднала на неколку делови, а некои од нив и натаму егзистирале како империи и биле владеени од македонски династии. Зад себе оставиле култура – градови, градби, уметничко и научно творештво, ономастика, преданија, легенди и симболи, кои му ги оставиле на светот и до денес егзистираат како такви. Како и да е, желбата за вистина никогаш не згаснува во човечкиот дух, па последниве години вистината за Селена, како и за другите деца на Клеопатра VII, како и за нејзините внуци, односно, најмладите потомци на династијата Птолемеи, се повеќе излегува од, намерно или ненамерно, „фрлената“ магла врз

Македонон коинон – монета, аверс

нивното постоење и историска улога.

 

МАВЗОЛЕЈОТ НА КЛЕОПАТРА СЕЛЕНА И НЕЈЗИНИТЕ ПОТОМЦИ

            По смртта на Клеопатра Селена II, по неа останале двете нејзини деца, Птолемеј и Друсила. Птолемеј владеел со кралството Мавританија заедно со неговито татко Јуба II, а од 23 н.е., по смртта на татко му продолжил да владее сам, сè до 40 година на нашата ера, кога бил убиен од римскиот император и диктатор, Калигула. Тој бил повикан кај него на средба и на подмолен начин ликвидиран.69 Мавзолејот во кој биле погребани негавата мајка Селена и неговиот татко Јуба, според некои од историчарите бил изграден, токму, од него.70 Оваа градба останала до денес како експонат од културното наследство на кралството Мавританија и траен споменик – паметник за владеењето на ова кралство од страна на Клеопатра Селена и нејзиниот потомок – син, Птолемеј. Мавзолејот на Келопатра Селена II, односно, кралицата на кралството Мавританија со македонско, Птолемејско потекло се наоѓал во престолнината на кралството, градот Цезареја, денес во градот Черчел во Алжир.  

Македонон коинон – монета, реверс

            Историчарите, децата на Селена, Птолемеј и Друсила ги споменуваат како внуци на славната Клеопатра II,71 а за нив може да се најде и уште некоја информација, како за тоа со кого го продолжиле нивниот живот по смртта на нивните родители и сл. Така, за Птолемеј се знае дека бил роден, веројатно, 9 г.п.н.е., владеел до 40 година н.е,, а бил женет со Јулија Уранија со која има ќерка Друсила, како што се викала и неговата сестра, која била мажена со Марко Антониј Феликс и со Сохемус, кој бил цар – жрец на Емеса, денешен Хомс во Сирија. Од последниот брак на Друсила, потекнува пзнатата царица Зенобија (Јулија Септимија Зенобија, 269 – 272 н.е.), која владеела во градот Палмира и самата се произнесувала како потомок на Птолемеите, односно на џКелопатра VII. Таа повела војни за завладување на нови територии и успеала да завладее со поголем дел од Сирија, како и со Египет. Во 672 година против неа повел војна римскиот император Аврелијан (215 – 275 н.е.) и го завладал нејзиното царство Зенобија била заробена и својот живот го завршила во Тиволи, близу до Рим.72

            Споменатите роднински врски, кои опфатиле голем број личности и семејства од македонско – птолемејско и римско потекло оставиле силни траги во историјата и културата на римското општество. Токму со ваквите семејни поврзувања се објаснуваат и подоцнежните повикувања на римски императори на славната македонска империја и, особено, на нејзиниот создавач, Александар Македонски. Од ваквото поврзување, односно, повикување на крвни врски со македонските кралеви и претставување на своевидно македонско наследство во лицето на Римската империја оставило длабоки историски и културни траги, па во првите векови на новата ера, во римското царство, се забележува силно раздвижување со македонски предзнак во монетоковањето, обичаите во облекувањето на императорите, примена на македонските воени техники и формации и сл. Сосема е нормално да се претпостави дека ваквите појави на македонско произнесување и претендирање на македонското наследство се резултат на врвни личности во римското општество и политика, кои во себе го носеле споменот и чувството за сопствено крвно сродство со македонски претци. Можеби еден од најекспонираните римски „македономани“ е римскиот император Каркала, кој бил со полно име Луциј Септимиј Басијан, а потоа со променето име Марко Аврелиј Антонин. Каракала бил наречен по туниката од галско потекло, која ја носел на себе. Каракала се обидувал да наметне комплетно македонско „однесување“ во Римската империја, па за тоа, дури, бил исмејуван во некои делови од неа. Познат е случајот во Египет, кога таквото исмејување од страна на народот завршило со тежок масакр од страна на неговата војска, а во него настрадале до 20.000 луѓе.73

Птолемеј од Мавританија – син на Селена II – Ptolemy_of_Mauretania_Louvre_Ma1887 – v1

            Овој „македонски“ период во време на Римската империја, траел во периодот од почетокот на III до IV век н.е. и е поврзан со владеењето на познатото римско семејство Севери. Нив ги среќаваме на голем број епиграфски споменици низ Македонија, особено, на локалитетите на кои се наоѓале позначајни антички населби и градови.

51  Jane Draycott, Cleopatra’s  Daughter,…

52 Исто.  Arthur e. P. Brome Weigall, The Life and Times of Cleopatra, Queen of Egypt, g. p. Putnam’s Sons, New York

1914, 407, 408.

53 Исто.

54  Исто. Лјубен Тевдовски, The One World Perspective – Chronological overview of the development of Alexander’s Oikumene,

 Institute of History and Archaeology, FES, Goce Delcev University, 123.

55 За да ја истакне врската со своето семејство по мајка (Клеопатра VII), Клеопатра Селена, својот син го именувала Птолемеј, а главниопт град на кралството Мавританија, Цезареја, бил изграден според главниот град на Египет, Александрија каде израснала како принцеза и кратко време како кралица.

56 Опознана статуя детей Клеопатры и Марка Антония – Идентификувана статуа на децата на Клеопатра и Марк Антониј (https://argumenti.ru/world/2012/04/173373)

57 Исто.

58  Jane Draycott, Cleopatra’s  Daughter,…

59 Лјубен Тевдовски, The One World Perspective -…, 123.

60  Исто. Arthur e. P. Brome Weigall, The Life and Times of Cleopatra,…, 292 – 294.

61 Arthur e. P. Brome Weigall, The Life and Times of Cleopatra,…, 406 – 408. Лјубен Тевдовски, The One World Perspective -…, 123.

62  Jane Draycott, Cleopatra’s  Daughter,… . Cleopatra Selene II (https://www.worldhistory.org/Cleopatra_Selene_II/)

63 Jane Draycott, Cleopatra’s  Daughter,…

64 Исто.

65  (https://www.actualno.com/interest/potomcite-na-kleopatra-oceleli-li-sa-za-da-syzdadat-legendarnata-carica-zenobija-news_2024025.html) .

66  Cleopatra Selene II (https://www.worldhistory.org/Cleopatra_Selene_II/). Jane Draycott, Cleopatra’s  Daughter,… .

67 Jane Draycott, Cleopatra’s  Daughter,… .

68 Александар Македонски првиот Македонец фараон на Египет, (https://www.pelagon.mk/2024/03/16/)

69 Jane Draycott, Cleopatra’s  Daughter,… . Cleopatra Selene II (https://www.worldhistory.org/Cleopatra_Selene_II/).

70  Лјубен Тевдовски, The One World Perspective -…, 123.

71 (https://www.actualno.com/interest/potomcite-na-kleopatra-oceleli-li-sa-za-da-syzdadat-legendarnata-carica-zenobija-news_2024025.html)

72 Zosimus. Historia nova / Ed. L. Mendelsohn. – Lips., 1887 с учетом новейшего – Paschaud F. Zosime. Histoire nouvelle. – P., 1974-… (издание продолжается), а также английского перевода Zosimus. New history / Ed. R. Ridley. – Canberra, 1984

73 Полибиј, Истортии.