ЖЕЛЕЗНАТА ПОРТА НА МАРКОВИ КУЛИ И ГОЛЕМИОТ ЅИД КОЈ ГО ЗАОБИКОЛУВАЛ СТАРИОТ ГРАД ПРИЛЕП ИСЧЕЗНАЛЕ БЕЗ ТРАГА

Локалитетот Маркови Кули кај Прилеп е преполн со тајни и вредности кои чекаат на откривање, проучување и идентификување. Тие водат до драгоцени сознанија и носат потенцијал со непроценливо значење за градот и пошироко. Од друга страна, факт е дека не успеваме да изградиме соодветен однос  кон овој исклучителен споменик на културата и природата, иако е непосредно до самиот град, а за него „се грижат“, најмалку, три институции – Општина, Завод и Музеј – Прилеп и Институт за истражување на старословенската култура – Прилеп. Истражувањата на локалитетот, кои се неопходни, се инцидентни, а конзерваторско-реставраторските активности не се, воопшто, зстапени. Уште повеќе, локалитетот е изложен на постојана деструкција од разновидни фактори по целата негова површина, оставен без надзор, на општата совест, која е таква каква што е. Но, ова само како вовед и потсетување на оние, чија совест е „најодговорна“. Овде сакаме да потенцираме определени содржини и вредности од кутурата на Маркови Кули, за кои пишуваат старите автори, а кои исчезнале!!!

ГОЛЕМ ЅИД, КОЈ ШИРОКО ГО ОБИКОЛУВАЛ СТАРИОТ ПРИЛЕП

            Кај некои од старите автори се споменува голем ѕид, кој се движел на просторот на денешното Варошко маало, кон запад го сечел “коњарски пат“  а кон североисток завивал кон  гробиштата на локалитетот „Гнилиште“ и продолжувал кон север, до ѕидовите на Маркови Кули.1 Марко Цепенко споменува ваков ѕид, кој наводно бил правен од Турците за заштита и кој минувал низ дел од градот, а споменува и друг ѕид, кој се наоѓал меѓу Прилеп и Варош.2

Дел од тврдината на Маркови Кули од запад

                Денес, тешко е да се најдат траги од споменатиот ѕид, иако не можеме да се сомневаме дека постоел, бидејќи повеќе автори го потврдуваат тоа, и тоа, мошне уверливо. Секако, со опстојно истражување, веројатно е дека можат да се најдат делови од него под земјата на местата за кои пренесуваат авторите дека постоел. Додека кај Марко Цепенков се добива впечаток дека се работи за два ѕида, од кои едниот и самиот го видел, зашто вели „имат еден ѕид“, а за другиот му раскажувале „старци“, кај Георги Трајчев се споменува еден голем обиколен ѕид. И кај двајцата, според описот, ѕидот одел на слична релација. Еве што вели Цепенков:

                – „Од над Скршената џамија покрај Пусти сокак и покрај бавчите имат еден ѕид напраен до Чолакоското маало. Напраен јет од Турците во старо време, како за да го бранат градот, чунки има на многу места дупки за метериз. Таков ѕид имало и од страната помеѓу Варош и Прилеп, според старци како што ми прикажуале.“3

 

                Цепенков, за ѕидот, разговара и со неговиот татко, кој му објаснувал од каде потекнуваат камењата од кои бил изграден:

            „- Еј, гледаш синко, тие камење што је праен ѕидот? – ми велеше татко – Сите се од варошките цркви што ʼи

Остаток од голема зграда и делови од тврдината на југоисточната страна

расипале некоаш Турците и ʼи донесле овде.“

            За сличен голем ѕид, многу поуверливо, пишува Ѓорѓи Трајчев бидејќи тој го употребува зборот „имаше“, што значи дека и самиот го забележал додека живеел во Прилеп.4

                – Траги од такви ѕидови имаше при ˒варошко маало˓ – коњарски пат и продолжуваа северно и источно по периферијата на последните квартови на денешниот град, за да стигнат источно од месноста ˒Гнилишта˓, а оттаму да завртат нагоре во насока на север, за да се доближат до ѕидиштата Маркови – кули.“5

На западната страна на Маркови Кули

            Споменувањето на ваков ѕид, односно, тврдењето дека тој навистина постоел на релацијата која се опишува од старите автори поттикнува на сериозно размислување до каде достигал стариот град Прилеп, односно, упатува на неговата големина. Имено, релацијата на која се движел овој ограден ѕид укажува на голема површина на која бил расположен градот. Тоа, на своевиден начин, се доближува до преданието за неговото нагласено жителство, пред доаѓањето на Турците, односно, дека имал „12000 куќи“.6

Една зачувана кула на јужната страна – на врвот Гребник

            Кога се говори за споменатиот широк ограден ѕид околу стариот град Прилеп, треба да се споменат и информациите од страна на разни лица од градот, кои споменуваат дека при изградба на своите куќи или при изградбата на зградите од некои од населбите на денешниот град Прилеп, се соочувале со разновидни објекти, ѕидови или елементи од стари градби. Овде само ќе го споменеме еден таков случај, кој се однесува на извесен број мермерни „блокови и плочи“, кои се појавиле при копањето темели за една од зградите во населбата Точила, која се наоѓа во рамките или во близина на релацијата на ѕидот за кој пишуваат старите автори.

ИСТОЧНА, БЕЛА  И ЖЕЛЕЗНА ПОРТА ЗА ВЛЕЗ ВО СТАРИОТ ГРАД ПРИЛЕП

            Старите автори, но и современи жители на Прилеп и Варош, споменуваат и порти кои се наоѓале на големите ѕидови на Маркови Кули, кои служеле за влез во градот. Меѓу нив можат да се сретнат приближни локации на „источната“ порта, една која се вика „Бела Порта“, односно место со такво име, како и тоа дека до извесно време, на една од портите за влез во градот стоеле и железни врати.

Западна порта на седлото на Маркови Кули

            Героги Трајчев нѐ „води“ до местото на кое се наоѓала „источната“ порта:

            – „Тука, при ˒Гнилишта˓ била источната порта. Се претпоставува дека и гробиштата, наречени ˒Гнилишта˓, во блиско соседство со источната порта на крепоста – служеле за стариот град.“7

Местото „Бела Порта“

            Значи, знаејќи дека локалитетот со гробиштата ˒Гнилишта˓ се наѓа од североисточната страна на Маркови Кули, можеме да претпоставиме дека и „источната“ порта се наоѓала во нивна близина, на ѕидовите од тврдината од таа страна. Интересно е дека меѓу некои од денешните жители на Прилеп, особено на Варош се зачувало предание за едно места на таа страна, за кое се смета дека имало порта за влез во повисоките делови во тврдината и е познато како „Бела Порта“

Северна порта

            На крај, интересно е да го споменеме и тврдењето на уште еден постар автор, Антон Тошев, кој во своите спомени наведува еден податок за извесни железни врати, кои стоеле на тврдината до 1790 година.

            „Железните врати на тие кули постоеле до 1790 г,; по тој датум, всушност, тие биле однесени од еден турчин и направени плуг.“8

 

1 Георги Трајчев, Град Прилеп, Македонска библиотека, Софија 1925, 6 – 8.

2 Марко Цепенков, Македонски народни приказни, книга 5, приредил Кирил Пенушлиски, Македонска книга – Скопје, Скопје 1989, 103.

3 Исто.

4 Г. Трајчев, 6 – 8.

5 Исто.

6 Исто, 8.

7 Исто.

8 А. Тошев, Бегли спомени, Македонска библиотека, Софија 1931, 131.