НОВАТА ВЛАСТ „ПОЕФИКАСНА“ ОД СТАРАТА – АПОКАЛИПТИЧНАТА СЛИКА ОКОЛУ ПРИЛЕП СЕ ОЗАКОНУВА НАДВОР ОД ЗАКОНОТ
Фирмата Вехтел и Енка започна со нелегална експлоатација на минерални суровини во близина на селото Ореовец уште за време на претходната структура на власт во Македонија. Само со обично барање за концесија од страна на Јавното претпријатие за државни патишта. Меѓу другото, изврши широк ископ на еден од ридовите во близина на селото, отвори нелегални патишта, зтвори традиционални патишта, кои ги користеа жителите на селото со векови, а изврши и две минирања во самиот коп и, притоа, предизвика стрес кај жителите, физички, психолошки, понижувачки, односно, физички го потресе околниот терен и ги разниша градбите во селото, па се појавија и пукнатини на голем број од нив, како и на селската црква, „Св. Димитрија“, па другите видови стрес беа неминовни.


Следеше тримесечна блокада, па судска разврска со неколку вештачења од страна на експерти по области поврзани со животната средина. Две од вештачењата беа јасни по прашањето за експлоатација во близина на селото Ореовец, односно, вештаците дадоа јасна препорака дека вршењето ископ и минирање на споменатата локација е штетно по изворите на вода за пиење, кои се спроведени во селото, како и во градот Прилеп. Судското решение по предлогот за донесување времена мерка за забрана беше негативно.
Иако може да ни биде забележано, сепак ќе кажеме дека имаме впечаток дека институциите на власта од различните нивоа се во дослух и се хармонизираат при носењето на одлуките. Дали е тоа практика во последниве години и децении на владеење во Македонија!!??? За каков интерес се работи? Секако не е интерес на жителите на Ореовец, Крстец, Плетвар, Прилеп, односно, секако не е во интерес на народот.

Конечно, „смело и брзо“ решение од страна на штотуку востановената власт во Македонија, односно, од Владата на Македонија со издавање концесија за експлоатација на минарална суровина – мермер на ЈПДП. „Брзи и ефикасни“ во издавањето концесии, кои ја „збогатуваат“ апокалиптичната слика околу градот Прилеп, кој и досега се наоѓа во катаклизмичен амбиент од енормна експлоатација на мермер, а неговиот интерес во тоа е минимален, односно, општината добива занемарливи суми од поробувачката експлоатација, која трае, веќе со години. Каде се Надзорните одбори, и инспекциските служби од соодветните области, кои треба да се грижат за животната средина, за природниот и геолошкиот амбиент, за необјективната експлоатација, за загадувањето на водите и воздухот? Има ли какви-такви сознанија во какви услови живее споменатиот град со околните населби? Никој не одговара на такви прашања, а слушаме за несоодветни статуси на вработени во тие институции, за оставки на други функционери и сл.


Депресивно звучат ваквите решенија на власта за жителите на овој простор, речиси, очајно, но најмногу револтирачки, до гнев. Тоа изгледа како некој да кренал раце во оваа држава од човечноста, човечкиот однос, почитувањето и грижата за сопствениот народ, па не сака да го слушне неговиот очајнички глас дека е ставен до ѕид, притиснат во сопствениот дом, доведен во опасна животна средина, изложен на опасности од загрозување на основните услови за опстанок, како што се водата, воздухот, мирот во сопствениот дом и безбедното живеење во

него. И уште, изложен на експлоатација, која заличува на ограбување на природното богатство, без чувство за иднина, за опстанок на идните генерации, немилосрдно исцрпување на сè што е вредно, без мерка, без стандард, без рационалност. Живееме ли во слободна земја – се прашуваат многумина во народот – ние сме тука на наша земја, а некој врши деструктивни активности, опасни по опстанокот, без да погледа каде живееме, како живееме, од што опстануваме, особено, што дишеме, што пиеме, со што се храниме? И со право, зашто случајот со Ореовец може да биде пример за бескрупулозен однос на моќни институции моќни сили, субјекти и поединци. Цели 3 месеци упорни протести со блокади, со јасно изнесување на положбата во која се наоѓаат жителите и сопствениците на имот во ова село, со јасно дефинирани штети и последици од експлоатацијата, со јасно изразената психолошка состојба во која се доведени. Иако на местото дојдоа „силни“ делегации, функционери, судии, пратеници, советници и други „моќни“ лица од државата, никој сериозно не му пристапи на евидентниот проблем, останаа само политички флоскули, ветувања и лицемерие, кои кулминираа со решение за издавање концесија од страна на надлежна институција на современата Влада на Македонија. Останаа долгите малтретирања, седење на екстремни температури на блокадите, постојан притисок, па и закани за насилно растурање на блкадите, вознемирување со различни информации – формални и неформални и, на крај, дилемата како да се продолжи понатаму, зашто, голем број од Ореовчани, но и Прилепчани се решени: Во близина на селото Ореовец, коп нема да има и не смее да има, тоа е стручно потврдено од соодветни експерти за животна средина, од рударски и геолошки инженери, од хидролози и градежни инженери. Единствено, тешка е дилемата: има ли разум во нашата средина, особено, кај надлежните институции, кај Владата и највисоките функционери или интересот, богатството, моќта и голиот интерес се креатори на нашето секојдневие, на нашето денешно постоење и иднината.


Нив, Владата на Македонија, Министерството за животна средина, новоформираното Министерство за енергетика и минерални суровини, Министерството за економија, пратениците во македонскиот парламент и другите надлежни институции и субјекти, како и општината и општинските служби ги повикуваме внимателно и аналитички да ги прочитаат законите, кои ги регулираат односите поврзни со експлоатацијата ма минерални суровини, особено во однос на заштитата на животната средина
1.Закон за минералните суровини
- Закон за животна средина
- Закон за природата
- Закон за водите


Нека ја проследат, односно, внимателно ја прочитаат и Стратегијата за заштита на природата (2017 – 2028) од 2018 година и, веруваме дека ќе најдат регулатива, која се коси со новоиздадената дозвола за концесија, но и ќе согледаат дека новоотворениот коп, без дозвола, е крајно опасен за жителите на селото Ореовец, за големиот број извори од кои се снабдува селото, но и градот, а кои се наоѓаат на растојание од 200 до 900 метри од започнатиот коп, за загрозениот ендемски вид пеперутка, кој е ставен на црвена листа на загрозени животински видови во светот, за нарушувањето на општиот природен амбиент и создавање апокалиптична слика околу селата Ореовец, Плетвар и Крстец и градот.
Ќе забележат дека рудниците спаѓаат во категоризација Г1 – тешка индустрија и според Законот за животна средина, ваквите видови експлоатација не треба да бидат отворани на растојание помало од 5 km од населено место. Во случајот со селото Ореовец се работи само за 200-300 m.
Се надеваме дека објективцизацијата и рационализацијата на експлоатација на минерални суровини ќе биде разбрана на соодветен начин и ќе се увидат состојбите на катаклизмична експлоатација околу градот Прилеп, кои ја загрозуваат животната средина и иднината во тој простор.

