ЗМЕЈОТ ОД ПЕШТЕРАТА „ЗМЕЈОВИЦА“ („ЗМЕИЦА“) КАЈ СЕЛОТО КРУШЕВИЦА, ПРИЛЕПСКО

Во старо време, горе на планината Висока (врв на Селечка планина – 1472 m) над селото Крушевица, близу до врвот, во една пештера позната како „Змејовица“, живеел еден змеј. Тој личел на човек, но бил многу силен и имал крилја. Дење летал далеку оттука по работа или се борел со други змејови, а ноќе се враќал во пештерата за да преноќи и да одмори од големиот напор. Во тоа време, во селото Крушевица живеела една многу убава – стројна и лична мома. Таа била прва на орото за празниците на сретселото и го красела со нејзината стројност и убавина, но и со нејзината умешност и дарба. Еднаш змејот, при еден празник, кога селаните биле собрани на сретселото на оро, летајќи над селото, ја забележал момата, која го водела орото, ја грабнал и ја однесол во пештерата да живее со него. Никој не можел да го спречи змејот да ја земе момата и, летајќи, да ја одведе во неговата пештера. Таму ја држел цели три години, а нејзините родители живееле во тага по неа. Еден ден, нејзината мајка се охрабрила и отишла горе во планината да ја бара својата ќерка. Успеала да дојде до пештерата во која седела момата и, откако ја изгушкала и се изнаплакала над нејзината судбина, започнала разговор со неа за да ја праша како да ја избави од канџите на змејот.

Големата карпа со малата пештера – „Змеица“ во сончеви зраци

Момата зела да ѝ раскажува на својата мајка како живее со змејот во пештерата. Ѝ рекла дека змејот дење, уште рано наутро, заминува некаде далеку, цел ден некаде скита по светот, а навечер се враќа во пештерата за да преноќи и да се одмори. Пред да се врати, момата морала да наполни еден кобел со вода, зашто змејот целден никаде не одморал, а само летал, се биел со некои свои непријатели, змејови та, кога ќе се врател, бил многу уморен и жеден, ќе го кренел кобелот со вода и, до капка, ќе го испиел. Нејзината мајка вака ја посоветувала: – Ти ќерко, вечер, кога ќе се врати змејот од пат, зафати го со муабет и потпрашај го од каде е неговата голема сила и дали нешто може да му наштети, да го убие, само биди многу внимателно, та да не се посомнева во тебе и да те отепа!

Делот од карпата со пештерата

Така ја посоветувала својата ќерка мајката, а момата ѝ рекла да си замине побрзо, та да не ја фати ноќ до селото и да не ја види змејот дека открила каде се крие змејот во пештерата и каде ја држи нејзината ќерка, та и двете да ги отепа.

Вечерта, кога се вратил змејот од пат, откако го кренал кобелот со водата и го испил, пред да заспие, момата го зафатила со муабет, та каде бил, каде летал, што правел и слично. Тој и раскажувал цели приказни за тоа колку далеку бил, со кого се биел а таа, зачудена од неговата неизмерна и непобедлива сила, го запрашала дали има нешто на светот што е толку силно, та да го победи него и да го убие. Тој, горд на својата сила, рекол дека не постои таква сила на светот, ниту човек, ниту змеј, кој може да го победи него, но има и за него „закол“, односно, има нешто кое може да го усмрти. Кога го прашала момата змејот, што е тоа што е „закол“ за него, тој остро ја погледнал сметајќи дека му крои нешто, но гледајќи ја убавата мома со невини очи и чисто срце, ја предупредил тоа никому да не му го кажува и ѝ рекол: – Мене може да ме убие само сол. Ако во кобелот со вода, пред да го испијам, некој тури сол, кога ќе го испијам ќе паднам наместо мртов. Затоа, тоа не смееш никому да го кажуваш, а ти го кажав само тебе, само ти да знаеш и никој друг!

Во внатрешноста на малата пештера

Кога дошла следниот ден мајка и, момата и раскажала за разговорот со змејот, за тоа дека него може да го убие само сол во кобелот со вода и мајка ѝ си заминала дома порачувајќи и дека следниот ден повторно ќе дојде кај неа. Така и станало. Следниот ден, дошла мајка ѝ на момата во пештерата со едно кило сол, та ѝ ја дала солтта на својата ќерка и ѝ порачала, кога ќе го наполни кобелот со вода за вечерта да го испие змејот, пред да си дојде змејот и да ја испие водата, да ја тури солта во неа. Откако си заминала мајка ѝ, момата отишла до изворот за вода, кој се наоѓал недалеку од пештерата, го наполнила кобелот со вода, го донесла во пештерата, ја турила солта во водата и чекала да си дојде змејот од неговиот долг пат по светот. Кога се вратил змејот пред смрачување, само што влегол во пештерата, изморен и жеден, го кренал кобелот со вода и до капка го испил, та на местото паднал и умрел. Ете така, со итроштината на мајката, но и со нејзината храброст да ја тури солта во водата, момата се ослободила од змејот и се вратила во селото кај своето семејство.

Делот од карпата со пештерата 2

Белешка:

Пештерата „Змејовица“, „Змејојца“ или „Змеица“ и денес си е на своето место, во срцето на една голема и чудна карпа, на нејзиниот северозападен профил, кој е висок триесетина метри, полна со разновидни форми и минерали, кои нејзиниот изглед го прават уште почуден и повпечатлив. Таа е од вулканско потекло, гранитна карпа со присуство на други видови минерали, кои се одликуваат по бојата и составот и, често, создаваат извесни форми, кои изгледаат како своевидна слика која, на извесен начин, упатува на некое далечно случување во историјата на оваа планина. За експертите по геологија, петрологија и минералогија, таа претставува вистински документ за геолошкото минато и настанувањето на овој простор во далечните периоди на настанување на земјата. Најчесто, на неа, се среќава извесен минерал со бела боја, кој се среќава на разни места на карпата, како и во самата мала пештера, која е просторија со мали димензии, но со многу разновидни форми и природни појави по нејзините ѕидови и таванот, кои ја прават интересна, дури, фасцинантна. Тоа се појавите на разновидни бели, лентовидни „украси“ од споменатиот минерал со бела, некаде жолтеникава боја, полни со интересни брановидни форми, своевидни помали ниши, природни испакнувања и вдлабнувања, како и неколку помали и поголеми шуплини, кои ја нагласуваат нејзината мистика и возбудливост. Кога се наоѓате во неа, морате да се соочите со нагласено чувство на пријатност, но и немир, зашто и самото искачување до неа не е лесно, бидејќи за да дојдете до „вратата“ за влез во просторијата, морате да се искачите околу 5 m височина по нермната карпа. Самиот влез во пештерата претставува  отвор со ромбоидна форма, со височина од околу 2 m и ширина од околу 1 m и, заедно со една помала шуплина лево од него, претставува впечатлив дел во естетиката на карпата.

Два фрагменти од кеерамички предмети документирани на влезот во пештерата

Жителите на селото Крушевица, преданието за змејот го раскажуваат во слична форма, но со различни, помали или поголеми, елементи, зависно од нивната умешност за раскажување и од личната креативна способност. Певеќемина од нив пренесуваат дека во земниот дел пред карпата со пештерата имало и една камена маса со камени столови околу неа, односно, место на кое змејот седел кога се одморал, јадел или пиел. Интересно е дека, при нашата посета и малото истражување, кое го направивме, забележавме и два мали фрагменти од керамика во просторијата, односно во близина на нејзиниот влез. Се разбира, немаме намера да развиваме приказна околу ваквиот факт, туку само го наведеме како културна појава. Фактот што „Змејовица“ се наоѓа во близина на значајниот локалитет Висока, кој располага со голема градба од монументални камени блокови, со тврдина од силен ѕид од камен и малтер, како и голем број остатоци од стари градби, секако, треба да се има на ум кога се зборува или пишува за ова карпа со мала пештера, која е предмет на пренесеното предание за змејот.