КОБНАТА ПОСЕТА HA МАНАСТИРОТ ТРЕСКАВЕЦ КАЈ ПРИЛЕП ОД ЦАРИЦАТА МАРА (Меѓу преданието и вистината)

Се чини дека најтрогателните настани кои се поврзани со манасти­рот Трес­кавец предизвикале создавање најтрогателни приказни и преда­ни­ја. Посебно оние кои во темната историска заднина кријат тешко сквер­на­ве­ње на манастирскиот свет простор. Меѓу нив грубо рушење на црк­ва­та и манастирските градби, опожарување, убиства и цели масакри и сл.

Црквата во манастирот „Успение на Пресвета Богородица - Трескавец“ кај Прилеп 2
Црквата во манастирот „Успение на Пресвета Богородица – Трескавец“ кај Прилеп 2

          Преданието за царицата Мара поврзано токму со Трескавец предиз­ви­­ку­ва посебно внимание со својата трагична приказна и повеќеслојност на опишаните настани, како и поврзувањето на еден многу широк простор од Македонија. Тоа раскажува за доаѓањето во манастирот на царицата Мара кое било крајно погубно за овој манастир. Царицата Мара, според преданието пренесено од Јордан Хаџиконстантинов–Џинот, Марко Цепенков и Георги Трајчев, и денес е живо меѓу народот во Македонија посебно на просторот на Прилеп и неговата околина. Иако тоа поврзува повеќе простори од Македонија и Балканот, неговиот најтрагичен дел е поврзан токму со Трескавец.

Манастирот „Успение на Пресвета Богородица - Трескавец“ кај Прилеп
Манастирот „Успение на Пресвета Богородица – Трескавец“ кај Прилеп

          Царица Мара или уште нарекувана и Марија Султанија или Кала Мара, според повеќето запишувачи на преданието, била една од жените на султан Мурат II која по неговата смрт дошла во манастирот да се причести и да се врати во својата матична вера. Зашто, како што потврдува и самото нејзино име Мара таа била од христијанско потекло, но мажена за турскиот султан. Таа во манастирот дошла со голема придружба од војска и побарала да влезе во манастирот и да се причести во црквата Св. Успение на Богородица. Според преданието, тогаш во манастирот имало околу 300 калуѓери и еден старешина (владика). Владиката им наредил на своите калуѓери да не ги отвораат големите манастирски порти и да не и дозволат на царицата Мара да влезе во манастирскиот двор, а уште помалку да и дадат причесна со која ќе ја вратат во христијанската вера. Бидејќи не попуштил пред молбата на царицата таа силно се разлутила и побарала помош од својата силна придружба од 500 војници. Таа им наредила да влезат во манастирот и да ги исколат сите калуѓери, а да го остават жив само Владиката. Војниците така и направиле. Ги исклале сите калуѓери кои, според едни запишувачи на преданието биле 300, според други (Џинот) дури 700. Манастирот бил облеан во крв и останал сосема испустен. Според Џинот, калуѓерите не биле убиени при првото доаѓање на царицата Мара во манастирот. Тој оваа царица ја нарекува Кала Мара и раскажува дека таа при неуспешниот обид да се причести заминала, но повторно се вратила со нејзината придружба од 500 луге и со сила се причестила и „после с гнев заповедуе им“ на војниците од придружбата да ги изрушат манастирските градби и да ги пленат или исколат 700-те калуѓери колку што, според Џинот, имало тогаш во манастирот.

Манастирот „Успение на Пресвета Богородица - Трескавец“ кај Прилеп - од врвот
Манастирот „Успение на Пресвета Богородица – Трескавец“ кај Прилеп – од врвот

Дали навистина се случила трагедија слична на онаа опишана во преданието? Праша­њето е навистина тешко за одговор, но претпоставката дека преданието е предизвикано од некој автентичен настан не треба да биде исклучена. Во некои пренесувања тешкото случување со пролевање на толку крв се објаснува како казна од Бога за некои недоследности поврзани со богослужбата во манастирот. Тешко е да се објасни и зошто на Бог му била потребна толку голема жртва.

          Според преданието, царицата Мара по извршувањето на страшниот масакр над 300 калуѓери од Трескавец и запустувањето на манастирот задно со црквата со својата придружба заминала за Мариово каде што во манасти­рот Чебрен1 се причестила и се исповедала и на тој начин нејзиното име преку предание е поврзано и со овој дел на Македонија. Нејзиното значење како царица предизвикало меѓу народот уште едно предание, според кое, името на Мариово се поврзува со нејзиното име, иако според некои документи ова име има постаро потекло, односно датира од предтурскиот период на Балканот.

Црквата во манастирот „Успение на Пресвета Богородица - Трескавец“ кај Прилеп 4
Црквата во манастирот „Успение на Пресвета Богородица – Трескавец“ кај Прилеп 4

          Целото предание немаше да биде толку необично ако некои архео­лош­ки и историски аргументи не се во прилог на некои автентични исто­риски случувања од неговата приказна. Имено, според археолозите и исто­ри­чарите постои лик од историјата кој потсетува токму на главниот лик од преданието царицата Мара. Во тој контекст посебно интересно е истражувањето на грчкиот археолог Николаос Муцопулос објавено во збор­никот посветен на археологот од Прилеп Бошко Бабиќ објавен од стра­на на Институтот за истражување на старословенската култура во Прилеп.

          Во него, овој археолог, пишува за откривањето на т.н. Византиска кула на десниот брег на реката Стримон (Струма) кај селото Ежова или Дафне во Егејскиот дел на Македонија.2 Се работи за градба целосно изработена од камен со дрвени греди во внатрешноста и со подови од штици. Денес, како што пишува археологот Муцопулос, некои делови од оваа кула се тешко оштетени така што, речиси, не се распознаваат.

Црквата во манастирот „Успение на Пресвета Богородица - Трескавец“ кај Прилеп 3
Црквата во манастирот „Успение на Пресвета Богородица – Трескавец“ кај Прилеп 3

Ваквото откритие исто така не ќе беше ни малку важно за нас доколку археологот Муцопулос не го пренесеше во својот труд и раскажувањето на жителите на селото Ежова, односно, Дафне според кое оваа кула била сопственост токму на царица Мара3 која е главниот лик во преданието пврзано со големиот колеж на калуѓерите од Трескавец. Во натамошниот текст археологот Муцопулос пренесува дека Царицата Мара била ќерка на српскиот деспот Гурѓе Бранковиќ и на неговата втора жена Ирена Кантакузина. Мара се родила 1417 година, а за турскиот султан се омажила на 4 септември 1435 год. во познатиот град Едрене. По смртта на својот сопруг таа се вратила да живее на својот имот на реката Стримон во кулата за чии остатоци говори грчикот археолог. Умрела на 14 септември 1487 г. точно на 70 годишна возраст и била погребана во близина на својата кула. Нејзиниот гроб, според раскажувањето на жителите на селото Дафне, постоел се до 1952 г., а денес на тоа место има парк. Местото на гробот било обележано со еден мал носач на икона.4

Претставата од манастирот Исфигмен на Атос - Ирина, Ѓураѓ, Катакузина и Мара
Претставата од манастирот Исфигмен на Атос – Ирина, Ѓураѓ, Катакузина и Мара

          Според археолошките и историските истражувања на периодот во кој живеела споменатата царица Мара манастирот навистина доживеал некакво рушење. Имено, во периодот помеѓу дваесетите години на 15 век и 1570 год. регистрирано е рушење на црквата на нејзиниот источен ѕид заедно со апсидата. Археологот Бошко Бабиќ ова рушење го поврзува со немирните настани од 1564/65 год. Кога се случила големата Мариовска буна во која учествувале и двајца свештеници како водачи на побунетите. Од друга страна, тој настан е многу близок со 1570 год. кога, според еден натпис во црквата, таа е обновена со помош на извесен Стојан Хранчев и неговата жена. Ако се спореди историското време во кое манастирот Трескавец западнал во криза и времето од 160 години колку што, според предание, бил пуст овој манастир од големиот колеж на калуѓерите има извесно поклопување зашто се работи за приближно ист временски период. Дали настанот со царицата Мара навистина се случил приближно како во самото предание? Нејзината посета на овој манастир која претстваува една од многуте негови комуникации со царски великодостојници за него завршува кобно. Дури дотолку што манастирот останал пуст скоро два века.

Манастирот „Успение на Пресвета Богородица - Трескавец“ кај Прилеп 2
Манастирот „Успение на Пресвета Богородица – Трескавец“ кај Прилеп 2

          Кулата која, според археолошките потврди на грчкиот археолог Николаос Муцопулос и паметењето на жителите на селото Дафне каде што се наоѓаат и денес нејзини остатоци, а која била дел од имотот на царица Мара е една од многуте слични кули кои постоеле во тоа време на полуостровот Халкидик. Фактот што помала област во него и денес го носи името Кала Мара исто така привлекува внимание. Преданието за Кала Мара од своја страна укажува на долго патешествие кое поврзува поголем простор од Македонија и, според историските аргументи, не е исклучено делови од него да укажуваат на вистински настани кои се случиле пред околу V века. Сепак, многу моменти во него збунуваат и остануваат нејасни. Меѓу другото, тука е и необичната тврдоглавост на споменатиот Владика да не и дозволи на царица Мара да влезе во манастирот за да се причести во древната црква посветена на Св. Успение на Богородица. Дали неговиот инает е поврзан со неговото несложување некој кој стапил во брак со човек од друга вера, па макар бил и самиот султан да се причести во неговата црква? Тоа, навистина, е тешко да се објасни како и приказната за подоцнежните доживувања на самиот владика кои ќе ги опишеме подоцна. Приказната продолжува со опишување на следните настани поврзани со ликовите во преданието и со самиот простор на кој започнал трагичниот настан кој има силен психолошки набој и трагика.

Црквата во манастирот „Успение на Пресвета Богородица - Трескавец“ кај Прилеп
Црквата во манастирот „Успение на Пресвета Богородица – Трескавец“ кај Прилеп

1 Денес овој манастир се наоѓа во сосема лоша состојба со урната црква и трошни конаци. Во неговата околина има помала црква „Св. Спас“ со квалитетен живопис од 15 век, остаток од ранохристијанска црква и голем број остатоци од дрвниот град Чебрен кој, меѓу другото, бил и утврден.

2 Николаос Муцопулос, Кулата на царица Мара, Зборник посветен на Бошко Бабиќ, ИСК 1986 г.

3 Исто.

4 Исто.