ТАЈНАТА ЗА ЕДЕН СОРАБОТНИК НА АПОСТОЛ ПАВЛЕ И ПРВИОТ ЕПИСКОП НА ОХРИД, СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ ОД ПРВИОТ ВЕК НА НАШАТА ЕРА (4)
КОЈА ЦРКВА БИЛА СОБОРНА ВО РАНОТО ХРИСТИЈАНСТВО
Доколку можеме да му веруваме на Кузман Шапкарев, кој живел и творел во 19 век, тогаш мораме да прифатиме дека една од црквите на Плаошник била „Св. Благовештение“, која била „соборна и птаријаршиска црква до самото паѓање на Охридската независна архиепископија, според белешките и потпишаните протоколи во Охридските кодекси.“ Таа се наоѓала во близина на Светиклиментовата црква, односно, во близина на Имарет. „Близу ди св. Климентовиот имарет имало и дргуга црква, храм св. Благовештение. Таа била соборна и птаријаршиска црква до самото паѓање на Охридската независна архиепископија, според белешките и потпишаните протоколи во Охридските кодекси. Но се гледа, бидејќи била близу до имаретот, турците по паѓањето на патриаршијата (архиепископијата, з.м.) и заточението на последниот патријарх (архиепископ, з,м.) Арсениј, ја срушиле од основата.“1 На кое место од Плаошник, точно, се наоѓала оваа црква тешко е да се каже, но фактот што се работи за соборна, односно, главна црква на Охридската архиепископија доволно говори дека таа била впечатлива градба, којa долго по нејзиното рушење од страна на Турците, по освојувањето на Охрид, останала во сеќавањето на охриѓани, односно, не ја заборавиле, го запаметиле местото на кое се наоѓала и продолжиле да доаѓаат и да обавуваат христијански активности, со раздавање храна, пијалоци и други дарови за покој на душите на нивните претци. Како што пишува Шапкарев, охриѓани тоа го правеле до скоро и во негово време: „Не толку одамна и во наше време жените одеа со блудец и поскури да раздаваат за покој на душите на своите починати роднини, на истото место каде што била споменатата црква, која уште ја нарекуваа Блоошник, односно, Благовештник, а денес е нива во сопственост на еден граѓанец.“2

Овде, станува појасно зошто местото на кое се наоѓала црквата, односно, поширокиот простор околу неа, го носи денешното име, Плаошник. Имено, се чини дека неговото потекло е, токму, од името на црквата, „Св. Благовештение“, односно на местото на кое се наоѓала таа и на кое доаѓале охриѓани, и кое го нарекувале „Блоошник“, (име кое, по звучност, е блиско до Плаошник (Плоошник), односно, „Благовештник“.3 Со тоа, сметаме дека досегашното мислење дека овој локалитет го добил името од именката „плоштина“ или „плоштад“4 не е соодветно на вистината, туку многу поприфатливо е дека тоа води потекло од името на споменатата црква.

Што се однесува до плоштадот на Плаошник, археолозите го открија во периодот од 2000 до 2010 година и тој се наоѓа северно и североисточно од атриумот на ранохристијанската базилика над која е изградена новата црква „Св. Пантелејмон“. Всушност, тој се наоѓал на просторот меѓу трите ранохристијански цркви, кои се откриени на Плаошник.5 Оваа базилика во стручната литература е позната како Јужна базилика.6 Нејзиното име не е познато до денес и може само да се претпоставува за него. Дали постои можност дека таа го носела името на стариот св. Климент, кој бил соработник на апостол Павле во Македонија, а подоцна, во 9 век, на истото место своја црква, односно, манастир изградил св. Климент помладиот?
РАНОХРИСТИЈАНСКИТЕ ЦРКВИ НА ПЛАОШНИК
На Плаошник археолозите открија три ранохристијански цркви, две од нив се трибродни базилики, а една поликонхална, односно, тетраконхална црковна градба. Една од трибродните базилики, веќе ја споменавме – Јужната базилика, чии остатоци ги среќаваме под современата Светиклиментова црква, а втората е откриена малку подоцна и е позната како Источна базилика,7 бидејќи се наоѓа на источната периферија на Плаошник. Поликонхалната базилика се наоѓа северно од денешната црква „Св. Пантелејмон“. Таа била раскошна црковна градба, која може да го носи епитетот „царска“,8 со “раскошни подни и ѕидни мозаици, со нартекс, странични анекси, баптистериум и катехуменум“,9 односно, градба со завидна архитектура и уметност, која упатува на високо достоинство. Според археолозите, таа била изградена врз остатоци од раноримски објекти со мозаични подови (палата со бањи и цистерна).10 За жал, нема информации за тоа на кој светец била посветена оваа „царска“ црква. Истото важи и за претходноспоменатите две трибродни базилики кои, исто како и поликонхалната, се датираат во крајот на четвртиот и петиот век.11 Значи, имињата на црквите од ранохристијанскиот период, односно, имињата на нивните патрони не се познати. Од друга страна, секако дека тие имале свои патрони, но до денес имаме само извесни претпоставки и тврдење на архимандритот Кирил Рилски дека на местото на денешната Светиклиментова црква во раното христијанство имало црква „Св. Климент“, која му била посветена, односно, го носела името на св. Климент од првиот век, соработник на св. апостол Павле во Македонија, кој апостолот го споменува во посланието до Филипјаните. Според него, на тоа место се наоѓал гробот на овој светец, а подоцна над него била изградена и црква со неговото име.12

Според некои слабо потврдени претпоставки се споменува и име на црква „Св. Апостол Павле“, но немаме соодветна аргументација за тоа. Не го знаеме ниту името на патронот на Источната базилика, која е откриена најдоцна и нејзините остатоци не се целосно отворени. За ова црква археологот Мишко Тутковски вели дека, според стилот на градбата и мозаиците од подот, потекнува од првата половина на IV век и, поврзувајќи ја со историските податоци за учество на епископот на Охрид, Дионисиј, на црковниот собор во Сердика во 343 година, упатува на тоа дека оваа базилика била катедрална црква во тоа време.13

За нас е интересно и преданието меѓу охриѓани, кои местото на Имарет, односно, на џамијата изградена по доаѓањето на Турците го викале „Стар Климент“.14 Дали ова име не се однесува на стариот св. Климент од првиот век, кое Охриѓани, односно, Лихниѓани го зачувале по традиција уште од почетокот на првиот милениум? Секако, немаме податок од кога потекнува споменот за црквата, која неколку пати била обновувана на истото место низ вековите. Додека за средниот век се знае дека таа била посветена на св. Пантелејмон, за најстарата црква, ранохристијанската трикорабна базилика немаме таков податок. Според објаснувањето од страна на научниците, по погребувањето на св. Климент Охридски во гробот, кој сам си го подготвил овој голе македонски светец и просветител, оваа црква носи две имиња – „Св. Пантелејмон“ и „Св. Климент“. Дали името на ова црква, „Св. Климент“, нема многу постаро потекло, односно од првите векови на христијанството, засега немаме потврда, но имаме тврдење од високиот свештеник, архимандритот Кирил Рилски од селото Битуше во Западна Македонија дека таа го носела името „Св. Климент“ уште од тоа време.
Според преданието, оваа црква, била помала од престолната, односно, соборната црква на Архиепископијата, но по својата форма и архитектура многу убава.15 За неа се тврди дека во времето на св. Климент Охридски претставувала манастирска црква од манастирот што го изградил самиот св. Климент.16 Каква улога имала претходната црква, односно, трикорабната ранохристијанска базилика никој до денес не потврдил, исто како што никој до денес не потврдил кој бил светецот, патрон на оваа базилика. Според археолозите, таа била изградена во втората половина на IV и првата половина на V век,17 располагала со велелепни подни мозаици, украсени со разновидни мотиви, карактеристични за раното христијанство, како претстави на библиски сцени и симболи, флорални мотиви – цветни и листовидни форми, мотиви од животинскиот свет – јагне, лав, срна и други вообичаени мотиви изработени на своевидно естетско ниво. Дел од ова ликовно богатство се зачувал и со археолошките ископувања од последните две-три децении, како и со извршената реставрација, можеме да ги видиме и денес.18 Оваа црква, според досегашните сознанија, функционирала до VI век, односно до времето на Јустинијан I, кога била срушена, веројатно, од силен земјотрес (или пожар), кој го зафатил стариот град Лихнид.19
КОЈА ОД РАНОХРИСТИЈАНСКИТЕ БАЗИЛИКИ ИГРАЛА УЛОГА НА АРХИПИЕКОПСКА СОБОРНА ЦРКВА
Не е познато ни тоа која од трите големи ранохристијански цркви играла улога на престолна, односно, соборна, односно, архиепископска црква. Дека таква постоела е, сосема, веројатно. Имено, се знае сигурно дека Охрид имал свој епископ уште во првата половина на IV век, кој бил еден од учесниците на вонредниот вселенски собор во Сердика во 343 година. Неговото име е Зосим (или Дионис).20 Веќе споменавме дека археологот Мишко Тутковски, токму со овој епископ ја поврзува и трикорабната базилика, која е последна откриена од со археолошките ископувања на Плаошник. Тој упатува дека оваа базилика, веројатно, била соборна црква во тоа време. На тој начин, овој археолог не доближува до можната црква, која играла улога на катедрала во раното христијанство. Фактот што уште во првата половина на IV век во Охрид се споменува епископ со познато име е здрава претпоставка за тоа дека тој имал и свои претходници. Дали треба да помислиме (или да претпоставиме) дека до неговото устоличување, почнувајќи уште од првиот век, во Охрид, односно, стариот Лихнид имало редица епископи чии имиња, засега, не ни се познати? На ова прашање, неминовно, се надоврзува и прашањето дали еден од првите епископи не бил, токму, Климент чие име е споменато во Библијата, во Второто послоание на св. Апостол Павле до Филипјаните, а за кого говори и споменатиот архимандрит Кирил Рилски. Во тој контекст, се наметнува уште едно прашање, односно, прашањето од кој свој претходник го зел своето христијанско име нашиот голем светец и просветител и епископ Велички св. Климент Охридски. Дали се работи за Климент папа Римски, кој исто така живеел во првиот век или, можеби, св. Климент Охридски, ученикот на Светите Методиј и Кирил го имал на ум својот претходник од првиот век, за кого, евентуално, имал свои сознанија? Официјалната наука смета дека ова име, нашиот светец го носи по доаѓањето во Рим заедно со неговите учители, св. Методиј и св. Кирил и со неговите соученици, каде ги донесле и моштите на споменатиот римски папа, подоцна прогласен за светец, св. Климент Папа Римски. Ова име светецот го примил по своето замонашување. Овде се отвора уште едно прашање поврзано со неговиот младешки живот, кој за жал е непознат за нас, а со тоа не ни е познато ниту неговото световно име.
НАДГРОБНАТА ПЛОЧА СО НАТПИС
Архимандритот Крил Рилски говори и за наводно постоење на надгробна плоча од гробот на св. Климент постариот,односно, соработникот на св. Апостол Павле во Македонија. За неа тој тврди дека била уништена од „блаженејшиот Теофилакт“ кој, според него, го изменил и житието за него поради своите амбиции да го истисне од историјата на Охридската архиепископија и од сеќавањето на верниците во Македонија. За жал, според археолозите, денес не ја поседуваме ниту надгробната плоча на св. Климент Охридски, за чие постоење и дејност сигурно знаеме. Имено, при археолошкото истражување пронајден е само гробот на светецот, кој сам си го направил, но надгробната плоча со натпис била исчезната.21 Позната е само една друга надгробна плоча, која е пронајдена во црквата „Св. Богородица Перивлепта“ за која сигурно се знае дека потекнува од подоцнежно време, односно, од средината на 16 век.22 Имено, по пренаменувањето на Светиклиментовата црква во џамија, „Синан Челеби, односно, Султан Мехмед џамија“,23 моштите на светецот биле пренесени во црквата „Св. Богородица Перивлепта“, па така таму се нашла и надгробната плоча со натпис за неговото упокојување.24 Значи, не само што немаме податоци за постара надгробна плоча од гробот на првиот св. Климент, туку се изгубила и надгробната плоча со натпис од гробот на св. Климент Охридски од втората половина на 9 и почетокот на 10 век. На тој начин, исклучително е тешко да се бара материјална потврда за првиот св. Климент, односно, за Климент, соработникот на св. Апостол Павле во Македонија, кој е споменат и во Посланието на апостолот до Филипјаните. Фактот дека таков соработник на апостол павле во Македонија постоел, сепак, е непобитен, особено поради фактот што него го споменува самиот апостол.25 Што се случувало со него и неговиот живот и дејност по смртта на апостол Павле, немаме податоци, но сосема е веројатно дека неговото христијанско дело продолжило. Дали меѓу огромниот број археолошки остатоци пронајдени на Плаошник со археолошките истражувања може да остои каква било трага од него?

Кога се однесува за гробот, и на едниот, и на другиот светец, овде е важно да се истакне дека на Плаошник археолозите откриле и отвориле дури 4253 гробови од различни периоди.26 (Паско Кузман 151 Меѓу гробовите се споменува и една засводена гробница, како и гробот на Св. Климент Охридски, но и остатоци од фрески и други видови археолошки материјал од керамика и монети. За дел од остатоците од фрекоживопис археолозите тврдат дека ипотекнувал од трикорабната ранохристијанска базилика.27 (ПК 155)
1 Кузман Шапкарев, Кратко историко-географско описание на градоветѣ Охридъ и Струга, Сборникъ на Българското книжовно дружество, кн. I, III, 1-54, София 1901, 18.
2 Исто.
3 Исто.
4 Ваквото тврдење е релативно осамено, односно, не е присутно кај многу автори.
5 Мишко Тутковски, Ранохристијанските мозаици од Охрид, Каламус, Скопје 2014, 136.
6 Исто, 97, 98. Паско Кузман, Археолошки сведоштва за дејноста на Свети Климент Охридски во Охридскиот регион, Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј во Охрид, Охрид 2016, 142.
7 Мишко Тутковски, Ранохристијанските мозаици…, 140. Паско Кузман, Археолошки сведоштва…, 142.
8 Мишко Тутковски, Ранохристијанските мозаици…, 147. Паско Кузман, Археолошки сведоштва…, 142.
9 Исто.
10 Паско Кузман, Археолошки сведоштва…, 142.
11 Мишко Тутковски, Ранохристијанските мозаици… . Паско Кузман, Археолошки сведоштва… .
12 Архимандрит Кирил Рилски, Българската самостоятелна църква в Илирия, Издателство и производство – Печатница „Нов Живот“, София 1930.
13 Мишко Тутковски, Ранохристијанските мозаици… . Паско Кузман, Археолошки сведоштва… .
13а Мишко Тутковски, Ранохристијанските мозаици… 145, 146.
14 Димитар Коцев, Манастирот „Св. Пантелејмон“ во Охрид, „Охрид“, издание на охридската општограѓанска фондација „Св. Климент“, Охрид, 8 ноември 1943 г.
15 Исто.
16 Исто. Мишко Тутковски, Ранохристијанските мозаици… . Паско Кузман, Археолошки сведоштва… .
17 Мишко Тутковски, Ранохристијанските мозаици…, 139.
18 Исто, 101 – 121.
19 Мишко Тутковски, Ранохристијанските мозаици…, 130. Паско Кузман, Археолошки сведоштва… 142, 143.
20 М. Тутковски, Драган Зајковски, Христијанството… 62.
21 Димитар Коцев, Манастирот… .
22 Димитар Коцев, Манастирот… .
23 Исто.
24 Исто.
25 Библија, Послание до Филипјаните 4:1 – 23, 1494.
26 П. Кузман, Археолошките…, 151.
27 Исто, 155.








