МИДА МАКЕДОНЕЦОТ

ТРАГИ ОД МИТОЛОШКИОТ ЦАР МИДА ВО ВИТОЛИШТЕ, ПРИЛЕПСКО

 

Еден податок, кој го обнародија археолозите последниве месеци, посебно ни го привлече вниманието. Имено, со археолошкото истражување на локалитет „Кале“ кај селото Локвени, во општина Кривогаштани, тие објавија еден експонат со потекло од ов

Монета со Силен од Локвени - аверс
Монета со Силен од Локвени – аверс

аа општина, монета со ликот на митолошкото суштество Силен, омилениот учител на богот Дионис. Ликот, пак, на ова божество, постојан придружник на раскалашната дружина на богот на виното, многу често се среќава на разновидни акспонати со потекло од археолошките локалитети низ Македонија. Овој податок, на свој начин, ги дополнува сзнанијата за култно–религискиот и духовниот живот на населението на македоснкиот простор, а особено не потсетува врските на Македонија со уште една митолошка, но и историска личност, царот Мида.

Монета со Силен - реверс
Монета со Силен – реверс

На овој цар, кој на некој начин е своевидна врска меѓу митолошкото и историското на просторот на Балканот, поточно етничкиот простор на Македонците и Мала Азија потсетува и презимето на едно семејство по потекло од селото Витолиште, Прилепско, во областа Мариово. Уште повеќе што во семејството нема сознанија за потеклото на семејниот наслов. Никој не знае кој е епонимниот јунак на семејството по кого тоа и денес го носи презимето. Се работи за семејството Мидоски, кое го среќаваме во едно маало во близина на средселото во Витолиште, односно на горниот и североисточен дел од селото каде неколку куќи му припаѓаат на родот Мидовци. Дури на една од куќите и денес се гледа големиот натпис „КРОЈАЧ – Мидоски Стојан, с. Витолиште“.

Остаток од тврдината на Кале - Локвени
Остаток од тврдината на Кале – Локвени
Келе Локвени - од југ
Келе Локвени – од југ

Презимето го привлече вниманието токму со својата асоцијација на прастариот и митолошки цар Мида чие потекло се врзува за кралството Фригија во Мала Азија, но исто така, се смета и за цар на Македонија. Според историските податоци, постоеле повеќе цареви со име Мида од оваа царска лоза. Според митологијата, Мида е син на Гордиј2 кој, пак, најпрво бил обичен земјоделец кому му дошло претскажување дека ќе стане цар, што, и се случило. Имено, Гордиј најпрво бил сиромашен селанец. Еднаш на рудата од својата воловска кола забележал како стои орел. Зачуден ја оставил колата и отрчал до првото пророчиште за да праша каков знак претставува орелот на неговата руда. Пророчицата му прорекла дека тој ќе стане цар. Во име на тоа, откако станал цар, тој својата запрежна кола ја посветил на богот Ѕевс заедно со јаремот врзан за рудата со необичен јазол. Таа стоела на акрополот во Градот Гордион кој го основал Гордиј. Пророчиштето објавило дека оној кој ќе успее да го одврзе јазолот ќе ја освои Азија.3 Во четвртиот век пред наша ера, тука со својата војска дошол Александар Македонски, кој израснал во престолнината на Македонија, градот Пела и бил воспитуван во духот на важечката религија, култови и верувања, а веројатно го знаел и преданието за Гордиевиот јазол. Доаѓајќи на местото со таквиот култ и верување, со еден удар со мечот ја решил мистеријата со јазолот од колата на Гордиј. Како што е познато од историјата, потоа тој ја освоил Азија, односно поголемиот дел од тогашниот познат свет, со што се исполнило и претскажувањето поврзано со човекот кој ќе го реши проблемот со необичниот јазол.

Куќата на кројачот Стојан Миидоски во Витолиѓте
Куќата на кројачот Стојан Миидоски во Витолиѓте

Мида како син на Гордиј, по преданието за него, бил симбол за богатство и богат човек во античкиот свет. Во приказната го среќаваме во друштво со шумското божество, стариот мудрец Силен, со шумскиот бог Пан, со Дионис и Аполон. Мида го среќаваме како цар во Мала Азија, но и како цар на Македонија. Дури и како цар во Мала Азија тој имал свои имоти, односно прекрасни градини во Македонија. Како места каде што се наоѓале неговите градини се споменуваат подножјата на планините Бермион4 и Пангеј. Приказната буди и асоцијација на врските што ги имала Мала Азија со Македонија, односно преселувањата кои на неколку пати се случувале во двата правци уште за време на праисторискиот период.

Ристо Мидоски - прв лево
Ристо Мидоски – прв лево

Освен како митолошка личност постоел и Мида историски потврден цар на Фригија кој бил син на Гордиј, а за кого се пронајдени и археолошки податоци во Мала Азија. Всушност, повеќе древни цареви го носеле името Мида. Прв од историчарите го споменува Херодот, кој го опишува како крал на Фригија и Македонија. Тоа од своја страна асоцира на длабоките врски меѓу овие две земји и народите кои живееле во нив. Приказната за Мида можеби се однесува токму на времето од завршните преселувања на Бригите од Македонија и на некое освојување од страна на македонскиот Мида на Мала Азија во древното време. Дека, пак, такви преселби постоеле е научно потврдено, а исто така, веројатно е, дека пред преселбите се правеле со сила и со потиснување на тамошното население, односно, освојување на тамошните територии и формирање сопствени држави.

Остатоци од градот Гордион во Мала Азија
Остатоци од градот Гордион во Мала Азија

Името на Мида најпрво, од страна на научниците, се поврзува со кралот на т.н. народ Мушки од Мала Азија, Мита. Името Мита е споменато во натпис од времето на Саргон II (721–725) и се мисли дека е исто со името Мида, според што се тврди дека Мушките и Бригите се ист народ, а бидејќи се смета дека Мушките се исти со Мизите, значи и Мизите и Бригите се ист народ.5

Мида со неговата ќерка
Мида со неговата ќерка

Во Историјата на Херодот на различни места се споменати имињата на повеќе кралеви со име Мида. Еден од нив е Мида, стар крал на Македонија кој ја покорил Фригија. Тој бил син на Гордиј. Другиот е татко на Гордиј, дедо на Адрест (околу 580 год. п.н.е.). Очигледно е дека се работи за долга лоза кралеви на Фригите, кои, од друга страна, се поврзуваат и со Македонија. Имено, Мида од осмиот век пред нашата ера, според приказната е познат по огромното богатство кое го поседувал. За него се поврзуваат бројни приказни. Меѓу нив и приказната дека уште откако се родил се случувале чудни работи поврзани со него. Имено, на малото детенце мравките наредени во ред му носеле зрна жито и му ги ставале во устата. Тоа се толкувало како извесно пророштво дека детето ќе биде исклучително богато. Овој крал во Македонија имал свои градини, какви што немало на друго место во светот и тоа во подножјето на македонската планина Бермион (денешната Каракамен) во Еордаја, во која сами од себе растеле трендафили со прекрасни цветови со шеесет ливчиња кои не биле надминати ниту по убавиот мирис. Токму во оваа градина Мида успеал да го улови мудриот старец Силен кој претставувал божество поврзано со шумите, еден од придружниците на богот на виното Дионис, кому му бил и учител. Имено, знаејќи дека на еден извор во градините по планината Бермион често доаѓал Силен за да се разлади и да се одмори, Мида на местото на водата турил вино и кога Силен дошол се напил од виното за кое мислел дека е вода и набрзо заспал. Така заспаниот Силен Мида лесно го фатил. Според друга верзија на приказната Силен го фатиле Бригијци селани и му го однесле на кралот. Мида цели десет дена го гостел стариот мудрец, а потоа го однесол во Лидија каде се наоѓал богот Дионис. Дионис толку се израдувал на својот стар учител, што му понудил на Мида да побара награда каква што ќе посака. Тој посакал сè што ќе допре да се стори злато, што Дионис без збор му го овозможил. Мида набрзо увидел каква грешка направил поттикнат од својата лакомост по богатство, бидејќи не можел ни леб ни вода да допре без тие да се претворат во злато и затоа повторно му се обратил на Дионис за помош кој го упатил да се нурне во реката Пактол. Мида го направил тоа и оттогаш оваа река станала златоносна.

Дионис - Лувр, Париз
Дионис – Лувр, Париз
Пијаниот Силен - Лувр - Париз
Пијаниот Силен – Лувр – Париз

По се што му се случило со богатството, Мида решил да се откаже од големите уживања и златото и отишол да живее в шума во друштво со Пан. Повторно го следела несреќа. Еднаш кога Пан го предизвикал Аполон да се натпреваруваат во свирење бил присутен и Мида и го следел натпреварот. На крајот богот на блискиот рид Тмол го прогласил за победник Аполон кој свирел на китара. Мида се спротивставил и рекол дека поубаво свирел Пан со својот кавал. Аполон силно се налутил и за казна направил на Мида да му пораснат магарешки уши. Несреќниот Мида ги криел магарешките уши со тоа што му забранил на својот слуга кој што го стрижел никому да не му кажува. Слугата не можел да ја чува сосема тајната и еднаш ископал дупка во земјата и шепнал во неа дека Мида има магарешки уши. На местото израснале трски и тие почнале при секое нишкање на ветрот да шепотат за магарешките уши на кралот.6

Богот Пан со Дафне
Богот Пан со Дафне
Александар Македонски
Александар Македонски

Мида, меѓу другото, според преданието бил сметан и за пронаоѓач на оловото, котвата и сиринксот. Што се однесува до историската заднина, освен она што го изнесовме погоре, треба да се истакне дека кај Херодот се истакнува оти во близината на таканаречените Градини на Мида дошле македонските браќа Гаван, Аероп и Пердика, кои бегале од гонителите во Горна Македонија, каде претходно биле на слугување кај тамошен цар.7 Од овој простор браќата преземале напади на околните територии и ги покориле другите делови од Македонија.

Остатоци од гробницата на Мида
Остатоци од гробницата на Мида

Дека Мида не бил само митолошки крал, туку дека кралеви со такво име навистина постоеле, се потврдува и со археолошките наоди на повеќе места во Мала Азија на територијата на која се наоѓала државата Фригија, посебно во најзначајниот град на Фригијците, Гордион. Во педесттите години на минатиот век таму истражувал Р.С. Јaнг и истражувањата покажале дека Гордион како центар на фригиската култура и цивилизација не бил постар од осмиот век п.н.е.. Градот бил лоциран источно од реката Сангариј во Мала Азија. Била откриена монументална влезна порта и голем број кралски куќи кои датирале од втората половина на VIII и првата половина на VII век. Биле откриени и голем број други градби во центарот на градот. За нас е интересен еден наод на гробница, која била најголема во големиот број могили што го опкружувале градот. Таа била висока 53 м, со дијаметар од околу 200 м. Покојникот бил поставен во комора со димензии 5,15 х 6,20 м со ориентација север–југ. Утврдено е дека се работи за машка индивидуа со старост над 60 години со должина на скелетот од 159 см. Гробницата била полна со дарови и истражувачот Јанг сметал дека се работи за Гордион, таткото на Мида и конструкцијата ја датирал меѓу 725 и 720 година п.н.е. Подоцна Е. Акургал, ценејќи дека некои пронајдоци од гробницата, како еден бронзен сад и една ситула со лавовска глава одговараат на времето од Саргон II (721–705 г.п.н.е.), дава мислење дека могилата од Гордион му припаѓала на Мида, кој во неа бил погребан во 696 година пред н.е.8

Една претстава на богот Пан
Една претстава на богот Пан

Освен погоренаведените наоди, интересни се и археолошките истражувања вршени во Есхишехир, каде локалитетот е наречен Градот на Мида во кој се пронајдени голем број споменици со фригиски натписи кои се датирани во VI век, додека еден дел од нив се датираат во крајот на VIII и почетокот на VII век пред н.е. Еден споменик пронајден во Јазиликаја бил наречен споменик на Мида според еден збор на натписот на него кој се чита како Мида. Натпис имало и на самиот престол на Мида во градот и со сигурност е утврдено дека тој се однесува на некој крал, но не може со сигурност да се потврди дали се работи за Мида од крајот на VIII и почетокот на VII век пред н.е.9

Значи и преданијата од најстарите периоди на цивилизацијата на просторот на Балканот и Мала Азија се потврдуваат со материјални докази. Ние овде приказната за Мида ја раскажавме заради асоцијацијата на презимето на семејството Мидовци од селото Витолиште на овој митолошки и историски крал, кој оставил силен печат на нашите и малоазиските простори и како личност се вградил во духовното опстојување на светската цивилизација. Овде асоцијацијата станува поинтересна кога се знае дека презимето Мидоски во семејството на Мидовци од Витолиште е многу старо и никој во него не го знае потеклото. Според Ристо Мидоски кој денес живее во Прилеп, потеклото на семејството било од селото Полчиште од каде во Витолиште дошол пред околу два века извесен Трајко Мидоски, кој свирел на гајда и бил весел човек. Тој бил необично висок и со него била поврзана и една анегдота. Кога свирел на празниците на средсело расчекорен со гајдата, едно мало човече од Полчиште играјќи на орото му се провирало меѓу нозете. Инаку и денес во семејството Мидовци може да се сретне по некој двометраш, а поголемиот дел од нив се претежно високи луѓе. Мидовци се поголемо семејство, чии траги можат да се најдат во повеќе мариовски села, сега веќе преселени во Прилеп, но како што тврдат тие во Македонија не постои друго такво презиме. Дали нивното име има врска со прастарото именување на овие простори тешко е да се утврди, но асоцијацијата, односно фактот дека основата на презимето Мидоски е името Мида, кое се совпаѓа со името на древниот и славен цар Мида е евидентен. Археолошките податоци дека Мариово поседува и сопствено континуирано културно егзистирање од најмалку 2000 години оди во прилог на претпоставката дека на просторот на Мариово се зачувани и елементи од прастарата егзистенција на човекот на овој дел од Балканот. Дека Бригите ја населувале етничката територија на Македонија во праисторијата е докажан факт со археолошки и историски податоци. Некои историски податоци за присуството на Бригите покрај реката Еригон (Црна Река), се среќаваат кај Страбон. Во прилог на тоа оди и овој цитат од книгата „Бриги“ на Елеонора Петрова: – Во понатамошниот текст, според Страбон, можеме да констатираме дека земјата на Бригите му припаѓала на сливот на Еригон, а нивни соседи биле Партините, Енхелеите, Линкестите и Деуриопите. Главен град на Бригите на овој простор бил Кидраи.10

Витолиште
Витолиште

1 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР КОМ – Прилеп, Прилеп 2002, 45–49

2 Херодот, Историја, превод Даница Чадиковска, 553. Под името Мида се мешаат повеќе кралеви од древното минато на Балканот и Мала Азија. Еден од нив, според приказната, е стар крал на Македонија кој ја освоил Фригија во Мала Азија. Оваа приказна асоцира на преселбата на Бригите од просторот на Македонија во Мала Азија. Кај Херодот на различни места се споменуваат уште двајца со исто име. Еден од нив е татко на Гордиј, дедо на Адрест (околу 580 г. пред н.е.), а овде станува збор за Мида, син на Гордиј, крал на Фригите (околу 737 г. пред н.е.).

3 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Београд 1999, 224, 225.

4 Херодот, 553.

5 Елеонора Петрова, Бриги, Музеј на Македонија, Скопје 1996, 136–138.

6 Роберт Гревс, Грчки митови, 224, 225.

7 Херодот, Историја, 552.

8 Елеонора Петрова, Бриги, 126, 127, 128.

9 Исто, 127.

10 Исто, 157.