НА ЛОКАЛИТЕТОТ „КАРАКАМЕН“ (ЦРН КАМЕН) МЕЃУ СЕЛАТА АЛИНЦИ И ШЕЛЕВЕРЦИ, ПРИЛЕПСКО, ЗЛОСТОРСТВОТО ЗАПОЧНА – НА „НЕДОПИРЛИВИТЕ“ ИМ СЕ БРЗА

Според информациите од стручњаци – геолози, материјалот од локалитетот „Каракамен“ меѓу селата Алинци и Шелеверци, Прилепско не е погоден за тампон за пат. Изведувачите, сепак се нафрлија да го доуништат. Машините, расположени во широк фронт околу локалитетот се, веќе, горе и расчистуваат, газат и раскопуваат природно и културно наследство, без око да им трепне. Од друга страна, Прилепско е заобиколено со материјал каков што е потребен за пат – на сите страни од градот се рудници за камен, мермер и сличен геолошки состав, но „недопирливите“ решиле – мора да биде овде, локалиитетот е осуден, без судски процес, без рочиште,  моќниците немаат милост! Системот во државата вели, „во името на напредокот“ мора да има и злосторства!!?

„Шелеверски Камен“ од север 2

            Каракамен (Црн Камен) со своите многубројни ретки минерали е познат во светот. Не се само 8, има дури 20, па и повеќе различни видови минерали – велат геолозите, минералозите, петролозите. Локалитетот го посетуваат разни групи од повеќе земји, токму поради неговите геолошко-минералошки вредности, доаѓале поединци, помали групи, но и по неколку автобуси. Спиеле на самиот локалитет, истражувале, се едуцирале, учеле за геолошките вредности на Мајката Земја. Доаѓале од Германија, од Словенија, од Русија, Бугарија, Шведска, Црна Гора. Не толку одамна, локалитетот го посетиле и, подолго време, престојувале два автобуси професори и студенти од областа на Геологијата од Русија. За него пишувале и стручњаци од Словенија. Жителите на двете споменати села, особено, со гордост раскажуваат за тоа дека се работи за исклучително место и вредности, кои не можат да се сретнат на друго место во светот. Потврда за тоа за нив се честите посети од домашни но, особено, од странски посетители, професори, студенти, стручњаци. За трагачи по богатства и авантуристи и да не зборуваме.

Една од машините Каракамен на дело

            А Мајката Земја, овде ја почитувале и славеле и пред повеќе илјади години, во подлабоката праисторија. Податоците за таквиот однос се на самиот локалитет – предмети од керамика, од камен, од коска и сличен материјал (https://www.pelagon.mk/2023/10/31/). Во државата , засега, не се најде авторитет за да застане против злосторството. Поединци и групи, веќе реагираат на бескрупулозниот однос на изведувачите, но во услови на „ексклузивни“, всушност, злосторнички законски прилагодувања, некој може да биде и санкциониран. Замислете, цел систем против еден редок локалитет со ретко геолошко и културно наследство!!! Место да создава услови за соодветен третман и заштита, услови за соодветна презентација и афирмација – СИСТЕМОТ се реши за бришење на локалитетот од лицето на земјата!!??? А стручната јавност – онаа од областа на природното наследство, на геолошките и минералошките вредности, како ионаа од областа на културното наследство? Институциите, чија надлежност се природното и културното наследство во Македонија – Управа за заштита на културното наследство, Заводите за заштита, факултетите по геологија, рударство, минералогија, петрологија? Нив, речиси, ги нема, веројатно е дека никој не ги консултира и остануваат неми, ставени во „канџите“ на системот на „напредокот“. Сите ли сме неми, ни застана гласот во грлото, ја чекаме Апокалипсата – четирите јавачи на Апокалипсата, па „спокојно“ чекаме да бидат уништени вредностите на кои се надеваме за иднината?

Машините се на сите страни на ридот и на самиот рид

            Нашите информации беа дека експлоатација нема да се случи порано од март 2024 година, зашто имало увид на екипа од Заводот и Музеј Прилеп, па најпрво треба да се направат сондажни или систематски археолошки истражувања за утврдување на културното наследство на локалитетот. Изгледа, залудно се мачеле да ни пренесат такви информации – не им важи гласот, а тешко е да се говори за авторитет. А, и каков авторитет, со вакви „ексклузивни“ промени во законската регулатива. Во Македонија може да се прави и злосторство во името на „напредокот“?!!! Во меѓувреме до нас доаѓа информација дека е направен некаков договор (немаме информација дали има потписи од двете страни) експлоатацијата да се одвива, но на 5 метри од локалитетот??!!! Ги утврди ли некој границите на археолшкиот локалитет и како ги определил без соодветни истражувања? Или експлоатацијата ќе се одвива во дворот на некоја праисториска градба, но нема да ја допре градбата? Тешко е сериозно да се размислува во ваква ситуација, уште потешко да се разбере дали некој во институциите на СИСТЕМОТ има авторитет што било да каже и да биде слушнат од оној од другата страна. Или сѐ функционира беспрекорно по принципот, „наредба и извшивање“. Локалитетот е нападнат од сите страни, интензивно се работи до доцните вечерни часови со тешка технологија и, се чини, планот е да се однесе целиот материјал од ридот, без оглед на природното и културното наследство, кое го поседува.

Праисториска керамика од делот на Каракамен кај Шелеверци 2

            Меѓу населението се шират и разновидни гласини од типот: „Нема врска за тампон, бараат скриено богатство“. Гласини за однесено богатство од овој локалитет се шират во повеќе верзии. Пред неколку десетици години, при уништувањето на култната карпа на „Шелеверски Камен“, кој е најексклузивниот дел од Каракамен однесле запечатени сандаци со непознато гобатство. Којзнае, „можеби богатството на цар Самуил“ – велат очевидци. По предание, на „Шелеверски Камен“ имало фурна, до неа се доаѓало по скали направени по самата карпа, па дури се „тврди“ дека таа „била фурната на Александар Македонски во која се печеле до 60 леба во една тура“ – сето тоа го поткрева духот, но и упатува на вредностите кои ги содржи локалитетот.

Три експонати на лице место

            „Не можам да ја заборавам големата карпа, која беше составена од неколку делови со височина и до 50 метри. Таа беше осебна и нема друга како неа. Се зборуваше дека таква карпа во светот има само на уште едно место, мислам во Египет или Австралија. Јас не можам да ја прежалам, зашто живеев тука во близина и таа беше дел од моето детство. Но, ете, ја уништија, ја употребија за кејови и канали дури до Скочивир. Мене ми е многу жал што се случи тоа, но сега се започнуваат со уништување на она што остана од ридот“ – Вели седумдесетгодишниот Душан, кој е еден од ретките жители на Шелеверци. Шелеверчани, особено, се загрижени за ваквиот однос кон нивниот Каракамен, всушност, Црн Камен, како што го викаат тие и не можат да се помират со ваквиот однос. Нивното чувство е како да им земаат дел од најдлабоката интима, како да им копаат по сириштето, како да им земаат дел од душата. А ние, сите ние, кои сме поблиску или подалеку од овој култен локалитет? Можеме ли да останеме рамнодушни при уништувањето на исклучително природно и културно наследство?

Делот од Каракамен каде наводно била фурната – уништен пред неколку децении

            Стручњаците од областа на геологијата се сложуваат дека се работи за исклучителни природни вредности и сметаат дека експлоатацијата на него е злосторство. Овде, меѓу друото, во 1971 година, двајца балкански геолози – еден од Бугарија, другиот од Црна Гора, пронашле и нов минарал, кој поради фактот што се работи за пронајдок на локалитет во Македонија го нарекле „македонит“. На системот во државата Македонија, ниту тоа не му е важно, всушност, како да се брзаат да го избришат од лицето на земјата и од меморијата и овој факт.

Од испитувањето на материјалот 2

            Граѓанска иницијатива за спречување на злосторството е започната, но изведувачите се моќни, располагаат со секакви средства, па и со законски „ексклузивитети“ овозможени од македонскиот Систем. Сепак, изгледа се исплашени дека некој, можеби, ќе ги спречи па, како во паника, применија тактика – преку ноќ ги пренесоа машините на локалитетот и почнаа да го раскопуваат култниот и богат со непроценливо наследство Црн Камен. За жал, Системот (надлежните институции сѐ до врвот), загрижени за „напредокот“, замижуваат пред злосторството всушност, при овој случај, создаваат услови за неговата ефикасност. Ние се надеваме дека, сепак, во некој скриен „агол“ на совеста има останато делче здрав разум и во Системот, па ќе биде ангажиран во подршка на оние што вистински се загрижени за зачувување на неповторливите вредности.

Минерал од Каракамен (Црн Камен) 7

            Во меѓувреме започна министерскиот состанок на ОБСЕ во главниот град на Македонија и целиот СИСТЕМ на државата е подреден на овој висок и значаен настан од големо значење за Европа и светот. Европа кон која тежнееме правејќи сеопфатни реформи за постигнување на европски стандарди. Дали уништувањето на природното и културното наследство е дел од таквите реформи? Ваквите „ситни“ проблеми и „недоразбирања“ „можат“ да чекаат!!! Дотогаш можеби нешто и ќе остане зад тешката машинерија на „напредокот и светлата иднина“.